Израелската армија нареди евакуација на целиот град Газа пред копнената офанзива

илустрација

Израелската армија нареди евакуација на целиот град Газа пред планираниот израелски напад.

„Израелската армија е решена да го победи Хамас и ќе дејствува во областа Газа со голема сила, исто како што правеше низ целиот појас“, напиша на платформата X Авичај Адрае, портпарол на израелската армија за арапски јазик.

Во соопштението, жителите на Газа беа поканети да се упатат по крајбрежниот пат кон ал-Маваси на југот од Појасот Газа, кој Израел го означи како „хуманитарна“ зона.

Ова е прва наредба на армијата за евакуација на целиот град.

Претходно, вакви повици беа упатени само за одредени области.

Во понеделник, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им порача на жителите на Газа да „излезат оттаму“ пред планираниот израелски напад врз градот.

Видете и ова: Израелската армија вели дека Газа е „опасна борбена зона“

На денот кога шест Израелци беа убиени во палестинска пукотница на автобуска станица во Ерусалим, Нетанјаху вети дека ќе ја засили војната против теророт, истакнувајќи дека израелската војска „елиминирала гнезда на тероризам“ на Западниот Брег и „урнала 50 терористички облакодери“ во Газа во последните два дена.

Овие уривања се само почеток на голема копнена кампања во градот Газа, рече тој.

„Затоа ја користам оваа можност да им кажам на луѓето од Газа, слушајте внимателно: Предупредени сте, излезете!“

Газа е најголемата населба на палестинската територија и е дом на околу еден милион луѓе.

Нетанјаху во неделата изјави дека околу 100.000 луѓе досега ја напуштиле областа.

Хуманитарните организации предупредуваат на понатамошно влошување на веќе катастрофалната ситуација за цивилното население.