Премиерот на Непал поднесе оставка по протестите против корупцијата и забраната за социјални медиуми

илустрација

Непалскиот премиер К.П. Шарма Оли поднесе оставка, потврди неговиот помошник. Во исто време, демонстрантите против корупцијата го прекршија полицискиот час и се судрија со полицијата.

Непал ја укина забраната за социјалните медиуми во вторник (9 септември)по масовните протести предизвикани од самата забрана.

„Владата ја укина забраната за социјалните мрежи воведена минатата недела“, објави портпаролот на кабинетот и министер за комуникации и информатичка технологија, Притви Суба Гурунг.

Најмалку 19 лица загинаа, а повеќе од 300 беа повредени во протестите предводени од членовите на „Генерацијата З“.

Властите воведоа полициски час во метрополитенската област Катманду за да ги спречат понатамошните протести.

„Протестите, масовните собири и состаноците нема да бидат дозволени за време на полицискиот час“, објави Чхабилал Риџал, градскиот окружен управник.

Видете и ова: Најмалку 62 исчезнати во свлечишта во Непал

Ова соопштение следеше откако демонстрантите ги повикаа граѓаните да учествуваат во заедничкото изразување на жалост за мртвите. Организаторите на протестите, кои се проширија и во други градови во хималајската земја, ги нарекоа „демонстрации на Генерацијата З“.

Тие велат дека протестите го одразуваат широко распространетото незадоволство кај младите луѓе поради недостатокот на конкретни потези од страна на владата во борбата против корупцијата и создавањето економски можности.

Насилните протести во Непал вчера оставија најмалку 14 мртви и десетици повредени. Непалската влада на 4 септември соопшти дека ги блокирала повеќето платформи на социјалните медиуми, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, бидејќи компаниите не ги почитувале прописите што бараат од нив да се регистрираат кај владата.

Законот, кој не е усвоен од парламентот на Непал, беше широко критикуван како алатка за цензурирање и казнување на противниците кои ги изразуваат своите ставови преку интернет.