Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Штип поднесе обвинение против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје, Мустафа Хајрулахи, за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“, како и за едно кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“ за кое како соизвршител се товари уште еден виш јавен обвинител.
Истрагата против него беше отворена во ноември 2024 година, по што републичкиот јавен Љупчо Коцевски одлучи да го суспендира од функцијата додека трае кривичната постапка. Хајрулахи, кој и претходно тврдеше дека постапката против него е тенденциозна и ги отфрлаше обвинувањата, денеска изјави дека „најкатегорично ги отфрла сите наводи“ и оти во ниту еден случај „ниту некого малтретирал ниту навредувал“.
Во обвинението против него, пак, сега се наведува дека во периодот од септември 2023 до октомври 2024, тој се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени во обвинителството „со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување“.
„Користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека ’ќе ги дигнел на клоци‘, ’ќе ги фрлел од 6-ти кат‘, ’ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки‘. Дел ги навредувал дека ’му го грделе обвинителството‘ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени“, пишува во соопштението на штипското Обвинителство.
Видете и ова: Суспендираниот обвинител Хајрулахи поднесе кривична против државниот обвинителСпоред обвинението, петте вработени жени реагирале писмено до Јавното обвинителство, Советот на јавните обвинители како и до ОЈО Скопје и барале заштита односно да се преземат итни мерки. Обвинителството тврди дека откако Хајрулахи дознал за писмата, ги повикувал вработените една по една во неговата канцеларија и „продолжил со психичкото насилство“ принудувајќи ги да напишат писмени изјави дека биле изманипулирани.
„Притоа, им се заканувал дека ќе им поднесе тужби за клевета со барање за отштета од 100.000 евра, велејќи им дека тој може да влијае на сите судии и адвокати, дека имаат деца на кои треба да мислат и дека ќе ги изгубат работните места. Откако ќе одбиеле да потпишат таква изјава им поведувал дисциплински постапки и ги прераспоредувал на работни места во обвинителството“, велат од ОЈО Штип.
Две од жените, според обвинението, подлегнале под притисокот и напишале изјави кои тогашниот шеф без одобрение ги заверил со печат од Вишото обвинителство, за потоа писмено да им побара јавно извинување и повлекување.
Во оваа постапка околу заведувањето на барањата што тој им ги упатил, ОЈО Штип тврди дека бил прекршен и Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства.
Според обвинението, психичкиот притисок продолжил и во наредниот период кога на состанок со сите вработени во јавнообвинителската служба, обвинетиот како шеф ги читал наводите од писмените барања и „ги исмевал и понижувал пред останатите“.
„Потоа, повторно користејќи ја неговата надреденост во службата, побарал од сите вработени кои не биле потписници на писменото барање за преземање на итни мерки, да напишат своерачни изјави во кои ќе го опишат ’каков е тој како шеф‘. Како резултат на ваквото деградирачко и понижувачко однесување, една од вработените се разболела и добила анксиозно растројство“, се тврди во обвинението.
Покрај за ова, ОЈО Штип поднело и обвинителен предлог против Хајрулахи и уште еден обвинител од ВЈО Скопје дека тие како соизвршители сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања.
Видете и ова: Обвинителката Крстевска Цалева бара да не биде шефица на Вишото јавно обвинителство СкопјеСо обвинението се тврди дека спротивно на Правилникот, Хајрулахи примените писма ги задржувал кај него и барал да не бидат заведени истиот ден или редоследно туку со неколку дена разлика и под различен датум.
„Истовремено барал од службениците тие предмети директно ’без многу галама‘ да бидат доделувани на второобвинетиот“, додаваат од ОЈО Штип.
Со ракција за ова обвинение, Хајрулахи излезе преку изјава за државната агенција МИА. Токму изјавите од другите вработени за кои обвинителството наведува дека самиот барал да ги напишаат тој ги наведува во своја одбрана.
„Најкатегорично ги отфрлам сите наводи од предметното обвинение, во ниту еден случај никого ниту сум малтретирал ниту сум навредувал. Доказ за тоа се изјавите на другите вработени кои што доброволно се пријавија и секој од нив достави име, презиме и адреса, со цел да бидат повикани од страна на јавниот обвинител Татјана Кацарова и истите да ја прикажат реалната состојба во Вишото јавно обвинителство, а не конструкциите направени од обвинителката Фатиме Фетаи и нејзината дружина кои што се наводно оштетени од моја страна“, вели Хајрулахи.
Тој повторно обвинува дека ова обвинение е конструкција против него од републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, а простот го вперува и кон дел од обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) тврдејќи дека целта е да се заштита лицата опфатени во предметот за бонусите што биле исплаќани во СЈО.
Хајрулахи претходно, откако беше отворена истрага против него, поднесе и кривична пријава против Коцевски, но и шефовите на основното и вишото обвинителство во Штип, Татјана Кацарова и Ристо Бојаџиски, како и Ермон Незири, обвинител кој во моментов е член на Советот на јавни обвинители. Тој ги пријави за злоупотреба на службената положба и овластувања со тврдења дека постапката против него била тенденциозна.
Инаку, со поднесеното обвинение за суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство со поднесеното обвинитение се бара судот да му определи мерки на претпазливост – повремено јавување во суд, одземање на пасошот и забрана за приближување на петте жени за кои се тврди дека биле малтретирани.