Израел во вторник (9 септември) ги нападна лидерите на Хамас во Катар, проширувајќи ја својата воена акција на Блискиот Исток до оваа арапска држава каде што палестинската група, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, долго време има своја политичка база.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека наредил напади врз лидерите на Хамас во Доха, ден по смртоносните напади во Ерусалим за кои одговорноста ја презеде палестинската милитантна група.
Катар, кој заедно со Египет дејствува како посредник во разговорите за прекин на огнот во речиси двегодишната војна во Појасот Газа, го осуди нападот како „кукавички“ и како флагрантно кршење на меѓународното право.
Два извори од Хамас за новинската агенција Ројтерс изјавија дека претставници на оваа група, кои биле дел од преговарачкиот тим за прекин на огнот, го преживеле нападот.
Видете и ова: Израелската армија нареди евакуација на целиот град Газа пред копнената офанзиваВо заедничко соопштение на Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац се вели дека во понеделникот, по смртоносните напади во Ерусалим и Газа, премиерот „им наредил на сите безбедносни агенции да се подготват за можно таргетирање на лидерите на Хамас“.
„Денес напладне, со оглед на оперативната можност, премиерот и министерот за одбрана одлучија да ја спроведат директивата дадена синоќа“, се додава во соопштението.
Кабинетот на израелскиот премиер претходно соопшти дека нападот врз лидерите на Хамас бил „целосно независен“.
„Денешната акција против високите терористички лидери на Хамас беше целосно независна израелска операција“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху во кое се додава: „Израел ја иницираше, Израел ја спроведе и Израел ја презема целосната одговорност“.
Официјален претставник на Белата куќа изјави дека Израел ги информирал САД однапред за нападот врз Катар.
Израелски претставници за Ројтерс изјавија дека нападот бил насочен кон високи лидери на Хамас, вклучувајќи го и Калил ал-Хаја, шефот на групата во Појасот Газа кој е во егзил и главен преговарач.
Црн чад во Доха по одекнувањето на експлозијата.
Сведоци раскажуваат дека во Доха се слушнале неколку експлозии. Црн чад се издиганал од бензинска пумпа во градот. До неа се наоѓа мал станбен комплекс кој од почетокот на конфликтот во Газа е под 24-часовно обезбедување од катарските емиратски гардисти.
На улиците околу местото на експлозијата еден час по нападот беа забележани амбулантни возила и најмалку 15 полициски и необележани владини возила.
Израелските сили ликвидираа неколку високи лидери на Хамас откако радикалната група го нападна Израел во октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник, според израелските статистики.
Оттогаш, Израел започна и со воздушни напади и други воени акции во Либан, Сирија, Иран и Јемен за време на конфликтот во Газа.
Во Либан, го нападна Хезболах, поддржан од Иран, а во Јемен, започна воздушни напади против Хутите, исто така поврзани со Иран. Двете групи започнаа напади врз Израел за време на конфликтот во Газа.
Видете и ова: Трамп најави можен договор за ГазаИзраелски функционер за Ројтерс потврди дека е извршен напад врз лидерите на Хамас во Катар. Катарската телевизиска станица Ал Џезира, повикувајќи се на извор од Хамас, објави дека нападот бил насочен кон преговарачите на Хамас за прекин на огнот во Појасот Газа.
Нападот, пишува Ројтерс, веројатно ќе нанесе сериозен, ако не и фатален удар врз напорите за постигнување прекин на огнот, особено затоа што се случи во арапската држава Катар каде што се одржаа неколку рунди преговори.