Полска воведе ограничувања за воздушниот сообраќај по должината на источната граница

Лет на борбен авион над Полска

Полска воведе ограничувања на воздушниот сообраќај по должината на своите источни граници со Белорусија и Украина, објави денеска (11 септември) оперативната команда на полските вооружени сили, во услови на зголемени тензии еден ден откако повеќе беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на членката на НАТО.

Ограничувањата стапија на сила на полноќ и се на сила до 9 декември, соопшти оперативната команда, а објави Ројтерс.

Од зајдисонце до изгрејсонце, летовите во ограничената зона се забранети, освен за летала со екипаж кои летаат во согласност со планот на летот, имаат соодветни транспондери и одржуваат двонасочна комуникација со надлежните воздухопловни власти.

Видете и ова: Полска собори руски дронови во својот воздушен простор

Исклучокот важи и за воени летови и одредени специјални летови со посебни ознаки.

„Од зајдисонце до изгрејсонце, важи целосна забрана за летање, освен за воени авиони. Во зоната EP R129, важи 24-часовна забрана за летање за цивилни беспилотни летала“, изјави полската Агенција за управување со воздушниот сообраќај.

Руското Министерство за одбрана во среда соопшти дека неговите беспилотни летала извршиле голем напад врз воени објекти во западна Украина, но дека истите не биле наменети за таргетирање цели во Полска.