Кремљ соопшти дека мировните преговори меѓу Русија и Украина се „паузирани“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ денеска (12 септември) соопшти дека мировните преговори меѓу Русија и Украина се „паузирани“, и покрај напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да го прекине три и полгодишниот конфликт.

Притиснувајќи за договор за прекин на борбите, Трамп се вклучи во низа дипломатски мерки - вклучително и угостувањето на рускиот колега Владимир Путин во Алјаска, но Москва продолжи со своите офанзивни и воздушни напади.

„Нашите преговарачи имаат можност да комуницираат преку канали. Но, засега, веројатно е поточно да кажеме дека има пауза“, изјави портпаролот Дмитриј Песков за новинарите, а пренесува АФП.

„Не можете да носите розови очила и да очекувате дека процесот на преговори ќе даде непосредни резултати“, додаде Песков.

Путин ефикасно ја отфрли можноста за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој вели дека самитот е од витално значење за прекин на ќорсокакот.

Видете и ова: Додека мировните напори за Украина се во застој, дали следуваат нови западни санкции?

Русија ги ескалира нападите врз Украина, започнувајќи го својот најголем воздушен напад досега минатата недела во кој загинаа неколку луѓе и беше запалена владина зграда во главниот град Киев.

Три рунди директни мировни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул не донесоа ништо повеќе од размена на затвореници во голем обем.

Русија останува на своите трдокорни барања, вклучително и Украина целосно да го отстапи источниот регион Донбас - деловите кои сè уште ги контролира.

Киев ги отфрли територијалните отстапки и бара европски трупи да бидат распоредени во Украина како мировни сили, нешто што Москва го смета за неприфатливо.