Градоначалничката Арсовска доби 24-часовно полициско обезбедување

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на терен, архивска фотографија

МВР поднесе кривични пријави против две лица, а Обвинителството поведе постапка и побара притвор за првоосомничениот и мерки за претпазливост за другото лице откако градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера беше физички нападната во општина Чаир вршејќи увид на дивоградба.

Министерството за внатрешни работи (МВР) одобри 24-часовно обезбедување на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, откако таа вчера беше нападната на Бит Пазар при увид на дивоградба спроти Полициската станица во Чаир.

„По вчерашниот инцидент во Општина Чаир, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во текот на денешниот ден ќе биде контактирана од надлежните служби со цел да се координираат нејзините активности во согласност со мерките за лична заштита. Со оглед на безбедносната проценка направена од АНБ, градоначалничката Арсовска, како носител на јавна функција, ќе биде под 24-часовна полициска заштита, со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на нејзините обврски“, соопшти Министерството.

Исто така денеска МВР поднело и кривична пријава против две лица, С. Љ. и С. Љ., по член 386 став 3 од Кривичниот законик за вчерашниот напад врз градоначалничката Арсовска.

Видете и ова: Градоначалничката на Скопје Арсовска нападната во Чаир

Од таму велат дека и покрај тоа што Арсовска во повеќе наврати јавно комуницира за закани преку социјалните мрежи, МВР постапува по сите добиени информации било по службена должност, било по официјална пријава согласно законот и воспоставените процедури и ги објавија хронолошки конкретните случаи.

Основното јавно обвинителство Скопје, пак, поведе постапка против две лица кои вчера ја нападнаа градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во Чаир. Осомничени се за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За првосомничениот се бара притвор, а за вториот мерки на претпазливост.

„Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата Севастополска. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал. Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопшти Обвинитeлството.

Видете и ова: Чаирската романтика растегната меѓу криминал и политика

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера беше нападната во Чаир при увид на дивоградби како што потврди МВР.

По инцидентот Арсовска била примена во Ургентен центар во болницата 8 Септември видно вознемирена и со контузии од удирање со клоци и тупаници. Прегледана е од специјалисти.

„Пред очи на полицајци ме удираше со клоци и ми се закануваше дека ќе ме силува, а цело семејство ќе ми го убие“, изјави за медиумите скопската градоначалничка откако излезе од Ургентниот центар.

„Тоа лице кое направило толкава дивоградба пред сите нас се јави на 20 луѓе на високи функции во МВР и им кажуваше што сè ќе ми направел, им викаше дека ќе ме убие, ќе ги ликвидирал еден по еден членовите на моето семејство“, рече Арсовска.

Таа вчера излегла на увид на дивоградба по пријава од граѓани. Рече дека објектот кој се гради на самиот булевар нема одобрение за градба, нема платено комуналии, краде струја и вода. Кажа дека иако досега постојано пријавува ниту за една дивоградба не е постапено, ниту пак се постапува за заканите кон неа.

Видете и ова: Меџити најави кривична пријава за Арсовска

Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчерашните обвинувања на скопската градоначалничка Данела Арсовска.

„Што се однесува за градоначалничката на Скопје, многу работи се кажани. Не би имал што да додадам“, одговори кусо Мицкоски по пуштањето во употреба на целосната санација на Музејот на вода во Заливот на Коските во Охрид.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу го осуди нападот врз Арсовска и негира поврзаност со инцидентот.

„Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество. Сметајќи дека е важно јавноста да биде точно информирана, ја појаснуваме фактичката состојба – настанот воопшто не е поврзан со нашата институција. Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот“, објави Ганиу на Фејсбук.

Хелсиншкиот комитет бара истрага за полициските службеници што не го спречиле нападот врз градоначалничката Арсовска.

„Овој напад е уште еден алармантен пример за ризиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот – насилство, навреди, закани, клевети и институционална незаинтересираност“, алармира Хелсиншкиот комитет.

Градоначалниката Данела Арсовска на 31 мај достави документи за незаконски легализации на дивоградби во Обвинителството, а на 27 јуни до до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) достави докази за нови, како што рече, криминални легализации од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.