Во ЕУ загрижени за безбедноста, на Балканот приоритет е преживувањето

Илустрација

Граѓаните на Европската унија и Западен Балкан имаат различни животни приоритети и погледи кон иднината, според новото истражување на Евробарометарспроведено во пролетта 2025 година.

Додека граѓаните на ЕУ и понатаму се фокусирани на безбедносни прашања поврзани со руската инвазија врз Украина, на Западен Балкан повеќе се загрижени поради поскапувањето на прехранбените производи, криминалот, корупцијата и квалитетот на здравствената заштита.

Истражувањето на Евробарометар открива и разлики меѓу земјите од Западен Балкан, особено помеѓу Србија и остатокот од регионот, кога станува збор за оптимизмот, довербата во ЕУ, недовербата кон НАТО и самата поддршка за можно членство.

Три години по ред, повеќе од една четвртина од испитаниците во 27-те земји-членки се согласуваат дека војната во Украина претставува директна закана за безбедноста на ЕУ, каде што една петтина (20 проценти) ѝ дава приоритет на одбраната и безбедноста.

Западниот Балкан, пак, е насочен кон секојдневното преживување. Во споредба со истото истражување спроведено есента, Северна Македонија бележи најголем пораст на загриженост поради криминалот, а Косово поради растот на цените.

Видете и ова: Ѝ верува ли Западен Балкан на ЕУ?

Косово се издвојува во споредба со остатокот од Западен Балкан по оптимизмот, каде што 76 проценти од испитаниците изразиле задоволство од пазарот на труд.

Околу 40 проценти од испитаниците во другите земји сметаат дека можноста за наоѓање работа во нивната земја е добра, што е во просекот на Европската унија.

Во споредба со есенското истражување на Евробарометар, Албанија бележи најголем пораст на оптимизмот — за 17 проценти, додека Босна и Херцеговина забележува пораст на песимизмот — за 6 проценти.

Што се однесува до општата ситуација во земјата, две третини од испитаниците во Србија сметаат дека таа е лоша, што претставува и најголем пораст на негативното гледиште за состојбата во земјата — за 19 проценти.

Спротивно на тоа, речиси 80 проценти од испитаниците на Косово ја оцениле состојбата во својата земја како добра.

Песимизмот по ова прашање најмногу пораснал токму во Србија, за 19 проценти, во споредба со октомври 2024 година.

Видете и ова: ПССЕ: Македонија бележи напредок, но, загриженост од политизација на судството и од корупцијата

Испитаниците во Црна Гора и на Косово се оптимисти кога станува збор за иднината на нивните земји.

Во Босна и Херцеговина ист процент од граѓаните смета дека нивната земја се движи во погрешна насока, што претставува 14 проценти понегативна перцепција во споредба со истражувањето од есента 2024 година — веднаш по Србија, каде што порастот на песимизмот изнесуваше 11 проценти.

Додека мнозинството граѓани на ЕУ и Западен Балкан сметаат дека нивните животи нема значително да се променат во наредната година, оптимизмот блеска на Косово и во Албанија.

Во овие две земји, повеќето испитаници веруваат дека нивниот живот ќе се подобри, додека секој петти испитаник во Србија и Северна Македонија се плаши дека го очекува полош живот.

Во споредба со истото истражување спроведено во есента 2024 година, во Црна Гора за 20 проценти се зголемил бројот на оние што сметаат дека сè ќе остане исто, додека во остатокот од регионот резултатите се речиси непроменети.

Во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, мнозинството граѓани предвидуваат влошување на општата состојба во нивните земји во текот на наредната година.

Косово и Албанија повторно се надвор од овој тренд — таму мнозинството испитаници очекуваат подобрување во иднина, и тоа во поголем обем отколку што беше случај во есента.

Песимизмот во изминатите шест месеци најмногу пораснал во Босна и Херцеговина — за шест проценти.

Видете и ова: Можна креативна дипломатија во Виена

Членството во ЕУ и понатаму останува привлечно за земјите од Западен Балкан — освен во Србија.

Ентузијазмот е најсилен во Албанија и Црна Гора, каде што мнозинството граѓани веруваат дека членството во Унијата би ѝ користело на нивната земја.

Во Србија, еднаков број испитаници го гледаат пристапувањето кон ЕУ како нешто добро, лошо или се изјаснуваат неутрално.

Во Црна Гора е забележан најголем пораст на оптимизмот во однос на есенското истражување — за 13 проценти.