Трамп зборува за можна „промена на режимот“ во Иран по американските воздушни напади

Претседателот на САД Доналд Трамп на состанпок во собата за кризни ситуации во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп сугерираше дека би можел да го поздрави соборувањето на владата во Техеран, неколку часа откако членовите на неговата администрација инсистираа дека неодамнешните напади врз Иран не биле наменети за „промена на режимот“.

„Политички не е коректно да се користи терминот „Промена на режимот“, но ако актуелниот ирански режим не е во состојба да го направи Иран ПОВТОРНО ГОЛЕМ, зошто да не го промени режимот? Да ја направиме Америка повторно голема!!!“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.

Коментарите дојдоа неколку часа откако водечките членови на неговата администрација - потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и секретарот за одбрана Пит Хегсет - посочија дека американските воздушни напади на иранските нуклеарни постројкина 21 јуни имале за цел да се постигне договор преку преговори, а не да се собори сегашната теократска влада предводена од исламот.

На прес-конференција, Хегсет ги нарече нападите „прецизна операција“ чија цел е само иранската нуклеарна програма, а не иранските трупи или иранскиот народ. „Оваа мисија не беше, и не е, за промена на режимот“, рече тој.

Трамп „бара мир, а Иран треба да оди по тој пат“, рече Хегсет, подоцна додавајќи: „Треба да има договор со преговори овде“.

„Ние не сакаме да го продолжиме ова или да го прошириме повеќе отколку што е веќе проширено. Сакаме да ставиме крај на нивната нуклеарна програма“, рече Венс на телевизијата NBC. „Сакаме да разговараме со Иранците за долгорочно решение овде.

„Иранскиот режим треба да се разбуди и да каже: „Во ред, ако навистина сакаме нуклеарна енергија во нашата земја -- постои начин да го направиме тоа“. Таа понуда сè уште постои.

Видете и ова: САД го бомбардира Иран: Што треба да знаете за можните промени во светот

Некои членови на Републиканската партија на Трамп, сепак, повикаа на соборување на иранската влада во минатото, вклучувајќи го и влијателниот сенатор од Тексас, Тед Круз.

„Јас се залагам да користиме максимален притисок и економски санкции за да извршиме притисок врз режимот на начин што би можел да го поттикне падот на овој режим“, рече тој пред американските напади.

На 22 јуни, американските власти го предупредија Техеран да не возвраќа по невидените воздушни напади за кои Трамп тврдеше дека ги „уништиле“ клучните ирански нуклеарни постројки.

Во услови на зголемени тензии, Соединетите Држави објавија ретко „глобално предупредување“, советувајќи ги Американците во странство да бидат повнимателни.

„Конфликтот меѓу Израел и Иран резултираше со нарушувања на патувањата и периодично затворање на воздушниот простор низ Блискиот Исток. Постои можност за демонстрации против американските граѓани и интересите во странство“, се вели во предупредувањето.

Иран и Израел започнаа нови рунди воздушни напади едни против други во раните утрински часови на 23 јуни.

Видете и ова: Дали воената интервенција во Иран може да го смени режимот на ајатоласите?

Иран одговори ладнокрвно на итните повици за враќање на разговорите, нагласувајќи го своето право на самоодбрана, велејќи дека Соединетите Држави ќе бидат одговорни за „опасните последици“ од своите постапки и сугерирајќи дека дипломатијата може да дојде само откако Техеран ќе одговори.

Министерот за надворешни работи Абас Аракчи на прес-конференција во Истанбул рече дека „вратата на дипломатијата“ секогаш треба да биде отворена, но дека „тоа не е така во моментов“.

Иран е нападнат и ќе го користи своето право на самоодбрана се додека е потребно, додаде тој, но рече дека не може да открие какви дејствија ќе преземе Иран како одговор на американските напади.

Иранските државни медиуми подоцна објавија дека Аракчи пристигнал во Москва на 23 јуни за да одржи консултации со високи лидери, вклучително и со претседателот Владимир Путин, чија неодамнешна понуда да помогне во преговорите со Техеран беше практично отфрлена од Трамп.

„Русија е наш партнер и ние секогаш се консултираме“, рече Аракчи пред неговото пристигнување.

Видете и ова: Нови ракетни напади меѓу Иран и Израел: Техеран нема да преговара додека Тел Авив напаѓа

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел е „многу, многу блиску“ до постигнување на своите цели по повеќе од една недела воздушни напади против Иран, вклучително и елиминирање на балистичките ракети и нуклеарните закани на Техеран.

„Чекор по чекор се движиме кон постигнување на овие цели, многу, многу сме блиску до нивно исполнување“, рече Нетанјаху на прес-конференција.

Тој додаде дека „штом ќе бидат постигнати, операцијата ќе биде завршена“.

На 13 јуни, Израел започна големи напади против Иран, гаѓајќи ги неговите ракетни и нуклеарни постројки, како и воените лидери и безбедносните служби.

Многу врвни воени лидери и нуклеарни научници беа убиени во нападите, призна Иран.

Од почетокот на првичните израелски напади, двете нации разменија воздушни напади една против друга, предизвикувајќи воени и цивилни жртви и материјална штета.

Групата за човекови права Активисти за човекови права со седиште во Вашингтон соопштија дека најмалку 950 луѓе се убиени во Иран во воздушни напади од 13 јуни, меѓу кои 380 цивили. Израелските власти соопштија дека бројот на загинати во иранските напади е 24.

Генералниот секретар на ОН предупреди на „растечкиот ризик дека овој конфликт може брзо да излезе од контрола“, бидејќи стравувањата од поширока војна се зголемија по американското бомбардирање во текот на ноќта.

Антонио Гутереш зборуваше на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, додавајќи дека „народот во регионот не може да издржи уште еден циклус на уништување“.

Извори: Ројтерс, АФП, АП