Приватни плажи, кади од милион долари, вечери со вино, виски, пури и караоке - или настапи на руски поп-ѕвезди чија слава датира од 1990-тите.
Тоа се некои од карактеристиките на „ултралуксузен“ комплекс вили во Дубаи каде што Сергеј Чемезов - санкционираниот од Западот шеф на огромниот руски државен одбранбен конгломерат Ростек и близок сојузник на претседателот Владимир Путин уште од времето кога беа офицери на КГБ во комунистичка Источна Германија - поминува време со семејството, пријателите и соработниците.
Реклама прикажува дел од областа Палм Џумеира во Дубаи.
Иако тие не се формални сопственици на вилите, Чемезов и најмалку двајца раководители на подружниците на Ростек се соседи во XXII Carat, затворен комплекс од раскошни, мултимилионски вили на Палм Џумеира, вештачки остров на брегот на Персискиот Залив, откри Система, руската истражна единица на РСЕ.
72 - годишниот Чемозов, се спријателил со Путин кога живееле во истата станбена зграда во Дрезден во 1980-тите, кога Чемезов бил генерал на КГБ, а Путин потполковник во советската шпионска агенција.
Во 1996 година, кога Путин станал заменик-началник на кабинетот на претседателот Борис Елцин, тој го поставил Чемезов за раководител на одделот за надворешни економски односи на Кремљ.
„Ростек“ и неговата широка мрежа од единици и подружници произведуваат многу од оружјата и компонентите што Русија ги користи во својата војна против Украина, сега во четвртата година откако Путин ја започна целосната инвазија во февруари 2022 година.
Чемезов ја поддржа инвазијата и ги повтори наративите на Путин во јавните коментари, обвинувајќи ги САД и нивните западни сојузници за провоцирање на војната и велејќи дека ризикуваат да предизвикаат глобална војна. Извршниот директор на „Ростек“ од 2007 година, Чемезов беше погоден од санкции од САД, Велика Британија и ЕУ по руското заземање на Кримскиот Полуостров во Украина во 2014 година.
Сафир, смарагд, рубин
Од 2015 година, тој ги посетува Обединетите Арапски Емирати најмалку еднаш годишно, според протечените податоци од граничните премини. Извор кој е запознаен со внатрешниот круг на Чемезов рече дека вилата што ја користи Чемезов е купена неколку години пред да биде завршен комплексот кон крајот на 2018 година и дека Чемезов и неговата сопруга „вложиле многу во неа, како втор дом“, лично избирајќи го ентериерот и внимателно следејќи ја изградбата.
Сергеј Чемезов, Николај Колесов, Александар Михеев и вилите поврзани со секој од нив во комплексот XXII Carat.
Вилата што ја изградија е најскапата од трите стила во комплексот, „Сафир“, од кои секој има пристап до плажа, а некои се опремени со када од 1 милион долари, изработена од кристал или кварц - розова или зелена. Во 2020 година, вилите „Сафир“ чинеа 25,8 милиони долари, а моменталната цена е околу 31 милион долари.
Другите стилови се „Смарагд“ и „Рубин“: сите имаат најмалку седум спални соби, амам, винска визба со климатизација, уредена градина и базен.
Скриена сопственост?
Формално, двокатната куќа од 2.170 квадратни метри што ја користи Чемезов е во сопственост на фирма наречена „Неве Лимитед“, според податоците објавени од C4ADS, непрофитна организација за анализа на податоци и глобални истражувања со седиште во САД.
Система не можеше да пронајде информации за Неве Лимитед, но податоците од C4ADS покажуваат е-адреса и телефонски број за кои протечените документи сугерираат дека се на Наталија Агапова, адвокатка која има долгогодишни финансиски врски со Чемезов и неговото семејство.
Агапова одби да коментира за имотот во XXII Carat, а Ростек не одговори на барањето за коментар.
Брошурата прикажува претстава на комплексот XXII карат во Дубаи
Една и две врати подолу од вилата Чемезов се малку помали домови што ги користат раководителите на две подружници на Ростек: Николај Колесов, директорот на Руски хеликоптери и Александар Михејев, директорот на Рособоронекспорт, главната руска компанија за продажба на оружје.
Вилата што ја користи Михејев е регистрирана на неговиот син, Алексеј, според податоците на C4ADS и евиденцијата за земјиште во Дубаи.
Формалниот сопственик на онаа што ја користи Колесов е локална компанија од ОАЕ, „Велес Електроникс“, која соработниците на покојниот непријател на Путин и борец против корупцијата Алексеј Навални ја поврзаа со шефот на „Руски хеликоптери“ во неодамнешен извештај.
Видете и ова: „Конечно син!“: Осамените, тајни животи на престолонаследниците на ПутинАлексеј Михејев одби да коментира. „Рособоронекспорт“ и „Руски хеликоптери“ не одговорија на барањата за коментар.
Чемезов често поминува време со Михејев и Колесов кога престојува во Дубаи, изјавија за „Система“ извори запознаени со раководството на „Ростек“, зборувајќи под услов на анонимност бидејќи не биле овластени јавно да зборуваат за ова прашање.
Нивните собири обично вклучуваат пиење алкохол, пушење пури и пеење караоке, велат изворите - иако понекогаш тоа беа патриотски руски поп-ѕвезди како што се Олег Газманов и Григориј Лепс, двајцата под санкции на ЕУ од 2022 година поради нивната поддршка на војната.
Руски корени
Изворите на богатство што им овозможуваат на раководителите на државни компании како Чемезов, Михејев и Колесов да си дозволат таков имот се нејасни, иако вториот контролира и профитабилна мрежа на приватни компании од воената индустрија.
Рај за богатите Руси, особено за оние погодени од санкциите поради војната во Украина, Дубаи се наоѓа на Персискиот Залив - но корените на XXII Carat се длабоко во Русија. Инвеститорот беше компанија наречена Форум Груп, со седиште во Екатеринбург и основана од Олег Черепанов, истакнат бизнисмен кој беше познат во градот на Уралските Планини како Череп.
Видете и ова: Проширена американската „црна листа“ со уште четворица руски олигарсиЧерепанов живее во Дубаи од 2014 година и е на чело на Форум Груп Дубаи. Тој се дистанцира од руската „Форум Груп“, која сега е во 80 проценти сопственост на 77-годишната Тамара Черепанова.
Во Екатеринбург, „Форум Груп“ изгради ледена арена за УГМК, гигант во металургијата чиј ко-сопственик, милијардерот Андреј Бокарев, санкциониран од САД и Велика Британија, наводно е пријател на Чемезов и наводно поседува недвижен имот во „XXII Carat“.
Базата на податоци C4ADS покажува дека две вили од класата „Рубин“ ѝ припаѓале на Дијана Маџитова (29), која летала во ОАЕ со Бокарев повеќе од 20 пати во последните пет години, според протечените податоци од граничниот премин. Една од нив очигледно подоцна била купена од друг купувач.
Бокарев и Маџитова не одговориле кога биле контактирани.