На Крим реактивирана тајната база за подморници од советско време, тврдат активисти

Во видеото објавено на Телеграм на почетокот на февруари, две пловечки бариери се прикажани на влезот во природното пристаниште во Балаклава на Крим под контрола на Русија.

Проукраинските активисти тврдат дека бариерите, кои можат да го затворат пристаништето за морските беспилотни летала, се најновиот доказ дека долгата подморничка база, некогаш позната како Објект 825 ГТС, се враќа во употреба.

Еден од двата влеза во подморничката база во Балаклава.

„[Руските] окупатори повторно користат стара подземна подморничка база, за воени цели, која претходно функционираше како музеј“, објави неодамна на Телеграм герилската група на кримските Татари - Атеш.

Групата верува дека бариерите против беспилотни летала укажуваат на тоа дека подморничката база се користи за воени цели бидејќи во моментот не постојат други чувствителни објекти во заливот. Пристаништето Балаклава беше демилитаризирано од Украина во 2008 година, а потоа имаше огромни капацитети за марина за пловни објекти.

Подземно пристаниште за поморници во Балаклава.

Подморничката база Балаклава беше завршена во 1961 година кога Крим беше клучен советски поморски центар.

Уникатниот пејзаж на Балаклава им овозможи на советските планери да тунелираат директно од морето на околу 600 метри низ планина доволно обемна за да ги заштити луѓето и бродовите внатре од директен нуклеарен удар.

Тајниот објект содржел засолниште за најмногу девет подморници и нивните екипажи, како и суво пристаниште во кое можело да се поправаат пловните објекти и комори каде што можело да се складира нуклеарното оружје и да се подготви за распоредување.

Челична анти-експлозивна врата во основата дизајнирана да издржи нуклеарна експлозија и наплив на морска вода што би следел по таков удар.

Тајноста околу советската база доведе до тоа пристаништето на Балаклава да стане „затворена“ област, во која можеа да влезат само оние со посебни дозволи. За време на Студената војна, подморниците влегуваа и излегуваа од подземната база само под закрила на темнината.

Туристите во мај 2010 година гледаа макета на подморница во базата Балаклава кога служеше како украински музеј.

По распадот на Советскиот Сојуз базата беше под украинска контрола, но беше оставена нечувана. Еден посетител во 1994 година се присетил дека влегол во некогаш тајната локација која изгледала како „напуштена како резултат на некоја ненадејна катастрофа“, додавајќи дека му доаѓа на ум Чернобил.

Голем дел од внатрешноста беше одземена од крадци во текот на 1990-тите пред Украина повторно да го отвори објектот како музеј во 2003 година.

По анексијата на полуостровот Крим од Русија во 2014 година, базата падна под руска контрола, но продолжи да работи како музеј.

Мала подморница Тритон 1М изложена во базата Балаклава во ноември 2015 година.

Неодамнешните извештаи дека базата се враќа во воена употреба е само последното такво тврдење. Во октомври 2022 година, украинската армија укажа на очигледна градба што се одвива во близина на влезот на подморничката база како доказ дека е вратена во воена употреба. Музејот, сепак, се чини дека останува отворен за јавноста.

Туристи во подморничката база Балаклава во април 2019 година. Базата работи под руска контрола како Музеј на Студената војна во Балаклава.

Џон Ц.К. Дејли, експерт за одбрана, изјави за Радио Слободна Европа дека доколку базата се користи од руската морнарица, пред се би била за бродови, отколку за подморници. Според големината на подморниците од Црно-морската флота, таа би била претесна за тие подморници.

Еден од двата влеза во подморничката база Балаклава.

Со оглед на тоа што руските поморски пристаништа се цел на украинските морски беспилотни летала, кои брзо се развиваат, можно е руските поморски бродови да се засолнети во делови од базата, вклучително и бродови претходно сместени во блиската поморска база Севастопол, која постојано беше гаѓана од украински морски дронови и проектили.

Дејли вели дека технологијата за морски беспилотни летала, што брзо се развива и што ја користи Украина е „еден од најнеочекуваните и најзначајните случувања“ од руската инвазија.