Достапни линкови

Вести

Фон дер Лајен: Европа со американска поддршка работи на рамка за мировни сили во Украина

Урсула фон дер Лајен на прес-конференција/31.08.2025
Урсула фон дер Лајен на прес-конференција/31.08.2025

Европските сојузници на Киев работат на „доста прецизни планови“ и „јасна патоказна мапа“ за можно распоредување трупи во Украина доколку се постигне мировен договор меѓу Киев и Москва - изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Фон дер Лајен, во коментари објавени во „Фајненшл тајмс“ на 31 август, додаде дека секое такво вложување би имало целосна поддршка од САД, кои во изминатата година се колебаа околу можноста за учество.

„Безбедносните гаранции се од најголемо значење и апсолутно клучни. Имаме јасна патоказна мапа и имавме договор во Белата куќа... и оваа работа напредува многу добро“, изјави фон дер Лајен за ФТ.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистираше на силни безбедносни гаранции од западните сојузници, особено од САД, како дел од каков било договор за прекин на огнот со Русите, кои досега не покажале никакви знаци дека бараат мировен договор.

Фон дер Лајен за време на викендот ги посети земјите членки на ЕУ кои се во близина на Русија, фокусирајќи се на напорите за зголемување на националните одбранбени трошоци и воената подготвеност. Таа изјави дека европските лидери работат на рамка за „распоредување на мултинационални трупи и поддршка од Американците“.

„Претседателот [Доналд] Трамп нè увери дека ќе има американско присуство како дел од безбедносниот механизам. Тоа беше многу јасно и повеќепати потврдено“, додаде таа.

Европските лидери разговарале за можноста за испраќање на десетици илјади војници доколку се постигне мировен договор. Американските сили наводно би обезбедиле команда и контрола, разузнавачки и надзорни ресурси, но не и копнени трупи.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика европските лидери во Париз на 4 септември за да одржат разговори на високо ниво, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на три дипломатски извори.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и Фон дер Лајен се меѓу оние чие присуство се очекува, се наведува во извештајот.

Мерц, во интервју за германската телевизиска куќа ZDF, предупреди дека војната сè уште може да трае подолг период, но дека нејзиното брзо завршување на штета на Украина не е опција.

„Се обидуваме да го завршиме тоа што е можно побрзо. Но, сигурно не по цена на капитулација на Украина. Војната би можела да заврши утре ако Украина се предаде и ја изгуби својата независност,“ изјави Мерц.

Трамп го направи завршувањето на војната во Украина, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година, главен приоритет на својата администрација.

Сè повеќе е фрустриран од одбивањето на рускиот претседател, Владимир Путин да се сретне со Зеленски и од континуираната руска кампања на масовни воздушни напади врз украински цивилни цели.

„Путин не се променил. Тој е предатор,“ изјави фон дер Лајен. „(Трамп) сака мир, а Путин не доаѓа на преговарачка маса... Тој има негативно искуство со Путин, и сè повеќе Путин не го прави тоа што го вели.“

Додека политичарите разговараа, насилството продолжи и на бојното поле – Русија на 31 август ги продолжи своите немилосрдни воздушни напади врз Украина, погодувајќи енергетски постројки во најмалку два региона и цели низ други локации низ земјата.

Како одговор, Зеленски изјави дека Украина ќе продолжи да се брани на својата територија и ќе изведува удари со долг дострел врз цели во Русија.

„Ќе ги продолжиме нашите активни операции токму на начинот што е потребен за одбраната на Украина. Силите и ресурсите се подготвени. Планирани се и нови длабоки удари,“ напиша Зеленски на 31 август на мрежата Икс (Х), откако доби извештај за ситуацијата од украинскиот врховен командант, генерал Олександар Сирски.

Обвинет во „Синдром“ почина во притвор

Илустрација
Илустрација

Притвореник почина вчера во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, информираа на 31 август од Министерството за внатрешни работи. Притвореникот бил еден од 36 те обвинетите во предметот „Синдром“ што се однесува на злоупотреби и поткуп при издавање инвалидски пензии и туѓа нега. Тој од април годинава се наоѓаше во притвор во затворот во Шуто Оризари.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ, роднина на починатиот, на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека починатиот притвореник, кој изминатите пет месеци бил во притвор, не добивал терапија соодветна на неговата здравствена состојба.

„Човек кој има сериозни дијагнози можел и дома да почине, но тој требало да прима секојдневна терапија. Вие ги знаете условите во затворите, таму нема основни услови за секојдневен живот а најмалку да примаат терапии какви што требало да ги прима 24/7 човек со ваква дијагноза“, напиша Алиспахиќ.

Од Кривичниот суд велат дека имале информации за повеќе дијагнози, но не и за канцер.

„При сослушување, ниту обвинетиот лчно ниту преку бранителот известиле дела боледува од рак. За време на издржувањето на мерката притвор од страна на судот редовно и навремено истиот е спроведуван на сите потребни медицински прегледи.
Веќе определената мерка судот може да ја промени по предлог на странките, а бранителот на обвинетиот таков предлог поднесе во петокот на 29 август“, се вели во соопштението од Судот.

Во него е наведено дека постапката за одлучување била во тек. Во соопштението е наведено дека Судот изразува длабоко жалење за загубата на човечкиот живот.

Ангелов: Пожарот во Вардариште ставен под контрола

Пожар во скопско Вардарише во близина на населбата Лисиче
Пожар во скопско Вардарише во близина на населбата Лисиче

Ставен под контрола големиот пожар што попладнево изби на депонијата во Вардариште, а набргу ќе започне и пуштањето на електрична енергија, информираaт од Дирекцијата за заштита и спасување.

Пожарот предизвика прекин на струја во општината Аеродром, населбата Ново Лисиче, и околните населени места, а поради сериозноста пожарот да не направи дополнителна штета се исклучија далноводите.

Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) велат дека без струја останаа населбите Аеродром, Лисиче, Методија Андонов Ченто, индустриската зона, Кванташки пазар, Арачиново, Стајковци, Трубарево и Бунарџик.

„Пожарот во депонијата Вардариште е целосно ставен под контрола. Набргу, дел по дел, ќе биде пуштена електричната енергија“ изјави директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.

Претходно во соопштението од ДЗС беше наведено дека постојат сомневања дека се работи за намерно предизвикано палење на депонијата Вардариште“.

Според последните информации објавени од Центарот за управување со кризи на целата териоторија на државата утрово биле евидентирани четири пожари на отворено кои се ставени под контрола.

Станува збор за пожари во општината Македонски брод каде што на подрачјето Јасен горела мешана шума, потоа на планината Кожуф, и во општините Долнени и Делчево каде што била запалена градската депонија.


Гори депонијата Вардариште, превентивно исклучени неколку далноводи

Пожар во скопско Вардарише во близина на населбата Лисиче
Пожар во скопско Вардарише во близина на населбата Лисиче

Пожар ја зафати депонијата Вардариште во близина на скопската населба Лисиче. Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) потврдуваат дека пожарот настанал попладнево.

„Денес попладне изби пожар во депонијата Вардариште. Од безбедносни причини исклучени се неколку далноводи поради што без напојување со електрична енергија останаа делови од населбите (или цели населби) Аеродром, Лисиче, Методија Андонов Ченто, индустриската зона, Кванташки пазар, Арачиново, Стајковци, Трубарево и Бунарџик. Поради обемот на пожарот и опасноста да се прошири надвор од депонијата како помош на БППЗ Скопје се испратени еден БТР, еден хермелин и еден тим на ДЗС. Далноводите ќе бидат пуштени по санирањето на пожарот“, се наведува во соопштението од ДСЗ.

Според Дирекцијата, „постојат сомневања дека се работи за намерно предизвикано палење на депонијата Вардариште“.

Според последните информации објавени од Центарот за управување со кризи на целата териоторија на државата утрово биле евидентирани четири пожари на отворено кои се ставени под контрола.

Станува збор за пожари во општината Македонски брод каде што на подрачјето Јасен горела мешана шума, потоа на планината Кожуф, и во општините Долнени и Делчево каде што била запалена градската депонија.

Седум мртви, 71 ранети при напад на паравоена група во Судан

Илустрација
Илустрација

Во гранатирањето од страна на Суданските сили за брза поддршка загинаа најмалку седум лица, а 71 беа ранети во Ел-Фашер, изјави медицински извор во неделата, додека паравоената група (РСФ) ја започна својата најжестока офанзива досега врз опколениот град.

Ел-Фашер, последниот голем град во огромниот западен регион Дарфур кој сè уште е под контрола на армијата, стана најнасилната фронтовска линија во војната меѓу суданската армија и РСФ, која избувна во април 2023 година.

Во последните недели, паравоените сили ја засилија својата долготрајна опсада, лансирајќи жестоки артилериски баражи и копнени упади во густо населените населби, аеродромот во градот и кампот за раселени лица Абу Шук, погоден од глад.
Ретките болници кои сè уште работат беа постојано бомбардирани, а локалната полициска станица беше заземена од паравоената група РСФ.

Медицинскиот извор, кој побара анонимност од безбедносни причини, рече дека вистинската бројка од нападот во саботата е „веројатно поголема“, бидејќи многу повредени не можеа да стигнат до болницата поради интензитетот на нападите на РСФ.

Меѓу ранетите, претежно повредени од шрапнели, 22 се во критична состојба, според изворот, кој бил контактиран преку сателитски интернет за да се заобиколи прекинот на комуникацијата.

Локалните активисти изјавија дека нападот погодил неколку населби во западниот дел на градот во близина на аеродромот, кои силите на РСФ се обидувале да ги освојат.

Повеќе од 2 милиони луѓе погодени од поплавите во Пакистан

Ппоплавената област на периферијата на Лахор, главниот град на покраината Пенџаб, на 28 август 2025 година.
Ппоплавената област на периферијата на Лахор, главниот град на покраината Пенџаб, на 28 август 2025 година.

Централната покраина Пенџаб во Пакистан се соочува со една од најлошите вонредни поплави во поновата историја, бидејќи поплавите влијаат врз животите на повеќе од 2 милиони луѓе и однесоа 33 животи во текот на изминатата недела, соопштија официјални лица во неделата.

„Поплавите во три источни реки влијаеја врз животите на 2,06 милиони луѓе“, изјави за германската новинска агенција ДПА, портпаролот на покраинскиот орган за управување со катастрофи, Мажар Чадухари.

Тој рече дека властите евакуирале 760.000 луѓе на безбедни локации во 511 кампови за помош поставени во покраината.

Повеќе од 2.000 села се поплавени од три реки: Ченаб, Сутлеџ и Рави. Поројните дождови во соседна Индија ги влошија поплавите откако вишок вода беше испуштена во Сутлеџ и Рави - обете контролирани од Индија според Договорот за води на Инд.

Најмалку 33 лица ги загубија животите досега во Пенџаб во текот на изминатата недела, додека бројот на жртви од инциденти поврзани со дождови од 26 јуни се искачи на 849, според Националниот орган за управување со катастрофи.

Издадено е предупредување за поплави за низводните области на Пенџаб и јужната покраина Синд, бидејќи се очекува проток од над 31.000 кубни метри во секунда во следните 24 часа.

Процесот на евакуација во Синд започна и десетици илјади луѓе се преместуваат на побезбедни места.

Главниот министер на Синд, Мурад Али Шах, изјави за медиумите дека неговата влада „ќе ги заштити животите и добитокот под какви било околности“.

Монсуните, сезона на обилни дождови во Јужна Азија што трае од јули до септември, беа непредвидливи и посурови во последните години под влијание на климатските промени, убивајќи илјадници и погодувајќи милиони.

Повеќе од 2.000 луѓе беа убиени во супер поплавите што го погодија Пакистан во 2022 година, потопувајќи една третина од земјата, што претставува копнена маса поголема од големината на Обединетото Кралство.

Моди: Индија е посветена на подобрување на односите со Кина

Индискиот премиер Нарендра Моди се ракува со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на состанокот на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Тјанџин, Кина, 31 август 2025 година.
Индискиот премиер Нарендра Моди се ракува со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на состанокот на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Тјанџин, Кина, 31 август 2025 година.

На средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека Њу Делхи е посветен на подобрување на односите со Пекинг. Лидерите разговараа за потребата од проширување на трговските и инвестициските врски во контекст на американските царини.

Моди е во Кина за прв пат по седум години за да присуствува на дводневен состанок на Шангајската организација за соработка, заедно со рускиот претседател Владимир Путин и други лидери од Централна, Јужна и Југоисточна Азија и Блискиот Исток, во знак на солидарност од глобалниот Југ. Средбата меѓу кинеските и индиските лидери беше организирана на маргините на самитот.

Кинескиот претседател Си изјавил дека Кина и Индија треба да бидат партнери, а не соперници, додека Моди додал дека сега меѓу нив има „атмосфера на мир и стабилност“.

Билатералната средба се случи пет дена откако Вашингтон воведе царини од 50 проценти за индиските стоки поради купувањето руска нафта. Аналитичарите велат дека Си и Моди се стремат да претстават обединет фронт против притисокот од Западот.

Лидерите разговараа и за проширување на заедничките интереси за билатерални, регионални и глобални прашања, како и за предизвици како што се тероризмот и трговијата на мултилатерални платформи.

„Ние сме посветени на унапредување на нашите односи врз основа на меѓусебно почитување, доверба и чувствителност“, изјави Моди.


Моди смета дека е создадена атмосфера на „мир и стабилност“ на спорната хималајска граница, местото на долготрајна воена криза по смртоносните судири на војниците во 2020 година, кои ја замрзнаа поголемиот дел од соработката меѓу Кина и Индија.

Тој додаде дека е постигнат договор меѓу двете земји за управување со границите, без да образложува. Соседите делат граница долга 3.800 километри, која е лошо обележана и е спорна од 1950-тите.

„Не смееме... да дозволиме прашањето на границата да ги дефинира сите односи меѓу Кина и Индија“, рече Си, според извештаите на кинескиот државен медиум Ксинхуа.

Кинеско-индиските врски би можеле да бидат „стабилни и далекусежни“ доколку двете страни се фокусираат на тоа да се гледаат едни со други како партнери, а не како соперници, додаде Си.

Моди објави дека директните летови меѓу двете земји, кои беа суспендирани од 2020 година, ќе продолжат.

Папата Лав XIV ја осуди „пандемијата на оружје“

Папата Лав XIV
Папата Лав XIV

Папата Лав XIV во неделата ја осуди „пандемијата на оружје, големо и мало“, додека јавно се молеше за жртвите од пукањето за време на миса во католичко училиште во Соединетите Американски Држави.

Првиот американски папа во историјата зборуваше на англиски јазик додека апелираше за крај на „логиката на оружјето“ и за преовладување на културата на братство, за време на неговиот благослов во недела напладне.

„Нашите молитви за жртвите од трагичната пукање за време на миса во училиште во американската држава Минесота“, рече папата, роден во Чикаго.

„Во нашите молитви ги имаме безбројните деца убиени и повредени секој ден низ целиот свет. Да го молиме Бога да ја запре пандемијата на оружје, големо и мало, што го инфицира нашиот свет“, додаде тој.

Две деца беа убиени во среда, а 20 лица беа ранети при нападот со огнено оружје во црквата „Благовештение“ во Минеаполис, додека стотици ученици од блиското католичко училиште „Благовештение“ и други се собраа на миса.

Напаѓачот испукал 116 куршуми од пушка низ витражните прозорци на црквата, а подоцна се самоубил. Нападот повторно ја разгоре дебатата за оружјето во Америка. Оние кои поддржуваат построги проверки на биографијата за купување оружје и други закони, честопати демократи, велат дека републиканските политичари кои се повикуваат на „мисли и молитви“ по пукањата во училиштата се обидуваат да го одвлечат вниманието од сопствената неактивност во врска со ограничувањата на оружјето.

Веднаш по пукањето, Папата Лав се воздржа од каков било политички коментар за оружјето во Америка, испраќајќи телеграма со сочувство која се фокусираше исклучиво на духовното.

Тој рече дека е тажен од „страшната трагедија“ и го испрати своето „искрено сочувство и уверение за духовна блискост до сите погодени“.

Претходникот на Лав, папата Франциск, долго време се бунеше против индустријата за оружје и ширењето на оружје што ги поттикнува војните, осудувајќи ги производителите на оружје како „трговци на смртта“.

За време на неговиот историски говор пред Конгресот на САД во 2015 година, аргентинскиот папа ги праша пратениците зошто оружјето се продава чисто за убивање.

„За жал, одговорот, како што сите знаеме, е едноставно за пари: пари кои се натопени со крв, честопати невина крв“, рече тогаш Франциск.

Папа Лао го започна својот апел во неделата барајќи итен прекин на огнот во Украина и „сериозна посветеност на дијалогот“ од завојуваните страни.

„Време е одговорните да се откажат од логиката на оружјето и да го изберат патот на преговорите и мирот, со поддршка на меѓународната заедница“, рече тој.

Руските напади врз Украина продолжуваат, погодени се објекти во Одеса

Последици од нападот со руски дрон во Одеса
Последици од нападот со руски дрон во Одеса

Русија продолжи со воздушните напади врз Украина, погодувајќи електрани во регионот Одеса на Црното Море. Неколку други локации низ целата земја беа погодени во напади со беспилотни летала поради неизвесноста околу перспективите за мировни напори по самитот во Соединетите Држави.

Штетата на енергетската инфраструктура во нападите рано на 31 август остави повеќе од 29.000 луѓе без струја, изјави регионалниот лидер Олех Кипер на Телеграм. Приватни домови и други згради беа исто така оштетени, а едно лице беше повредено.

„Критичната инфраструктура се напојува со генератори“, рече Кипер.

Тој рече дека Черноморск, крајбрежен град јужно од Одеса, бил најтешко погоден. Противвоздушната одбрана низ целата земја собори 126 од 142 беспилотни летала што ги открија преку ноќ, додека останатите паднаа на 10 локации.

Во меѓувреме, Путин се среќава со лидерите на Кина, Индија и неколку други земји на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) од 31 август до 1 септември во Тјанџин, Кина, поради тензиите со Западот поради руската инвазија на Украина и други прашања.

Од друга страна, во Лвив, ожалостените донесоа цвеќе на местото каде што претходниот ден беше застрелан Андриј Парубиј, пратеник и поранешен претседател на парламентот.

Додека агенциите за спроведување на законот се обидуваа да го идентификуваат и уапсат напаѓачот и да бараат индиции за можен мотив за пукањето, неколку соработници на убиениот политичар ја обвинија Русија.

Пратеникот Микола Књажиски рече дека верува оти убиството на Парубиј е „руска одмазда за неговиот став“, сугерирајќи дека тој бил цел поради неговата поддршка за суверенитетот, безбедноста и единството на Украина во услови на руска инвазија.
Украинските власти не именуваа осомничен за убиството на Парубиј, кој беше претседател на украинскиот парламент од 2016 до 2019 година.

На прашањето од Радио Слободна Европа зошто Парубиј бил цел, шефот на регионалната полиција во Лвив рече дека постојат многу можни теории, вклучувајќи политички мотив и руска вмешаност. Не се презентирани никакви докази.

Нападите доаѓаат во услови на прашања за иднината на напорите за завршување на војната откако американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со Путин во Алјаска на 15 август и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери во Белата куќа три дена подоцна.

Трамп и Зеленски повикаа на средба меѓу украинскиот и рускиот претседател, но руските претставници ја отфрлија идејата, сугерирајќи дека позициите на двете страни се премногу оддалечени за да бидат вредни.

Во интервју за американскиот конзервативен „Дејли Колер“, Трамп изрази помала доверба отколку што претходно имаше во изгледите за средба меѓу Путин и Зеленски во блиска иднина, но рече дека верува оти може да се случи тристрана средба, вклучувајќи го и него.

Србија со уредба ќе ја поефтини храната во маркетите

Илустрација
Илустрација

Во наредните шест месеци, жителите во Србија ќе плаќаат пониски цени за над 20 илјади производи од 23 категории. На 1 септмври ќе стапи во сила нова владина Уредба со која државата ги ограничува маржите до 20 проценти за маркетите кои лани имале приход поголем од 38 милиони евра. Според податоците од српските институции тоа значи дека сите трговски синџири ќе треба да ги применуваат тие мерки, затоа што го надминале тој лимит, а некои од нив лани имале и профоте на милијарда евра.

Српскиот министер финансии Синиша Мали, изјави дека од утре,очекува намалување на прехранбените производи за 10 до 20 проценти во просек.

„Важно е да не станува збор само за неколку производи, туку за целиот асортиман на храна што сите ја купуваме секој ден“, рече Мали во интервју за весникот Курир.

Тој изјави дека анализата утврдила дека цените на прехранбените производи, безалкохолните пијалоци и сличните производи во голема мера го диктираат нивото на инфлација и дека тоа мора да се ограничи.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и министерката за трговија на Србија, Јагода Лазаревиќ, објавија дека морала да се дополнува Уредбата бидејќи одредени трговски синџири се обиделе да најдат начин да ги заобиколат новите правила.

„Прерано почнаа со трикови. Мислат дека се доволно мудри за да ја измамат државата“, изјави Вучиќ, коментирајќи ги реакциите на малопродажните синџири на ограничените маржи.

Како што објасни Вучиќ, трговците барале од добавувачите да ги зголемат цените за 14 до 20 проценти пред да стапи во сила Уредбата, а разликата подоцна да ја вратат преку попусти. На тој начин, трговците би ја пресметале маржата на новата, вештачки зголемена цена и би ги избегнале потенцијалните загуби што можат да настанат поради Уредбата. Во исто време, на тој начин формално би ги исполниле барањата, но со иста заработка како и претходно.

Министерката Лазаревиќ рече дека сите во Министерството „биле шокирани“ што на денот на усвојувањето на Уредбата за посебни услови за вршење трговија за одреден вид стока, некои трговски синџири „започнале со сериозен притисок врз своите добавувачи“, инсистирајќи на склучување анекс на договорот, за да направат одредени корекции, и тоа пред да стапи во сила Уредбата.

Како што објави Министерството за трговија по вонредната седница на Владата на Србија, промените го ограничија попустот за логистика и другите надоместоци. Така, Уредбата за посебни услови за вршење трговија за одреден вид стока сега содржи одредби со кои се ограничува „логистичкиот рабат“ и „надоместокот за недостиг на стока и отпис на стока“ на три и еден процент, соодветно.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG