Фекалии ни се враќаат во домот, откако градежниците во соседството при изградбата на нова зграда ја затнаа канализацијата, сведочи 45 годишната Емилија од скопската општина Центар. Ова е само еден од проблемите на кои се жалат скопјани од забележливиот градежен бум. Во меѓувреме во изборна година, порасна и бројот на издадени дозволи за градба на нови станови.
Статистичките податоци покажуваат дека само во првите шест месеци од почетокот на годинава издале дозвола за изградба на 4105 станови. Тоа е за околу илјада нови станови повеќе од истиот период лани, покажуваат статистичките податоци. Од вкупниот број нови станови 1771 ќе бидат изградени во главниот град.
Годинава во пресрет на локалните избори, општинските татковци ставиле потпис на 1962 дозволи за градби, додека минатата година во истиот период биле издадени за речиси 300 помалку, односно 1666. Соодносот на издадените дозволи со станбените единици покажува дека новите објекти кои добија „амин“ за градба ќе бидат висококатници.
За споредба, статистиките податоци покажуваат дека годишниот просек во период од 2010 до 2023 година на издадени градежни дозволи изнесува три илјади со просечно планиран број на станови од над 5 илјади годишно.
Зголемувањето на бројот на дозволи доаѓа во период кога земјава е во изборна година, а локалните власти традиционално го засилуваат темпото на одобрување на урбанистички и градежни активности на нивната територија. За споредба и изборната 2021 година била година во која тогаш рекордно биле издадени 4069 дозволи за градба. Овогодишниот раст е најизразен во главниот град.
„Во Скопје ни сега не се живее квалитетно, а камо ли кога ќе ги изградат новите згради, катастрофа е“, вели жителот на скопската општина Кисела Вода, Трајче Трпчевски.
Тој се жали дека во неговата населба на секој ќош никнуваат нови згради.
„До самата улица зграда е направено. До самиот тротоар, буквално. Згради, згради, згради. Знаеш? И после гужва се ствара низ Скопјево, катастрофа е. Автокоманда да не заборавиме. Кога се враќам од работа, што да ти кажам? Колони, колони, колони. Не дај боже сообраќајка ако се случи, колапс на целиот сообраќај“, вели Трпчевски.
Рекордери по издадени дозволи годинава се Центар и Гази Баба
Ни Емилија од Центар не е задоволна од информацијата за изградба на нови над 1700 станови во Скопје. Според последните статистички податоци, во првите шест месеци од годинава во нејзина општина издала 64 дозволи за градба според кои е предвидено изградба на 665 станови.
„Ако се изградат и стварно ако се дадени толку многу дозволи, во Скопје нема повеќе да се живее, затоа што нема воздух. Не им е решена ниту инфраструктурата, ниту водовод и канализација. Мора да се престане веќе со овој урбан хаос и со оваа урбана мафија и да се прекине да се градат згради, затоа што немаме воздух, дишиме прљави честички, нема место каде да се паркираат луѓето, а они ќе градат нови згради“, вели Емилија.
Слична е состојбата и во скопската Гази Баба, каде што се издадени 65 дозволи за градба од кои ќе никнат нови 553 станови. На трето место е скопската општина Илинден каде што годинава е одобрена изградба на 221 стан, па по неа на ранг листата застанува Аеродром со 32 градежни дозволи за нови 146 станови.
Во Општината Карпош ќе никнат нови 62 стана, а во скопски Бутел 45. Брзото и масовно одобрување дозволи во вакви периоди може да резултира со урбанистички хаос, нарушување на инфраструктурните капацитети и квалитетот на живеење, велат граѓаните.
Од урбанистички аспект, ова може да претставува ризик за квалитетното планирање на градот, додека од политички аспект се потврдува како алатка за покажување „работливост“ пред гласачите.
Страв од прикриен мораториум кај инвеститорите
Неизвесноста од политиката што ќе ја спроведува следниот народен избраник и пролонгираниот период неопходен за запознавање на новата владеачка гарнитура со целокупната проблематика на општините, го зголемува интересот пред избори кај инвеститорите за градежни дозволи, вели Биљана Насковиќ, член на Управен одбор на Асоцијација на архитекти на Македонија, одговорна за проблематика поврзана со урбанистичко планирање.
„Стравот од следниот можен обзнанет или прикриен „мораториум на градба“,преиспитувањето на донесените одлуки во претходниот мандат, како и промените во кадровски решенија и слично, носат несигурност која граѓаните и инвеститорите евидентно се трудат да ја избегнат,“ вели Насковиќ за Радио Слободна Европа.
Таа објаснува дека градежните дозволи се во согласност со законот, затоа што одобренијата се носат според Детални урбанистички планови кои минуваат низ институционален филтер. Според неа вистински „негативни“ последици во просторот настануваат при реализација на веќе одобрените проекти.
„Во ситуација во која согласно законот потписот кој гарантира дека градбата е изведена согласно издаденото одобрение за градба не го става општината која го издала одобрението, туку го става надзор ангажиран (и следствено платен за ангажманот) од страна на инвеститорот, како и во отсуство на доволен број инспектори (во некои општини воопшто нема градежни инспектори, некои општини делат инспектори) и во ситуација во која инспекторот реагира само по поднесена пријава, реализацијата речиси секогаш се разликува од одобрената градба“ додава таа.
Насковиќ вели дека уште позначаен проблем кој граѓаните го гледаат како урбан хаос е просторот оставен по завршувањето на градбата, односно невраќањето на уништениот јавен простор околу градбата во првобитна состојба. Понекогаш станува збор за прекопи на улици направени за поврзување на градбата со соодветни инсталации, или пак за узурпациите на јавни површини кои се прават заради несоодветна изведба.
„Финално, голем дел од проблемот треба да се лоцира и во неможноста на јавниот интерес да го следи приватниот интерес. Доколку јавниот интерес, барем сообраќајната и комуналната инфраструктура и зелените коридори, се изведуваат паралелно со изведените градби, што во конкретната законска регулатива и финансиска реалност е неможно, и притоа да се изведуваат согласно планските решенија, а не како делумни реализации и импровизации прилагодени на постојната состојба, дебатата за приватните објекти и урбаниот хаос ќе се сведе на сосема друго ниво“, вели Насковиќ.
Архитектите предупредуваат - проблемот е подлабок
Проблемот со изградба на голем број на нови станови во Скопје е подлабок и посуштински отколку дневно политичките случувања како што е изборна година, вели професорот на Архитектонски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Огнен Марина за Радио Слободна Европа.
Според него проблемот со кој се соочува земјава во последниве најмалку десетина години е во тоа што ново изградените станови не се наменети за нивната основна функција, а тоа е домувањето на луѓето, туку становите се користат пред сè како економски и финансиски инструмент, односно за инвестиции.
„За жал една од тие причини е и начинот на финансирањето на општините каде што дел од зафаќањето од даноците коишто се одвојува за општините се уште е мал, односно општините, најголем дел од нив се уште немаат своја финансиска автономија. Тоа значи дека општините за жал го користат градежното земјиште и комуналиите, односно средствата добиени од комуналии за да ги финансираат своите тековни трошоци наместо тие да бидат за капитални расходи“, објаснува професорот Марина.
Во изминативе десет години во цела држава биле изградени и завршени вкупно 64.000 нови станови, од кои 29.000 се само во Скопје.
Само минатата година биле изградени речиси 8.000 нови станови на ниво на држава, од кои само три илјади во скопските општини Гази Баба, Аеродром и Центар.
Но, како што додава професорот Марина, проблемот е во побарувачката во Скопје, затоа што таму и најбрзо растат цените на пазарот на недвижнини.
„Притисокот од побарувачката резултира со претприемачите коишто одговараат на тој притисок и на некој начин потоа го пренесуваат притисокот на општините, на секторите за урбанизам и конечно на советите за носење на детални урбанистички планови, но оваа пракса во суштина е неодржлива, затоа што просторот е конечна категорија, не можете бесконечно да го продавате, и еднаш кога ќе се изгради еден простор, тој најмалку 80 до 100 години е веќе дефиниран како таков, а парите се потрошени за тековни обврски на општините,“ вели Марина.
Поголемо ДДВ ќе ги поскапи становите
Дополнителен товар врз побарувачката за нови градежни дозволи ќе стави истекувањето на важноста на владината мерка до крајот на годинава, со која во 2021 година беше воведена повластена стапка од 5% ДДВ за прв промет на стан. Тоа значи дека од следната година за 13 отсто поскапи ќе бидат сите станови кои во моментот се градат или ќе почнат набрзо да се градат, но и оние кои се веќе изградени но не се непродадени, како и на сите идни неизградени станови.
Според последниот попис во земјава, една третина, односно над 307 илјади станови немаат жители. Од спроведувањето на пописот во 2021 го крајот на 2024 година, низ земјава никнаа нови 26 илјади станови, за кои што нема податоци дали се населени.
Од почетокот на годинава одредени политички кандидати за градоначалници како и актуелниот министер за транспорт и врски Александар Николовски во неколку наврати најавуваа мораториум за градење во општините Карпош и Центар, кои сега се во рацете на опозицијата. Дел од нив посочуваа дека е потребен мораториум на поширок круг во кој ќе бидат вклучени и Аеродром и Гази Баба.
Архитектот Марина препорачува идниот скопски градоначалник да воведе политики за да обесхрабри купување на повеќе станови, но и да овозможи стабилизација, па дури и намалување на цените на становите преку планерски мерки со различни решенија меѓу кои и Генералниот урбанистички план .
Изработката на Генерален урбанистички план доцни најмалку три години, затоа што претходниот беше донесен во времето на ексградоначалникот на Скопје Коце Трајановски и со важност од 2012 до 2022 година.