Вести
Мицкоски: Рудникот Казандол нема да се отвори

Рудникот Казандол нема да се отвори. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, откако вчера вицепремиерот Александар Николовски соопшти дека македонските институции во арбитражна постапка го добиле случајот каде државата беше тужена од неколку инвеститори.
Арбитражен спор пред меѓународна институција во кој некоја компанија бара наплата на шетата од странска држава е пракса кога правилата на игра или договорите се нарушени.
Случајот „Казандол“ стигна до меѓународна арбитража откако поранешниот премиер Зоран Заев на 27 март 2018 година ја потпиша одлуката за едностран раскин на договорот, велејќи дека концесионерот не ги исполнил обврските.
„Ова е втора арбитража која што оваа влада ја добива и очекуваме барем уште две во периодот кој што следи“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Кочани.
Инвеститорите бараа да им се исплати отштета од 115 милиони евра.
Според Мицкоски, треба да се истражи како минатите арбитражни постапки се губеле и се одлевале огромни суми од државниот буџет, а сега истите тие се добиваат.
„Симптоматично е како во минатото се губеа сите арбитражи како по правило, а сега ги добиваме. Во случајов станува збор за арбитража која вредеше околу 115 милиони евра. Толку беше тужбеното барање на спротивната страна која што беше побарување од тужениот, тоа беше Македонија. Причина за оваа арбитража беше раскинатата концесија за формирање на рудникот Казандол“, изјави Мицкоски.
Концесионер на „Казандол“ беше англиско-украинскиот конзорциум „Сардич МЦ“.
Владината портпаролка, Марија Митева, информираше дека покрај арбитражниот спор со дел од инвеститорите од рудникот „Казандол“ во Валандово, добиени се и постапките „Саса“ со вредност од 445 милиони и „Гама“ против Македонија од над пет милиони евра.
Покрај осумте наследени арбитражни постапки, од кои три се инвестициски, а пет трговски спорови, Митева посочи дека Владата наследила и најава за опомена на тужби за најмалку уште четири, а вкупната потенцијална штета изнесувала 865 милиони евра.
„Овој податок говори за неодговорниот однос на претходната влада, која со своите постапки ги доведе во ризик буџетот на државата и меѓународниот углед“, рече таа.
Израел со зелено светло за 3.400 домови, Палестинците предупредуваат на „затвори“

Израел во среда одобри голем проект за населување Западен Брег, за кој меѓународната заедница предупреди дека ја загрозува одржливоста на идната палестинска држава.
Израел долго време имаше амбиции да гради на околу 12 километри квадратни познати како Е1 што се наоѓаат веднаш источно од Ерусалим, но планот беше во застој со години поради меѓународното противење.
Минатата недела, крајно десничарската министерка за финансии на Израел, Безалел Смотрих, ги поддржа плановите за изградба на околу 3.400 домови за еврејска населба во ултра-чувствителната парцела што се наоѓа помеѓу Ерусалим и израелската населба Маале Адумим.
Главниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека изградбата на израелски домови таму ќе „стави крај на“ надежите за решение на две држави за израелско-палестинскиот конфликт.
„Со задоволство објавувам дека пред кратко време, цивилната администрација го одобри планирањето за изградба на населбата Е1“, изјави градоначалникот на Маале Адумим, Гај Јифрах, во среда.
Сите израелски населби на Западниот Брег, окупирани од 1967 година, се сметаат за нелегални според меѓународното право, без оглед на тоа дали имаат израелска дозвола за градење.
Палестинските власти го критикуваа одобрувањето на Израел за проект за населување на окупираниот Западен Брег, велејќи дека тоа ги поткопува шансите за решение со две држави.
„Одобрувањето на проектот во областа позната како Е1 „фрагментира... географско и демографско единство, зацврстувајќи ја поделбата на окупираниот Западен Брег на изолирани области и кантони кои се одвоени едни од други, претворајќи ги во нешто слично на вистински затвори“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Палестинската самоуправа.
Израелската невладина организација „Мир сега“, која ја следи активноста на населбите на Западниот Брег, минатата недела изјави дека инфраструктурните работи во Е1 би можеле да започнат во рок од неколку месеци, а изградбата на станови во рок од околу една година. Со исклучок на Источен Ерусалим, Западниот Брег е дом на околу три милиони Палестинци, како и околу 500.000 израелски доселеници.
Воен дрон се урна во поле со пченка во Полска

Воен дрон се урна во поле со пченка и експлодираше во источна Полска денеска, што доведе до истраги за сопственоста на беспилотното летало. Дронот падна во поле во кое се наоѓа на околу 100 километри југоисточно од Варшава.
Јавниот обвинител кој се занимава со случајот, на прес конференција изјави дека дронот е воено беспилотно летало „оштетено од експлозивите“. Полскиот министер за одбрана Владислав Марцин Косињак-Камиш првично изјави дека дронот не бил наменет за воена употреба, додека обинителските истражители на прес конференција јавно ја исклучија можноста дека станува збор за цивилен дрон што го користат криумчари.
Местото на ударот е на 120 километри од границата на Полска со Украина и 100 километри од границата со Белорусија. Прозорците беа скршени во неколку блиски куќи, но никој не беше повреден, јавуваат полските медиуми.
Полициските службеници повикани од жителите пронајдоа изгорени пластични и метални остатоци на местото на експлозијата.
Косињак-Камиш изјави дека полицијата и војската моментално го обезбедуваат и пребаруваат целото подрачје, користејќи хеликоптери и извидувачки дронови.
Во ноември 2022 година, ракета го погоди селото Пжеводов во источна Полска, при што загинаа двајца мажи. Се верува дека инцидентот е предизвикан од залутан украински противвоздушен проектил.
За една година минималната синдикална кошничка порасна за четири илјади денари

За нови 179 денари е порасната вредноста на минималната синдикална кошничка за месец август во споредба со минатиот месец, покажува анализата на Сојузот на синдикатите на Македонија,(ССМ). Според нивните пресметки овој месец на граѓаните им се потребни најмалку 65.507 денари за да го преживеат овој месец. Дополнително ако во пресметката се стават и трошоците за изнајмување на стан или пак исплата на станбен кредит вкупните трошоци за август достигнуваат и до 80 882 денари.
Во споредба со периодот пред укинување на активните владини мерки, кошницата е зголемена за 2.816,00 денари или 4,49 отсто, соопштуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Лани во август минималната синдикална потрошувачка кошничка изнесувала 61 199 денари, што значи дека за една година бележи пораст од 4 308 денари.
Најголем пораст во кошничката ССМ забележува во категоријата за храна и пијалоци која изнесува повеќе од една третина од вкупната сума, 24 илјади денари, што е за речиси 400 денари повеќе од јули годинава. Во однос на претходниот период, по укинувањето на мерките, оваа категорија бележи раст од 2.584,00 денари, односно 12,09 отсто.
Од другите категории, како што посочуваат од ССМ, трошоците за облека и обувки се намалени за 114,00 денари, за лична хигиена има намалување од 74,00 денари и за транспортот се намалена за 16,00 денари.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека интензивно се работи со професори и со министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши за преземање мерки за намалување на цените на производите, како и на предлог за нови анализи за потрошувачката кошничка. Мицкоски тогаш изјави дека очекува на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ќе се разговара и на темата за потрошувачката кошничка.
Одобрено обвинение како продолжение на истрагата за „Адитив“

Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт против Б.Н. во предметот „Адитив“, отфрлајќи ги приговорите на одбраната. Истовремено, поднесен е обвинителен предлог против уште три лица за кривично дело „оддавање службена тајна“, а се разгледува и можноста за спојување на обвиненијата.
„Ја информираме јавноста дека Советот за оцена на обвинителен акт со КОК ООА 47/25 против Б.Н. за кривичните дела од чл. 394, чл. 275-в и чл. 273 од КЗ поднесен како продолжение на истрагата во предметот познат како „Адитив“, донесе решение со кое приговорите на обвинетиот поднесени преку неговите бранители се одбиваат, а обвинителниот акт се одобрува во целост“, стои во соопштението од Кривичен.
Оттаму дополнуваат дека заедно со конкретниот обвинителен акт, до судот од страна на ОЈО ГОКК бил поднесен и обвинителен предлог против Б.П.М., Т.Д. и М.С. за кривичното дело од чл. 360 од КЗ – Оддавање службена тајна, кој предлог не подлежи на оцена.
Дополнително, поднесено е и барање за спојување на обвиненијата со предметот „Адитив“, за кое, како што соопштуваат од Кривичен, ќе се одлучува во наредниот период.
Предметот „Адитив“ е поврзан со злоупотреби во државната компанија ЕСМ и фиктивни тендери вредни милиони евра.
Истрагата опфаќа над 30 лица, меѓу кои и поранешни директори и функционери, а обвиненијата вклучуваат злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, перење пари и оддавање службена тајна.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог и против, сега веќе поранешната, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која се сомничи дека во периодот од мај до декември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ му сторила достапни податоци кои се сметаат за службена тајна.
Воедно, на Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации. Димитровска поднесе оставка на 25 јули, а на 29 јули македонското Собрание ја констатираше.
Владата апелира институциите да ги пријават службените возила во ДКСК

Владата апелира државните институции да го пријават бројот на службени возила во Регистарот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), за да нема злоупотреби со нивно користење во тек на кампањата за претстојните локалните избори.
„Апелирам до сите институции да го поднесат бројот на службените возила“, изјави денеска портпаролката на Владата Марија Митева. Претходно ДКСК соопшти дека во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаaт со државен капитал, институциите пријавиле податоци за 1916 возила.
Таа уверува дека ќе се испочитува рокот за означување со боја на регистарските таблички на службените возила.
„На седница на Владата веќе е донесена одлука дека рокот за поставување на регистерски таблички во боја е до 15 септември и тоа ќе го завршиме се во насока да нема повеќе злоупотреби на службени возила за цели кои се надвор од службените“, рече Митева.
Рокот за доставување податоци за бројот, марката на возилото, година на производство, регистарски број и возна состојба до ДКСК заврши на 18 август.
Доколку правните лица не ги достават податоците за возилата со кои расолагаат во предвидениот рок, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците.
Според одлуката на Владата, до 15. следниот месец сите службени возила треба да добијат специјални таблички во црвена боја. Се предвидува да се воведе и специјален регистар на државните автомобили, којшто ќе овозможи прецизна евиденција за местоположбата и користењето на секое службено возило.
Косовското собрание повторно не избра претседател, две кандидатки на владејачката партија не добија поддршка

Косовското Собрание и денеска, 20 август не се конституираше, по повеќе од 50 обиди за формирање ново собрание според резултатите од изборите во февруари.
Констутивата седница започна на 15 април, но следеше криза поради несогласувања меѓу партиите на власт и опозицијата во врска со начинот на гласање за претседател на Собранието - дали ќе биде јавно или тајно, и во врска со кандидатот на движењето Самоопределување Аљбулена Хаџија за таа позиција.
Уставниот суд со одлука му наложи на Собранието да избере нов претседател на Парламентот во рок од 30 дена, почнувајќи од 18 август, преку јавно гласање, но ставајќи го истиот кандидат на гласање не повеќе од три пати.
Кандидатката на Самоопределување за претседател на Собранието, Аљбулена Хаџија, од која владејачката партија не се откажуваше цело време, не беше повторно избрана на јавното гласање во продолжението на седницата на 20 август. Од вкупниот број присутни, 57 пратеници гласаа за, 56 против, а 3 беа воздржани.
Гљаук Коњуфца од Движењето Самоопределување потоа ја предложи Доника Гервал, која досега не беше номинирана, но таа исто така не ги доби потребните 61 глас за да биде избрана. И овојпат 57 пратеници гласаа и за тоа, 56 беа против, а 3 беа воздржани.
После тоа, претседателот на конститутивната седница, Авни Дехари, ја затвори седницата, а продолжението беше најавено за 22 август.
Албулена Хаџија и Доника Гервала - кои денес не добија гласови за претседател на Парламентот - се министри во Владата на Косово на должност (Владата на Косово е на функција од 27 март, кога беа потврдени конечните резултати од парламентарните избори, сè додека не се избере нова).
Движењето „Самоопределување“ на актуелниот премиер Албин Курти освои 48 места на изборите на 9 февруари, а другите парламентарни партии одбија да гласаат за својот кандидат за претседател на Собранието, за чија номинација се потребни најмалку 61 глас.
Иако „Самоопределување“ инсистира дека Аљбулена Хаџиу е достоен кандидат, некои од најголемите парламентарни партии, како што се ДПК, ДСК и АБК, ја исклучуваат како личност која „предизвикува раздор“.
На изборите, ДПК беше втора со 24 места, ДСК трета со 20, по што следуваше Српска листа - најголемата српска партија во Косово - со 9, и коалицијата на АБК и Социјалдемократската иницијатива, со 8 гласа. Уште 11 места ги држат малцинствата.
Најмалку 76 лица загинале во сообраќајна несреќа во Авганистан

Најмалку 76 лица загинале кога автобус што превезувал авганистански мигранти вратени од Иран се судрил со други возила во западен Авганистан, изјави покраински функционер.
„Седумдесет и шест граѓани ги загубија животите во овој инцидент, а тројца други се сериозно повредени“, изјави Мохамад Јусуф Саеди, портпарол на покраинската влада на Херат.
Полицијата во округот Гузара, кој се наоѓа на периферијата на градот Херат каде што се случи несреќата во вторник вечерта, соопшти дека автобусот се судрил со мотоцикл и камион што превезувал гориво. Како резултат на несреќата, избувнал пожар.
Автобусот превезувал Авганистанци кои неодамна се вратиле од Иран во авганистанскиот главен град, Кабул.
Најмалку 1,5 милиони луѓе се вратиле во Авганистан од Иран и Пакистан од почетокот на оваа година. Двете земји се обидуваат да ги депортираат мигрантите што ги примиле со децении, соопшти Агенцијата за миграција на Обединетите Нации.
Државната новинска агенција Бахтар соопшти дека несреќата во вторник вечерта била една од најсмртоносните во Авганистан во последните години.
Сообраќајните несреќи се чести во Авганистан поради оштетените патишта по децениите конфликт, ризичното возење по автопатите и недостигот на сообраќајни прописи.
Израел планира да повика 50.000 резервисти за преземање на Газа

Израелската војска планира да мобилизира околу 50 000 резервисти пред планираното заземање на градот Газа, а известувањата за регрутација треба да бидат испратени во наредните денови, изјави воен претставник за АФП.
Резервистите треба да ја започнат својата служба во септември, изјави претставникот во среда (20 август).
Ова би го зголемило вкупниот број на распоредени резервисти на околу 120.000. Тој рече дека заземањето на Газа првенствено ќе вклучува активни војници. Израелските трупи веќе се присутни во предградијата на Газа, рече функционерот, именувајќи ги населбите ал-Зејтун и Џабалија.
Израелските медиуми денеска објавија дека министерот за одбрана Израел Кац го одобрил оперативниот план за заземање на Газа доцна во вторник.
Ова се случи и покрај фактот што исламистичката организација Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, тврдеше дека им дала на меѓународните медијатори „позитивен одговор“ на новиот предлог за прекин на огнот во Појасот Газа претходниот ден.
Градот Газа останува најважното упориште на Хамас, рече претставникот, истакнувајќи дека исламистичката група сè уште поседува „оперативни способности“ и е способна да се вклучи во „герилска војна“.
„Операцијата, исто така, имаше за цел да го уништи подземниот систем на тунели на Хамас“, рече тој.
Организациите за човекови права редовно ја истакнуваат катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа.
Според планот на израелската војска, цивилите во градот Газа - проценети на околу 1 милион луѓе - треба да се преселат во шаторски кампови подалеку на југ. Нивното снабдување со медицинска помош и храна треба да се обезбеди таму, истакна воениот претставник, додавајќи дека тие соработуваат со меѓународните организации за помош.
„Јасен“ сѐ уште гори, се работи на локализирање на пожарот

Борбата со големиот шумски пожар во ловиштето „Јасен“ продолжува и денеска (20 август).
Во текот на ноќта, огнот се доближил до шумскиот пат кој води од влезната капија на ловиштето „Јасен“ до ресторанот на брегот на езерото Козјак, но не се проширил, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој посочи дека во синоќешната акција биле вклучени припадници на Единицата за брзо распоредување со пинцгауери, вработени во ловиштето „Јасен“, пожарникари од Скопје и Македонски Брод, како и тим на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Утрово започна и специфична и опасна операција за правење нов противпожарен појас на стрмниот гребен кој се спушта кон езерото, со цел огнот да биде целосно запрен. И покрај густиот чад, еден полициски и еден армиски хеликоптер веќе дејствуваат од рано утро, а се очекува приклучување и на ер трактор од ДЗС штом се расчисти видливоста“, истакна Ангелов.
На терен се и специјалци од армијата и полицијата од елитните единици „волци“ и „тигри“, претежно алпинисти, кои работат во опасни услови на расчистување на појасот и за сузбивање на огнената стихија.
Во моментов во државата се активни уште неколку пожари кои се безопасни, бидејќи горат трева и грмушки, соопштија од ДЗР.
Поради честите пожари летово, на територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Владата на седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.
За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете