Достапни линкови

Трамп изјави дека средбата со Путин била „многу продуктивна“, но дека не е постигнат договор за крај на војната во Украина


Претседателот на САД Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференција во Анкориџ, Алјаска, 15 август 2025
Претседателот на САД Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференција во Анкориџ, Алјаска, 15 август 2025
  • Рускиот претседател Путин и американскиот претседател Трамп го завршија состанокот околу 14:15 по локално време (12:15 по централноевропско време) во американската воздухопловна база на Алјаска.
  • Двајцата лидери се сретнаа за да разговараат за завршување на руската војна против Украина, при што Украина беше исклучена од разговорите.
  • Путин на состанокот гледа како на симболична победа, додека Трамп има за цел да обезбеди мир, среде растечки фрустрации поради продолжениот конфликт.


Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека тој и рускиот претседател Владимир Путин не постигнале договор за решавање на војната на Москва во Украина по речиси тричасовниот самит на Алјаска, иако средбата ја оцени како „многу продуктивна“.

„Се согласивме по многу, многу точки“, рече Трамп на заедничката прес-конференција со Путин.

„Би рекол дека има неколку големи прашања што сè уште не ги решивме, но постигнавме одреден напредок. Значи, нема договор додека не постои вистински договор.“

Прв им се обрати новинарите Путин, а потоа Трамп. По кратките изјави, двајцата лидери не одговараа на прашања од медиумите.

Засега не е јасно дали разговорите доведоа до значајни чекори кон прекин на огнот во најсмртоносниот конфликт во Европа во последните 80 години – цел што Трамп јавно ја постави, јавува Ројтерс.

Путин изјави дека очекува Украина и нејзините европски сојузници да ги прифатат резултатите од преговорите меѓу САД и Русија, и ги предупреди да не го „торпедираат“ напредокот кон решение.

Трамп и Путин, заедно со своите главни надворешнополитички советници, се сретнаа во просторија на воздухопловната база во Анкориџ, на Алјаска, на нивниот прв состанок од 2019 година. Зад нив стоеше сина позадина со натпис: „Стремеж кон мир“.

Главната цел на Трамп, според неговите јавни изјави, беше да обезбеди прекин на борбите и да го убеди Путин да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за директни преговори за крај на војната, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.

Трамп изјави дека ќе ги повика Зеленски и лидерите на НАТО за да ги информира за разговорите со Путин.

Состанокот започна во петок околу 11:30 по локално време (21:30 по централноевропско време) во базата Елмендорф, а заврши околу два часа и 45 минути подоцна.

Новинарите се собраа во прес-салата веднаш по објавата дека разговорите се завршени, очекувајќи ја заедничката конференција за медиумите на Трамп и Путин.

Трамп прв пристигна во базата Елмендорф со претседателскиот авион околу 10:20 по локално време, додека рускиот Илјушин со Путин слета околу 40 минути подоцна.

Трамп и Путин се ракуваа и одеа еден покрај друг по пистата, додека новинарите извикуваа прашања — меѓу нив и дали Путин ќе ги прекине нападите врз цивили или ќе прифати прекин на огнот. Не е јасно дали тие ги слушнаа прашањата.

Американски борбени авиони F-22 и бомбардер B-2 го надлетуваа подрачјето додека двајцата лидери се движеле по пистата.

Во изненадувачки потег, Путин му се придружи на Трамп во американската претседателска лимузина на патот кон местото на состанокот – чест што ретко ѝ се укажува на странски лидер.

Двајцата лидери потоа седеа заедно со своите делегации на местото на средбата, пред сина позадина со натпис „Стремеж кон мир“.

„Ви благодарам многу. Ви благодарам“, рече Трамп, додека новинарите повторно извикуваа прашања на кои двајцата претседатели не одговорија.

Според американски претставници, состанокот што започна околу 11:30 часот по локално време сè уште траеше повеќе од два часа подоцна.

Белата куќа веднаш по пристигнувањето на Трамп и неговата придружба објави дека претседателот нема да се сретне насамо со Путин. На состанокот му се придружија државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф.

Од руската страна беше соопштено дека Путин исто така е придружуван од двајца соработници – министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот за надворешни работи Јуриј Ушаков.

Иако Трамп и Путин разговарале телефонски најмалку пет пати од јануари, состанокот во петокот е нивната прва средба лице в лице во вториот мандат на Трамп.

„Мислам дека сè ќе излезе многу добро, а ако не, ќе се вратам дома многу брзо“, изјави Трамп за Fox News за време на летот со авионот.

„Нема да бидам среќен ако заминам без некаква форма на прекин на огнот“, додаде тој.
„Ова денеска е всушност поставување на масата. Ќе имаме уште една средба ако работите одат добро – што ќе биде многу брзо – или воопшто нема да имаме повеќе состаноци. Можеби никогаш.“

Украина е исклучена од преговорите

Бидејќи украинските претставници се исклучени од разговорите, средбата на 15 август, која се одржува во воена база во близина на Анкоридж, се оформува како клучен момент за Украинците изморени од војната, за мировните амбиции на Трамп и за обидите на Путин да ја редефинира позицијата на Русија на светската сцена.

„Сметаме на Америка. Подготвени сме, како и секогаш, да работиме што е можно поефикасно“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм откако Трамп полета.

„Најважно е оваа средба да отвори вистински пат кон искрен мир и суштински разговори меѓу лидерите во трилатерален формат: Украина, САД и Русија“, напиша Зеленски.

Европските лидери, кои исто така останаа настрана, изразуваат загриженост поради можни договори кои би можеле да ја ослабат Украина или да ја поткопаат способноста на Европа да ја поддржи и да се спротивстави на руските закани.

За Русите, симболиката на состанокот на Путин на американско тло — и тоа на територија која некогаш ѝ припаѓала на Русија — претставува мала победа.

Путин повеќе не може слободно да патува во странство поради налогот за апсење за воени злосторства издаден од Меѓународниот кривичен суд, а Западот веќе не го прифаќа поради неговата војна против Киев.

За многумина, директните преговори со Вашингтон — додека Украина е исклучена од мировните разговори — потсетуваат на Јалтската конференција од 1945 година, кога Советскиот Сојуз, САД и Велика Британија практично ја поделија Европа по Втората светска војна.

Трамп, уверен во своите преговарачки способности, станува сè пофрустриран поради неможноста да ја запре војната на Русија, која според западните проценки довела до смрт или ранување на повеќе од милион руски војници. Украинските жртви, исто така, се бројат во стотици илјади.

XS
SM
MD
LG