Достапни линкови

Вести

Мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза, порача Сиљановска-Давкова

Гордана Сиљановска - Давкова, претседателка на РСМ
Гордана Сиљановска - Давкова, претседателка на РСМ

Неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови – проектили. По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажаме јасно и гласно: Никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена, порачува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по националистичките и етнички скандирања на неодамнешниот кошаркарски натпревар помеѓу Северна Македонија - Романија.

Во објава на Фејсбук, претседателката наведува дека со право не стигнуваат реакциите за инцидентот на натпреварот.

„И заради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на којшто, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси и, пак, сме засрамени“, пишува претседателката.

Во објавата насловена „(Не)научена лекција“, Сиљановска - Давкова посочува дека не сме ја научиле лекцијата по натпреварот Шкендија и велшкиот шампион ТНС одржан во средината на јули.

„Во средината на јули, на мечот меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТНС, со расистичките навреди на фудбалерот Арманд Оте, го шокиравме сиот спортски, но и поширок свет којшто со право запраша: Како е можно да се случи недоветен навивач емоционално да скрши врвен фудбалер до солзи, посегајќи по говор на омраза врз расна основа? Срамот падна на сите: на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот!“, наведува Сиљановска-Давкова.

Потсетува дека првата лекција како се навива се учи дома, а потоа и во образовните институции и на натпреварот.

„Натпреварот не е битка до смрт, туку витешка борба до заслужена победа, дека од публиката се очекува бодрење, поддршка и охрабрување, а не навредување и повредување, дека треба да победи подобриот, но и да се почитува другиот, дека навивањето е награда, а не казна. Да потсетам дека срамот не е само на оние чии зборови повредуваат, зашто ги погодуваат не само оние во салата или на теренот, туку и оние што ги гледаат и слушаат заради нивниот неограничен домет“, вели Сиљановска-Давкова.

Мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза, порачува Сиљановска-Давкова, додавајќи дека мора да се облагороди навивањето, да научиме како се навива и да ја засили битката против предрасудите и судири меѓу „ различните“.

„Страсното навивање никогаш не е навредливо и агресивно. Ни треба азбука на навивањето како спортско уживање, навивачко описменување, оти Пирова е спортската победа ако е проследена со физичка или говорна агресија, нагласува Сиљановска-Давкова.

Скандирањата на кошаркарскиот натпревар помеѓу Северна Македонија и Романија, кој се одигра во Куманово, ги осудија и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието, политичките партии и од власта и од опозицијата во земјава и општина Куманово.

Основното јавно обвинителство Куманово соопшти дека постапува и до СВР Куманово издало повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеле говор на омраза од засега непознати лица на кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Оттаму посочија дека е издадена наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители.

Истрага отвори и Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА.

ФИБА остро го осуди инцидентот со ксенофобичното скандирање против Албанците на кошаркарскиот напревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Романија што се одржа на 3 август во Куманово.

„Ова е тема која за ФИБА е од највисока важност. Ве известуваме дека настаните на кои се повикувате во моментов се предмет на отворена истрага од страна на ФИБА“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа.

Локализиран е пожарот во велешката фабрика „Мирана“

илустрација
илустрација

Локализиран е пожарот во фабриката „Мирана“, но сѐ уште има слаби чадења на одредени места. За да се спречи повторно разгорување, пожарникарите и другите служби се уште се на терен, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според првичните сознанија на СВР Велес, гореле магацин (во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друго) и канцелариски простории (документација и други материјали).

„Според информациите од СВР Велес и ТППЕ Велес, пожарот во фабриката за прехранбени производи ДПТУ „Мирана“ ДООЕЛ во Велес, кој бил пријавен во ТППЕ Велес во 22:00 часот, а во СВР Велес во 22:20 часот на 04.08.2025 година, е локализиран во 04:00 часот на 05.08.2025 година“, наведува ЦУК.

Во гаснењето на пожарот учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени (точниот број пожарникари не е прецизиран од страна на дежурниот), едно возило од ЈКП „Дервен“ и две специјални пренаменети возила на ДЗС, а присутни биле и шест полициски службеници од СВР Велес.

Инаку во земјава утринава(5 август)нема активни пожари на отворен простор. Сите, вкупно 11 што биле регистрирани во текот на ноќта, се изгаснати, информираат од ЦУК.

ФИБА го осуди говорот на омраза и отвори истрага

Кошаркарскииот натпревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Романија, Куманово, 2 август 2025
Кошаркарскииот натпревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Романија, Куманово, 2 август 2025

Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА остро го осуди и отвори истрага за ксенофобичното скандирање против Албанците на кошаркарскиот напревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Романија што се одржа на 3 август во Куманово.

„Ова е тема која за ФИБА е од највисока важност. Ве известуваме дека настаните на кои се повикувате во моментов се предмет на отворена истрага од страна на FIBA“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа.

Во писмениот одговор се наведува дека оваа фаза Меѓународната кошаркарска федерација ги собира релевантните извештаи и изјави, во тесна соработка со вклучените Национални федерации, како и со локалните власти и органите на редот.

Реакцијата следува по скандирања на натпреварот кој се одржа на 2 август во Куманово, каде навивачите скандираа погрдни и навредливи зборови за Албанците додека македонските државни функционери беа присутни на трибините.

ФИБА остро ги осуди навредливите скандирања на кошаркарскиот натпревар во Куманово.

„ФИБА безрезервно и остро го осудува говорот на омраза и дискриминаторскиот или расистички јазик во каква било форма. Активно ја промовираме изградбата на инклузивна и почитувачка средина за сите играчи, тимови и навивачи како врвен приоритет во спортот„, велат од ФИБА.

Од основното јавно обвинителство Куманово вчера соопштија дека постапуваат и дека до Секторот за внатрешни работи Куманово и дале повеќе наредби и насоки за испитување на елементи за кривично дело при скандирањата кои содржеле говор на омраза „од засега непознати лица на вчерашниот кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија“.

„Издадена е наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители“, велат од Обвинителството.

Вечерва министерот за внатрешн и работи Панче Тошковски, кој исто така беше во поубликата на кошаркарскиот напревар, во телевизиско интервју истакна дека ваков тип на говор на омраза и злоупотреба на спортски настан нема да се толерира.

„Би сакал најостро да ги осудам таквите провокации и говор на омраза и злоупотреба на спортски настан. Постапуваме по насока на јавен обвинител и во текот на наредните денови ќе следат процесни дејствија коишто се во надлежност на Министерството. Ваков тип на говор на омраза не треба да биде предмет на политичка злоупотреба како што беше во текот на вчерашниот ден“, изјави Тошковски.

Во реакција за инцидентот на кошаркарскиот натпревар во Куманово меѓу Северна Македонија и Романија, македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека „апсолутно го осудува ксенофобичното и националистичко скандирање“. Премиерот посочи дека станувало збор за поединци и дека тој не го забележал и покрај тоа што беше присутен на трибините.

Претходно, остри реакции за настанот пристигнаа од Албанската опозициска партија, Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде рекоа дека „на настанот се слушнале антиалбански слогани, расистички скандирања и чист етнички говор на омраза против Албанците“. Остри осуди имаше и од владејачката коалиција ВРЕДИ и опозициската СДСМ.

Реагираа и политичарите на Косово и во Албанија.

Kосовскaтa претседателка Вјоса Османи изјави дека „антиалбанските скандирања што се слушаат во Куманово се неприфатливи и го нарушуваат духот на соживот и меѓусебното почитување“.


Трамп најави повисоки тарифи за Индија поради руската нафта, неговиот претставник оди во Москва

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 4 август изјави дека „значително ќе ги зголеми“ царините за Индија поради купувањето руска нафта, додека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф се подготвува оваа недела да отпатува во Москва пред рокот го кој Кремљ треба да преземе чекори за прекин на војната во Украина.

Во објава на неговата мрежа Truth Social, Трамп рече дека Индија не само што купува „огромни количини“ руска нафта, туку и ја препродава за „огромна добивка“.

„Не им е грижа колку луѓе во Украина се убиени од руската воена машинерија“, рече Трамп.

„Затоа значително ќе ги зголемам царините што Индија им ги плаќа на Соединетите Држави“, додаде тој, без да прецизира временска рамка или износ на новите царини.

Минатата недела, Трамп рече дека Индија се соочува со царина од 25 проценти за стоки извезени во Соединетите Држави и додаде дека петтата најголема економија во светот, исто така, ќе се соочи со казни, без да даде детали.

Трамп, кој сè повеќе изразува фрустрација од рускиот претседател Владимир Путин, минатата недела ѝ даде на Русија 10 дена да тргне кон мир или да се соочи со санкции и секундарни тарифи кои веројатно ќе бидат насочени кон Кина и Индија, двата најголеми купувачи на руска нафта.

Со тој рок поставен на 8 август, Трамп рече дека Виткоф ќе отпатува во Москва по неговата сегашна посета на Израел, иако не даде конкретен распоред.

Кремљ денеска не ја потврди посетата, но рече дека Путин би можел да се сретне со Виткоф оваа недела.

„Секогаш сме среќни што го гледаме г-дин Виткоф во Москва... Сметаме дека таков контакт е важен, значаен и корисен“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите.

Еден ден претходно, Трамп предупреди дека „ќе има санкции, но се чини дека се доста добри во избегнувањето на санкциите“.

„Тие се лукави ликови и се доста добри во избегнувањето на санкциите, па ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп.

Киев и Москва разменуваат напади пред рокот на Трамп.

Во последниот напад, три лица беа убиени во југоисточниот украински регион Запорожје, изјави гувернерот Иван Федоров доцна во неделата.

Степногирск, град на неколку километри од линијата на фронтот, беше нападнат, напиша Федоров на Телеграм, додавајќи дека двајца мажи, на возраст од 40 и 50 години, и една жена, на возраст од 58 години, биле убиени. Уништени се и приватни домови, додаде тој.

Русија, исто така, наводно лансирала најмалку една хиперсонична ракета „Кинжал“ преку ноќ, а украинската војска соопшти дека воздушна база во западна Украина веројатно била цел.

Додадено е дека нападот бил одбиен, иако руското Министерство за одбрана соопшти дека „целта на нападот е постигната“.

Поранешниот хрватски премиер Санадер условно ослободен

Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер.
Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер.

Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер денеска беше осуден условно, откако отслужи две третини од 18-годишната затворска казна за повеќекратни случаи на корупција и злоупотреба на службената должност.

Адвокатот на Санадер, Драган Црнковиќ, изјави дека се исполнети сите законски услови неговиот клиент да биде ослободен, објави Хрватската радиотелевизија (ХРТ).

Санадер беше осуден на единствена казна од 18 години затвор, откако беше обвинет во три случаи: за проневера на пари од јавни претпријатија во случајот „Фими Медиа“, за барање и примање мито во случајот „Планинска“ и за предавање на управувачките права врз ИНА на унгарската МОЛ во замена за мито.

Црнковиќ рече дека покрај возраста на Санадер, една од причините наведени во барањето за ослободување е неговата здравствена состојба, но дека тоа не се главните причини, туку и фактот дека ги исполнува условите од Кривичниот законик. Тој додаде дека поранешниот премиер отслужил половина од казната на 15 август 2023 година.

Тој рече дека по ослободувањето од затвор, Санадер прво ќе биде должен да се јавува во полициската станица во Загреб, а потоа и во пробациски центар.

Според адвокатот, Санадер ќе биде должен да се јавува во полиција секој месец, нема да му биде дозволено да го менува местото на живеење и привременото живеалиште, а формално ќе го преземе Загребскиот окружен суд, од каде што ќе треба да бара одлука за промена на местото на живеење и привременото живеалиште.

Поранешниот хрватски премиер досега помина речиси девет и пол години зад решетки, во притвор. Предвремено ослободување во хрватскиот затворски систем може да се побара откако ќе се издржи половина од казната, а најчесто се одобрува по две третини од казната.

По неколку притворања и отпуштања, Санадер е во затвор континуирано од април 2019 година, кога Врховниот суд му ја зголеми казната за корупција во случајот „Планинска“ на шест години затвор. Во тој случај, поранешниот сопственик на месната индустрија и пратеник од неговата партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Стјепан Фиолиќ, призна дека му донел на поранешниот премиер десет милиони куни (околу 1,35 милиони евра) и еден милион евра провизија.

Кон средината на октомври 2021 година, највисокиот суд делумно ја потврди пресудата од повторената постапка во случајот „Фими медиа“, според која ХДЗ мора да плати казна од 3,5 милиони куни (околу 470.000 евра) за извлекување пари од државни институции и компании, додека казната на Санадер беше намалена од осум на седум години затвор, заедно со враќање на нелегални бенефиции.

Во октомври 2021 година, Врховниот суд ја потврди првостепената пресуда во која Санадер беше осуден на шест години за примање поткуп од шефот на унгарскиот МОЛ, Золт Хернади, додека недостапниот Хернади беше осуден на две години затвор.

Во низа долготрајни постапки, Санадер беше ослободен на повторно судење во октомври минатата година од обвиненијата за воено профитерство во аферата „Хипо“, за што беше осуден двапати во претходни постапки.

Во Луксембург пронајдени афлатоксини во соино брашно од Србија

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Луксембург издаде предупредување поради присуството на афлатоксин во соино брашно со потекло од Србија, беше објавено на онлајн платформата на Европскиот систем за брзо предупредување и известување за храна (RASFF).

Информациите во рамките на овој систем беа објавени на 1 август, а се наведува дека преку внатрешна контрола е откриено дека брашното содржи 2,9 микрограми афлатоксин на килограм, што претставува „сериозен“ ризик за здравјето на луѓето.

Афлатоксините претставуваат група природни токсични метаболички производи на габата Aspergilus Flavus, која создава токсини под поволни услови на влага и топлина, размножувајќи се првенствено во растителни култури, како што се пченица, пченка, соја, ореви, според веб-страницата на Институтот за јавно здравје во Лесковац.

Во поголеми количини, афлатоксините се опасни за здравјето на луѓето, особено за црниот дроб и гастроинтестиналниот тракт.

Минатиот месец, на платформата RASFF, двапати беше објавено предупредување за сериозен ризик кај производите од Србија.

Прво, на почетокот на јули, RASFF предупреди за присуството на бактеријата листерија во рибните производи.

Потоа, на 10 јули, на оваа платформа на Европската Унија беше објавено дека вирусот на хепатитис А (исто така познат како валкани раце) е пронајден во мешани бобинки од Србија.

Во текот на 2025 година, земјите од ЕУ пријавија 19 случаи на небезбедна храна, за која се тврди дека пристигнала од Србија, преку системот RASFF.

Од 2020 година, пријавени се 103 случаи.

Повеќе извештаи оваа година се однесуваат на присуство на афлатоксин главно во производи од соја.

Од 2013 година, Србија можеше, преку системот RASFFF, да добива известувања за спорна храна што била увезена во Србија од ЕУ или извезена од Србија.

200 новинари апелираат на „итен и непречен“ пристап за странските медиуми во Газа

Луѓе носат вреќи со брашно доставени откако камиони со хуманитарна помош влегоа во северна Газа на 27 јули 2025 година, доаѓајќи од граничниот премин Зиким.
Луѓе носат вреќи со брашно доставени откако камиони со хуманитарна помош влегоа во северна Газа на 27 јули 2025 година, доаѓајќи од граничниот премин Зиким.

Речиси 200 новинари, фотографи и воени дописници, како и водечки организации за слобода на печатот, потпишаа петиција со која се бара „итен и непречен пристап до Газа за странските медиуми и почитување на заштитениот статус на новинарите според меѓународното право за да можат да известуваат од Газа“.

Петицијата е дел од Иницијативата за слобода на печатот, покрената од фотографот Андре Лион и ја поддржуваат новинари како Кристијане Аманпур и Мехди Хасан, како и организации како Репортери без граници и Комитетот за заштита на новинарите.

Апелот се однесува до Израел и Хамас, од кои се бара итно да овозможат влез за странски новинари во Газа, од каде известување е онемозможено од почетокот на конфликтот во 2023 година.

Потписниците ги вклучуваат водечките меѓународни новинарки Кристијан Аманпур, Линдзи Хилсум, Мехди Хасан и воениот фотограф Дон Мекалин, како и Здружението на европски новинари, Комитетот за заштита на новинарите и Репортери без граници, соопшти Здружението на европски новинари.

Во петицијата понатаму се наведува дека доколку „завојуваните страни“ го игнорираат апелот, медиумските професионалци ќе бидат поддржани да влезат во Газа без согласност „со какви било легитимни средства, сами, колективно или во координација со хуманитарни или граѓански актери“.

Во Газа, според проценките на IPC (глобална иницијатива на агенции на ОН), се случува најлошото сценарио на глад. Бројот на домаќинства со екстремен недостиг на храна се удвоил од мај до јули.

Во извештај потпишан од 111 организации, се наведува дека храната, водата и лековите се блокирани, а на хуманитарните организации им е забрането да работат.

Започнува судењето за терористичкиот напад во Москва во 2024 година

Последици од смртоносниот напад врз концертната сала во Москва -- Поглед на изгорената градска сала „Крокус“ по смртоносниот напад врз концертното место надвор од Москва, Русија, 29 март 2024 година.
Последици од смртоносниот напад врз концертната сала во Москва -- Поглед на изгорената градска сала „Крокус“ по смртоносниот напад врз концертното место надвор од Москва, Русија, 29 март 2024 година.

На 4 август во Москва започнува судењето на деветнаесет осомничени, од кои неколкумина од Таџикистан, за минатогодишниот терористички напад врз забавниот центар „Крокус Сити Хол“ во близина на Москва.

Во нападот во март 2024 година загинаа повеќе од 140 лица, а повеќе од 550 беа повредени во најлошиот ваков напад во Русија во последните години. Таканаречената Исламска држава Хорасан (ИСИС-К), позната по регрутирање главно од централноазиското население, ја презеде одговорноста за нападот.

Според судските документи, четворицата мажи обвинети за нападот - сите таџикистански државјани - и 15 соучесници се соочуваат со обвиненија за помагање, поттикнување, обука, организирање и учество во терористички напад.

Етничката припадност на напаѓачите, кои изгледаа претепани кога првпат се појавија на суд во март 2024 година, предизвика пораст на етничко профилирање и произволни апсења на централноазијци во Русија, како и зголемени случаи на ксенофобија и суровост од страна на крајно десничарските националистички групи.

Руските власти го изменија законодавството во летото 2024 година за да ѝ дадат на полицијата поголеми овластувања за протерување мигранти без судски налози.

Неодамнешниот извештај на Human Rights Watch (HRW) содржи видео докази за координирани физички напади од страна на млади мажи со словенски изглед врз мажи од Централна Азија кои работат во градежниот и услужниот сектор.

„Иако не ги осудуваат овие ксенофобични дејствија, руските власти, исто така, го засилија таргетирањето на мигрантите од Централна Азија“, се вели во извештајот на HRW од март 2025 година.

Русија во голема мера се потпира на мигрантската работна сила, со речиси 3,3 милиони централноазиски работници кои работеле во 2024 година.

И покрај нивната важност за економијата, руските власти продолжуваат да го зголемуваат притисокот врз оние кои влегуваат во земјата од Централна Азија.

Властите посочија дека се подготвуваат да лансираат нов сеопфатен систем во септември кој ќе комбинира биометриска регистрација, следење на локацијата и зголемен полициски надзор за следење на работниците мигранти.

Програмата ја означува најновата фаза во заострувањето на контролата врз миграцијата под маската на националната безбедност и општествениот ред.

Нападот врз Градското собрание Крокус беше најлошиот терористички инцидент во Русија од опсадата на училиштето во Беслан во 2004 година, во која загинаа 333 лица, многу од нив деца.

Трамп вели дека неговиот претставник би можел да ја посети Русија оваа недела

Американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф би можел да отпатува во Русија на 6 или 7 август - последните денови пред новиот рок за Русија да преземе чекори за прекин на војната или да се соочи со санкции насочени кон нејзиниот извоз на нафта.

Трамп претходно изјави дека ќе го испрати Виткоф во Москва по неговото патување во Израел, но не наведе конкретен распоред.

Во разговор со новинарите на 3 август, Трамп повторно предупреди дека ќе воведе санкции ако Москва не се согласи на прекин на огнот во војната во Украина до 8 август.

„Ќе има санкции, но се чини дека се доста добри во избегнувањето на санкциите“, рече Трамп.

„Тие се лукави ликови и се доста добри во избегнувањето на санкциите, па ќе видиме што ќе се случи“, рече американскиот претседател.

Секундарните царини веројатно би биле насочени кон Кина и Индија, двата најголеми купувачи на руска нафта.

Во меѓувреме, Киев и Москва разменуваат удари пред рокот на Трамп.

Во последниот напад, три лица беа убиени во југоисточниот украински регион Запорожје, изјави гувернерот Иван Федоров доцна на 3 август.

Степнохирск, град на само неколку километри од линијата на фронтот, беше нападнат, напиша Федоров на Телеграм, додавајќи дека двајца мажи, на возраст од 40 и 50 години, и една жена, на возраст од 58 години, биле убиени. Уништени се и приватни домови, рече тој.

Руските власти во црноморското одморалиште Сочи соопштија дека украински беспилотни летала запалиле регионално складиште за нафта рано на 3 август. Потребни биле повеќе од 120 пожарникари за да го изгаснат пламенот. Градоначалникот на Сочи, Андреј Прошунин, рече дека нема повредени.

Во јужниот украински град Николаев, руски ракетен напад уништи домови и цивилна инфраструктура, изјави регионалниот гувернер на 3 август. Најмалку седум цивили беа повредени во нападот.

Трамп врши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот и да ја заврши војната, која сега е во четвртата година.

Трамп на 14 јули објави дека Путин има 50 дена да ја заврши војната или ќе се соочи со високи тарифи за руската нафта и другиот извоз, но подоцна го помести рокот до 8 август.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG