Достапни линкови

„Безбеден град“ лови илјадници прекршоци дневно, казните чекаат законски измени


Илустрација
Илустрација

Системот „Сејф сити“ во Скопје во моментов лови од 5 до 11 илјади прекршоци по сообраќајниците. Уште не е во функција, се тестира, но ако продолжи ова темпо на непочитување на законот, полицијата ќе се затрупа со казни. Казни затвор за потешките прекршоци нема зошто не е сменет законот за прекршоци.

Во моментов се менуваат неколку закони за да може да профункционира проектот „Безбеден град“, a главна новина која се предвидува, според Министерството за внатрешни работи е токму онаа која се однесува на ловење на сообраќајни прекршоци со помош на камерите.

Во моментов се тестира системот за казнување во Скопје и според податоците од СВР дневно би требало да се пишуваат од 5 000 до 11 000 казни. Најчесто се за брзо возење, за поминување на црвено и за погрешно паркирање.
Според началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски ова е фрапантно и алармантно и доколку овој начин на возење продолжи и во периодот кога ќе се пишуваат казните полицијата ќе се затрупа со работа.

„Ако со оваа интенција граѓаните не реагираат, ние де факто ќе се заглавиме со плаќање казни и со папирологија. Но јас се надевам дека после периодот на тестот ќе имаме втор период на тест, кога ќе ви стигне известување на домашна адреса дека сте згрешиле, со напомена дека ова е сепак период од 15 дена, тест, без платен долг, но да знаете дека ова ќе ви биде последно“, вели Топаловски.

Инаку очекувањата се дека ќе се намали казнувањето за 80 до 90 проценти. Во моментов со актуелниот начин на контрола на сообраќајниците полицијата успева да евидентира по околу 500 казни на ден.

Со измените меѓу другото се предвидува дека сопственикот на возилото со кое е сторен прекршок известување ќе добие преку порака на мобилниот телефон или на неговата електронска пошта.

Во пораката ќе се содржи записникот, платен налог и фотографија како и укажување од последиците ако не го отвори линкот. Топаловски вели дека ова значително ќе ја олесни процедурата. Смета дека добро е што конечно ќе може да се стави и крај на ургирањата.

„Нема да имаме повеќе можност да му се јави некој на шефот, на началникот или на директорот заради тоа што не постои можност системот да се интервенира. Комплетно ќе ни падне од плеќи еден товар кој долго време функционира. Знаете, да му се скине казна, што не велам дека не се случувало од сите ешалони, тоа е исто како да сте ги казниле 200 други“, вели Топаловски.

Нови казни и за пешаци, велосипедисти, моторциклисти

Казни ако користите електронски уреди како што се слушалки, мобилен телефон, таблет, смарт часовник додека сте пешак, велосипедист или мотоциклист како и возач на тротинет, предвидуваат новите измени на законот за Безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Ова е една од повеќето промени кои ги предлага работната група која подолго време работи на менување на законите со кои треба да се стави поголем ред на градските сообраќајници.

Казната за наброените прекршоци се предлага да биде за пешаците 40 евра, додека за возачите 50 евра.

Дел од велосипедистите и пешаците со кои разговараше Радио Слободна Европа не се запознаени со измените на овој закон.

„Искрено, не ги знам правилата за возење тротинет освен тоа дека треба да се вози по патека за велосипеди, а кога се вози во пешачка зона тогаш брзината да биде исто како да одиш пеш. Слушалки не користам затоа што ми пречат. Добро е да има казни и за носење слушалки“, вели Андреј Стојановски.

„Кога излегувам од дома, задолжителни предмети што ги проверувам покрај телефонот, новчаникот и клучевите се и слушалките. Тоа се такви будалаштини што се носат како закони. Нормално дека нема да почитувам, а мислам дека и нема да се казнува. Власта е печена за превоспитување, а не народот“, вели Павел Костовски.

Од Министерството за внатрешни работи за РСЕ велат дека во моментов измените на законот се во владина процедура по што откако ќе се утврди од Владата , ќе се достави во собраниска постапка чија динамика на спроведување не можат да ја предвидат. Во предлогот кој беше ставен на ЕНЕР пак се вели дека измените треба да стапат на сила од 1 јануари 2026 година.

Пријавите за „безобѕирно возење“ се отфрлаат

Од пред две години возењето под дејство на алкохол со најмалку 1,5г/промили во крвта или пак под дејство на дрога, возењето во забранет правец, претекнување на колона возила на непрегледно место и возењето над 70 километри на час влезе како кривично дело во Кривичниот законик, а најавите беа дека ваквите прекршоци ќе бидат избришани од прекршочната постапка.

Но, во пракса ова се уште не се случило па и покрај тоа што полицијата поднесува кривични пријави, сторителите сепак се гонат прекршочно, вели началникот на СВР Скопје, Топаловски.

„Кривичната процедура за ова дело најчесто се отфрла, заради тоа што истото безобзирно управување ние во моментов го имаме и во кривичниот законик како член и го имаме и во законот за прекршоци како член. Секогаш кога за едно дело може да се поведе и прекршочна постапка и кривична постапка, според Устав е да се поведе пониската. И затоа ние сега колку и да поднесуваме кривична за безобзирно управување, обвинителството и судот ни ја отфрлаат и одиме со прекршочна санкција“, вели Топаловски.

На ваквата правна „битка“ на двата закони предупреди и државниот обвинител Љупчо Коцевски после сообраќајката во која загина младата Фросина Ќулакова. Тој тогаш рече дека граѓаните делумно се во право кога велат дека системот е виновен.

„Дел од законските одредби се такви ЈО, и судот може да применат закон таков како што постои. Со измените на Кривичниот законик се воведе и ново кривично дело, безобзирно возење, меѓутоа не се избриша одредбата од прекршочната постапка, каде што исто така дел од дејствијата што се во тоа кривично дело опфатени се и во законот за прекршоци. Во случај на пречекорување на брзината на возење, полицијата откако ќе утврди може да поднесе Прекршочна постапка и таа постапка оди директно во Судот, што значи дека елементите на кривичното дело се опфатени и во ова, и тука треба праксата да се воедничи“, рече Коцевски (03.02.2025).

И покрај честите најави на властите дека Законот за прекршоци ќе претрпи промени во овој дел сепак тоа се уште не дошло како предлог од Владата. Последно мистерот за внатрешни работи Панче Тошковски се закани дека оние кои ќе возат брзо, под дејство на алкохол и без возачка дозвола ќе останат без возило.

„На безобѕирните прекршители ќе им се конфискуваат автомобилите, а возилата кои ќе ги одземат ќе се донираат на државни институции и ќе бидат ставени во служба на граѓаните. Новите мерки ќе стапат на сила со измените на Кривичниот законик и законот за прекршоци“, рече Тошковски (31.07.2025 година).

Во просек годишно во земјава гинат по повеќе од 120 луѓе, или 65 загинати на еден милион жители, покажува статистиката на МВР. Најмалку загинати во сообраќајни несреќи, 22 на еден милион жители годишно, има Шведска, околу 30 имаат другите балтички земји и Швајцарија, во Централна Европа просекот е околу 45, а просекот во Западен Балкан е околу 70, додека во Северна Македонија е 65, но најмногу има Романија со 86.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG