Гир: Цел на санкциите на ЕУ се одговорните за инвазијата врз Украина
Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека санкциите на ЕУ против Русија се донесени на хируршки начин и за цел треба да ги имаат вистинските субјекти одговорни за агресијата врз Украина. Тој додаде дека веќе има и сеопфатен сет на мерки и кон Белорусија и тие санкции ќе продолжат да бидат дел од одговорот на ЕУ.
Османи на вонреден состанок на НАТО за Украина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ќе учествува на вонреден состанок на Северноатлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, што ќе се одржи во седиштето на Алијансата во Брисел. На состанокот ќе се дискутира за актуелните безбедносни состојби во Украина по воената руска инвазија во земјата, како и пошироките импликации врз евроатлантската безбедност.
Париз вели „ништо охрабрувачко“ од Путин за инвазијата во Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон го предупредил својот руски колега Владимир Путин дека се „лаже“ себеси и прави „голема грешка“ во Украина што ќе ја чини Русија скапо на долг рок. Истовремено Путин најави дека Русија ќе продолжи со својата борба, според извори од Париз и Москва, по разговорот на двајцата лидери.
МНР испраќа дипломатска екипа во Украина која ќе ја води евакуацијата на наши граѓани
Министерството за надворешни работи соопшти дека испраќа дипломатска екипа во Украина составена од актуелниот амбасадор во земјата Крум Ефремов, заедно со уште еден искусен конзуларен работник, кои, според соопштението, ќе го водат процесот на терен при асистирањето на евакуацијата на македонските државјани и со нив поврзаните украински граѓани.