Рускиот олигарх Дерипаска повика на крај на војната против Украина
Рускиот милијардер Олег Дерипаска, познат по блиските врски со претседателот Владимир Путин, повика на крај на војната во Украина.
„Мирот е многу важен! Лудо е да се пролонгираат (мировните) преговори“, напиша тој во денешната објава на Телеграм.
Украина и Русија се договорија само за хуманитарни коридори
Русија и Украина на денешните преговори во белорускиот западен регион Брест се согласиле за потребата од воспоставување хуманитарни коридори и можен прекин на огнот околу нив, соопштија преговарачите на двете страни. Ова е втора рунда на разговори меѓу двете земји со цел да се стави крај на борбите откако започна руската инвазија врз Украина на 24 февруари. Тие, исто така, постигнале согласност за испорака на лекови и храна до местата каде што се водеа најжестоките борби.
САД и Британија со нови санкции за руски олигарси блиски до Путин
САД најавија нови санкции против руските олигарси и други лица од потесниот круг на претседателот Владимир Путин, вклучително и неговиот портпарол Дмитриј Песков.
Стејт департментот исто така објави дека воведува забрани за издавање на визи на 19 руски олигарси и десетици членови на нивните семејства и блиски соработници.
Украина на состанокот на НАТО повторно ќе бара зона за забранети летови
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека денеска ќе го покрене прашањето за зоната на забранети летови над Украина кога ќе се сретне со членките на НАТО.
Украина бара од западните лидери да спроведат зона на забранети летови за да го оневозможат пристапот до руските воени авиони, но Вашингтон и неговите сојузници во НАТО досега ја отфрлија идејата поради загриженоста дека тоа може да доведе до директна конфронтација со Русија.