Вести
ДУИ – Фер избори според европски стандарди

ДУИ смета дека денешните избори поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера и за нив како партија се прифатливи. Портпаролот на изборниот штаб на ДУИ Арбр Адеми оцени дека имаше пристоен процес и избори според европски стандарди. Тој им се заблагодари на Албанците од дијаспората кои денеска дојдоа да гласаат.
Тој рече дека очекува убедлива победа на ДУИ во сите општини каде што имаат кандидати.
види ги сите денешни вести
Ребалансот помина во Собрание, за власта стабилен, за опозицијата предизборен поткуп

Пратениците со 65 гласа „за“ и 14 „против“ го изгласаа ребалансот на Буџетот за 2025 година. Тој е планиран со приход од 5,8 милијарди евра и расход од 6,5 милијарди евра што е за процент повеќе од предвидениот буџет. Буџетскиот дефицит изнесува 41,3 милијарди денари или 4% од БДП, над законската граница од 3 до 3,5%.
Стапката на економски раст останува проектирана на 3,7%, а инфлацијата се очекува да биде околу 2,8%. Очекувањата на власта се дека буџетот ќе обезбеди фискална стабилност и континуитет на клучните државни програми.
Според поранешниот вицепремиер и пратеник Фатмир Битиќи од опозициската СДСМ ребалансот не е развоен и не е социјално одговорен, туку е буџет за селективна поддршка со краткорочни политички пресметки, скроен како предизборен поткуп за изборите во октомври.
„Денес немаме никаков глобален шок, ниту криза, туку имаме криза во планирањето, криза во отченоста, криза во вредносниот систем низ кој се креираат економските политики во држава“, рече Битиќи.
Тој обвини дека двојно се зголемени трошоците за стоки и услуги и дека дуплирана е ставката за набавка на автомобили, а за ЕКСПО 2027 што ќе се одржува во Србија, Владата ќе потроши 1,8 милиони евра за штанд од 134 метри квадратни, односно 5.550 евра по метар квадратен.
Според пратениците од владејачкото мнозинство главните промени во распределбата ја опфаќаат зголемената поддршка за Министерствата за транспорт и врски, социјална политика, образование и наука, како и за исплата на плати и пензии.
Капиталните инвестиции изнесуваат 772 милиони евра со акцент на инфраструктурата и поддршка за општините.
Министерката за финанасии Гордана Димитриевска Кочовска изјави дека дополнувања на Буџетот произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството и се во согласност со макроекономските движења и реализацијата во првата половина на годината.
Владата предложи измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување за да се покачат пензиите

Владата на денешната седница го усвои предлог законот за изменување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што следи покачување на пензиите, објави денеска (22 јули) владината прес-служба.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно на прес-конференција изјави дека Владата денеска ќе го разгледа предлог-законот за линеарно зголемување на пензиите, кој потоа ќе биде испратен до Собранието.
Инаку, законски, од септември требаше да се врати старата методологија со која пензиите се усогласуваат 50 отсто според порастот на трошоците на живот и 50 отсто според порастот на просечната плата. Ова усогласување се прави двапати годишно - во март и во септември.
Отстапување се направи минатата година, кога ВМРО-ДПМНЕ за да го исполни предизборното ветување за повисоки пензии, линеaрно ги зголеми пензиите за по 5.000 денари за сите пензионери. Тие добија по 2.500 денари во септември 2024 година и по уште толку во март 2025 година.
Според податоците од Фондот за пензиско и инвладиско осигурување(ПИОМ), во државата во мај имало вкупно 344.796 пензионери. Просечната пензија истиот месец била 26.157 денари. Највисоката исплатена пензија е 88.013 денари и ја земале само 18 пензионери во државата.
Спогодби со 13 обвинети за незаконски одобрени инвалидски пензии

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во рамки на предметот „Синдром“ поднесе обвинителен предлог против 36 лица. Тие се осомничени за серија кривични дела поврзани со незаконско посредување за добивање права на туѓа нега и инвалидска пензија.
„Постои основано сомневање дека десетмина од обвинетите сториле кривични дела и тоа: Злосторничко здружување, кривично дело – Давање поткуп и кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, пет лица сториле кривично дело Злосторничко здружување и кривично дело – Примање поткуп, две лица сториле кривично дело Злосторничко здружување и кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, додека останатите 19 лица се обвинети дека сториле кривично дело Давање награда за противзаконито влијание и кривично дело – Давање поткуп“, стои во соопштението од Обвинителството.
Од таму информираат дека 13 обвинети склучиле спогодби со обвинителството и за нив се изречени пресуди и санкции.
Основниот кривичен суд Скопје ја осудил првообвинетата на единствена казна затвор во траење од три години и шест месеци за кривично дело – Злосторничко здружување, кривично дело – Давање поткуп и кривично дело – Примање поткуп, а неа воедно ѝ се одземаат и противправно стекнати 15000 евра
На останатите кои се спогодиле им е изречена алтернативна мерка – условни осуди на казна затвор од 1 до 2 години, која нема да се изврши доколку тие во рок од три односно пет години не сторат ново кривично дело.
Според доказите, обвинетите меѓу кои има лекари, адвокат и службени лица, организирани во две криминални групи посредувале и незаконски овозможувале добивање права на туѓа нега и инвалидска пензија во текот на 2023 година и до април 2024 година.
Услугата ја наплаќале по цена од 150 до 5000 евра, зависно од видот и времетраењето на правото што се обезбедувало.
Со обвинителниот акт јавниот обвинител му предложил на судот на обвинетите да им бидат продолжени веќе изречените мерки на обезбедување – мерка притвор за пет лица и мерка куќен притвор за пет лица, а за останатите обвинети - мерки на претпазливост.
Кон крајот на април годинава од Обвинителстовото соопштија дека по повеќемесечна предистражна постапка, Министерството за внатрешни работи спровело акција во која биле извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на Скопје, Велес, Тетово и Гостивар.
Постапувајќи по кривичната пријава, предметниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 49 лица, информираа од Обвинителството на 24 април.
Славески: Девизните резерви се сигурни, а златните не се на задоволително ниво

Девизните резерви се во сигурни раце и изнесуваат 4,6 - 4,7 милијарди евра, што е сосема комотна позиција за земјата, а покриваат околу 4,5-месечни вредности на увозот додека светскиот стандард што се препорачува е 3 до 3,5.
Oва денеска (22 јули) го изјави гувернерот на Народната банка (НБ), Трајко Славески на отворената работна средба со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Гувернерот истакна дека дел од македонските девизни резерви се во злато кое се чува во Банката во Англија, но и дека златните резерви, засега не се на задоволително ниво, а тој не знае зошто е прекината практиката земјата да не го зголемува износот на монетарното злато.
„Во минатото НБ од рудниците го откупуваше златото и го ставаше во златните резерви. Моментно тие не се на задоволително ниво. Златото барем последната година двојно ја зголеми цената. Секогаш кога настанува некоја несигурност во светот, инвеститорите бегаат во сигурни средства, а едно од нив е златото“, потенцира Славевски.
Тој потсети дека висината на девизните резерви е клучен фактор за одржување на фиксниот девизисен курс кога има нестабилност на светските пазари.
Во текот на јавната дискусија, Азески, пак, укажа дека за бизнисот сѐ уште клучни проблеми се борбата против корупцијата, сложените банкарски процедури за граѓаните и компаниите, но и транспарентноста која како што посочи „никаде ја нема, на пример за државната помош со странските инвеститори, за стоковните резерви, за девизните резерви“.
Светската здравствена организација ги осуди израелските напади врз нејзините објекти во Газа

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека израелската копнена офанзива во централна Газа ги попречила напорите да продолжи со својата работа, бидејќи погодени се нејзини објекти.
Оваа агенција на Обединетите нации (ОН) ги обвини израелските сили за напад врз зграда во која се сместени нејзините вработени и нивните семејства во градот Деир ал-Балах и за злоупотреба на оние што биле внатре.
Израелската војска сè уште не ги коментираше обвинувањата.
Илјадници Палестинци се насилно раселени како последица на првата голема воена операција на израелската војска во Деир ал-Балах од почетокот на војната што Хамас - организација прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ - ја започна пред 21 месец.
Од ОН соопштија дека добиле извештаи за тешко неухранети луѓе кои пристигнуваат во клиниките и болниците во критична состојба.
Во неделата (20 јули), израелската војска нареди итна евакуација на шест блока јужно од Деир ал-Балах, предупредувајќи дека ќе дејствува „со голема сила за да ги уништи непријателските капацитети и терористичката инфраструктура“.
Се проценува дека помеѓу 50.000 и 80.000 луѓе што живеат во погодените области добиле наредба да се преселат во јужна Газа.
Канцеларијата за хуманитарни прашања на ОН соопшти дека персоналот на ОН ќе остане во Деир ал-Балах и покрај наредбата за евакуација.
Според организацијата, околу 87 проценти од Газа сега е под израелски наредби за евакуација, принудувајќи 2,1 милиони луѓе да се преселат во област од само 46 квадратни километри, каде што недостасуваат дури и најосновните потреби.
Израелски извори го наведоа можното присуство на израелски заложници што ги држи Хамас како причина зошто Деир ал-Балах досега не е цел на копнена офанзива.
Се верува дека најмалку 20 до 50 заложници сè уште се живи.
Семејствата на заложниците изразија загриженост, велејќи дека офанзивата би можела да им го загрози животот.
Израел ја започна својата воена кампања во Газа како одговор на нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени 1.200 луѓе, а околу 240 беа земени како заложници.
Палестинските здравствени власти велат дека повеќе од 59.000 луѓе загинале во Газа од тогаш.
Зеленски најави нови мировни преговори, додека Русија продолжува со нападите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нова рунда мировни преговори со Москва е закажана за 23 јули во Турција, додека Западот го засилува притисокот врз Кремљ да се согласи на прекин на огнот, иако руските сили продолжуваат со смртоносните воздушни напади врз Киев и други украински градови.
„Денес разговарав со Рустем Умеров за подготовките за размена на затвореници и уште еден состанок со руската страна во Турција“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање на 21 јули, осврнувајќи се на новиот шеф на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина.
„Умеров извести дека состанокот е закажан за среда [23 јули]. Повеќе детали ќе следат утре“, додаде тој.
Умеров претходно беше министер за одбрана на Украина и ги водеше првите две рунди разговори со Русија.
Два дена претходно, Зеленски рече дека испратил предлог до Москва за одржување нова рунда разговори следната недела, откако по разговорите минатиот месец не се постигна напредок кон завршување на војната.
„Мора да се направи сè за да се постигне прекин на огнот“, рече Зеленски во своето редовно вечерно обраќање на 19 јули, додавајќи дека „руската страна мора да престане да се крие од донесување одлуки“.
Доколку страните се сретнат во Турција, тоа ќе биде првата средба лице в лице во последните седум недели. Турската влада соопшти дека разговорите ќе се одржат во Истанбул.
Кремљ не го потврди датумот или локацијата на следната рунда разговори, велејќи само дека чека повеќе детали и додавајќи дека двете страни остануваат „дијаметрално спротивставени“ за тоа како да се стави крај на долготрајниот и смртоносен конфликт.
„Постои нашиот нацрт-меморандум - постои и нацрт поднесен од украинската страна. Треба да има размена на мислења и дискусии за овие два нацрта, кои во моментов се дијаметрално спротивни“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Кремљ соопшти дека ги поздравува новите разговори, но дека „најважно за нас е да ги постигнеме нашите цели. Нашите цели се јасни, очигледни. Тие не се променети“.
Тие, исто така, инсистираа дека секој мировен договор мора да вклучува препуштање на контролата од страна на Украина и нејзино повлекување од четири региони што Русија незаконски ги анектираше во септември 2022 година, но никогаш целосно не ги окупираше.
Украина, исто така, мора да се откаже од своите аспирации за членство во НАТО и да прифати строги ограничувања на своите вооружени сили - барања што Украина и нејзините западни сојузници цврсто ги отфрлаат.
Руската државна новинска агенција ТАСС цитираше неименуван извор кој изјави дека следната рунда разговори веројатно ќе се одржи во Турција, но може да биде закажана за 24 или 25 јули.
Зеленски претходно им рече на украинските дипломати: „Нашата агенда е јасна: враќање на воените заробеници, враќање на децата киднапирани од Русија и подготовка на состанок на лидерите“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во последните недели изрази фрустрација поради недостатокот на напредок кон прекин на огнот и минатата недела ѝ даде на Москва 50 дена да се согласи на договор или да се соочи со построги санкции.
Рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли поканите на Зеленски за лична средба и честопати ја доведуваше во прашање легитимноста на избраниот украински лидер.
Претходните разговори се одржаа во Истанбул на 16 мај и 2 јуни. Тие разговори доведоа до размена на затвореници и посмртни останки на загинатите војници, но немаше видлив напредок кон евентуален прекин на огнот предизвикан од целосната руска инвазија врз Украина која почна во февруари 2022 година.
Над 24 милиони евра од Првата граѓанска обврзница за 1.448 граѓани

Министерството за финансии (МФ) ја исплати главницата и каматата за втората година од издадената прва Граѓанска обврзница, на сметките на 1 448 граѓани.
На граѓаните кои на аукцијата во 2023 година запишаа граѓански обврзници им се исплатени вкупно 1,4 милијарди денари (23,5 милиони евра), износ кој беше запишан во граѓански обврзници и камата за втората година во износ од 72,4 милиони денари (1,2 милиони евра).
Првата граѓанска обврзница беше издадена на 13 јули 2023 година со рок на достасување од 2 години и каматна стапка од 5% годишно.
Каматата се исплаќаше годишно, па во јули 2024 година беа исплатени 72,4 милиони денари (1,2 милиони евра), а овој јули уште толку.
Граѓанската обврзница беше воведена како иновативен производ наменет за граѓаните, а со цел унапредување на пазарот на државни хартии од вредност.
Министерството за финансии издаде две емисии на граѓански обврзници во вкупен износ од 41,1 милион евра. Втората Граѓанска обврзница беше издадена на 7 ноември 2023 година во износ од 17,6 милиони евра и доспева во ноември 2025 година.
ЦУК: Шест пожари се активни, а пет под контрола

Вкупно 38 пожари на отворен простор се евидентирани изминатото деноноќие. Под контрола се пет, активни се шест, а изгаснати се 27 пожари, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни се пожарите во село Нивичино, Мал Готен и Малешевските планини во општините Василево, Радовиш и Берово.
Во Општина Македонски Брод, во селото Грешница гори мешана шума и сува трева, помеѓу селата Локвица и Крапа гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација во село Латово, кај месност Маркова Стапалка горат грмушки и сува трева.
Во Општина Прилеп активни се пожарите во село Штавица кон селата Чумово, Волково и Прилепец, а во Општина Желино пожар има помеѓу селата Церово и Групчин.
Под контрола се пожарите во Општина Ресен, Општина Дојран, Општина Велес, Општина Гостивар и во Општина Прилеп, велат од ЦУК.
Арагчи: Техеран нема да се откаже од нуклеарната програма

Иран не планира да се откаже од својата нуклеарна програма, вклучително и збогатувањето на ураниум и покрај обемната штета нанесена на неговите постројки како резултат на американските напади минатиот месец, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.
Иран нема планови да се откаже од својата нуклеарна програма, вклучително и збогатувањето на ураниум, и покрај обемната штета нанесена на неговите постројки од американските напади минатиот месец, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.
Во интервју за американскиот телевизиски канал „Фокс њуз“, Арагчи рече дека збогатувањето на ураниум засега е запрено бидејќи „штетата е сериозна и тешка“.
„Но, секако не можеме да се откажеме од збогатувањето, бидејќи тоа е достигнување на нашите научници“, рече тој, нарекувајќи го целиот процес „прашање на национална гордост“.
Според него, секој нуклеарен договор што може да се постигне мора да го вклучува правото на збогатување на ураниум.
На прашањето дали збогатен ураниум бил складиран некаде по нападот, Арагчи рече дека „нема детални информации“, но дека Организацијата за атомска енергија на Иран се обидува да „направи проценки за тоа што точно се случило со збогатениот материјал“.
На 22 јуни, Вашингтон бомбардираше три нуклеарни постројки во Иран во знак на поддршка на 12-дневната воена офанзива на Израел.
Американската војска, исто така, го таргетираше и главниот центар за збогатување на ураниум, Фордоу, кој се наоѓа јужно од Техеран.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано повторуваше дека нападите биле успешни и дека сите три ирански објекти биле „целосно уништени“.
Изјавите на иранскиот министер доаѓаат во време кога се очекува Техеран да одржи нови разговори за својата нуклеарна програма со Германија, Франција и Обединетото Кралство. Разговорите ќе се одржат во Истанбул во петок.
Во врска со преговорите со САД за регионални заштеди, Арагчи рече дека Иран е отворен за разговори, но „не директно во овој момент“.
Тој вели дека Техеран е подготвен да преземе каква било акција за градење доверба за да докаже дека неговата нуклеарна програма е за мирни цели во замена за укинување на санкциите на САД.
Иранскиот министер призна дека Иран ќе продолжи да развива и произведува ракети.
И покрај значителниот број ракети насочени кон Израел за време на 12-дневниот конфликт, Арагчи тврдеше дека Иран сè уште има „одредена количина ракети за заштита“.
Руски фотограф доби 16 години затвор за споделување јавни информации за советските бункери

Во денешна Русија, дури и споделувањето информации од книги што се слободно достапни во книжарниците може да доведе до години затвор. Токму тоа му се случи на Григориј Скворцов, 35-годишен фотограф и музичар од Перм.
Тој, како и илјадници други низ целата земја, купил книга од 2021 година наречена „Тајни советски бункери“, напишана од историчарот Дмитриј Јурков. Книгата содржи бројни дијаграми на некогаш тајни советски објекти кои неодамна беа декласифицирани.
Книгата, исто така, доаѓаше со дополнителни дигитални материјали, кои Скворцов исто така ги купи. Подоцна споделил некои од овие документи со неименуван американски новинар.
Во ноември 2023 година, додека еден пријател го посетувал, руската полиција извршила рација во неговиот стан во Перм.
Според роднина, полицијата снимала сè што се случило.
„Го претепале и го навредувале“, изјавил роднината на фотографот за „Сибирските реалности“ на Радио Слободна Европа.
„Потоа го принудиле да му каже на камерата кому ги испратил информациите од книгата на Јурков“.
Роднината, која сакала да остане анонимна, рекол дека поминале месеци откако Скворцов комуницирал со Американецот и дека полицијата морала да го потсети на идентитетот на Американецот. „Тие самите му го кажале името, практично му го „предложиле““, рекол тој.
Од инвазијата на Украина во 2022 година, Русија драстично ја проширила дефиницијата за она што може да се смета за „државна тајна“.
Во случајот на Скворцов, немало парична размена, а пријателите тврдат дека документите биле испратени за да му помогнат на лице со слични интереси - вообичаена практика меѓу урбаните истражувачи и љубителите на историјата. „Тој немал себични цели“, рекол еден пријател за „Сибирските реалности“.
Пријателите на Григориј Скворцов велат дека архитектурата отсекогаш му била страст. Во 2010 година дипломирал на Градежниот факултет во Перм, со насока архитектура, но набрзо постигнал успех како фотограф.
„Никој не му бил рамен кога станувало збор за фотографирање индустриски згради. Тој го обожавал тоа - покриви, напуштени згради - знаел како да направи визуелно задоволство дури и од обична работилница“, рекол колега.
„Градежните компании од Перм и други делови на Русија му нарачувале промотивно снимање“, се сеќава еден познаник од Перм. „Се сеќавам дека дури и имал изложба во зградата на локалната администрација. Беше многу баран.“
Во 2017 година, Скворцов го основа бендот Jagath, кој негува музички жанр познат како индустриски амбиент. На веб-страницата на бендот пишува:
„Ние ја создаваме нашата музика на напуштени индустриски локации - на дното на влажни подземни канализации и во огромни шупливи резервоари за нафта.“
Иако нивната музика се смета за алтернативна, таа беше објавена под покровителство на британска издавачка куќа, а го привлече и вниманието на германското музичко списание Sonic Seducer. За време на интервјуто за списанието, Скворцов го изрази своето противење на руската инвазија на Украина.
Неговите пријатели веруваат дека некој што го прочитал интервјуто го пријавил Скворцов во Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија.
На прашањето како руските безбедносни служби откриле дека Скворцов му предал историски материјали на американски новинар, неговите роднини рекле дека веруваат оти надзорот врз него започнал по интервјуто, околу една година пред неговото апсење во ноември 2023 година.
Скворцов тврди дека негов познаник бил под надзор на ФСБ поради споделување материјали од книгата „Тајни советски бункери“. После тоа, тој го контактирал американскиот новинар и го замолил да не ги објавува материјалите што претходно му ги испратил.
Во писма до пријателите, Скворцов тврди дека руските власти отвориле случај против него за да ги прикријат сопствените недостатоци, не забележувајќи дека потенцијално чувствителни информации слободно се продаваат и споделуваат преку интернет.
„Немав пристап до државни тајни и немав злонамерна намера“, напишал фотографот од притвор.
„Овие информации не беа заштитени од државата... Обвинителството и судовите ги игнорираат овие факти и го третираат случајот формално, очигледно од страв од репресија од страна на ФСБ.“
Пријателите и поддржувачите на фотографот, кои формирале своја група на Телеграм, велат дека имаат намера да се жалат на пресудата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете