Достапни линкови

Русија обвинета за „кражба“ на иднината на Украина со присилна депортација на деца


Ксениа Колдин со нејзиниот брат Серхи по враќањето во Украина
Ксениа Колдин со нејзиниот брат Серхи по враќањето во Украина

Кога Русија ја започна целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година, Ксенија Колдин завршуваше 11-то одделение во Вовчанск, град на околу 70 километри од нејзиниот роден Харков.
Шест месеци подоцна, додека земјата беше во војна, таа и нејзиниот помлад брат беа принудени да одат во Русија. Тие не беа на фронтот, но сепак двајцата беа меѓу илјадниците жртви од конфликтот.

Порано овој месец, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ја прогласи Русија за виновна за спроведување организиран систем на кршење на човековите права, вклучително и присилна депортација на деца.
Но, новиот извештај на глобалниот тинк-тенк Глобсек оди чекор понатаму, повторувајќи ги растечките обвинувања за целта на Москва да ја „украде“ иднината на Украина.

„Руската употреба на раселување на населението и депортација на деца како оружје претставува еден од најнамерните и најразорните напади врз цивилното население во модерната европска историја“, се вели во извештајот, чиј автор е соработничката Меган Гитоес, истакнувајќи дека стратегијата во глобалниот контекст на масовните движења на бегалци изложува милиони на ризиците од трговија со луѓе и експлоатација.

„Далеку од тоа да бидат ненамерни последици од војната, ова се основни компоненти на стратегијата за хибридно војување на Кремљ, дизајнирано да ја ослабне демографската отпорност на Украина во она што стана долготраен конфликт“, се додава во извештајот, објавен на форумот Globsec 2025 минатиот месец.

Кампови за превоспитување

Во услови на масовни напади со беспилотни летала, судири на бојното поле и разурнати градови, илјадници украински деца се земени од нивните домови и испратени во делови од Украина контролирани од Русија или локации во Русија и нејзиниот сојузник, Белорусија.

„Организиран криминал“ - Украински деца однесени во Белорусија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:38 0:00


Некои се сместени кај руски згрижувачки семејства или во „кампови за превоспитување“, додека многу други како Колдин, оделе на училиште - во Русија.
Таму, таа раскажува искуства што повеќе личат на индоктринација отколку на образование.

„Секој понеделник имавме часови „разговори за важни работи“. Ова е познатата руска пропаганда за тоа колку е голема Русија. Потоа мораше да ја пееме националната химна“, изјави таа за РСЕ/РЛ.

Колдин остана во училиште три месеци, за време на кои, како што рече, нејзините наставници и администраторот на колеџот постојано се обидувале да ја убедат да земе руско државјанство, велејќи дека може да добие пари и сместување ако го стори тоа. Таа одбила.

Околу 19.546 деца се депортирани во Русија од почетокот на инвазијата во 2022 година, а само околу 1399 деца се вратени во Украина, според податоците од „Враќање на децата“ (Bring Kids Back UA).

Русија е обвинета за промена на имињата на украинските деца во обид да ги лиши од пристап до роднини.

Маријам Ламберт, коосновач на Фондацијата „Емил“ која работи на процесот на враќање на присилно депортирани деца, вели дека притисокот врз украинските деца кои сега се во Русија е „намерен и организиран криминал“.

„Во Украина, децата се цел на Русија за да го избришат нивниот идентитет“, рече Ламберт во интервју за РСЕ.

„Целата цел е да се создаде нова генерација во Русија. А тоа е кривично дело според Женевската конвенција.“

Москва негираше дека извршила какви било злосторства со преместувањето на децата, велејќи дека ги спасува од војната.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) гледа поинаку. Во март 2023 година издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, руска комесарка за правата на децата.

Следна генерација војници

Украинскиот омбудсман Дмитро Лубинец, кој ја претставува државата во напорите за враќање на цивилите и воениот персонал, вели дека Русија не дала информации во врска со децата од Украина.

„Од наша перспектива, јасно ја гледаме главната цел на депортирањето на украинските деца: да ги искористат како следна генерација руски војници“, изјави Лубинец за РСЕ/РЛ.

„Нивните документи се променети, сите, вклучувајќи ги изводите од матичната книга на родените и евиденцијата за образование. Тие се принудени да зборуваат само руски и да се идентификуваат како Руси“, додаде тој.

Истрагата на „Шеми“, истражувачки новински проект што го води украинскиот сервис на РСЕ, минатиот декември откри дека Русија ја користи милитаристичката младинска организација „Јунармија“ за да ја поттикне лојалноста на тинејџерите во окупираните делови од Украина и да ги подготви да се борат во војната на Москва против нивната родна земја.

„Сега си Русинка“: Украинско семејство се сеќава на депортацијата во Москва
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

„Јунармија“ беше создадена со специфична идеја за милитаризирано превоспитување не само на руски [деца], туку и на украински деца од окупираните територии“, рече Катерина Рашевска, адвокатка во Регионалниот центар за човекови права, која беше принудена да се пресели од Крим во Киев по руската окупација.

Оние родители што се обидуваат да ги пронајдат своите деца и да ги репатрираат откако биле разделени, се чини дека ги поткрепуваат тврдењата на Лубинец.

Во извештајот на Глобсек се наведува сведоштвото на неколку родители кои велат дека руските службеници поставуваат пречки за да се обидат да го отежнат враќањето на децата.

„Перење мозок“

Една од нив, жена по име Татјана, рекла дека кога се обидела да го обезбеди враќањето на својот син, кој бил префрлен во камп на Крим во 2023 година, била обвинета од руските службеници дека дејствувала во име на украинското разузнавање и ја држеле неколку дена.

Колдин вели дека доживеала друг проблем кога се обидела да го обезбеди враќањето на својот брат, кој сега има 14 години, откако биле разделени во Русија.
Тој поминал пет недели во летен камп, а потоа се преселил со новото руско семејство во Абинск, град во регионот Краснодар.

Таму, изјавила таа, „почнале да му го перат мозокот“.
„Рекоа дека нацистите дејствуваат во Украина, дека сакаат да го убијат, дека на никому не му е потребен во Украина, дека таму има војна и дека не треба да оди таму“, рече Колдин.

Тој не сакал да оди, бидејќи стекнал нови пријатели и се плашел од она што го чекало во Украина откако слушал колку е лошо.

„Разговаравме три часа, за време на кои се обидував да го убедам да се согласи да оди со мене. Тој апсолутно не сакаше да оди“, раскажува Колдин.
„Тој зборуваше исти работи за нацистите што се таму, дека сака да остане тука, дека има војна, дека бомбардираат.“

Конечно попушти, а неговата руска мајка-посвоителка им рекла додека си заминувале: „Одете, одете во вашата Украина, таа наскоро ќе стане Русија.“

Украина го направи враќањето на децата клучна точка во тешките мировни преговори со Русија.
Лубинец вели дека руските власти не сакаат да ги вратат децата „бидејќи целосно разбираат дека секое вратено дете е потенцијален сведок“.
„Мора да признаеме дека руската пропаганда работи врз нив секој ден“, вели тој.

Ксенија Колдин вели дека на нејзиниот брат му биле потребни неколку месеци повторно да се прилагоди.
Таа вели дека нејзиниот брат сега оди на училиште и живее под грижа на „добро украинско посвоително семејство“. И двајцата живеат во Киев и се гледаат за време на викендите.
Таа, исто така, продолжува да се бори за другите кои немале толку среќа. Колдин е амбасадор на „Спаси ја Украина“ и глас на децата кои биле депортирани и имале слични искуства како неа.

XS
SM
MD
LG