Достапни линкови

Што сака да внесе Иран во Европа преку балканската врата?


Бизнис политика или политички бизниси на Иран во Западен Балкан?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:45 0:00

Бизнис политика или политички бизниси на Иран во Западен Балкан?

Иран е еден од тивките геополитички играчи на Балканот, но и еден од партнерите на Путин за ширење на антизападното влијание на Балканот, велат аналитичарите. Техеран го гледа Западен Балкан како врата за своите бизниси кон Европа, но дали низ неа ќе носи само бизнис или и политика и идеологија?

Иран е еден од играчите на Балканот околу кој не се крева голема прашина, но кој полека, но сигурно дејствува геостратешки во регионот, наспроти Западот и евроатлантските определби на Западен Балкан, велат експертите. Иако е под американски санкции и во немилост на Брисел, Техеран не се определува за политичко мирување.

Иран години на назад е сериозно заинтересиран за ширење на своето, пред се, идеолошко, а во последно време, и економско делување од Сараево до Скопје, со желба „на Балканот да ја отвори својата врата кон Европа“. На Техеран му се мили и Хрватска и Македонија и Србија, но најмногу ги сака Косово и Босна и Херцеговина. Во тој контекст експертите прашуваат - Што сака да внесе Иран во Европа преку балканската врата?

Техеран виа Сараево

Иранската политика и идеологија, пред се верската, е најизразена во Босна и Херцеговина, каде, според голем број регионални експерти, политиката на Техеран има најдобра подлога да вирее. Според регионалните анализи, тоа најмногу се гледа и од политичкиот распоред на власта во таа држава.

„Извесно е дека клучевите на новата власт остануваат во рацете на Партијата за демократска акција и Сојузот на независните социјалдемократи на Милорад Додик, што со изборот на Жељко Комшиќ со гласовите на босанските унитаристи, укажува на фактот како влијанието на Русија, Турција и на Иран, по последните избори, е посилен од кога било“, коментира хрватскиот информативен портал ХРсвет.

Истиот портал во неколку наврати директно коментираше и дека „Европа е на удар на стратегиите на неколку источни исламски држави“.

Според дел од експертите, Иран во Босна гледа начин како да ја отвори врата кон Европа и нејзиниот пазар, што се гледа и од изјавите на иранскиот амбасадор во Сараево, Махмуд Хајдари, за медиумите во БиХ: „Бизнисмените од БиХ можат преку Иран да пристапат на азискиот пазар, а иранските преку БиХ на пазарот на ЕУ“.

Докторот по безбедносни науки и поранешен висок службеник во безбедносните служби во Сараево, Ахмед Кицо, за Радио Слободна Европа вели дека Иран, заедно со Русија, Турција и со Саудиска Арабија, е една од неколкуте држави кои преставуваат закана по безбедноста на БиХ.

„Иако се ривали, Иран и Саудиска Арабија преку нивните служби и преку нивните дипломати се обидуваат преку образовните и верските институции да се инфилтрираат во БиХ. Тоа влијание е присутно уште од војната во БиХ, а го има и денес“, вели Кицо за РСЕ.

И хрватска врата за Техеран

Хрватско – иранската приказна за соработка посериозно беше начната пред три години, за време на посетата на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ на Техеран, кога со иранскиот колега констатираа дека Хрватска може да му биде врата на Иран за влез во Европа. Тие во прв план ја ставија економската соработка, но не изостанаа заклучоците дека ЕУ треба да гледа на Иран како на стратешки партнер.

Истата година, Институтот за блискоисточни студии од Вашингтон, во својот годишен извештај предупреди дека „Иран го користи аџилакот за извоз на својата идеологија“, и дека, како што стои во извештајот, „организацијата која ја основал иранскиот врховен верски водач за контрола и надзор на аџилакот е клучниот елемент во ширењето на иранскиот извоз на техеранската идеологија меѓу аџиите“.

Политичка религија?

„Активностите на Иран насочени кон и на Балканот, се под истрага од 2014 година наваму. Еден од примерите е случајот од 2016 година кога ирански свештеник во Косово беше обвинет за финансирање тероризам и за перење пари преку лажни невладини организации кои тој ги водел. Косовските власти тогаш тврдеа дека Хасан Азари Бајанди водел пет шиитски организации поврзани со Техеран. Се верува дека добротворни организации поврзани со Иран делуваат и во Албанија, Македонија и БиХ“, објави Фруд Безхан за РСЕ уште во 2016 година.

Освен преку невладини организации, раката на Техеран се испружува и преку образовни институции, како што е Меѓународниот универзитет Ал-Мустафа, велат експертите.

„Сопственик и раководител на Меѓународниот универзитет Ал-Мустафа е иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хаменеи“, тврди Мехди Калаи, висок соработник на вашингтонскиот Институт за блискоисточни студии.

На интернет страницата на Универзитетот пишува дека тоа е единствениот ирански центар активен на Косово. Косовските власти пред неколку години тврдеа дека тој работи во пет установи во два поголеми града.

Иранската економска дипломатија во Србија

Иранската економска дипломатија денес напаѓа бројни земји меѓу кои е и Србија, со која последните години Техеран има плодна соработка и планови за иднина, пишуваа српските медиуми известувајќи за првиот голем српско-ирански бизнис форум.

Станува збор за петгодишниот план на иранската Влада со времетраење до 2021 година, чија цел е оживување на земјоделството на Иран кое било урнисано од санкции кон таа држава. Како дел од таа програма, Техеран и Белград последните три години потпишале повеќе договори од повеќе области што резултирало позитивно.

Според српската статистика, вкупната трговска размена на Србија и Иран во првите три месеци од 2018 година се зголемила за 126 отсто во однос на истиот период од 2017 година.

Нетанјаху: Чувајте се од Иран

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху пред само неколку месеци го нарече Иран „најголема сила на милитантниот ислам“, предупредувајќи ја Европа на можен ирански напад на европско тло.

Обраќајќи се до новинарите по разговорот со бугарскиот колега, Бојко Борисов, Нетанјаху рече дека радикалниот ислам е закана за светот и дека Израел неодамна открил повеќе ирански заговори за изведување напади во Европа.

XS
SM
MD
LG