Достапни линкови

Вести

Ракетниот систем „Панцир С“ пристигнува во Србија

илустрација
илустрација

Русија во следните неколку месеци ќе го испорача на Србија ракетниот систем „Панцир С“, согласно потпишаниот договор, изјави денеска директорот на руската Агенција за увоз и извоз на одбранбени производи „Рособоронекспорт“ Александар Михејев. Тој потенцираше дека сè се одвива според планот и нема да има одложувања.

„Ракетните системи се составуваат, а српски специјалци се на обука“, изјави Михејев за руската агенција ТАСС.

Пред десетина дена, на воената вежба „Словенски штит 2019“ во Батајница беше претставен овој ракетен систем. Тој беше донесен како придружен на ракетниот систем С-400. Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави дека ова оружје гарантира долготраен мир.

„Панцир С“ е топовско-ракетен систем, кој обединува ракети земја-воздух, два топа со калибар 30 мм, набљудувачки и нишански радар и електрооптички блок за надзор и управување со стрелба. Основна намена на системот е заштита на важни точки, како што се аеродроми, командни места, комуникациски центри и слично. Наменет е за одбрана од авиони, хеликоптери, крстосувачки ракети, беспилотни летала и наведувани бомби.

види ги сите денешни вести

Поранешниот руски министер за транспорт пронајден мртов неколку часа по неговoто сменување

Roman Starovojot
Roman Starovojot

Поранешниот руски министер за транспорт Роман Старовојт беше пронајден мртов во својот автомобил со прострелна рана, потврдија истражителите само неколку часа откако претседателот Владимир Путин ненадејно го замени среде бранот украински напади со беспилотни летала што го нарушија воздушниот сообраќај и открија ранливости длабоко на руска територија.

Портпаролката на Рускиот истражен комитет, Светлана Петренко, изјави во понеделник дека телото на Старовојт е пронајдено во неговото лично возило во Одинцовскиот округ во Московскиот регион.

„Околностите за смртта на Роман Старовојт се утврдуваат. Примарната теорија е самоубиство“, рече Петренко.
Претходно изтурината, Путин го разреши Старовојт без објаснување по помалку од една година на местото министер за транспорт.

Во брзата реконструкција на владата по разрешувањето на Старовојт, Путин го назначи Андреј Никитин, заменик-министер за транспорт и поранешен гувернер на Новгородската област, за вршител на должноста министер.

Иако руските власти не го поврзаа разрешувањето на Старовојт со кризата во воздушниот сообраќај, некои аналитичари забележуваат дека времето покренува прашања за веројатно барање жртвено јагне во услови на интензивирање на воените и логистичките предизвици.

Локалните медиуми имаа спротивставени извештаи за времето на смртта на Старовојт, како и за тоа каде се пронајдени телото и пиштолот.

Рускиот истражен комитет, кој истражува сериозни кривични дела, објави дека започнал истрага што „ги утврдува околностите на смртта на Роман Старовојт“.

Руското Министерство за транспорт во неделата соопшти дека околу 400 летови биле откажани низ целата земја до раните вечерни часови.


Конституирањето на Собранието на Косово повторно пропадна: Дали мандатите на пратениците се во опасност?

Собрание на Косово
Собрание на Косово

Денеска (7 јули) по 43-ти пат избраните претставници не успеаја да го конституираат Собранието на Косово.

Како и претходно, опозициските партии - вклучувајќи ја Демократската партија на Косово (ПДК), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК), Нисма и Српска листа - одбија да номинираат членови за комисијата што ќе организира тајно гласање за претседател на Собранието, сметајќи го овој процес за неконзистентен со Уставот.

На отворено гласање, тие постојано го отфрлаа назначувањето на Албулена Хаџиу од Движењето Самоопределување на оваа позиција.

Самоопределување, кое освои мнозинство гласови на парламентарните избори во февруари, инсистира дека тајното гласање е легитимно и повикува на тоа да продолжи.

На денешната седница, која траеше само неколку минути, пратениците од ПДК, ЛДК и ААК излегоа на говорницата за да го повикаат Самоопределување да го прекине она што го нарекоа „политички циркус“ - што го натера претседателот на седницата, Авни Дехари, да побара нивниот говор да биде прекинат.

Слично сценарио се случи и на претпоследната седница на 5 јули, но таа се одржа по неколку часа доцнење, поради, како што беше јавено, закана за бомба во Собранието, која се покажа како лажна.

На 26 јуни, Уставниот суд на Косово побара од пратениците да го конституираат Собранието во рок од 30 дена, но не објасни што би можело да се случи во случај на непочитување на оваа одлука.
Политичките партии продолжуваат да ја толкуваат оваа одлука на различни начини.

Минатата недела, претседателката на Косово, Вјоса Османи, ги покани претставниците на политичките партии на состанок за да разговараат за опциите за излез од кризата.
Таа ја спомена и можноста за обраќање до Уставниот суд за дополнителни појаснувања.

Филков по една година на функцијата: Остануваме посветени на реформите и владеење на правото

Игор Филков, министер за правда
Игор Филков, министер за правда

Во изминатите 12 месеци од Министерстото за правда до Владата биле доставени 22 системски закони, од кои 13 директно предвидени со Реформската агенда. Законите, како што истакна денеска (7 јули) министерот за правда Игор Филков, го засегаат правосудниот систем – изборот, оценувањето, платите, статусот и одговорноста на судиите и обвинителите, како и институционалните капацитети на Советите, вештачењето и службите во правосудството.

„Градиме институции што работат за граѓаните, а не за привилегираните. И ова е само почеток“, порача Филков на денешната прес-конференција по повод една година на функцијата.

Тој истакна дека по осум години во функција е ставена Комората на вештаци, дека се издаваат лиценци и дека е воспоставена нова програма за полагање на испит. Додаде дека била поништена одлука на претходната влада со која нотарската тарифа беше десеткратно зголемена.

„Во функција го ставивме системот за надомест за жртви на кривични дела со насилство согласно законот. Ја отворивме канцеларијата на комисијата која што непречено работи. Со ова воспоставивме основа за практична примена на општестевната солидарност, заштита на човековите права и борба против секундарната виктимизација“, истакна Филков.

Се пофали и со електронските алки за надзор на лица во куќен притвор и куќен затвор, кој како што потсети, биле ставени во функција по десет години.

Од осумте закони во Реформската агенда со рок до јуни 2025, седум се веќе испратени во владина процедура, од кои го истакна Законот за Судски совет, за кој нагласи дека „не се работи за декларативен пристап, туку за суштинска промена насочена кон градење транспарентен, отчетен и професионален Судски совет“.

„Министерството за правда изработи целосно нов Закон за Судски совет кој веќе е во владина процедура. Законот беше изготвен преку инклуизивен и траснпарентен процес, преку јавни дебати, експертски консултации и активно вклучување на сите релевантни чинители. Посебна потврда за ова е и позитивното мислење добиено од Венецијанската комисија„, изјави Филков, апелирајќи до пратениците на Собранието за препознавање на итноста и важноста од носењето на овој закон.

Во процедура се и законите за плати на судии, за плати на јавните обвинители и за плати на членовите на Судскиот совет и за плати на членовите на Советот на јавни обинители.

До Владата, посочи Филков, се испратени уште два многу важни закони кои не се дел од реформската агнеда, а тоа се Законот за спречување на судир на интереси и Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи.

Во подготовка се уште десет закони, меѓу кои Кривичен законик, Закон за кривична постапка, Закон за судови, Закон за пробација, Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, Закон за помилување, Законт за здруженија и фондации, како и Закон за процена и Закон за судски буџет.

Филков, исто така, нагласи дека е формиран и нов Совет за координирање на информатичко комуникациската техенологија во правосудството, кој работи на дигитализација на целокупниот систем и негово меѓусебно поврзување.

Граѓаните пријавуваат мито, игнорирање пациенти, ненавремена здравствена услуга

илустрација
илустрација

Барање мито, непрофесионално однесување, игнорирање пациенти, доцнење во пружање здравствена услуга. Овие се проблемите на кои се жалат македонските граѓани, инфрмираше денеска министерот за здравство, Азир Алиу.

„Триесет и девет лица поставиле прашања, ги имаат наведено и здравствените институции во кои се соочиле со проблем. За да бидеме сигурни дека она што го пријавиле е точно, имаме канцеларија која се занимава само со овие прашања. Со овие споменати институции ќе имаме состанок. Во моментов нема да обелоденам за кои здравствени институции станува збор“, рече Алиу на денешната прес-конференција.

По повод една година работа на Владата и еден месец откако тој раководи со ресорот здравство, Алиу кажа дека биле зголемени платите, дека успешно го решиле недефинираниот статус на приватните специјализанти.

„Младите лекари не се оставени сами. Стојам зад секој здравствен работник, градиме систем во кој ќе се изрази довербата. Прв пат е ажурирана позитивната листа на лекови. Во првиот месец, институцијата ја доближивме до граѓаните. Кабинетот на министерот е алатка за директна комуникација и слух. Граѓанинот има право на одговор а ние имаме обврска да реагираме“, рече тој, информирајќи и за здравствените установи кои се реконструирани или се во план да се реконструирааат.

Во врска со проблемот на кој укажаа дијабетичарите, односно дека се уште немаат достапни количини за новодијагностицирани пациенти на современата антидијабетична терапија како и информациите дека Комисијата за дијабетес ќе почне да прави ревизија на постоечката терапија, министерот вели дека се работи на решение на проблемот.

„Имав средба со нив, и денес ќе имам средба со дел од експертскиот тим и ќе излеземе со решение кое нема да биде на штета на дијабетичарите, тоа ве уверувам. Сите маки што ги имаат ми ги кажаа. Овој пристап не е само за таа група, туку и за пациентите со ретки болести и за други пациенти“, рече Алиу.

Алиу во петокот (4 јули) имаше отворен кабинет за граѓаните, на кој како што рече, слушнал и добри идеи, а некои од нив му се пожалиле дека не добиле здравствени услуги.

update

Прекинат сообраќајот на Блаце поради пожарот

Пожар над Блаце, 7 јули 2025 година
Пожар над Блаце, 7 јули 2025 година

Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста дека поради ширењето на пожарот во близина на Блаце, целосно е прекинат сообраќајот на патниот правец Стенковец-Граничен Премин Блаце, во двата правци, а затворен е и преминот Блаце.

Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки за гасење на пожарот.

Апелираме до граѓаните да не тргнуваат кон ГП Блаце до гасењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираме јавноста, се наведува во соопштението на МВР.

Во општина Чучер Сандево, помеѓу селата Блаце и Чучер, каде гори мешана шума и ниска вегетација, екипите за гаснење се сè уште на терен и активно интервенираат, соопштија од Центарот за управување со кризи.

„Еден крак од пожарот е пресечен и изгаснат, но останува уште еден активен крак кој се шири кон сосема непристапен ридско-планински терен. Интервенцијата е отежната, бидејќи пожарот зафатил голема површина. Се вложуваат максимални напори за да се стави ситуацијата под контрола“, стои во објавата на Фејсбук од ЦУК.

Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов, вели дека најверојатна причина за пожарот во оштина Чучер Сандево е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување.

„Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување. Затоа, апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати“, апелира Ангелов.

Во пожарот помеѓу селото Блаце и Чучер Сандево зафатена е мешана шума и ниска вегетација.

За негово гаснење од утрово во пет часот биле ангажирани два полициски хеликоптера, еден армиски хеликоптер, како и три возила на Дирекцијата за заштита и спасување, која со повеќе пожарникари и возила го гаси големиот пожар на отворен простор на територијата на општина Чучер Сандево над магистралниот пат Скопје - Блаце, кој изби вчера (6 јули) во попладневните часови.

Министерството за внатрешни работи доцна синоќа информира дека е нормализиран сообраќајот до граничниот премин „Блаце“ и дека е укината забраната за движење за товарните возила и автобусите која беше воведена вчеравечер откако пожарот над магистралниот пат Скопје-Блаце се прошири.

За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари. Тоа е предвидено во Оперативниот план за 2025 „Визија за промена“ – соопштија и од владината прес-служба и од владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

Заради превенција и подобро справување со шумските пожари, овие 400 лица ќе се вработат во општините каде што има најмногу потреба за нив, додадоа од партијата.

Српската листа покрена петиција против изградба на два моста на Ибар

илустрација
илустрација

На иницијатива на Српската листа, најголемата партија на Србите во Косово, која ја има поддршката од Белград, во понеделник (7 јули), во Северна Митровица, започна потпишувањето на петиција против изградбата на два моста преку реката Ибар, за кои камен-темелникот беше поставен на 1 јули, во присуство на вршителот на должноста премиер, Албин Курти.

За изградбата на овие два моста - едниот за пешаци, а другиот за сообраќај - Владата на Косово издвои околу три милиони евра, а завршувањето на работите се очекува на есен.

Премиерот Курти рече дека целта на спроведувањето на овој проект е да се поврзе Северна Митровица во која живее мнозинското српско население, со Јужна Митровица каде што живее мнозинското албанско население.

Тој, исто така, изјави дека владата се залага за поголема „комуникација, циркулација, соработка и размена меѓу северот и југот“.

Од друга страна, претседателот на Српската листа, Златан Елек, пред почетокот на потпишувањето на петицијата за Радио телевизија Србија изјави дека целта е да се покаже „унифицираниот став на српскиот народ дека не прифаќа еднострани одлуки за проекти на штета на српската заедница“.

Тој додаде дека петицијата ќе биде потпишана во следните два дена, по што ќе биде доставена до Меѓународната заедница.

Претходно, Европската Унија во својот одговор до Радио Слободна Европа изјави дека секоја одлука за изградба на инфраструктура преку Ибар мора да се донесе внимателно и инклузивно, со целосно вклучување на сите засегнати заедници.

Инаку, мостовите се градат веднаш до главниот мост на Ибар, што е дел од Договорот за слобода на движење, постигнат во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија. Воената мисија на НАТО во Косово (КФОР) е сместена на овој мост, бидејќи е познат по етничките конфликти во повоениот период, што е главната причина за неговото затворање.

Моментално е отворен само за пешаци, а Владата на Косово го најави неговото отворање за сообраќај во јули минатата година, што предизвика тензии и реакции од Меѓународната заедница.

Вршителот на должноста премиер Курти изјави дека Владата никогаш нема да се откаже од отворањето на главниот мост.

Членовите на српската заедница од Северна Митровица претходно за РСЕ изјавија дека отворањето на главниот мост само ќе ги зголеми тензиите на терен, додека Албанците од Јужна Митровица изјавија дека таков потег би придонел за коегзистенција и слобода на движење.

Експлозијата на каналот Ибар - Лепенец - предизвик за институциите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Косово и Србија се договорија за отворање на мостот на Ибар за сообраќај како дел од дијалогот за нормализација на односите во 2014 година. Планирана е таканаречена ревитализација на мостот, со цел отстранување на сите барикади поставени од локалните Срби и мостот да стане функционален.

Потоа, во 2016 година, беше договорен нов план за имплементација, чија цел беше да се надминат несогласувањата околу различните толкувања на претходните заклучоци.

Според новиот план за имплементација, целосното отворање на мостот требаше да се случи во јануари 2017 година.

Сепак, работите за ревитализација на мостот беа завршени дури во јуни 2018 година, а мостот, во кој беа инвестирани 1,5 милиони евра, никогаш не беше отворен за моторни возила, туку само за пешаци.

Средба Трамп-Нетанјаху за прекин на огнот во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп

По 21 месец војна, се зголемуваат надежите за ново примирје во Појасот Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделник (7 јули) во Вашингтон ќе има клучна средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Трамп претходно им рече на новинарите дека ќе биде „многу цврст“ во разговорите со Нетанјаху за да се стави крај на конфликтот.

Тој рече дека верува оти „ќе имаме договор“ оваа недела.

„Работиме на постигнување на договорот што беше дискутиран, под условите што беа договорени. Верувам дека разговорот со претседателот Трамп може да помогне во унапредувањето на овој исход, на кој сите се надеваме“, рече Нетанјаху пред да замине за САД.

Израел и Хамас, група која е означена како терористичка група од САД и ЕУ, започнаа индиректни разговори во Катар за предлогот на САД, кој повикува на 60-дневно примирје и ослободување на заложниците.

Сепак, сè уште не е јасно дали клучните разлики што постојано спречуваа договор можат да се надминат.

Посетата на Нетанјаху на Белата куќа е негова трета откако Трамп се врати на функцијата во јануари.

Оваа посета доаѓа по одлуката на Трамп да се придружи на израелската војна против Иран со напад врз нуклеарните постројки на Иран.

Откако посредуваше во постигнувањето примирје меѓу двете земји, Трамп објави дека сега е фокусиран на напорите за завршување на војната меѓу Израел и Хамас.

Војната започна кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи над 1200 луѓе и земајќи стотици заложници.

Израел одговори со жестока офанзива врз Појасот Газа, во која загинаа повеќе од 57 000 Палестинци, според тамошните здравствени власти.

Четири лица се убиени, а повеќе од 30 ранети во најновите руски напади во Украина

Последици од руските дронови врз Харкив, 7 јули 2025 година
Последици од руските дронови врз Харкив, 7 јули 2025 година

Најмалку четири лица биле убиени, а повеќе од 30 ранети во руските напади низ Украина во текот на ноќта, соопштија регионалните власти во понеделник (7 јули).

Две лица загинале во регионот на Суми на исток и едно во областа на Одеса на југ, објавија украинските државни служби за вонредни состојби во објава на Телеграм.

Еден маж бил убиен во јужниот регионот на Херсон, информираше регионалниот гувернер.

Повеќе од 30 лица биле ранети, повеќето од нив во источните региони Харкив и Дњепропетровск, соопштија официјални лица.

„Руски беспилотни летала, исто така, го погодија главниот град Киев во напади во кои биле оштетени згради, но немаше жртви“, напиша градоначалникот на градот на Телеграм.

Во Русија, Министерството за одбрана соопшти дека во текот на ноќта соборило 91 украински дрон, вклучувајќи осум во Московскиот регион, а поголемиот дел од останатите во регионите што граничат со Украина.

Во петокот, Русија го започна својот најголем напад со беспилотни летала и ракети врз Украина откако започна инвазијата во февруари 2022 година, испраќајќи 530 беспилотни летала и околу десетина ракети кон Киев во напад во кој загинаа најмалку две лица.

Осми ден протестни блокади во Србија

илустрација
илустрација

На осмиот ден од блокадите на протестите во Србија, во текот на утрото на 7 јули, полицијата ги спречи граѓаните да блокираат клучни патишта на неколку локации во Белград.

Силни полициски сили се присутни на улиците во центарот на градот и другите населби.

На некои од локациите, полицијата ги идентификувала граѓаните, објави телевизијата Н1.

На покана на студентите, неформалните собири на граѓани најавија блокади на улици и раскрсници од седум часот наутро, на повеќе од десет пунктови во Белград.

Меѓу нив се и некои од клучните патишта во Нов Белград, Чукарица, Палилула, како и во Раковица, Земун, Калуѓерица.

Блокадите се закажани за време на утринскиот „шпиц“ во сообраќајот во градот, кога вообичаено се формираат гужви во текот на работните денови.

Блокадите во градовите низ Србија започнаа откако студентите повикаа на „граѓанска непослушност“ по протестите во Белград на 28 јуни.

Тие бараат распишување предвремени избори, отстранување на кампот од центарот на градот каде што со месеци престојуваат луѓе кои се спротивставуваат на блокадите и ослободување на студентите кои беа приведени за време на демонстрациите на 28 јуни.

Масовни протести и блокади на факултетите низ цела Србија започнаа по смртта на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, а студентите и граѓаните бараат одговорност од властите за несреќата.

Нападите на украинските дронови го доведуваат рускиот воздушен сообраќај во хаос

Прекини во летовите на московскиот аеродром Шереметјево поради извештаи за украински дронови во регионот
Прекини во летовите на московскиот аеродром Шереметјево поради извештаи за украински дронови во регионот

Украинските напади со беспилотни летала втор ден по ред сериозно ги попречуваат летовите низ цела Русија, а најголемите аеродроми што ги опслужуваат Москва и Санкт Петербург се меѓу оние што беа принудени да ја ограничат активноста во текот на целиот ден на 6 јули.

Руското Министерство за транспорт соопшти дека околу 400 летови се откажани до 18 часот по московско време поради „ограничувања воведени за да се осигура безбедноста на летовите“ и ги повика патниците да размислат за патување по патеки.

„До 18 часот по московско време, 171 лет беше откажан на аеродромот Шереметјево за пристигнување и заминување. Педесет и шест летови остануваат одложени - повеќе од два часа - чекајќи заминување“, соопшти министерството.

Аеродромот Пулково во Санкт Петербург, вториот по големина град во Русија, соопшти дека 90 летови за заминување и пристигнување се откажани, а уште 37 се одложени најмалку два часа.

„Треба да се напомене дека постои развиена железничка врска помеѓу Санкт Петербург и Москва. Билетите се достапни во двата правци: и за возови на долги релации и за брзи возови“, се додава во соопштението.

Министерството, исто така, соопшти дека летовите се суспендирани на аеродромите во Иваново, Калуга, Киров, Псков и Тамбов.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека шест украински дронови биле соборени додека се приближувале кон главниот град, но не даде детали за евентуална штета. Беше објавено дека дронови биле соборени и во близина на Санкт Петербург и Калуга од страна на локалните власти.

Гувернерот на регионот Белгород, Вјачеслав Гладков, на 6 јули изјави дека украинските дронови повредиле двајца цивили во близина на граничната област.

Украинските напади следат по некои од најголемите воздушни напади на руските сили врз Киев, во кои загинаа најмалку две лица, а десетици беа повредени додека станбени области во главниот град беа разурнати.

На 6 јули, украинските власти соопштија дека пет лица се убиени како резултат на руско гранатирање во повеќе населби во регионот Донецк, при што десетици приватни домови беа погодени.

Москва негира дека таргетирала цивилни области, и покрај широките докази за такви напади од почетокот на нејзината целосна инвазија во февруари 2022 година.

На терен, руските сили продолжуваат со обидите да пробијат делови од фронтот од 1000 километри, притискајќи ги украинските сили со помалку екипаж и оружје.

Руските сили доцна на 6 јули тврдеа дека освоиле уште две села во Украина, едно во регионот Донецк, а другото во регионот Харкив. Извештајот не можеше веднаш да се потврди.

На 5 јули, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги поздрави новите договори со сојузниците за кои рече дека ќе обезбедат „стотици илјади“ нови беспилотни летала за борба против Русија и рече дека Киев „подготвува нови чекори што ќе ја натераат Русија навистина да почувствува дека ќе плати за оваа војна“.

Зеленски постојано апелираше до западните партнери да испорачаат повеќе оружје и да го зголемат притисокот врз Русија преку дополнителни финансиски санкции.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 4 јули изјави дека рускиот колега Владимир Путин разбира дека „можеби ќе следуваат повеќе санкции“, бидејќи Москва продолжува да го отфрла притисокот на Вашингтон за прекин на огнот во Украина.

„Знаете, многу зборуваме за санкции и тој разбира дека можеби ќе дојдат“, рече Трамп.

„Тој сака да оди до крај, само да продолжи да убива луѓе, тоа не е добро“, рече тој, додавајќи дека е „многу незадоволен“ од лидерот на Кремљ.

На 6 јули, Трамп повтори дека е „разочаран“ од последниот телефонски повик со Путин на 3 јули.

Многу набљудувачи велат дека Путин не брза да се согласи на договор за прекин на огнот, бидејќи верува дека ја добива војната на терен и дека времето е на негова страна.

Сепак, Русија претрпе огромни загуби во работна сила, а нејзината економија претрпе голем удар поради зголемените трошоци за одбрана.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG