Достапни линкови

Додека гори низ државата, нема вработувања на нови пожарникари, ниту нова опрема


Пожарникари, Дирекција за заштита и спасување
Пожарникари, Дирекција за заштита и спасување

Во Кочани голем интерес за доброволни пожарникари, кои без никаков надоместок гасат пожари на терен заедно со професионалците. Високите температури ги зачестија пожарите, но нема вработувања на најавените 400 пожарникари, а опрема и натаму добиваат само од странски амбасади и донатори.

По трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани која беше кобна за 62 млади луѓе, кај локалните жители се зголемил интересот за да станат доброволни пожарникари, вели Симе Стоиков од Доброволното противпожарно друштво во Кочани.

Сеќавајќи се на првите моменти откако избувнал пожарот ,кој е една од најголемите трагедии во современата историја на државата, Симе раскажува како седум пожарникари со две возила од локалното противпожарно друштво помагале при дотурот на вода на професионалните пожарникари.

„Двајца од моите колеги изнесуваа повредени, но и починати млади од дискотеката „Пулс“ кога избувна пожарот. Јас пристигнав во утринските часови и помагав во прибирање материјални предмети кои им беа потребни на обвинителите“, раскажува пожарикарот добоволец Симе Стоиков.

Веќе е распишан конкурс за проширување на доброволното противпожарно друштво на кој се пријавуваат сѐ повеќе жители на Кочани. Оние кои ќе бидат одбрани ќе имаат обука од Територијалната противпожарна единица, па од Дирекцијата за заштита и спасување.

„Тие првично нема да излегуваат на терен. Дел од интервентната единица би можеле да станат за три до шест месеци“, додава Стоиков кој вели дека е можно да има интерес и кај граѓаните од соседните општини.

Тој вели пожарот во „Пулс“ бил вонредна ситуација, а со колегите најчесто се на терен при шумски пожари, но помагаат и секаде каде што можат. Ресурсите со кои располагаат ги добиваат по пат на донации. Сепак, дел од финансиите ги покрива и општината, која претходно им отстапила простор од касарната за да може да функционираат.

„Имаме шест возила, но ни недостига уште едно. За оваа тема разговараме со амбасади, министерства, бизнисмени. Во моментот ни недостига и гаража за да ги заштитиме возилата, или настрешница. Тешко е да се одржуваат, да се грижиш за нив. Затоа гаражата ни е приоритетна цел“, напоменува Стоиков за РСЕ.

Двајца доброволци стануваат професионални пожарникари

Градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски вели дека за да се случи тоа, неопходно е Советот да биде конструктивен при гласањето на ребалансот на буџетот.

„Кога ќе се изгласа ребаланс на буџетот, ќе се одблокираат многу процеси. Со него се опфатени и заостанати бонус плати на пожарникарите за 2023-та година, бидејќи претходниот градоначалник не им ги исплатил“, рече Крстевски во интервју на Радио Слободна Европа.

Тој додаде дека блок дотациите кои општината ги добива од централната власт се недоволни за потребите на територијалната противпожарна единица. Сепак, од денеска се очекува таа да добие двајца нови пожарникари кои доаѓаат токму од Доброволното друштво, а нивните плати ќе бидат на трошок на самата општина.

Низа предизвици, но нема статистика за доброволните пожарникари

Пожарникарите кои влегуваат во оган доброволно не добиваат надоместок за нивниот ангажман, а при тоа трошат и денови од своите годишни одмори на работните места. Официјална статистика за нив нема, а податоците кои се јавно објавени не се совпаѓаат.

Така, статистиката на Противпожарниот сојуз покажува дека во земјата има 98 доброволни противпожарни друштва, организирани во 39 општински противпожарни сојузи.

Анализата пак, која ја објави Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, нотира дека има само 15 вакви друштва кои се активни. Доброволците од Свети Николе во моментот изготвуваат нова анализа која ќе треба да ја прикаже генералната слика.

Надлежните локални и државни институции ги запоставуваат повеќето друштва, кои се приморани да се снаоѓаат самостојно од секој аспект – покажува Анализата од 2021 година. Документот нотира дека доброволните пожарникари немаат животно осигурување, а возилата со кои одат на терен се стари, амортизирани и некомпатибилни.

Доброволното противпожарно друштво – Свети Николе во Анализата укажува и дека мал е бројот на оние кои одат на заеднички интервенции со територијалните противпожарни единици, каде има недостиг на професионални пожарникари.

Перишиќ: Срамно е да ни помогне некој од страна

И покрај стотиците шумски пожари минатото лето, трагедијата во Кочани, а и викендов веќе избувнаа помали пожари на разни локации, властите не го решаваат проблемот со недостиг на професионални пожарникари, кои кубурат со опрема и возила.

На ова неодамна укажа и извршната директорка на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Душица Перишиќ која „алармираше“ дека на државата ѝ недостигаат дури 400 пожарникари.

„Согласно закон, бројот треба да биде поголем од 800. Законот јасно вели дека на 1500 жители треба да има по еден пожарникар“, забележа Перишиќ.

На конференција во Скопје таа предочи дека имаме многу лошо опремени пожарникари, што веќе го увиделе странските донатори.

„Разни донаторски организации и амбасади се обидуваат да ни помогнат. Ни даваат возила и опрема кои се со различен метрички систем. Малку е срамно дека некој ќе дојде од страна и ќе ни помогне“, рече Перишиќ.

Северна Македонија има 34 единици за противпожарна заштита. Тие се наоѓаат во 34 општини и сите тие веќе добиле прашалник од ЗЕЛС за да се изјаснат што им недостига.

-Следниот состанок за координација е во септември – информираше Перишиќ.

Според неа, противпожарните единици се соочуваат со овие проблеми во последните 20 години или од почнувањето на процесот на децентрализација. Меѓу нив, е и отсуството на тренинг центар за обука како за новите, така и за активните пожарникари.

Македонско пожарникарство по примерот на хрватското

Отворањето на ваков тренинг центар е и едно од барањата на Независниот синдикат на пожарникари, во однос на новите измени на Законот за пожарникарство.

Генералниот секретар на Независниот синдикат, Боби Вељаноски вели дека тие бараат ваквиот центар да биде под надлежност на новоформирана агенција по ‘теркот’ на Хрватска.

„Може да ја крстиме било како, но тоа ќе биде агенција што ќе ги опфати сите пожарникари во државата. Агенцијата би била водена од лица во професијата, односно би имала главен командант и би ги носела сите правилници за униформи, за заштитна опрема, за стручно оспособување на пожарникарите меѓу кои и доброволните“, објаснува Вељаноски за Радио Слободна Европа.

Доколку овој предлог влезе во новите законски измени, противпожарните единици ќе останат под надлежност на локалните самоуправа, но набавките би биле централизирани. Вељаноски смета дека најголемиот проблем е во тоа што секоја општина си има посебни набавки.

„Кога би имало централизирана набавка би се набавувале повеќе униформи. Секако дека економскиот оператор би ја намалил цената, нема да биде исто за десет и за 1350 пожарникари, колку што треба да има вкупно според законските норми. Потоа, кога ќе се набавуваат возила нема да биде исто дали се набавуваат возила за сите единици или за секоја посебно“, додава Вељановски.

Со пожарите се справуваме „партизански“ и „на ура“
please wait

No media source currently available

0:00 0:19:34 0:00

Независниот синдикат бара новите законски измени да ги изедначат правата на пожарникарите со оние на останатите вработени во областа на безбедноста.

„Со измените од 2016 година, пожарникарите се лица од областа на безбедноста. Сепак, некои статуси што требаше да ги добијат уште не ги имаат добиено. Пред сѐ, правото на пензионирање и личните доходи“, нагласува Вељаноски.

Во изјава за РСЕ, тој додава дека дел од пожарникарите се несоодветно платени, спротивно на законот.

„Законот за пожарникарство кажува дека вработените во територијалните противпожарни единици треба да имаат 20 отсто поголема плата од вработените во локалната самоуправа со соодветно образование. Има единици кои ова уште не го почитуваат, иако има и судски пресуди“, заклучува Вељаноски.

За недостигот на пожарникари тој вели дека општините тешко добиваат согласности од министерствата за одбрана и за финансии. Само во Скопје каде Вељаноски е дел од Територијалната противпожарна единица, недостигаат 200 пожарникари. Оние со кои таа располага пак, периодов веќе се сѐ почесто на терен.

„Зголемувањето на температурите доведува до повеќе пожари. Во Скопје имаме меѓу 10 и 15 интервенции во текот на 24 часа“, додава Вељаноски.

Новиот закон сѐ уште се подготвува

За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари. Тоа е предвидено во Оперативниот план за 2025 „Визија за промена“ – соопштија и од владината прес служба и од владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

Заради превенција и подобро справување со шумските пожари, овие 400 лица ќе се вработат во општините каде што има најмногу потреба за нив, додадоа од партијата.

За решавање на проблематиката, министерот за одбрана, Владо Мисајловски уште лани во јули најави дека во најбрз можен рок, до Владата ќе биде доставен нов Закон за пожарникарство. Една година потоа, новото законско решение сѐ уште е во фаза на подготовка, што во писмен одговор до Радио Слободна Европа и го потврдија од Министерството.

Оттаму не одговорија конкретно на прашањето што ќе опфатат новите законски измени, но додаваат дека целта е системот да биде ефикасен и функционален.


XS
SM
MD
LG