Достапни линкови

Вести

Влада – Посветени сме на Договорот со Бугарија, правото на самоопределување е темелна европска вредност

Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов
Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов

Договорот за добрососедство со Бугарија создава правна рамка и нуди инструменти за менаџирање на билатералните прашања и ние сме посветени на неговата имплементација, изјавиле за МИА од Владата во врска со мемеорандумот што Софија го достави до земјите членки на ЕУ.

„Со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство“, велат од Владата.

Официјална Софија испрати објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ, во кој бара поддршка од земјите членки за својата позиција кон напредокот на Македонија во Унијата. Според Бугарија, Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и оти е дијалект на бугарскиот.

Македонската Влада нагласува дека правото на самоопределување и самоидентификација се темелни европски вредности и цивилизациски придобивки и дека посебноста на македонскиот јазик и македонски етнички идентитет се неспорен факт.

„Македонскиот јазик е составен дел од личната карта на Северна Македонија во Обединетите нации и дел од многуте прифатени и признати модерни јазици кои се изучуваат на универзитети во целиот свет. Во 21-от век во Европа, прифаќањето на минатото, но и на сегашноста се одраз на одговорна и зрела политика и вистинско пријателство“, смета Владата. Според Владата, тврдењата и изјавите кои содржат навреди не водат кон пријателство. „Пријателството е двонасочна улица и најмногу зависи од нас самите од нашето почитување на европските вредности и принципи. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е одраз на взаемното почитување и пријателство и подразбира и бара одговорност и учество од двете страни“, велат од Владата за МИА.

види ги сите денешни вести

Кина и Русија започнаа поморски вежби во Јапонското Море

илустрација
илустрација

Кина и Русија започнаа заеднички поморски вежби во Јапонското Море на 3 август. Вежбите „Заедничко Море-2025“ започнаа во водите во близина на руското пристаниште Владивосток, соопшти Министерството за одбрана на Кина.

Двете војски ќе спроведуваат операции за спасување на подморници, борба против подморници, воздушна и ракетна одбрана и поморска борба.

Четири кинески бродови, вклучувајќи уништувачи со водени ракети, учествуваат во вежбите заедно со руски бродови, соопшти министерството.

По тридневните вежби, двете земји ќе спроведуваат поморски патроли во „водите на Тихиот Океан“.

Кина и Русија редовно одржуваат заеднички вежби, а маневрите „Заедничко Море“ започнаа во 2012 година, објави новинската агенција Франс Прес.

Велика Британија се заканува со затвор за криумчари кои се рекламираат на социјалните мрежи

Илустрација
Илустрација

Криумчари на луѓе кои ги користат социјалните медиуми за да ги промовираат своите услуги на мигрантите кои сакаат нелегално да влезат во Велика Британија би можеле да се соочат со пет години затвор, најави британската влада.

Лабуристичката влада на премиерот Кир Стармер е под силен политички и јавен притисок да го намали бројот на мигранти кои нелегално пристигнуваат во мали чамци од Франција.

Повеќе од 25.000 луѓе го направиле преминот досега оваа година.

Анализата на Министерството за внатрешни работи покажа дека околу 80% од мигрантите кои пристигнуваат со мали чамци ги користеле социјалните медиуми за време на нивното патување за да пронајдат или да комуницираат со шверцери на луѓе.

Според новите измени на законите луѓето кои објавуваат онлајн за да рекламираат услуги што олеснуваат кршење на законите за имиграција ќе се соочат со парични казни и затворски казни до пет години.

Олеснувањето на нелегалната имиграција во Велика Британија веќе е кривично дело, но владата соопшти дека нејзиниот последен план ќе и даде на полицијата уште една опција за да ги спречат криминалните банди кои профитираат од организирање на премините.

Минатиот месец, владата воведе нов режим на санкции што ѝ овозможува да замрзне средства, да воведе забрани за патување и да го блокира пристапот до финансискиот систем на земјата за поединци и субјекти вклучени во овозможување на нерегуларна миграција.

Земјотрес од 7 степени по Рихтер и ерупција на вулкан во Камчатка

Архивска фотографија, Пламен и чад што се креваат за време на ерупцијата на вулканот Кључевскаја на полуостровот Камчатка во Русија, на 8 март 2021 година
Архивска фотографија, Пламен и чад што се креваат за време на ерупцијата на вулканот Кључевскаја на полуостровот Камчатка во Русија, на 8 март 2021 година

Нов силен земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди крајниот исток на Русија. Руските власти соопштија дека го откажале предупредувањето за цунами за полуостровот Камчатка во неделата, откако земјотрес ги погоди блиските Курилски Острови.

Според извештаите, земјотресот се случил во близина на брегот на крајниот југ од полуостровот Камчатка.

Епицентарот бил на длабочина од околу 40 километри. Ова е најсилниот во серијата земјотреси што следеа на 30 јули, кога регионот беше погоден од еден од најсилните земјотреси во историјата – земјотрес со магнитуда од 8,8 степени.

По тој земјотрес, следеа стотици „афтершокови“, со магнитуда до 6,5 степени.

Преку ноќ, вулканот Крашениников на Камчатка еруптираше за прв пат по 600 години, објавија во недела научници за руската државна новинска агенција РИА.

И двата инциденти би можеле да бидат поврзани со огромниот земјотрес што го потресе рускиот Далечен Исток минатата недела, што предизвика предупредувања за цунами дури до Француска Полинезија и Чиле, а потоа следеше ерупција на Кључевској, најактивниот вулкан на полуостровот Камчатка.

Курилските острови се протегаат од јужниот врв на полуостровот Камчатка. Руските научници предупредија во среда дека се можни силни последователни потреси во регионот во следните неколку недели.

„Ова е првата историски потврдена ерупција на вулканот Крашениников по 600 години“, изјави Олга Гирина, раководител на тимот за одговор на вулкански ерупции на Камчатка.

На Телеграм каналот на Институтот за вулканологија и сеизмологија, Гирина изјави дека последното излевање на лава од Крашениников се случило во рок од 40 години од 1463 година и оттогаш не е позната никаква ерупција.

Одделот на Камчатка при руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека по ерупцијата на вулканот е регистриран облак од пепел што се искачува до 6.000 метри. Самиот вулкан е висок 1.856 метри.

„Облакот од пепел се движеше кон исток, кон Тихиот Океан. Нема населени области по неговиот пат“, соопшти министерството на Телеграм.

На ерупцијата на вулканот ѝ е доделен портокалов код за авијација, што укажува на зголемен ризик за воздухопловството, соопшти министерството.

Отворена истрага против обвинителот кој ги водеше случаите против Трамп

Џек Смит
Џек Смит

Американска федерална агенција (ОСЦ) отвори формална истрага за поранешниот специјален советник Џек Смит, кој надгледуваше две кривични истраги против претседателот Доналд Трамп по неговиот прв мандат во Белата куќа.

Истрагата е насочена кон тоа дали Смит прекршил закон што им забранува на федералните службеници да ги користат своите позиции за политички активности. Барањето за истрага е поднесено од американскиот сенатор Том Котон, републиканец од Арканзас.

ОСЦ е независна агенција што го истражува однесување на федералните службеници, но нема овластување да поднесува кривични обвиненија. Таа е различна од канцеларијата на специјалниот обвинител што претходно ја водеше Смит, која беше назначена од Министерството за правда за гонење кривични случаи.

Истрагата на ОСЦ е најновата во низата мерки што Трамп и неговите сојузници ги презедоа против оние што ги сметаат за политички непријатели.

Сенаторот Котон што го поднесе барањето за истага го обвини Смит за агресивно водење истраги против Трамп за да му наштети на неговата претседателска кампања.

Според него, Смит е политички актер кој се преправа дека е јавен службеник.

Смит поднесе две кривични пријави против Трамп, од кои во едната е осомничен за нелегално задржување на доверлив материјал, а другата е поврзана со обидите на Трамп да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година.

Ниту еден од овие случаите не е на суд, откако Врховниот суд на САД им додели имунитет на поранешните претседатели.

Смит ги отфрли двата случаи откако Трамп победи на изборите, повикувајќи се на долгогодишната политика на Министерството за правда против гонење на актуелни претседатели.

Сепак, тој објави извештај во јануари годинава во кој се вели дека доказите што ги собрал би биле доволни за да го осудат Трамп.вата кампања.

Украина ги интензивира нападите врз Русија

Заглавени патници во чекалната на аеродромот во Сочи, поради суспензиите на летовите на 24 јули за време на претходен напад со украински дрон.
Заглавени патници во чекалната на аеродромот во Сочи, поради суспензиите на летовите на 24 јули за време на претходен напад со украински дрон.

Украинските сили продолжија да ја таргетираат воената инфраструктура длабоко во Русија рано наутро на 3 август, продолжувајќи го притисокот врз Кремљ неколку дена пред рокот што американскиот претседател Доналд Трамп ѝ го даде на Москва да прифати мировен договор со Киев.

Руските власти во црноморското одморалиште Сочи соопштија дека украинските беспилотни летала погодиле и запалиле регионално складиште за нафта, а повеќе од 120 пожарникари се борат да ги контролираат пламените јазици во населбата Адлер во градот.

Руските воздухопловни власти соопштија дека летовите на аеродромот во Сочи се запрени поради нападот со беспилотно летало, најновиот во низата неодамнешни мерки, бидејќи украинските напади го нарушуваат цивилното воздухопловство во Русија.

Руските аеродроми честопати се принудени да ги сопрат летовите низ западен дел од земјата. Сочи, град со околу 455.000 жители, е 1.360 километри јужно од Москва и околу 1.000 километри од украинската граница.

Гувернерот на рускиот Воронежски регион, Александар Гусев, изјави дека „како резултат на падот на остатоците од дронот имало пожари во голем број приватни куќи и помошни згради, а неколку возила биле оштетени“.

„Опасноста од напад со беспилотни летала низ целиот регион останува“, напиша тој на социјалната платформа Телеграм.

Киев не коментираше веднаш за извештаите за нападите, кои не можеа веднаш да бидат потврдени.

Но, извештаите доаѓаат во време кога Украина се чини дека ги засилува нападите со беспилотни летала длабоко во Русија во време кога Трамп врши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот и крај на војната, која сега е во четвртата година.

Трамп на 1 август изјави дека распоредува нуклеарни подморници „поблиску до Русија“, иако не прецизираше дали станува збор за подморници со нуклеарен погон или нуклеарно вооружени подморници.

„Само сакам да бидам сигурен дека неговите зборови се само зборови и ништо повеќе од тоа“, изјави Трамп за телевизијата Newsmax.

Тој се осврна на објавата на социјалните мрежи од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев во која го обвини Вашингтон дека игра „игра на ултиматуми“ како одговор на објавата на Трамп дека го скратил рокот од 50 дена за Кремљ да прифати прекин на огнот на 10 дена - сугерирајќи датум на 8 август.

Сончево време со мала веројатност за пороен дожд

Илустрација
Илустрација

Денеска не очекува сончево време со мала до умерена облачност, а попладне ќе има услови за изолирана појава на пороен дожд и грмежи.
Температурата низ државава ќе се движи од 12 до 36 степени Целзиусови. Во Скопје пак, минималната температура се очекува да биде 17, а максималната 36 степени Целзиусови.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, утре на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Локална појава на нестабилност ќе има и во вторник, а од среда се очекува стабилизирање на времето со пораст на дневната температура

Иранскиот претседател во посета на Пакистан за зајакнување на односите

Архивска фотографија иранскиот претседател Масуд Пезешкијан
Архивска фотографија иранскиот претседател Масуд Пезешкијан

Пакистан го пречека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во саботата на дводневна официјална посета, бидејќи двата соседа имаат за цел да ги зајакнат своите билатерални односи во услови на зголемени тензии во регионот и пошироко, јавува германската новинска агенција ДПА.

Пезешкијан пристигна во источниот град Лахор, а локалните медиуми емитуваа снимки од слетувањето на неговиот авион.

Поранешниот премиер Наваз Шариф и главниот министер на покраината го пречекаа претседателот.

За време на неговата прва посета, иранскиот претседател треба да разговара со претседателот Асиф Али Зардари и премиерот Шехбаз Шариф, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи.

Во петокот, Пакистан соопшти дека ќе продолжи да ја игра својата улога во смирувањето на тензиите меѓу Иран и САД.

„Иран е наш близок пријател и братска соседска земја. Ние остануваме посветени на давање позитивен придонес за намалување на тензиите и промовирање дипломатски решенија за проблемот. Отворени сме да ја играме таа улога и ќе продолжиме да ја играме таа улога“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на неделниот брифинг за медиумите.

Претходно, американскиот државен секретар Марко Рубио изрази „благодарност за континуираната подготвеност на Пакистан да игра конструктивна улога во посредувањето во разговорите со Иран и неговата посветеност на зачувувањето на регионалната стабилност“.

Односите меѓу Пакистан и Иран честопати беа нестабилни, особено поради прекуграничната милитантност, а тензиите ескалираа во јануари минатата година кога двете страни започнаа ракетни напади од типот „очи за око“.

И покрај тензиите, двете земји ја држеа дипломатската врата отворена. Во мај, иранскиот министер за надворешни работи го посети Пакистан во услови на зголемени тензии со Индија.

За време на иранско-израелската војна, Пакистан го поддржа правото на Иран на самоодбрана и ги осуди нападите на САД врз нуклеарните постројки.

Вучиќ: Додик нема да биде уапсен во Србија, ако дојде

Архивска фотографија, претседателот на Република Српска Милорад Додик и српскиот преседател Александар Вучиќ
Архивска фотографија, претседателот на Република Српска Милорад Додик и српскиот преседател Александар Вучиќ

Пресудата против Милорад Додик, претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС), сериозно ја поткопа безбедноста во регионот, оцени Српскиот совет за безбедност на 2 август.

Додик, беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција на 1 август поради непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Српскиот претседател Александар Вучиќ по седницата на Советот на 2 август изјави дека ова е „најтешката ситуација за нас од 2008 година“.

„Прашањето е каде и како ќе заврши ова и затоа е важно нашето инсистирање на зачувување на мирот и регионалната стабилност. Донесената одлука е ништо друго освен недемократска, таа е насочена и против Република Српска и српскиот народ како целина“, рече Вучиќ и нагласи дека „Додик нема да биде уапсен во Србија, ако дојде“.

Вучиќ изјави дека на српскиот народ во Косово му претстои „тешка борба за опстанок“ и дека таму е „многу тешко“, но дека „ситуацијата во Босна и Херцеговина му предизвикува најголем страв“.

Во заклучоците на Советот се наведува дека „политичката и безбедносната ситуација во регионот е сериозно нарушена, со тенденција дополнително да се влоши и да предизвика меѓуетнички конфликти директно насочени против српскиот народ“.

Советот „ги повика сите актери во регионот да останат смирени и рационално да ја разгледаат ситуацијата“ и подвлече дека „ваквите акти директно го кршат уставниот поредок на Босна и Херцеговина, воспоставен со Дејтонскиот мировен договор“.

Примарната цел на дипломатските и правните активности на Србија по оваа пресуда, како што заклучи Советот, ќе биде „зачувување на РС во согласност со Дејтонскиот договор, со силна и активна кампања во меѓународните организации како најважни партнери“.

Србија, како што заклучи Советот, ќе „ги употреби сите дипломатски, политички и правни средства што ѝ се на располагање за да обезбеди поддршка на Република Српска и нејзините легални и легитимни претставници“.

Адвокатот на Додик, Горан Бубиќ, објави по објавувањето на пресудата дека ќе биде поднесена жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина, во обид да ја оспори.

„Исто така, ќе побараме привремена мерка за замрзнување на извршувањето на пресудата до одлуката на Уставниот суд на БиХ“, рече Бубиќ на прес-конференција на 1 август во Бања Лука, наведувајќи дека ова се чекори неопходни за понатамошна жалба до Европскиот суд за човекови права.

На истата прес-конференција, Додик изјави дека не ја прифаќа пресудата ниту кривичното дело за кое е осуден.

Тој најави нови одлуки на Народното собрание на РС, кое треба да усвои „јасен план за тоа како да се излезе од ова“, без да прецизира какви би биле тие одлуки.

Американскиот пратеник на средба со семејствата на заложниците во Газа

Архивска фотографија, амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби и специјалниот пратеник на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф, при посета на локацијата за дистрибуција на храна и помош на Хуманитарната фондација за Газа
Архивска фотографија, амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби и специјалниот пратеник на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф, при посета на локацијата за дистрибуција на храна и помош на Хуманитарната фондација за Газа

Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф се сретна во Тел Авив со роднините на заложниците кои се држени во Појасот Газа во саботата и им рече дека САД ќе ги вратат нивните најблиски дома и ќе се погрижат Хамас да биде повикан на одговорност.

„Ќе ги вратиме вашите деца дома и ќе го сметаме Хамас за одговорен за сите лоши дела од нивна страна. Ќе направиме што е исправно за народот на Газа“, им рекол Виткоф на семејствата, се наведува во соопштението.

„Знаеме кој е жив и некој ќе биде виновен ако не излезат живи. САД стојат зад оваа изјава“, додаде тој.

Пратеникот на Трамп, исто така, изрази надеж дека крајот на војната е близу.

„Имаме план да ја завршиме војната и да ги вратиме сите дома“, вели тој.

За американскиот претседател Доналд Трамп, ослободувањето на сите заложници е „света мисија“. Во последниве денови, Хамас и други исламистички организации во Појасот Газа објавија видеа од двајца заложници.

Семејствата забранија ширење на видеата, иако во еден случај беа дозволени фотографии.

Снимките од ослабени заложници во тунел ги шокираа многу Израелци. Според официјалните израелски бројки, 50 заложници сè уште се во Појасот Газа, од кои се верува дека најмалку 20 се живи.

На 7 октомври 2023 година, Хамас и други исламисти киднапираа повеќе од 250 луѓе од Израел.

Приближно 1.200 луѓе беа убиени во масакрот. Нападот и земањето заложници ја предизвикаа војната во Газа.

Во текот на речиси 22 месеци војна, повеќе од 60.000 луѓе во Газа се убиени, тврдат палестински извори контролирани од Хамас.

Еден човек е повреден,а две бараки изгорени во пожар во скопско Лисиче

Илустрација, куќи зафатени од пожар
Илустрација, куќи зафатени од пожар

Две куќи се опожарени, а еден човек е повреде при пожарот кој избил во скопската населба Лисиче во Општина Аеродром. Пожарот настанал доцна во ноќта во една од бараките и се проширил кон покривот на соседната, објаснуваат од Министерството за внатрешни работи.

„На 02.08.2025 околу 01:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во куќа на ул.„Ѓорѓе Андреевиќ-Кун“ во скопската населба Лисиче. Од пожарот целосно изгореле две куќи, во сопственост на С.С.(61) и Д.Ѓ. (30), а во делот на кровот била опожарена куќата на С.Г.(57)“, прецизираа од МВР.

Пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Шеесет годишниот сопственик на изгорената куќа се здобил со повреди и со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG