Достапни линкови

Државна лотарија: Истражители истражуваат, бегалците во бегство


Државна лотарија (илустрација)
Државна лотарија (илустрација)

По налог на ОЈО, Финансиската полиција собира дополнителна документација за низата кривични предмети отворени за Државната лотарија. Се водат предистражни дејствија и за други јавни набавки спроведени во време на минатото раководство. Од Артан Груби и Перпарим Бајрами сѐ уште нема ни трага ни глас.

„Ако не се врати доброволно, ќе најдеме соодветен начин како да го вратиме“, изјави министерот Панче Тошковски на 26 декември минатата година, нецели две недели откако екс-вицепремиерот Артан Груби, ја помина македонската граница со Косово и повеќе не се врати дома.

Од неговата изјава досега поминаа седум месеци, а Груби своеволно не стапна на македонско тло. Барем не физички, иако се јави виртуелно на Фејсбук и Инстаграм на 7 јуни, споделувајќи роденденски честитки од роднини и пријатели.

Единствена информација за можната локација на Груби ја сподели вицепремиерот Изет Меџити - дека Груби, кој се наоѓа и на црната листа на американскиот Стејт департмент не е во Косово, туку дека се крие во Албанија. Сепак, и по толку време, никој официјално и институционално не го потврди тврдењето на Меџити. А МВР и осум месеци од неговото бегство, се уште не ја знае неговата точна локација.

„Министерството за внатрешни работи е во постојана комуникација со надлежните служби од државите во кои според оперативните информации лицето би можело да биде лоцирано. Во случај на пронаоѓање, ќе следат сите неопходни мерки и активности, со цел негово враќање во државата“, рекоа од институцијата за РСЕ.

Но, од МВР не одговорија на дополнителните прашања - дали евентуално е направена техничка и оперативна анализа за мапирање на локацијата од каде Груби сподели честитки на социјалните мрежи. Од таму не одговорија ниту на прашањето за нивните последни сознанија можната локација и на ексдиректорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, за кого има пет кривични пријави за злоупотреби.

За двајцата соизвршители во кривичната пријава за набавката на видеолотариските апарати е распишана меѓународна потерница и се бараат во координација со Интерпол и полициите на другите држави.

За разлика од Бајрами, поминувањето на македонско-косовската граница беше асистирано од косовскиот почесен конзул во земјава и бизнисмен Арсим Папранику, кој со свое дипломатско возило го превезе Груби преку граница, непосредно пред полициската акција.

Откако се врати назад во Северна Македонија, беше повикан на распит во МВР. Но, полицијата кај Папранику не утврдила никаква одговорност.

„Во врска со лицето за кое прашувате, ве известуваме дека МВР не води постапка“, одговорија за РСЕ.

Кривични за онлајн фирми, ВЛТ апарати, закуп и телевизори и лотариски софтвер

И додека Груби и Бајрами шетаат на слобода, институциите отплеткуваат сложена мрежа на корупција спроведувана преку огласи, јавни набавки и законски решенија.

Досега, МВР и Управата за финансиска полиција поднесоа пет кривични пријави за незаконско работење на Државна лотарија додека со неа раководеше Перпарим Бајрами.

Тие се однесуваат на набавката на витеолотариски терминали во вредност над осум милиони евра, незаконско доделување лиценци на четири компании со мешан државен и приватен капитал за организирање онлајн коцкање, најмалку двојно поскапиот закуп на деловен простор во скоспко Визбегово, тендер за набавка на телевизори.

Последнната кривична на МВР од пред месец и половина е протв шест лица, вклучувајќи го и Перпарим Бајрами.

Тој како претседател на Управниот одбор го „намалил периодот на важност на договорот за изнајмување софтвер за лотариски систем на една година со што двојно ја зголемил проценетата вредност за набавката и склучил договор со друго правно лице од Србија“. Штетата според пријавата на МВР изнесува 192.00 евра.

Кога станува збор за тендерите во акционерското друштво, Финансиската полиција веќе поднесе кривична пријава против Перпарим Бајрами и газдата на „Ритрон копи“, Артан Ајрули, и други двајца директори во Државна лотарија.

Ајрули беше уапсен и осомничен за местење тендери при набавка на телевизори, печатачи, компјутерска и комуникациска опрема за потребите на Државна лотарија. Кривичниот суд Скопје тогаш го потврди предлогот на Обвинителството за одземање на пасошот и обврската да се јавува во суд.

Од ОЈО велат дека постапуваат по предметот.

„Се обезбедуваат докази за целосно испитување на настанот, по што ќе биде наредено и соодветно вештачење. Мерките се определени од Судот кој е надлежен за нивното спроведување или евентуално менување во текот на постапката“, одговорија од обвинителството за РСЕ.

Од Финсиската полиција, пак, посочуваат дека тедерот склучен со „Ритрон копи“ не е единствениот на кој работат.

„Можеме да потврдиме дека во моментот се вршат проверки и се превземаат предистражни дејствија и во однос на други постапки за јавни набавки спроведени од страна на АД Државна лотарија на Македонија, освен оние за кои веќе беше поднесена кривична пријава од наша страна“, рекоа од Управата за финансиска полиција за РСЕ.

Оваа институција, во моментов извршува дополнителни проверки и превзема и други дејствија според наредби од надлежен јавен обвинител во врска со случајот за закупот на деловен простор во поранешниот ресторан за свадби во Визбегово, договор кој Владата го раскина.

На прашање до Обвинителството, дали истрагата освен за Перпарим Бајрами ќе се прошири и кон други лица и компании, од ОЈО велат дека „не е во можност да претпостави што ќе произлезе од проверките, но, по целосно испитување на настанот ќе постапи согласно своите надлежности спрема сите лица за кои ќе бидат утврдени сомненија за сторено кривично дело“.

Во најголемиот случај поврзан со Државна лотарија тежок над 8 милиони евра за набавка на видеолотариски апарати за кој се води истражна постапка, обвинителите побарале дополнително време за истрага.

„Со оглед на тоа што и покрај распишаните потерници по барање на обвинителството осомничените се уште не се достапни на органите на прогонот, јавните обвинители побараа продолжување на рокот за истрага. Во меѓувреме, отпочната е финансиска истрага и дадени се дополнителни насоки на Финансиската полиција за постапување“, рекоа од ОЈО.

Откако државата го раскина договорот со „Хеј дооел“ за закупот на деловен простор, стотици апарати, чија набавка е предмет на истрага, беа транспортирани со шлепери од поранешниот ресгоран во Визбегово во приватен склад за кој акционерското друштво плаќа кирија.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG