Вести
ВМРО ДПМНЕ: Заев да го каже својот став за Гоце Делчев

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски денеска на пресс конференција го повика премиерот Зоран Заев да го каже својот став за Гоце Делчев и македонскиот јазик, и "да не крие зад празни флоскули".
Мисајловски вели дека Заев молчи во врска со изјавите на истакнати бугарски политичари дека Гоце Делчев е бугарин, а македонскиот јазик дека е лингвистичка форма на бугарскиот.
„Заев со своето молчење ја понижува македонската нација. Господине Заев кој е вашиот став за Гоце Делчев и за македонскиот јазик и зошто не реагирате на бугарските понижувања на нашата нација?! Дополнително зошто владата не упати протестна нота до Бугарија, по изјавата на Каракачанов дека ќе испрати армиски полк да ги руши спомениците на македонските револуционери во Скопје?! Дали господине Заев тргувате со Гоце Делчев и со македонскиот јазик?! И дали потклекнувате пред бугарските закани?!“, праша Мисајловски.
Заев: Ќе внимаваме како ѝ одговараме на Софија за Делчев и јазикот
За Владата изјавите на Каракачанов се недостојни и недолични
види ги сите денешни вести
Во САД убиени демократска политичарка и нејзиниот сопруг, двајца ранети

Демократската политичарка Мелиса Хортман е убиена, а смртно е застрелан и нејзиниот сопруг во пукотница во Минесота, потврдија американски претставници.
Во одделен инцидент, уште еден претставник на демократите, Џон Хофман, и неговата сопруга се ранети.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, го нарече пукањето „политички мотивирано убиство“.
Нападите се случиле во нивните домови во градовите Чамплин и Бруклин Парк, во близина на Минеаполис.
Полицијата вели дека напаѓачот можеби се преправил како полицаец и избегал откако отворил оган врз полицајците.
Полицијата во Бруклин Парк издаде наредба до граѓаните да се засолнат во домовите во радиус од три милји од голф теренот во Единбург.
Гувернерот Волц вели дека е „претпазлив оптимист“ за закрепнувањето на повредениот пар.
Мелиса Хортман, демократската претставничка од Минесота, која беше убиена во оружениот напад, беше една од најистакнатите политички личности во државата.
Хортман беше во Претставничкиот дом на Минесота 20 години, а беше и претседателка од 2019 до 2025 година. За време на нејзиниот мандат, таа се истакна како силен поборник за реформи во полицијата по убиството на Џорџ Флојд во Минеаполис, а особено се залагаше за забрана на задушувањата од страна на полицијата, закон кој со нејзина помош се протурка во 2020 година.
По изборите во ноември 2024 година, кога републиканците презедоа цврста контрола врз Долниот дом, Хортман го предводеше бојкот на законодавната седница што започна во јануари.
Рамнотежата на моќта се промени по мартовските прелиминарни избори, кога традиционално демократското место заврши во рацете на демократите. Беше постигнат договор за поделба на власта, во кој Хортман одигра клучна улога.
Власта планира мерки за цените ако забележи „трикови“ од трговците

Владата има план да носи мерки и да реагира ако забележи непринципиелно зголемување на цените, тврди премиерот Христијан Мицкоски.
Тој вели дека состојбата со цените „ја следи одблиску“.
„Реков дека нема да толерирам трикови, внимателно следиме што се случува во маркетите и се разбира доколку има одредени непринципиелни однесувања што јас ги нарекувам трикови ќе делуваме. Инаку имаме во план да носиме мерки, со кои јавноста ќе биде запознаена благовремено“, рече Мицкоски.
На предлогот на Министерството за економија и труд, Владата на 20 февруари донесе мерка со која се ограничија маржите на стотина групи производи, додека на осум производи беа замрзнати цените. Меѓутоа, оваа мерка важеше до 30 април.
Но, според министерот за економија и труд, по ова нема драстично зголемување на цените.
„Нема драстично зголемување на цените во делот, каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен ќе гледа, ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економски оправданост од трговците на цените, нормално дека ќе донесеме пак одлуки“, рече Дурмиши на 14 јуни.
Зголемување на цените беше забележано и од Државниот завод за статистика (ДЗС). Во својот последен извештај тој нотираше дека инфлацијата во мај се зголемила за 1,5 отсто во однос на април 2025, а во тоа најголем удел имало зголемувањето на трошоците за живот токму за храната и безалкохолните пијалаци каде тоа изнесувало 4,1 процент.
Во нападите во Тел Авив повредени хрватскиот конзул и неговата сопруга

Конзулот на Република Хрватска и неговата сопруга се полесно повредени во иранскиот напад врз Тел Авив, соопшти денеска (14 јуни) хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.
„Шокиран сум од веста дека нашиот конзул и неговата сопруга се повредени во нападот врз Тел Авив. Зградата каде што живеат е погодена. Разговарав со нив и за среќа, повредите се полесни и не се опасни по живот“, напиша Грлиќ Радман на мрежата Икс (X).
Тој додаде дека Министерството е во постојан контакт со хрватската амбасада и ги презема сите мерки за да ја обезбеди нивната безбедност.
„Остро ги осудуваме нападите врз цивилните и дипломатските објекти. Повикуваме на итна деескалација и воздржаност“, рече Грлиќ Радман.
За Северна Македонија досега нема информации дека нејзини граѓани се повредени во нападите. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера апелираше до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции.
Паралелно, апелираа до останатите да се воздржат од патувања во овие две држави.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска (14 јуни) не даде информации за тоа дали евентуално македонски државјани побарале евакуација.
„Има кризен штаб во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се следи будно состојбата преку извештаите кои што ги добиваме преку службени канали, така што не би коментирал повеќе од ова што го кажав“, рече Мицкоски.
Иран започна напади со балистички ракети врз Израел еден ден претходно, а врховниот лидер на Иран вети дека ќе „нанесе тешки удари“ како одмазда за претходните израелски напади.
Меѓусебните напади продолжија и денеска (14 јуни), при што ракетите ги погодија и Тел Авив и Техеран.
Мицкоски: Комуницираме со ЕК, чекаме одговор од Бугарија за средба

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Северна Македонија комуницира со Европската Комисија за решавање на спорот со Бугарија, но се чека одговор од Софија за евентуална средба помеѓу официјални претставници на двете држави.
„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија (ЕК) и вчера и денес. Сè уште немаме повратен одговор. Има предлог термин, да почекаме да се изјаснат од бугарската страна“, рече Мицкоски.
Премиерот претходно изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта покренал иницијатива за средба помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
Таа, според претходните изјави, би се случила на маргините на Самитот на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни. Од македонска страна, претставник на Северна Македонија ќе биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова додека од бугарска извесно е дека ќе биде премиерот Росен Жељазков иако очекувањата беа дека тоа ќе биде претседателот Румен Радев.
Сиљановска-Давкова вчера (13 јуни) рече дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега нема да биде присутен на овој настан.
Двете соседни земји – Северна Македонија и Бугарија имаат билатерал спор кој е пречка за македонските евроинтеграции.
Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.
Откако го реши речиси тридеценискиот спор околу името во 2017 со Грција, официјална Атина го тргна ветото на евроатлантскиот пат на земјата. Државата го промени уставното име додавајќи ја придавката „Северна“ и стана членка на НАТО во 2020, но истата година вето за отпочнување преговори со ЕУ стави Бугарија.
Потоа, договор беше постигнат во 2022 година со усвојување на т.н. француски предлог со кој се предвиде Скопје да ги продолжи евроинтеграциите откако во преамбулата од Уставот ќе ја вметне и бугарската заедница.
Уставните измени не се случија, а владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции дека нема да има нови условувања во иднина од бугарска страна.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски на 13 јуни изјави дека Бугарија да се праша дали воопшто сака некаква средба.
„Јас можам да кажам што ние правиме, ние сакаме средби и комуникација бидејќи сметаме дека е нормално соседи да комуницираат, секогаш ќе наоѓаме начини за комуникација. Но, истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции“, рече Муцунски уште еднаш повторувајќи го владиниот став дека „нема откажување од идентитетот“.
Ваквиот став, рече министерот, ги пренел и на неговиот бугарски колега Георг Георгиев со кого имаше телефонски разговор на 11 јуни.
Бројот на жртви од падот на авионот во Индија се искачи на 270

Бројот на жртви во падот на авионот во Индија се искачи на 270 откако тимовите за пребарување во државата Гуџарат пронајдоа уште 10 тела, соопштија официјални лица на 14 јуни.
Боингот 787, кој леташе за Лондон, се урна врз студентски дом на медицински колеџ во станбена област во Ахмедабад неколку минути по полетувањето во четврток, при што загинаа 241 лице во авионот и најмалку 29 на земја.
Само еден патник преживеа.
Д-р Давал Гамети од Градската болница во Ахмедабад за Асошиејтед прес изјави дека оваа здравствена установа примила 270 тела, додавајќи дека во оваа болница е и единствениот што ја преживеал несреќата.
Стотици роднини на жртвите од несреќата доставија примероци од ДНК во болницата.
Повеќето од телата беа јагленосани или осакатени, што ги направи непрепознатливи. Некои роднини денес изразија фрустрација што процесот трае предолго. Властите велат дека обично се потребни до 72 часа за да се завршат анализите за совпаѓањето на ДНК.
Вчера, 13 јуни, истражителите го пронајдоа дигиталниот снимач на податоци за летот на авионот односно т.н. црна кутија. Таа беше пронајдена на покрив во близина на местото на несреќата и веројатно ќе открие индиции за причината за несреќата.
Индискиот оддел за истрага на воздушни несреќи соопшти дека почнал да работи „со полна пареа“ за да ги пронајде податоците.
Нападите Израел - Иран се тест за Путин како можен посредник на Блискиот Исток

Израелските напади врз иранскиот нуклеарен комплекс и военото раководство одекнаа низ целиот свет, предизвикувајќи стравувања од ескалација и поширока војна во регионот.
Сепак, кампањата на заплашување и шок имаше силна резонанца и во Москва, каде што рускиот претседател Владимир Путин се позиционираше како моќен посредник во односите со Техеран.
Од Москва - Брзо и недвосмислено
Рускиот одговор на нападите беше брз и недвосмислен.
Во подолга изјава, Министерството за надворешни работи изрази „најдлабока загриженост поради опасната ескалација на тензиите на Блискиот Исток“ и го обвини Израел за кршење на меѓународното право.
„Неиспровоцирани воени напади врз суверена членка на Обединетите нации, нејзините граѓани, мирни, заспани градови и инфраструктурата за нуклеарна енергија се целосно неприфатливи. Меѓународната заедница не смее да остане рамнодушна на таквите злосторства што го уништуваат мирот и ја загрозуваат регионалната и меѓународната безбедност“, се вели во соопштението.
Министерството додаде дека времето на нападите покажува „особен цинизам“, истакнувајќи дека израелските напади биле извршени за време на седницата на Одборот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и непосредно пред очекуваната шеста рунда разговори меѓу иранските и американските претставници за напредокот на иранската нуклеарна програма.
Додека некои може да ја сметаат изјавата како лицемерна - фразата „заспани градови“ лесно може да се поврзе со тековното руско бомбардирање на Украина - геополитичкото влијание на овие напади врз Русија е очигледно.
Израелската воена кампања го тестира стратешкото партнерство на Иран со Русија и потенцијално одзема важна карта од Кремљ во преговорите со Вашингтон за Украина.
Путин се претстави како можен посредник за Иран
Во неодамнешниот телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, Путин се претстави како можен посредник во постигнувањето договор со Иран.
На својата платформа TruthSocial, Трамп напиша: „Му реков на претседателот Путин дека Иран не може да има нуклеарно оружје и верувам дека се согласивме за тоа. Претседателот Путин предложи дека ќе се вклучи во разговори со Иран и дека можеби може да помогне да се дојде до брз заклучок“.
Москва на почетокот на оваа недела ги истакна можните улоги што би можела да ги одигра во ограничувањето на иранската нуклеарна програма, сугерирајќи дека Русија би можела да помогне во намалувањето на тензиите со извоз на ирански нуклеарен материјал за да се преработи во гориво на нуклеарниот реактор.
Но, воените потези на Израел против Иран може да ги загрозат дипломатските напори за ограничување или укинување на нуклеарната програма на Техеран.
Покрај тоа, нападите беа насочени и кон врвот на иранскиот воен естаблишмент, кој и обезбеди на Русија евтина технологија за беспилотни летала за да води војна во Украина.
Украина предупредува
Иако Русија го префрли производството на беспилотни летала Шахед, кои рутински ги таргетираат украинските градови, во свои капацитети, Министерството за надворешни работи на Украина, како одговор на израелските напади, го означи Иран како дел од „група агресивни режими“ кои ја загрозуваат меѓународната безбедност.
Во таа група спаѓаат и Северна Кореја и Белорусија.
„Сакаме да ве потсетиме дека иранскиот режим ја поддржува Русија во нејзината нелегална агресивна војна против Украина и ја снабдува Москва со оружје што ги убива Украинците“, се вели во соопштението.
„Иран е извор на многу проблеми на Блискиот Исток и пошироко“, се додава.
Блискоста на Русија и Иран
Русија и Иран ги продлабочија врските создадени преку взаемна поддршка за сега соборениот режим на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан потпиша договор за стратешко партнерство за време на посетата на Москва со претседателот Владимир Путин во јануари.
Сепак, тоа партнерство има свои ограничувања.
Коментирајќи ја платформата X, Хана Ноте од Центарот за неширење на нуклеарното оружје Џејмс Мартин напиша: „Запомнете: Договорот за стратешко партнерство не вклучува взаемни одбранбени обврски како оние што Москва им ги даде на Северна Кореја и Белорусија“, истакнувајќи дека рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко неодамна појасни дека Русија не е обврзана да го брани Иран во случај на напад.
Што вели меѓународната заедница?
Русија не е единствената постсоветска земја која ги осудува акциите на Израел.
„Сериозно сме загрижени поради воените операции што ги спроведува државата Израел на територијата на Исламската Република Иран“, соопшти азербејџанското Министерство за надворешни работи.
Турција остро го осуди Израел, нарекувајќи ги нападите „јасно кршење на меѓународното право“ и „провокација што и служи на стратегијата на Израел за дестабилизација на регионот“.
Поумерени изјави дојдоа од европските метрополи.
Британскиот премиер Кир Стармер повика на „воздржаност, смиреност и враќање на дипломатијата“ во објава на социјалните мрежи по нападите.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен упати сличен повик за воздржаност, без да покажува со прст на ниту една страна.
Во објавата на TruthSocial, Доналд Трамп посочи дека Иран сè уште има шанса да дојде на преговарачка маса.
Муцунски: Не е јасно дефинирано што е Хамас и затоа не ја поддржавме резолуцијата во ОН

„Северна Македонија не е против мир во Палестина, но некои елементи од содржината на резолуцијата во Обединетите нации се спротивни на нашите национални интереси“.
Со вакво објаснување денеска (13 јуни) излезе министерот за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски за тоа зошто државата гласала „воздржано“ за резолуцијата што вчера беше изгласана на Генералното собрание во Обединетите нации (ОН), а со која се бараше прекин на огнот во Газа.
Еден од елементите, кои тој рече дека не соодветствуваат со надворешната политика на Северна Македонија е тоа што во резолуцијата има делови кои се спротивно на основните принципи на меѓународното право, како и тоа што не е „јасно дефинирано што е Хамас“, која е прогласена за терористичка организација и од ЕУ и од САД.
„За мене нема дилема дека Хамас е терористичка организација која изврши убиство на територија на Израел, но кога нема јасно дефинирање за дејствијата на Хамас, за тоа што правела Хамас, не може да застанеме зад една таква резолуција“, изјави Муцунски.
Шефот на дипломатијата пред новинарите порача дека „нема дилема оти државата сака мир“ и вели оти како мала држава дава свој придонес колку што може.
„Даваме инпут колку што можеме како мала држава – за мир помеѓу Украина и Русија, жалиме за развојот на состојбите на Блискиот исток, сакаме мир помеѓу Израел и Палестина“, рече Муцунски.
Министерот ставовите ги изнесе на заедничка прес-конференција со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто кој е во официјална посета на Северна Македонија.
Сијарто, кој доаѓа од редовите на партијата Фидез на премиерот Виктор Орбан, која важи за блиска на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во Скопје денеска потпиша два документи со македонскиот колега - Договор за стратешко партнерство помеѓу владите на двете земји, како и меморандум за продолжување на програмата за стипендирање на 20 студенти од земјава за студии во Унгарија.
Сијарто: Унгарија е „за“ Западен Балкан во ЕУ, а „против“ влез на Украина
Од Скопје, Сијарто испрати и остри критики на адреса на Европската Унија и на западните земји поради бавната интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
„Во Унгарија го сметаме за неприфатливо тоа што додека Брисел сака екстремно брзо да ја прими Украина во ЕУ, истовремено многу поразвиени и поподготвени држави од Западен Балкан да се попречуваат во нивното зачленување“, рече Сијарто.
Тој ги обвини претставниците на западните држави дека ја „залажуваат“ јавноста кога зборуваат дека се за интеграција на балканските држави и рече дека Бугарија не е единствената пречка за Северна Македонија.
„Не лутете се, но ситуацијата е многу потешка. Во овој момент членките на ЕУ кои го поддржуваат проширувањето во насока на Западен Балкансе малцинство. Не треба да се залажуваме дека повеќето кога доаѓаат овде ви зборуваат јавно со убави зборови колку многу го поддржуваат зачленувањето, но кога остануваме сами ние 27-те членки тогаш мнозинството веднаш почнува да зборува за тоа зошто не би можел да се зачлени Западен Балкан“, зборуваше Сијарто.
Муцунски: Сакаме средби и комуникација со Бугарија
Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. По решавањето на речиси тридеценискиот спор околу името во 2017 со Грција, официјална Атина го тргна ветото на евроатлантскиот пат на земјата. Државата го промени уставното име додавајќи ја придавката „Северна“ и стана членка на НАТО во 2020, но истата година вето за отпочнување преговори со ЕУ стави Бугарија.
Потоа, договор беше постигнат во 2022 година со усвојување на т.н. француски предлог со кој се предвиде Скопје да ги продолжи евроинтеграциите откако во преамбулата од Уставот ќе ја вметне и бугарската заедница.
Во моментов, дијалогот помеѓу двете земји е во стагнација.
Дали Бугарија воопшто сака некаква средба, треба да се прашате во Софија, порача денеска и министерот Муцунски кој пред два дена имаше телефонски разговор со бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев.
„Јас можам да кажам што ние правиме, ние сакаме средби и комуникација бидејќи сметаме дека е нормално соседи да комуницираат, секогаш ќе наоѓаме начини за комуникација. Но, истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции и тоа е она што го пренесов на мојот колега“, рече Муцунски уште еднаш повторувајќи го владиниот став дека „нема откажување од идентитетот“.
Кога е во прашање дијалогот и средбите помеѓу двете држави, иако имаше очекувања за такво нешто помеѓу претседателката Гордана Силјановска Давкова и бугарскиот шеф на државата Румен Радев на маргините на Самитот на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни, таа нема да се случи. Бугарија одлучи наместо претседателот, да го испрати премиерот Росен Жељазков.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски порача дека доколку има иницијатива за средба на претседателката со Жељазков, тогаш таа треба да се прифати.
Бислимоски: Војната меѓу Израел и Иран ќе се одрази на цената на нафтата дома

Војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, предупредува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимовски, но не очекува влијание на цените на останатите продукти.
По ноќешните напади на Израел врз Иран, тој посочи дека денеска цената на светските берзи на бренд нафтата била зголемена за десетина долари. Зголемувањето, според Бислимовски, е шест-седум долари.
„Апсолутно ќе има влијанија, да видиме како ќе се одрази во следните денови. За следната недела не верувам дека ќе има некое драстично влијание кога ќе ја носиме одлуката, но понатаму доколку продолжи ваквиот тренд на високи цени на нафтените деривати. Апсолутно дека ќе има влијание и на цената која што ќе ја плаќаат корисниците во Македонија, изјави денеска Бислимовски пред обраќањето на панел сесијата „Енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија во комуналниот сектор“ во рамки на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“, што се одржува во Охрид.
Тој изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.
„Се надеваме дека ова ќе биде само еден пик и понатаму ќе се стабилизираат цените, како што беше тоа случај кога почна војната во Украина, имаше пик па се стабилизира и во последните неколку месеци тие се движеа меѓу 65 и 68 долари за барел. Сега имаме прв пат ситуација утрово цената да е 78 долари за барел, но да се надеваме дека тоа ќе биде само еден пик“, рече Бислимовски.
Бислимоски сепак потсетува дека цените на продуктите кои беа зголемени откако се зголеми цената на нафтата при почетокот на војната во Украина, сепак останаа непроменети.
„Кога зборуваме за цените на нафтените деривати, дизелот кога беше 110 долари беше причина за голем број поскапувања. Денеска цената на дизелот е 66-67 денари, а цените на производите кои тогаш се покачија не се вратија назад. Не верувам дека тоа ќе има драматично влијание на останатите продукти коишто се користат во Македонија“, заклучи претседателот на РКЕ.
Инаку Израел спроведе, како што ги нарече, „превентивни“ напади врз иранските нуклеарни објекти и воени локации низ целата земја на 13 јуни, со предупредување дека нападите ќе продолжат сè додека е потребно, за да се спречи Техеран да произведува нуклеарно оружје.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан најави одговор на израелските напади и рече дека Израел ќе зажали за овој непромислен акт.
Филков: Правиме напори пет од реформските законски побрзо да влезат во собраниска процедура

За пет од осум закони од првиот пакет закони од Реформската агенда со рок до јуни, 2025 година Министерството за правда прави напори најдоцна до 23. месецов да влезат во собраниска процедура, вели министерот за правда Игор Филков на почетокот на денешниот брифинг со медиуми.
Тој уверува дека најголемиот дел од законите се доставени и се во владина постапка.
За три од законите од Реформската агенда е потребно Бадентерово мнозинство.
Филков рече дека ова е работа за која сите треба да бидат свесни и да не практицираат дневна политика на грбот на граѓаните. Тој истакна дека Министерство за правда ги има изработено законите.
„Во пакетот осум закони со рок за носење до јуни годинава, четири се доставени до Влада и се во скратена постапка. Тоа се Закон за платите на судиите, Закон за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Судскиот совет и Законот за платите на членовите на Советот на ЈО“, информираше Филков.
Законот за Судски совет е подготвен и доставен на на мислење на Венецијанската комисија и објавен на ЕНЕР (Единствен национален регистар на прописи). Законот за судска служба е доставен во владина процедура и се врши усогласување на текстот со мислењата на релевантните институции.
Финалниот текст на Законот за јавнообвинителска служба е подготвен од Работната група и во тек се подготвки за објавување на ЕНЕР. Текстот на Изборниот законик е подготвен од стручните служби во Министерството за правда во согласност со препораките на ОДИХР.
Од законите со рок до декември 2025 година, текстот за Законот за кривична постапка е подготвен од страна на работната група.
Други закони на кои работи Министерството е и Законот за судови, кој се носи со 2/3 мнозинство, и за кој е формирана работна група која работи на законско решение. Законот за прекршоци, како дел од проектот "Безбеден град", е објавен на ЕНЕР и во тек е усогласување на текстот, Законот за пробација е подготвен и е во финална фаза пред објава на ЕНЕР, а подготвен е и текстот на Законот за помилување, информираше министерот Филков.
Инаку спроведувањето на Реформската агенда од Планот за раст треба да резултира со опипливи придобивки за граѓаните, забрзување на интеграцијата на земјата во ЕУ и дополнителни ресурси во буџетот на земјата за поддршка на потребните реформи.
Израелскиот напад е шокантен за иранската војска, но може да го зајакне нуклеарниот поход на Техеран

Масивниот напад на Израел врз Иран се чини дека го шокираше военото раководство на земјата и можеби го одложи непосредниот одмазднички удар.
Но, останува нејасно дали ја постигна својата примарна цел: осакатување на нуклеарната програма на Иран, за која Израел тврди дека Техеран е блиску до нуклеарно вооружување, додека Иран вели дека е програмата е исклучиво за цивилни цели.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху и други израелски претставници тврдат дека Иран неодамна ги забрзал напорите за збогатување на ураниум и вооружување до тој степен што би можел да произведе нуклеарно оружје во рок од неколку месеци - или дури и денови.
Операцијата ги таргетираше клучните компоненти на нуклеарната инфраструктура на Иран, вклучувајќи го и објектот за збогатување ураним Натанз - како и воените инсталации во и околу Техеран.
Израелските воени авиони, исто така, нападнаа објекти за производство на ракети и станбени згради за кои се верува дека се сместени врвни воени функционери и нуклеарни научници. Меѓу убиените, наводно, бил и Хосеин Салами, командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), иако Иран не ја потврди неговата смрт.
Целта, велат израелските власти, била да се деградираат нуклеарните капацитети на Иран и неговата способност да возврати со својот обемен арсенал на балистички ракети - закана што Израел ја смета за втора по значење. Првата закана е ,секако, нуклеарно вооружен Иран.
„Нетанјаху отвори ново поглавје на Блискиот Исток - ера на израелско-иранска нуклеарна војна“, напиша Еран Ецион, поранешен заменик-шеф на Националниот совет за безбедност на Израел, на социјалната платформа X.
„Војна чија декларирана цел е да се запре нуклеарната програма на Иран, но чија вистинска цел се чини дека е насочена кон самите темели на иранскиот режим“.
Безбедносните аналитичари ја опишуваат операцијата како превентивен обид да се спречи она што Израел го смета за егзистенцијална закана, но тоа е и ризик да предизвика регионална војна, да ја попречи дипломатијата, па дури и да ги забрза нуклеарните амбиции на Иран.
Дени Цитринонич, виш соработник во Институтот за студии за национална безбедност со седиште во Тел Авив, рече дека нападот нанел значаен удар врз престижот на Иран со пробивање на неговата воздушна одбрана и елиминирање на високи воени команданти.
Но, според него, влијанието на овој напад врз нуклеарната програма на Иран било „ограничено“, бидејќи клучните објекти, меѓу кои, и силно утврдениот локалитет Фордо - останаа недопрени.
„Ова е само почетна фаза од подолга кампања“, напиша Цитринонич на X. „Израел се чини дека крие некои карти за веројатната ескалација што претстои“.
Шестата рунда нуклеарни разговори меѓу Иран и САД, закажана за 15 јуни, сега е малку веројатно да продолжи. Со оглед на тоа што дипломатијата се чини дека е запоставена, секој ирански одговор ризикува продлабочување на циклусот на ескалација.
Првичната реакција на Иран беше лансирање на 100 беспилотни летала „Шахед“ врз Израел, но многу од нив беа пресретнати надвор од израелскиот воздушен простор.
Иранските лидери, исто така, ги повторија предупредувањата дека ќе возвратат и против Израел и против американските сили во регионот. Иако, Вашингтон негираше вмешаност во нападот, Иран може сè уште да го смета за одговорен.
Доколку Техеран ја спроведе закана за таргетирање на американските воени бази, тоа би можело да го вовлече Вашингтон во поширок конфликт.
Според проценките на американските разузнавачки служби, Иран поседува околу 2.000 ракети - многу од нив способни да носат боеви глави со повеќе од 900 килограми експлозив - и произведува приближно 50 балистички ракети месечно. Останува нејасно колку од овој арсенал бил онеспособен со израелскиот напад.
Регионалните посредници на Иран, кои долго време се сметаа за мултипликатори на сила, се сериозно деградирани. Војната во Газа го погоди Хамас, означена од САД како палестинската терористичка група, а либанскиот Хезболах сè уште се опоравува од неодамнешните судири со Израел. Тоа ги остава Хутите во Јемен како воено најодржлив сојузник на Техеран.
Техеран може да размисли и за повлекување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT), камен-темелник на глобалната контрола врз нуклеарното оружје.
Додека американските разузнавачки служби - спротивно на израелските проценки - во моментов веруваат дека Иран не се занимава активно со нуклеарно оружје, Исламската република би можела да го искористи израелскиот напад за да го оправда напуштањето на своите обврски од NPT договорот и чекорите кон вооружување.
„Владата на Нетанјаху можеби му дала на иранскиот режим и домашен и меѓународен легитимитет да се занимава со нуклеарно оружје“, предупреди Ецион.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете