Достапни линкови

Вести

Израел забрани влез на странци и задолжителен карантин за Израелци кои се враќаат од странство

Илустрација: Медицински работници го слават пристигнувањето на вакцината против коронавирус во Израел
Илустрација: Медицински работници го слават пристигнувањето на вакцината против коронавирус во Израел

Израелските власти денеска одлучија сите Израелци кои се враќаат од странство мора да одат во изолација од најмалку десет дена во хотели кои ќе ги одреди државата, поради загриженост од новиот, позаразен сој на коронавирусот кој се појави во Велика Британија.

Странците нема да можат да влезат во земјата во наредните 14 дена, освен во исклучителни случаи.

Мерките стапуваат на сила од среда.

Израелците кои се враќаат во земјата ќе одат во карантин до две неделни, но ќе може да излезат порано ако покажат негативен тест за коронавирус на првиот и на десеттиот ден од изолацијата.

Во случај да нема место во хотелите, ќе биде дозволена домашна изолација и задолжителен тест 48 часа по враќањето во земјата.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху предложи прекин на сите авионски летови кон и од земјата.

Властите вчера одлучија сите Израелци кои се враќаат од Велика Британија, Данска и Јужна Африка да одат во карантин во хотели. Одлуката беше донесена во момент кога два авиони од Лондон со 120 патници веќе беа полетани за Тел Авив. Десетици патници одлучија да се вратат во Велика Британија за да не одат во карантин во Израел.

Израелското Министерство за здравство денеска регистрира 2821 нови случаи од 70 илјади тестови, односно 4,1 отсто од тестираните.

Од почетокот на пандемијата во Израел има над 370 илјади регистрирани случаи на коронавирус, а над 3100 луѓе починаа.

види ги сите денешни вести

Шефот на нуклеарната агенција на ОН вели дека инспекторите се вратиле во Иран

Генералниот директор на Меѓунардната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси
Генералниот директор на Меѓунардната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси

Шефот на нуклеарното надзорно тело на ОН изјави дека тим од неговите инспектори е „повторно во Иран“. Ова е прв тим што влегол по израелските и американските напади врз иранските нуклеарни објекти оваа година.

Иран ја прекина соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија на Обединетите Нации по 12-дневната војна со Израел во јуни, при што Техеран посочи на неуспехот на МААЕ да ги осуди израелските и американските напади врз неговите нуклеарни објекти.

„Сега првиот тим инспектори на МААЕ е повторно во Иран и ние сме на прагот да го рестартираме“, изјави генералниот директор Рафаел Гроси во интервју за Фокс њуз.

„Кога станува збор за Иран, како што знаете, има многу објекти. Некои беа нападнати, некои не. Значи, разговараме за тоа каков вид практични модалитети можат да се спроведат за да се олесни рестартирањето на нашата работа таму“, рече Гроси.

Објавата дојде додека Иран во вторник во Женева одржа разговори со Велика Британија, Франција и Германија, при што Техеран се обидува да избегне враќање на санкциите што европските сили се заканија дека ќе ги наметнат според замрениот нуклеарен договор од 2015 година.

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, кој присуствуваше на разговорите, рече дека е „крајно време“ европското трио „да го направи вистинскиот избор и да ѝ даде на дипломатијата време и простор“.

Велика Британија, Франција и Германија - страни потписнички на договорот од 2015 година - се заканија дека ќе го активираат „механизмот за враќање“ на договорот до крајот на август.

Средбата во вторник беше втората рунда разговори со европски дипломати од крајот на јунската војна, која беше предизвикана од невиден изненаден израелски напад.

Конфликтот ги попречи нуклеарните преговори на Иран со САД.

Тоа, исто така, фрли заладување на врските на Иран со МААЕ, при што Техеран делумно ја обвинува агенцијата на ОН за нападите врз неговите нуклеарни постројки.

Израел вели дека ги започнал нападите за да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје - амбиција што Техеран постојано ја негира.

Нуклеарниот договор од 2015 година беше прекинат во 2018 година кога Доналд Трамп, за време на неговиот прв мандат како претседател, еднострано ги повлече САД и воведе санкции врз Иран.

Политичка бура по ветото на полскиот претседател за помош на бегалците од Украина

Полскиот претседател Карол Навроцки
Полскиот претседател Карол Навроцки

Одлуката на полскиот претседател Карол Навроцки да стави вето на закон за помош на украинските бегалци предизвика политичка бура во централноевропската нација, еден од најблиските сојузници на Киев во борбата против целосна руска инвазија.

Навроцки, кој често покренуваше чувствителни историски прашања меѓу Варшава и Киев, на 26 август стави вето на закон со кој на украинските бегалци во земјата ќе им се одземе правото на работа почнувајќи од 1 октомври - што критичарите велат дека ќе доведе до непријавена работа и губење на даночни приходи за полската влада.

На 25 август, Навроцки, исто така, ги изложи плановите за ограничување на пристапот до детски бенефиции и здравствена заштита за украинските бегалци.

Навроцки, кој беше избран по кампања која ги отсликуваше некои од политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, вети политика „Полска на прво место“, вклучително и ограничување на правата на странците во земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) и НАТО.

Конзервативниот политичар беше избран откако тесно го победи либералниот градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски, во вториот круг на изборите на 1 јуни.

Кој е Карол Навроцки - новиот претседател на Полска?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:47 0:00

Резултатот од изборите му зададе голем удар на премиерот Доналд Туск, близок сојузник на Тржасковски и гласен поддржувач на Украина.

Навроцки, исто така, изрази поддршка за Украина во нејзината војна против инвазивните руски сили. Но, тој рече дека се спротивставува на членството на Украина во НАТО, став што се чини дека го делат сè повеќе Полјаци.

Иако генерално ја поддржуваат борбата на Киев против Русија, многу Полјаци станаа нетрпеливи поради приливот на околу 1,5 милиони украински воени бегалци и поврзаните трошоци во земјата.

Потезите на Навроцки предизвикаа критики од поддржувачите на Украина во рамките на полската влада.

Претседателската „одлука ја поткопува стабилноста на економијата, социјалната кохезија, меѓународните обврски на Полска и безбедноста на целата земја“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Министерството додаде дека одлуката за вето на законот за помош на украинските бегалци може да создаде дополнителни трошоци од 8 милијарди злоти (2,18 милијарди долари), што дополнително би го оптоварило веќе оптоварениот буџет.

„Никој нема да има корист од ова вето. Буџетските приходи ќе бидат пониски, а расходите ќе бидат повисоки од сегашните“, се наведува во него.

Вицепремиерот Кшиштоф Гавковски на мрежата X напиша дека „во Русија се задоволни од напорите на претседателот Навроцки да ја блокира поддршката за Украина!“

„Не мораше долго да чекаме на постапките на новиот претседател во поддршка на рускиот империјализам“, додаде тој.

Франција повторно во криза откако премиерот побара гласање за доверба

Францускиот премиер Франсоа Бајру.
Францускиот премиер Франсоа Бајру.

Франција денеска се најде во нова криза, откако обидот на премиерот Франсоа Бајру да добие поддршка за неговиот длабоко непопуларен план за намалување на долгот имаше контраефект, потонувајќи ја земјата уште повеќе во политичка и финансиска нестабилност.

Француските пазари паднаа откако Бајру го изненади политичкиот естаблишмент во понеделникот, неочекувано барајќи гласање за доверба на 8 септември за неговиот план за намалување на долгот. Неговиот предлог беше категорично отфрлен од опозициските партии, кои рекоа дека со задоволство ќе ја искористат можноста да го скратат мандатот на неговата малцинска влада.

Во симболичен момент што ја истакна неговата тешка состојба, Бајру се сопна и речиси падна додека се качуваше на сцената за своето прво јавно појавување од синоќа.

Тој рече дека пратениците сега мора да изберат помеѓу „хаос“ и „одговорност“ и го повика францускиот народ да изврши притисок врз своите претставници да донесат разумна одлука пред 8 септември.

„Не барам од никого да се предомисли, но секој може да размисли за тоа“, им рече Бајру на новинарите подоцна.

Доколку Бајру падне, францускиот претседател Емануел Макрон би можел да го распушти парламентот и да одржи нови избори - потег што претходно го отфрли - или да назначи нова влада. Но, ниту една од опциите веројатно нема да ги реши буџетските проблеми на Франција или политичкиот застој.

Извор во клучно министерство изјави дека очекуваат Макрон да одлучи за нов премиер.

„Одлуката на францускиот премиер да свика предвремено гласање за доверба најверојатно ќе предизвика негова замена со друг премиер или (помалку веројатно) нови избори“, напишаа аналитичарите во „Капитал економикс“.

„Во секој случај, буџетскиот дефицит на Франција би останал далеку над нивото потребно за стабилизирање на односот на долгот“, додадоа тие.

Министерот за внатрешни работи Бруно Рејто, кој ги предводи конзервативните републиканци, рече дека би било „неодговорно“ и „против интересите на Франција“ да се гласа за соборување на владата.

Сепак, други не се согласија.

Крајнодесничарскиот Национален собир, предводен од Марин Ле Пен, изјави дека сака Макрон да свика предвремени парламентарни избори.

Социјалистите, чиј глас ќе биде клучен, исто така рекоа дека ќе гласаат против Бајру.

„Ни треба различен премиер и, пред сè, различни политики“, напиша водечкиот социјалистички пратеник Борис Вало на мрежата X.

Гласањето за доверба доаѓа два дена пред протестите што ги повикаа разни групи на социјалните медиуми и ги поддржаа левичарските партии и некои синдикати, потсетувајќи на немирите на Жолтите елеци што избувнаа во 2018 година поради зголемувањето на цените на горивата и трошоците за живот.

Извор близок до Бајру рече дека неговата влада е отворена за преговори за деталите од неговите предлози за буџетот, иако тие беа непоколебливи дека се неопходни намалувања на буџетот.

Премиерот во вторникот изјави дека ќе побара од даночните обврзници со високи приходи да вложат посебен напор за да помогнат во намалувањето на дефицитот.

Бајру знаел дека на крајот ќе се одржи гласање за недоверба за буџетот и решил да ја спречи опозицијата, рече изворот.

Муцунски на средба со Кос во Брисел: Од 2026 можно укинување на роамингот со ЕУ

Macedonia and EU flags
Macedonia and EU flags

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Брисел, разговараше со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

На средбата било истакнато неодамнешното приклучување на Северна Македонија кон европската платежна зона СЕПА, како и иницијативата за постепено укинување на роаминг трошоците меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа мерка се очекува на почетокот на 2026 година.

Муцунски и Кос ја нагласиле силната поддршка за проширувањето на Унијата и го поздравиле реформскиот пристап на Владата и имплементацијата на Планот за раст.

Министерот Муцунски нагласил дека реформите поврзани со евроинтеграциите остануваат високо на домашната политичка агенда, со силен фокус на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

На средбата се дискутирало и за актуелните регионални и глобални случувања, при што била потврдена заедничката поддршка за Украина и заложбата за што побрзо постигнување на праведен и одржлив мир.

Лавров и Вучиќ разговарале за „нападите на Република Српска“

Србија -- Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и српскиот претседател Александар Вучиќ на средба во Белград, 10 октомври 2021 година.
Србија -- Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и српскиот претседател Александар Вучиќ на средба во Белград, 10 октомври 2021 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 26 август телефонски разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за понатамошно подобрување на соработката меѓу двете земји и политичката ситуација во регионот.

„Разговаравме за ситуацијата во Босна и Херцеговина, кризата што беше предизвикана однадвор, со постојани напади врз (босанско-херцеговскиот ентитет) Република Српска“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Вучиќ претходно, како одговор на одлуката во Босна и Херцеговина да му се одземе мандатот на Милорад Додик како претседател на тој ентитет, изјави дека Белград „секогаш ќе стои покрај нашиот народ и Република Српска“.

Мандатот на Додик беше одземен откако беше осуден на една година затвор и му беше забрането да извршува јавна политичка функција во следните шест години поради непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина.

Прорускиот лидер на водечката српска партија во Босна и Херцеговина има поддршка од Москва.

Вучиќ изјави дека го информирал рускиот министер за надворешни работи и за ситуацијата во Косово и, како што напиша, „обидите за постојано протерување на нашето население од вековните домови, како и за молчењето на мнозинството од меѓународната заедница“.

Вучиќ рече дека „во долг и срдечен разговор“ со Лавров, било договорено да се продолжи со развивање на односите во различни области и дополнително да се подобри комуникацијата на разни форуми, организации и институции на меѓународно ниво.

Белград продолжи да одржува блиски односи со Москва дури и откако Русија се најде под санкции од Европската Унија, САД и други западни земји поради нејзината инвазија врз Украина.

Иако Србија е кандидат за членство во ЕУ, властите одбиваат да се приклучат на санкциите кон Русија.

Официјален Белград доби поддршка од Кремљ поради антивладините протести во кои демонстрантите бараат предвремени парламентарни избори.

Украинската премиерка потврди дека брат ѝ живее во странство, додека армијата се бори да најде нови регрути

Украинската премиерка Јулија Свириденко
Украинската премиерка Јулија Свириденко

Украинската премиерка Јулија Свириденко за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека нејзиниот брат живее во странство, што е потенцијално штетно откритие додека армијата на земјата се бори да најде нови воени регрути поради тековната руска инвазија.

Киев им забрани на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата откако Русија ја започна целосната војна во февруари 2022 година.

РСЕ ѝ пристапи на Свириденко додека таа одеше на настан во Киев на 25 август и ја праша дали е вистина дека нејзиниот брат, Виталиј, ја напуштил Украина за време на војната.

Свириденко продолжи да оди и рече: „Тој не замина за време на целосната војна“.

На прашањето дали заминал пред војната и дали не се вратил, Свириденко на која очигледно и беше непријатно, на почетокот не одговори, но на крајот рече: „Тој живее во странство“.

Виталиј Свириденко, брат на украинската премиерка Јулија Свириденко
Виталиј Свириденко, брат на украинската премиерка Јулија Свириденко

Документите покажуваат дека Виталиј Свириденко изнајмил имот во Лондон во август 2022 година.

Иако коментарите на Свириденко не сугерираат никакви законски прекршувања, случајот се поврзува со тековните дебати во воена Украина за тоа како праведно се спроведуваат ограничувањата за патување и барањата за политичка транспарентност.

Воведувањето на воена состојба што ги ограничи патувањата на украинските мажи во странство ги раздели семејствата, ги наруши студиите и можностите за работа во странство и создаде тензии на граничните премини.

Украинските медиуми известуваат за луѓе кои се жалат на очигледен јаз помеѓу жртвите на обичните граѓани и привилегиите што ги уживаат семејствата на политичките елити.

Медиумските извештаи во Украина, исто така, посочуваат дека забраната за патување довела до зголемување на нелегалните гранични преминувања, лажните медицински ослободувања и поткуп.

Виталиј Свириденко, 37, е поранешен член на регионалниот совет на Чернигов за владејачката партија „Слуга на народот“. Тој поднесе оставка од функцијата пред целосната руска инвазија во февруари 2022 година. Неговото последователно преселување во Лондон стана јавно познато, а извештаите сугерираат дека неговата сестра го сметала тоа за потенцијална слабост кога минатиот месец таа беше разгледувана за премиерската функција.

Коментирајќи го случајот, Маријана Безухла, независна пратеничка која ја напушти партијата „Слуга на народот“ минатата година, рече дека функционерите мора да одговорат на непријатни прашања дури и ако не можат да бидат одговорни за одлуките на роднините.

Контроверзноста доаѓа во време кога Украина се соочува со недостиг на војници предизвикан од дезертерство и ниска регрутација.

Во моментов, мажите на возраст од 25 години и постари можат да бидат регрутирани. Земјата не сакаше да ја намали возраста за регрутирање.

Украинскиот парламент моментално дебатира за предложениот закон што би им дозволил на мажите под 25 години да патуваат во странство. Поддржувачите на законот велат дека мерката би го намалила притисокот врз семејствата и би го намалила бројот на млади мажи кои се обидуваат нелегално да ја напуштат земјата.

Според предлагачите, сегашната општа забрана за патување создава пречки за оние кои бараат легални можности за студирање или работа во странство, а истовремено поттикнува корупција и недоверба на јавноста.

Димал Баша избран за претседател на косовското собрание, деблокиран процесот за избор на нова влада

Пратеникот на движењето Самоопределување, Димал Баша, е избран за претседател на Собранието на Косово, 26 август 2025 година
Пратеникот на движењето Самоопределување, Димал Баша, е избран за претседател на Собранието на Косово, 26 август 2025 година

Пратеникот на движењето Самоопределување, Димал Баша, е избран за претседател на Собранието на Косово.

По долг политички ќорсокак по изборите на 9 февруари, изборот на Баша за претседател го отвора патот за конституирање на Собранието и формирање нова влада.

По ова следува и изборот на пет потпретседатели на парламентот: по еден од Самоопределување, Демократската партија на Косово (ДПК) и Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), еден од Српската листа и еден од другите партии кои не се мнозинство.

Во својот прв говор откако беше избран за шеф на законодавното тело, Баша зборуваше за одговорноста што ја чувствува, за важноста на Собранието и ги повика пратениците на соработка. Тој нагласи дека Косово „е изградено врз жртви и врз заедничкото верување дека нашата слобода и земја се поголеми од секој личен интерес“.

„Нашата република е изградена врз безброј жртви: врз крвта, работата и упорноста на оние кои веруваа дека иднината на нацијата е поважна од нивните животи“, рече тој.

Додаде дека одбраната на Косово треба да биде должност на сите, и на Владата и на опозицијата, и покрај фактот дека очекува големи разлики меѓу партиите, бидејќи „живееме во демократија“.

„Ве поканувам на соработка. Време е да докажеме дека и покрај политичките разлики, имаме храброст и мудрост да работиме заедно за највисокиот интерес на нашата земја“, нагласи тој.

Тој, исто така, ја повика Србија да ја признае независноста на Косово.

Ова беше четврти пат пратениците да се соберат за да формираат Собрание по одлуката на Уставниот суд, со која им беше наложено на пратениците да формираат ново Собрание во рок од 30 дена, почнувајќи од 18 август.

Во изминатите три седници, победничката партија, Движењето Самоопределување - кое е задолжено за номинирање кандидати за претседател на Парламентот - номинираше пет кандидати, но ниту еден не ги доби минималните 61 глас потребни за да биде избран.

Ниеден од нив, Аљбулена Хаџију, Хекуран Мурати, Арберија Нагавџи, Доника Гервала, Димал Баша, не успеа да добие повеќе од 57 гласови на претходното гласање.

Констутитивната седница на Собранието започна на 15 април, но се појави криза поради несогласувањето на партиите во врска со начинот на гласање за претседател на Собранието - дали ќе биде јавно или тајно, и во врска со кандидатот на Движењето Самоопределување Аљбулена Хаџија за таа позиција.

Уставниот суд со одлука му наложи на Собранието да избере нов претседател на Парламентот во рок од 30 дена, почнувајќи од 18 август, преку јавно гласање, но ставајќи го истиот кандидат на гласање не повеќе од три пати.

Партијата ДемСК претходно инсистираше дека нема да гласа за ниту еден кандидат на Самоопределување во Владата, освен ако не се постигне договор за влада на национално единство.

Партијата АБК тврдеше дека ќе поддржи одредени кандидати на Самоопределување, како што се Глаук Коњуфца, Шќипе Селими и Саранда Богујевци.

Во меѓувреме, Социјалдемократската иницијатива - која претходно водеше преговори со Самоопределување - инсистираше на политички договор со партијата на Курти, во замена за гласови за претседателот на Парламентот.

Славески: Преземаме мерки за да ја симнеме инфлацијата под 3 проценти

Трајко Славески, гувернер на НБРМ
Трајко Славески, гувернер на НБРМ

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески уверува дека се преземаат мерки за намалување на инфлацијата на ниво под три проценти, а во таа насока гледа охрабрувачки сигнали од страна на Владата.

„Навистина сакаме да се симнеме на инфлација под 3 проценти. Тука има охрабрувачки сигнали од страна на Владата, помалку популизам од аспект на притисоците за раст на платите. Најверојатно до крајот на годината ќе има напори, мерки, да се вклопи буџетот во рамки на она што е придвидено, буџетскиот дефицит од аспект на трошењето. Тоа е фискалниот аспект. А сето она што го правиме со дополнителни макропрудентни мерки како што ги нарекуваме, претпазливоста од аспект на основната каматна стапка на благајничките записи која што од јануари не ја имаме променето, сето тоа е во насока на некој начин на намалување на инфлацијата на едно прифатливо ниво. Тоа прифатливо ниво е кога нема да ги тангира луѓето. Ќе има блага ползечка инфлација секогаш да речеме од околу два проценти, којашто нема да ја перципираме и нема да влијае на нашите одлуки и очекувањата“, изјави Славески, по денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Инфлацијата во Северна Македонија останува на релативно високо ниво. Во споредба со јуни годинава, месечната инфлација во јули изнесувала 1,1 процент. Индексот на малопродажните цени во јули во споредба со јуни, изнесува 103, 1 или укажува на пораст од 3, 1 отсто.

Гувернерот Славески потврди и дека системот на државава во рамки на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) ќе стане оперативен во текот на декември.

„Беше објавено дека од октомври и официјално влегуваме во СЕПА, ќе ни требаат заради подготовката на системот уште два месеца и до крајот на годината во текот на декември системот ќе стане оперативен“, рече Славески.

И ЕК наведува дека иако земјава бележи релативно стабилен фискален биланс за разлика од другите земји во регионот, каде трошоците ги надминале приходите, намалувањето на девизните резерви и инфлацијата што сè уште се движи во пораст остануваат ризици.

Во однос на пад на берзите во европските земји, Славески истакна дека нема причина за пренос на нашите пазари, а за поголема сигурност за инвеститорите ја истакна важноста од поврзувањето на пазарите на капитал во регионот.

Канцеларот Мерц потврди дека Германија нема да ја признае палестинската држава

Германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германскиот канцелар Фридрих Мерц

Германија нема да им се придружи на партнерите како Канада и Франција во признавањето на палестинска држава, изјави канцеларот Фридрих Мерц по средбата со канадскиот премиер Марк Карни.

„Ние нема да се придружиме на оваа иницијатива“, рече Мерц на заедничката прес-конференција со Карни во Берлин.

„Во моментов не сметаме дека условите за признавање на државата се исполнети на кој било начин“, додаде германскиот канцелар.

Германија смета дека признавањето на палестинска држава е меѓу последните чекори во решението за две држави во кое Израелците и Палестинците можат да живеат мирно еден до друг.

Спротивно на тоа, Карни кон крајот на јули објави дека неговата земја ќе ја признае Палестина како држава на Генералното собрание на ОН во септември. Францускиот претседател Емануел Макрон исто така планира да го стори тоа, додека Велика Британија му се закани на Израел дека ќе го стори тоа доколку не се исполнат одредени услови.

Карни го оправда потегот велејќи дека изгледите за решение со две држави стануваат сè полоши и полоши.

Додека Мерц воведе делумно ембарго за оружје врз Израел како одговор на израелските планови за проширување на војната во градот Газа, тој сега потврди дека Германија нема да ги следи своите партнери во признавањето на Палестина, дури и откако Обединетите Нации прогласија дека избувнал глад во делови од Газа.

Смртоносните напади на Израел продолжија во понеделник, при што најмалку 19 лица, вклучувајќи и пет новинари, беа убиени во напад врз болницата Насер во Кан Јунис.

Новиот мост преку реката Ибар отворен за возила

илустрација
илустрација

Вршителот на должноста министер за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, на 25 август објави дека е отворен еден од двата моста што актуелната влада ги започна да ги гради пред неколку месеци над реката Ибар, која ја дели Митровица на јужен дел населен со Албанци и северен дел населен со Срби.

„Драги граѓани на Митровица и на целото Косово, ви честитам за новиот мост“, напиша Свечља на Фејсбук, каде што објави и фотографија од возила што го преминуваат новиот мост.

Косовските власти започнаа со изградба на два моста од двете страни на главниот мост над реката Ибар, и покрај противењето на локалните Срби и реакциите од меѓународната заедница.

Косовската влада постојано објавува дека изградбата на овие мостови - еден за пешаци и еден за возила - има за цел да ја поврзе Северна Митровица со Јужна Митровица, град кој е етнички поделен од војната.

За нивната изградба, Владата издвои околу три милиони евра и најави дека двата ќе бидат завршени на есен.

На нивната изградба се спротивстави и Српска листа, најголемата српска партија во Косово која ужива поддршка од Белград, која исто така покрена петиција против неа, која доби над 3500 потписи.

Европската Унија објави дека изградбата на два нови моста преку реката Ибар во Митровица „има практично и политичко значење“ и дека секој инфраструктурен проект помеѓу Северна и Јужна Митровица бара тесна координација и дијалог на сите вклучени заедници.

„Неопходно е овие проекти да ја одразуваат волјата и потребите на локалните заедници“, се вели во одговорот.

Во меѓувреме, со почетокот на градежните работи, обвинителите објавија дека одобриле истраги, поради сомневања за можна злоупотреба на јавни средства во процесот на склучување договор со надлежната компанија.

На 10 јули, Обвинителството официјално потврди дека ја овластило косовската полиција да го испита начинот на кој е склучен договорот за овој проект, но не сподели други информации.

Новите мостови се градат во близина на главниот мост преку Ибар, што е дел од Договорот за слобода на движење постигнат како дел од дијалогот помеѓу Косово и Србија.

Овој мост е познат по етничките конфликти по војната и затоа е под надзор на силите на КФОР.

Главниот мост е отворен само за пешаци, додека косовската влада го најави неговото отворање за сообраќај во јули минатата година - што предизвика тензии и реакции од меѓународната заедница.

Косово и Србија се согласија да го отворат мостот за сообраќај во 2014 година, како дел од дијалогот за нормализирање на односите.

Мостот требаше да се ревитализира, а сите барикади поставени од локалните Срби требаше да се отстранат.

Нов план за имплементација за надминување на несогласувањата околу толкувањето на претходните договори беше договорен во 2016 година. Според овој план, мостот требаше да се отвори за сообраќај во јануари 2017 година.

Работите за ревитализација беа завршени во јуни 2018 година, додека мостот - во кој беа инвестирани 1,5 милиони евра - никогаш не беше отворен за возила, туку само за пешаци.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG