Достапни линкови

Вести

Иранскиот претседател Раиси утре во посета на Москва

Владимир Путин и Ебрахим Раиси
Владимир Путин и Ебрахим Раиси

Кремљ соопшти дека претседателот Владимир Путин утре ќе биде домаќин на својот ирански колега, Ебрахим Раиси, во услови на преговори за обновување на историскиот нуклеарен договор меѓу Техеран и светските сили.

Тоа ќе биде трета посета на Раиси надвор од Иран, по Таџикистан и соседен Туркменистан, откако го презеде претседателството во август 2021 година, но и прва посета на ирански претседател во Русија од 2017 година.

Москва и Техеран имаат силни политички, економски и воени врски и се клучни сојузници на сирискиот претседател Башар ал Асад во децениската граѓанска војна во неговата земја.

„Путин и Раиси ќе разговараат за „целиот опсег на прашања на билатералната соработка“, вклучително и нуклеарниот договор од 2015 година, со кој беа укинати западните економски санкции во замена за ограничување на нуклеарната програма на Техеран“, се вели во соопштението на Кремљ.

Иранската страна соопшти дека Раиси на 19 јануари ќе замине на дводневна посета на Русија заедно со министрите за нафта, надворешни работи и економија на земјата.

Руски пратеник изјави дека Раиси ќе зборува во Долниот дом на Државната Дума, следниот ден, додека руската новинска агенција ТАСС објави дека иранскиот претседател ќе се сретне и со верските водачи во главната џамија во Москва.

Иранската нуклеарна спогодба почна да се разоткрива во 2018 година, откако претседателот Доналд Трамп еднострано ги повлече Соединетите Држави и ги укина санкциите, што го натера Техеран да се повлече од своите обврски.

Од минатата година, Иран преговара со другите потписнички на договорот САД, Франција, Велика Британија, Русија, Кина и Германија, за враќање на договорот, но преговорите беа прекинати околу пет месеци по изборот на Раиси за претседател.

види ги сите денешни вести

Нови руски напади врз Украина по средбата меѓу Трамп и Путин во Алјаска

Напад со беспилотно летало над Киев на 23 јуни 2025 година (архивска фотографија)
Напад со беспилотно летало над Киев на 23 јуни 2025 година (архивска фотографија)

Русија лансираше 85 борбени дронови и балистичка ракета во Украина во текот на ноќта во петокот, соопшти Киев во саботата, неколку часа откако рускиот лидер Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп одржаа разговори во Алјаска.

Долгоочекуваната средба во оддалечената американска држава заврши без пробив во прекинувањето на повеќе од тригодишната инвазија на Русија во Украина.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Москва „лансирала балистичка ракета Искандер-М и 85 дронови Шахед“ и дека ги таргетирала „првичните фронтовски линии“ во четири региони.

Во својот дневен извештај, воздухопловните сили соопштија дека нападите биле извршени „ноќта на 16 август“, почнувајќи од вечерта на 15 август - кога Путин и Трамп одржале разговори.

Киев соопшти дека неговата воздушна одбрана соборила 61 дрон.

Самитот Трамп-Путин заврши без објава за прекин на огнот, и покрај месеците притисок од Западот врз Кремљ да се согласи на прекин на борбите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски сè уште не дал јавно коментар за разговорите.

Руската инвазија на Украина, започната од Путин во февруари 2022 година, одзеде илјадници животи.

Трамп разговараше со Зеленски и лидерите на ЕУ и НАТО по неуспешниот состанок со Путин

Путин и Трамп на прес-конференција по нивната средба во Алјаска, 15 август 2025 година
Путин и Трамп на прес-конференција по нивната средба во Алјаска, 15 август 2025 година

Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европски и НАТО претставници, по состанокот со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, на кој не беше постигнат договор за прекин на војната во Украина.

Портпаролката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Трамп разговарал повеќе од еден час во саботата наутро со Зеленски, британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателот на Европската комисија.

Според соопштението од украинското претседателство, Трамп прво разговарал со Зеленски, а потоа во разговорот се приклучиле и други европски лидери. Белата куќа, исто така, ја потврди поканата.

Реакции од Европа

Разговорите на Доналд Трамп и Владимир Путин во Алјаска покажаа дека рускиот претседател не бара мир, туку сака да го ослабне единството на Западот, изјави во саботата чешката министерка за одбрана Јана Чернохова.

„Разговорите меѓу Трамп и Путин во Алјаска не донесоа значаен напредок кон завршување на војната во Украина, но потврдија дека Путин не бара мир, туку можност да го ослабне западното единство и да ја шири својата пропаганда“, напиша таа на мрежата X, додавајќи дека Западот мора да продолжи да ја поддржува Украина.

Реакции од Русија

Советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, во саботата изјави дека прашањето за одржување на троен самит меѓу рускиот, американскиот и украинскиот претседател не е дискутирано, објави руската државна новинска агенција ТАСС.

Ушаков додаде дека сè уште не е познато кога Владимир Путин и Доналд Трамп ќе се сретнат повторно по самитот во петокот во Алјаска.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев во саботата изјави дека самитот во Алјаска меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп докажал дека е можно да се водат разговори без предуслови, иако борбите во Украина продолжуваат.

Средба без резултати

Трамп не успеа да постигне договор за прекин на војната во Украина, иако му приреди церемонијалнo добредојде на Путин.

Во кратката, триминутна изјава за новинарите по тричасовната средба со Путин, Трамп рече дека неговиот тим постигнал „голем напредок“, но дека „сè уште не сме баш таму“ и дека не е постигнат договор за прекин на војната на Кремљ против Украина.

Трамп изјави дека „нема договор сè додека нема договор“.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека двајцата постигнале „разбирање“ за Украина и ја предупреди Европа да не ги „отфрла почетоците на напредокот“.

Во интервју за „Фокс њуз“ пред да ја напушти Алјаска, Трамп инсистираше дека одговорноста може да биде на Зеленски да „го заврши тоа“, но додаде дека и европските земји ќе имаат улога.

Трамп не разговараше со новинарите на летот назад за Вашингтон.

Во петокот вечерта, неколку часа по завршувањето на состанокот во Алјаска, Русија започна напади со беспилотни летала врз украинските градови, соопшти Киев.

Руската инвазија на Украина, започната од Путин во февруари 2022 година, одзеде илјадници животи.

Судири меѓу полицијата и демонстрантите на протестот во Белград

Антивладини протести во Белград, Србија
Антивладини протести во Белград, Србија

Трета ноќ по ред, во петокот се одржаа протести во неколку градови во Србија.

Протестите се реакција на судирите меѓу поддржувачите на владејачката Српска напредна партија и демонстрантите во два града во Војводина, Врбас и Бачка Паланка, на 12 август.

Судири меѓу полицијата и некои демонстранти беа регистрирани на 15 август во Белград на неколку локации.

Неколку илјади граѓани се собраа пред Владата на Србија, на неколку стотици метри од Општинскиот одбор на СНС. Неколку десетици поддржувачи се собраа пред просториите на партијата, а кордоните на жандармеријата ги разделија двете групи.

Во еден момент, беше испален огномет, а жандармеријата, заедно со Полициската бригада, почна да ги растерува демонстрантите. Беше фрлен солзавец, а жандармеријата употреби оклопни возила за да ги потисне демонстрантите.

Тие одговорија со фрлање камења и палење контејнери. Во текот на ноќта во главниот град беа регистрирани уште неколку судири меѓу полицијата и демонстрантите, а ситуацијата се смири околу полноќ.

Неколку лица се повредени, објавија новинарите на терен.

Трета ноќ инциденти на протестите во Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ објави дека шест полицајци се повредени, а 38 лица се уапсени за време на уличните немири во Белград. Во јавно обраќање, Дачиќ рече дека демонстрантите дошле на митингот со намера да им наштетат на полицајците.

„Тие дојдоа маскирани, носејќи шипки, столбови, камења, штитови. Користеа праќки за да фрлаат мермери и камења кон полицајците. Имаа подготвени шишиња со замрзната вода или запалива течност - сто контејнери беа запалени“, рече Дачиќ.

Според него, екипа од телевизијата Информер била нападната во Нови Сад, а две лица биле уапсени.

Во Нови Сад, каде што демонстрантите ги демолираа општинските канцеларии на Српската напредна партија претходниот ден, митингот во петокот помина мирно. Граѓаните се собраа пред Полициската станица, а потоа одржаа протестна прошетка низ центарот на градот.

Немаше инциденти за време на официјалниот дел од протестот. По завршувањето на протестот, група демонстранти нападнаа екипа од телевизиската станица Информер, која е наклонета кон владата.

Протести се одржаа во неколку други градови низ земјата.

Од вторник во српските градови се организираат антивладини протести, за време на кои паралелно се собираа и поддржувачи на владејачката Српска напредна партија.

За време на овие собири, кои беа повикани од студенти и граѓани кои ги поддржуваат, избувнаа неколку инциденти.

Во тоа време, собраните антивладини демонстранти пријавија дека врз нив се пукало со пиротехнички средства од правец на просториите на СНС. Полицијата во Врбас интервенираше за да ги одвои дел од демонстрантите од другите.

Антивладините протести, предводени од студенти, траат во Србија повеќе од девет месеци. Властите се сметаат за одговорни за смртта на 16 лица кога се урна настрешница на железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.

Владата ја негираше одговорноста за несреќата и одби да распише предвремени избори, едно од последните барања на организаторите на масовните протести.

Нов праг за независните кандидати на изборите, на 16 август итна седница во Собранието

Северна Македонија - Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, ги распишува локалните избори
Северна Македонија - Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, ги распишува локалните избори

Собранието за 16 август закажа седница чија единствена точка на дневен ред е Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.

Со измените се предлага независните кандидати наместо со потписи од 1 процент од вкупниот број запишани избирачи во една Изборна единица, да можат за избори да се кандидираат со 0,95 проценти од вкупнозапишаните во една Изборна единица.

Тоа е за 0,05 отсто помалку од прагот што Уставниот суд во мај го прогласи за неуставен.

Предлагачи се пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Саранда Имери -Стафаи од коалицијата „Вреди“.

Седницата е закажана откако претседателот на Собранието веќе ги распиша локалните избори.

Претходно, Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) изјави дека независните кандидати би можеле да поднесат листи на претстојните локални избори и без да собираат потписи.

„Согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран. Значи, ДИК нема право и никому не му го ускратува законското право за учество на избори. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политички партии и коалиции и група избирачи, согласно членот 60, имаат право да учествуваат на изборите“,
изјави Кондарко.

Проблемот за независните настана откако минатата година беа донесени измени на Изборниот законик, со кои им се наметна повисок законски праг за да се кандидираат на избори. Имено, наместо 1.000 потписи од избирачи во конкретна изборна единица, на независните кандидати им беше наложено да обезбедат потписи од најмалку еден отсто од вкупниот број запишани избирачи, доколку станува збор за парламентарни избори.

Сакајќи да се осигураат дека ќе можат да настапат на изборите, независните граѓански иницијативи почнаа да собираат потписи за да формираат партии. За да се формира партија потребни се 1.000 потписи.

Заедничка партија ќе формираат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“ и „Зелените од Гази Баба“. Посебна партија ќе формира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.

На локалните избори во 2021 година учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини. Тие освоија вкупно 56.000 гласови.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври.



Норвешка ѝ дава 100 милиони долари на Украина за природен гас

Илустрација
Илустрација

Владата на Норвешка соопшти дека ѝ донира 1 милијарда круни (98,29 милиони долари) на Украина за да купи природен гас пред зимата, јави агенцијата Ројтерс.

Украина беше принудена да го зголеми увозот на гас откако руските ракетни напади ги оштетија производствените капацитети на истокот на земјата.

Аналитичарите велат дека украинските резерви на гас се на најниско ниво во последните 12 години, а капацитетите за складирање моментално се полни помалку од една третина, пренесе Ројтерс.

„Навремената и систематска помош што ја обезбедува норвешката влада е исклучително важна за обезбедување на енергетската безбедност на Украина“, изјави украинската министерка за енергетика, Свитлана Гринчук.

Добиените средства ќе ги користи државната енергетска компанија „Нафтогаз“ за купување природен гас на глобалниот пазар за да се создадат доволно резерви на гас пред грејната сезона, додаде таа.

Украинското министерство за енергетика соопшти дека на земјата ѝ се потребни околу 13 милијарди кубни метри гас во складиштето за зимската сезона.

Пожар кај Јажинце, привремено е затворен граничниот премин

Илустрација
Илустрација

Поради пожар затворен за сообраќај е патот Тетово - Јажинце кај село Рогачево, а затворен е и граничниот премин „Јажинце“ кон Косово.

„Во 15.15 часот патниот правец Тетово – Јажинце кај село Рогачево сообраќајот е запрен од страна на ПС од БПС Тетово, заради безбедност на возачите поради проширениот пожар во атарот на селата Рогачево и Јажинце, кој е во близина на пат“, соопшти Автомото сојузот на Македонија(АМСМ).

Сите противпожарни екипи од Тетово и две специјализирани возила на Дирекцијата за заштита се на терен и работат на заштита на имотите од огнот, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во готовност се и авион „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Надлежните институции ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа и да ги ослободат патиштата за возилата на службите за итна интервенција.

Од МВР апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон преминот „Јажинце“ додека да се изгасне пожарот и да се нормализира сообраќајот.

Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, на прес-конференција на 15 август рече дека на територијата на државата сега има пет пожари на отворен простор, - два целосно изгаснати и три активни пожари.

Обединети нации: Најмалку 1.760 Палестинци се убиени во Газа додека барале помош

Газа - Раселени Палестинци, 28 јули 2025 година.
Газа - Раселени Палестинци, 28 јули 2025 година.

Најмалку 1.760 Палестинци се убиени додека барале помош во Газа од крајот на мај, што е скок од неколку стотици од последната објавена бројка на почетокот на август, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за човекови права, јави агенцијата АФП.

„Од 27 мај па сè до 13 август евидентиравме дека најмалку 1.760 Палестинци се убиени додека барале помош; 994 во близина на локациите на ГХФ (Хуманитарната фондација Газа) и 766 по патиштата на конвоите за снабдување. Повеќето од овие убиства се извршени од израелската војска“, се вели во соопштението на канцеларијата на ОН за палестинските територии.

Војната во Појасот Газа започна со напад на Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога милитантите убија околу 1.200 луѓе и киднапираа 251, според израелските бројки.

Последователните израелски офанзиви во Појасот Газа убиле повеќе од 61.000 луѓе, според Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас.

Руска ракета го погоди украинскиот регион Дњепропетровск

УКРАИНА -- Последиците од руски напад врз болница во Камјанске, Дњепропетровска област, 29 јули 2025 година
УКРАИНА -- Последиците од руски напад врз болница во Камјанске, Дњепропетровска област, 29 јули 2025 година

Русија лансираше балистичка ракета во украинскиот регион Дњепропетровск во петокот, 15 август, повредувајќи најмалку едно лице и предизвикувајќи пожар, јави агенцијата Ројтерс.

Нападот се случи неколку часа пред планираниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, на кој ќе се разговара за договор за прекин на огнот во Украина.

Градот Дњепар е логистички центар за украинските сили, а регионот Дњепропетровск се граничи со борбената зона и редовно е гранатиран од руските сили.

Објавувајќи ја локацијата на самитот, Трамп рече дека неговите разговори со Путин ќе се фокусираат на решавање на 45-месечниот конфликт меѓу Русија и Украина, најголем во Европа од крајот на Втората светска војна.

Русија почна инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Муцунски: Одлуката на Уставниот суд нема да влијае врз Преговарачката рамка

Северна Македонија - Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Република Северна Македонија
Северна Македонија - Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Република Северна Македонија

Каква и да биде одлуката на Уставиот суд, тоа нема да влијае врз реализација на нашата стратешка цел, ниту ќе влијае на каков било начин врз содржината на Преговарачката рамка, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, за иницијативата пред Уставен суд за вториот протокол со Бугарија.

Уставниот суд пред неколку дена формираше предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија. Во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.

„По однос на нашите релации со ЕУ не мислам дека самата одлука на Уставниот суд, каква и да биде, ќе влијае по однос на тоа што го работиме во последниот период. Прво, нашата Влада докажува на дело дека е посветена кон процесот на европска интеграција и преку нашето дејствување на надворешно политички план, но и преку она што го правиме дома“, рече Муцунски.

Во однос на тоа дали Протоколот со Бугарија може да биде прогласен за ништовен и дали може да се доведе во прашање и Договорот за добрососедство со Бугарија, Муцунски рече дека ќе се воздржи од коментар, бидејќи веќе има постапка пред Уставниот суд, и доколку го дадам својот став „некој може да се обиде да го толкува како влијание, макар и јавно, врз работата на Уставниот суд“.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со ЕУ, тоа не е цел на оваа Влада, напротив наша цел е да бидеме дел од ЕУ“.

Подносител на иницијативата е поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска, која наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.

Поповска бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право(1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај.

Во иницијативата, како што информираат од Уставен, е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Парламентот, туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија.

Протоколот беше потпишан во Софија за време на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на поранешните министри за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска.

По потпишувањето, Османи тогаш кажа дека за земјава биле важни три работи и тоа: Протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде чист во комуникацијата со ЕУ и историските прашања да се надвор од преговорите.

Државјани на Хрватска и на Словенија меѓу приведените по нередите во Србија

Србија - Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија, на прес-конференција во Белград по масовните антивладини протести
Србија - Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија, на прес-конференција во Белград по масовните антивладини протести

Вкупно 114 лица се приведени по инцидентите на протестите низ цела Србија. Меѓу нив има тројца странски државјани, од Хрватска, Словенија и Италија, рече српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ на прес-конференција во петокот, ден по протестите за време на кои избувнаа судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на владата

„Што прави хрватски државјанин на протест и ја напаѓа жандармеријата? Замислете некоја српска банда од тука да отиде во Загреб и да ја нападне нивната полиција“, рече Дачиќ.

Тој кажа дека приведен е словенечки државјанин од српско потекло и дека „ги завршил своите разузнавачки студии во САД“.

„Толку за отсуството на странска вмешаност“, додаде тој.

Трета ноќ инциденти на протестите во Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

Според министерот, 75 полицајци биле повредени за време на немирите во четвртокот вечерта. Досега се поднесени 34 кривични и 28 прекршочни пријави.

Дачиќ кажа дека во претходните три дена, 121 полицаец бил повреден во инциденти на протестите низ цела Србија, од кои девет сериозно.

Три ноќи по ред, во градовите низ Србија се организираат антивладини протести, а паралелно се собираат и поддржувачи на владата. Притоа се случија неколку инциденти.

Антивладините протести во Србија, предводени од студенти, траат повеќе од девет месеци. Тие кои протестираат ја сметаат власта за за одговорна за смртта на 16 лица кога се урна настрешница на железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.

Владата ја негираше одговорноста за несреќата и одби да распише предвремени избори, што е едно од последните барања на организаторите на масовните протести.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG