Вести
Москва нуди хуманитарни коридори кон Русија

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ќе отвори голем број хуманитарни коридори кон Русија за украинските граѓани, без одобрение од Киев, јавува новинската агенција Интерфакс.
Официјалните лица рекле дека коридорите ќе се отвораат во 10:00 часот по московско време, секој ден додека трае конфликтот.
Понудите за отворање хуманитарни коридори кон Русија претходно беа критикувани како „цинични“.
Украина претходно отфрли слична понуда, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги нарече таквите предлози „апсурдни“.
Денеска е петнаесеттиот ден од започнувањето на руската инвазија врз Украина, а двете страни повторно правеа обиди за евакуација на цивили од тешко погодените региони, вклучително и од јужниот град Мариупол каде бомбардирањата продолжија во последните часови.
Денеска претходно во Турција се одржаа први разговори на високо ниво меѓу Украина и Русија, на кои не беше постигнат напредок за постигнување примирје.
види ги сите денешни вести
Русија нападнала клучен украински железнички центар

Руски воени напади ја оштетиле критичната инфраструктура во градот Лозова во Харкивската област во Украина, при што еден железничар загина, а најмалку 10 лица беа повредени, вклучувајќи две деца.
Нападот, кој започнал околу 3 часот наутро (5 август), предизвикал пожари низ целиот град и го нарушил железничкиот сообраќај во Лозова, стратешки важен транспортен центар.
Украинскиот национален железнички оператор, „Укрзализницја“, потврди дека еден од нивните вработени, механичар во смена, е убиен во нападот. Четворица други железнички работници биле повредени и добиваат медицинска помош.
Компанијата објави дека повеќето цивили во областа успеале навреме да стигнат до засолниште, со што се спречиле поголеми жртви.
Според градоначалникот на Лозова, Серхи Зеленски, бомбардирањето погодило повеќекатници, приватни куќи и клучна инфраструктура.
„За жал, има ранети, вклучувајќи деца“, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи работат на враќање на водоснабдувањето и електричната енергија во делови од градот.
Нападите доведоа до привремено затворање на железничката станица Лозова, клучен центар што ги поврзува железниците Јужна, Приднепровска и Донецка. Два приградски воза беа откажани, а возниот ред на другите беше засегнат. Возовите на долги релации, вклучувајќи ги и оние помеѓу Уман, Черкаси и Харкив, беа пренасочени со помош на резервни локомотиви, што предизвика значителни доцнења.
Патниците што одат кон Лозова се пренасочуваат со автобуси кон блиската станица Лиманивка.
Нападот се случи како дел од голем руски напад со беспилотни летала и ракети низ Украина, во кој беа вклучени 46 беспилотни летала Шахед и балистичка ракета Искандер-М лансирана од рускиот регион Брјанск. Украинските воздухопловни сили објавија дека собориле 29 беспилотни летала, но потврдија повеќе напади на исток, вклучително и во регионот Харкив.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана тврди дека соборило 24 украински беспилотни летала преку ноќ, вклучувајќи седум над Ростовската област, 13 над Брјанск и други над областите Смоленска и Калушка.
„Пожарите избувнаа во електраната во областа Милерово и во близина на железничката станица Татинскаја“, изјави гувернерот на Ростовскиот регион Јуриј Сљусар.
Нема пријавени жртви.
Украина официјално не ја потврди одговорноста за нападите со беспилотни летала. Сепак, официјалните лица претходно изјавија дека руските воени и логистички цели низ Русија се легитимни цели, а Киев вели дека неговите операции се насочени кон поткопување на способноста на Русија да продолжи со својата целосна агресија против Украина, започната во февруари 2022 година.
Украинските власти и меѓународните надзорни тела постојано го окарактеризираат систематското таргетирање на цивилната инфраструктура од страна на Русија - вклучувајќи болници, училишта и енергетски објекти - како воени злосторства.
Кремљ продолжува да ги негира овие обвинувања.
Холандија ќе му испорача на Киев американско оружје во вредност од 500 милиони евра

Холандија соопшти дека ќе стане првата земја-членка на НАТО што ќе купи системи за воздушна одбрана од Соединетите Држави за да ги испорача на Украина.
„На Украина сега ѝ се потребни повеќе воздушна одбрана и муниција“, изјави холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс во објава на „X“.
„Како прв сојузник на НАТО, Холандија ќе испорача пакет американски системи за оружје во вредност од 500 милиони евра (578 милиони долари), вклучувајќи делови и ракети „Патриот“. Ова ѝ помага на Украина да се одбрани себеси и остатокот од Европа од руска агресија“, рече тој.
Во јули, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе одобри продажба на американски ракетни одбрани „Патриот“ на европските земји-членки на НАТО, кои пак ќе ги испорачаат на Украина.
„Холандија е првата земја што го следи договорот за оружје меѓу НАТО и САД, кој вклучува купување американски системи за воздушна одбрана за Украина. Ова оружје е очајно потребно. Украина сè уште се бори секој ден да се одбрани од руската агресија, како што се нападите со дронови во големи размери. Притоа, Украина се бори и за слободата и безбедноста во Европа“, напиша холандскиот премиер Дик Шуф на „X“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој разговараше со Шуф по телефон вчера (4 август), рече дека е „искрено благодарен на Холандија за нивниот значителен придонес во зајакнувањето на воздушниот штит на Украина.“
„Пакетот е вреден 500 милиони евра и вклучува американско оружје, вклучувајќи ракети „Патриот“. Прв таков чекор меѓу земјите од НАТО и во време кога Русија се обидува да ги зголеми своите напади. Ова дефинитивно ќе помогне во заштитата на животите на нашите луѓе!“, рече Зеленски.
Неодамна, германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека Берлин ќе испорача лансери „Патриот“ на Украина во наредните денови. Тој додаде дека дополнителни компоненти на системот ќе бидат испорачани во следните два до три месеци за да се зајакне воздушната одбрана на Украина со дополнителни батерии „Патриот“.
Мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза, порача Сиљановска-Давкова

Неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови – проектили. По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажаме јасно и гласно: Никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена, порачува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по националистичките и етнички скандирања на неодамнешниот кошаркарски натпревар помеѓу Северна Македонија - Романија.
Во објава на Фејсбук, претседателката наведува дека со право не стигнуваат реакциите за инцидентот на натпреварот.
„И заради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на којшто, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси и, пак, сме засрамени“, пишува претседателката.
Во објавата насловена „(Не)научена лекција“, Сиљановска - Давкова посочува дека не сме ја научиле лекцијата по натпреварот Шкендија и велшкиот шампион ТНС одржан во средината на јули.
„Во средината на јули, на мечот меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТНС, со расистичките навреди на фудбалерот Арманд Оте, го шокиравме сиот спортски, но и поширок свет којшто со право запраша: Како е можно да се случи недоветен навивач емоционално да скрши врвен фудбалер до солзи, посегајќи по говор на омраза врз расна основа? Срамот падна на сите: на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот!“, наведува Сиљановска-Давкова.
Потсетува дека првата лекција како се навива се учи дома, а потоа и во образовните институции и на натпреварот.
„Натпреварот не е битка до смрт, туку витешка борба до заслужена победа, дека од публиката се очекува бодрење, поддршка и охрабрување, а не навредување и повредување, дека треба да победи подобриот, но и да се почитува другиот, дека навивањето е награда, а не казна. Да потсетам дека срамот не е само на оние чии зборови повредуваат, зашто ги погодуваат не само оние во салата или на теренот, туку и оние што ги гледаат и слушаат заради нивниот неограничен домет“, вели Сиљановска-Давкова.
Мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза, порачува Сиљановска-Давкова, додавајќи дека мора да се облагороди навивањето, да научиме како се навива и да ја засили битката против предрасудите и судири меѓу „ различните“.
„Страсното навивање никогаш не е навредливо и агресивно. Ни треба азбука на навивањето како спортско уживање, навивачко описменување, оти Пирова е спортската победа ако е проследена со физичка или говорна агресија, нагласува Сиљановска-Давкова.
Скандирањата на кошаркарскиот натпревар помеѓу Северна Македонија и Романија, кој се одигра во Куманово, ги осудија и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието, политичките партии и од власта и од опозицијата во земјава и општина Куманово.
Основното јавно обвинителство Куманово соопшти дека постапува и до СВР Куманово издало повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеле говор на омраза од засега непознати лица на кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Оттаму посочија дека е издадена наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители.
Истрага отвори и Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА.
ФИБА остро го осуди инцидентот со ксенофобичното скандирање против Албанците на кошаркарскиот напревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Романија што се одржа на 3 август во Куманово.
„Ова е тема која за ФИБА е од највисока важност. Ве известуваме дека настаните на кои се повикувате во моментов се предмет на отворена истрага од страна на ФИБА“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа.
Локализиран е пожарот во велешката фабрика „Мирана“

Локализиран е пожарот во фабриката „Мирана“, но сѐ уште има слаби чадења на одредени места. За да се спречи повторно разгорување, пожарникарите и другите служби се уште се на терен, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според првичните сознанија на СВР Велес, гореле магацин (во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друго) и канцелариски простории (документација и други материјали).
„Според информациите од СВР Велес и ТППЕ Велес, пожарот во фабриката за прехранбени производи ДПТУ „Мирана“ ДООЕЛ во Велес, кој бил пријавен во ТППЕ Велес во 22:00 часот, а во СВР Велес во 22:20 часот на 04.08.2025 година, е локализиран во 04:00 часот на 05.08.2025 година“, наведува ЦУК.
Во гаснењето на пожарот учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени (точниот број пожарникари не е прецизиран од страна на дежурниот), едно возило од ЈКП „Дервен“ и две специјални пренаменети возила на ДЗС, а присутни биле и шест полициски службеници од СВР Велес.
Инаку во земјава утринава(5 август)нема активни пожари на отворен простор. Сите, вкупно 11 што биле регистрирани во текот на ноќта, се изгаснати, информираат од ЦУК.
ФИБА го осуди говорот на омраза и отвори истрага

Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА остро го осуди и отвори истрага за ксенофобичното скандирање против Албанците на кошаркарскиот напревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Романија што се одржа на 3 август во Куманово.
„Ова е тема која за ФИБА е од највисока важност. Ве известуваме дека настаните на кои се повикувате во моментов се предмет на отворена истрага од страна на FIBA“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа.
Во писмениот одговор се наведува дека оваа фаза Меѓународната кошаркарска федерација ги собира релевантните извештаи и изјави, во тесна соработка со вклучените Национални федерации, како и со локалните власти и органите на редот.
Реакцијата следува по скандирања на натпреварот кој се одржа на 2 август во Куманово, каде навивачите скандираа погрдни и навредливи зборови за Албанците додека македонските државни функционери беа присутни на трибините.
ФИБА остро ги осуди навредливите скандирања на кошаркарскиот натпревар во Куманово.
„ФИБА безрезервно и остро го осудува говорот на омраза и дискриминаторскиот или расистички јазик во каква било форма. Активно ја промовираме изградбата на инклузивна и почитувачка средина за сите играчи, тимови и навивачи како врвен приоритет во спортот„, велат од ФИБА.
Од основното јавно обвинителство Куманово вчера соопштија дека постапуваат и дека до Секторот за внатрешни работи Куманово и дале повеќе наредби и насоки за испитување на елементи за кривично дело при скандирањата кои содржеле говор на омраза „од засега непознати лица на вчерашниот кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија“.
„Издадена е наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители“, велат од Обвинителството.
Вечерва министерот за внатрешн и работи Панче Тошковски, кој исто така беше во поубликата на кошаркарскиот напревар, во телевизиско интервју истакна дека ваков тип на говор на омраза и злоупотреба на спортски настан нема да се толерира.
„Би сакал најостро да ги осудам таквите провокации и говор на омраза и злоупотреба на спортски настан. Постапуваме по насока на јавен обвинител и во текот на наредните денови ќе следат процесни дејствија коишто се во надлежност на Министерството. Ваков тип на говор на омраза не треба да биде предмет на политичка злоупотреба како што беше во текот на вчерашниот ден“, изјави Тошковски.
Во реакција за инцидентот на кошаркарскиот натпревар во Куманово меѓу Северна Македонија и Романија, македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека „апсолутно го осудува ксенофобичното и националистичко скандирање“. Премиерот посочи дека станувало збор за поединци и дека тој не го забележал и покрај тоа што беше присутен на трибините.
Претходно, остри реакции за настанот пристигнаа од Албанската опозициска партија, Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде рекоа дека „на настанот се слушнале антиалбански слогани, расистички скандирања и чист етнички говор на омраза против Албанците“. Остри осуди имаше и од владејачката коалиција ВРЕДИ и опозициската СДСМ.
Реагираа и политичарите на Косово и во Албанија.
Kосовскaтa претседателка Вјоса Османи изјави дека „антиалбанските скандирања што се слушаат во Куманово се неприфатливи и го нарушуваат духот на соживот и меѓусебното почитување“.
Трамп најави повисоки тарифи за Индија поради руската нафта, неговиот претставник оди во Москва

Американскиот претседател Доналд Трамп на 4 август изјави дека „значително ќе ги зголеми“ царините за Индија поради купувањето руска нафта, додека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф се подготвува оваа недела да отпатува во Москва пред рокот го кој Кремљ треба да преземе чекори за прекин на војната во Украина.
Во објава на неговата мрежа Truth Social, Трамп рече дека Индија не само што купува „огромни количини“ руска нафта, туку и ја препродава за „огромна добивка“.
„Не им е грижа колку луѓе во Украина се убиени од руската воена машинерија“, рече Трамп.
„Затоа значително ќе ги зголемам царините што Индија им ги плаќа на Соединетите Држави“, додаде тој, без да прецизира временска рамка или износ на новите царини.
Минатата недела, Трамп рече дека Индија се соочува со царина од 25 проценти за стоки извезени во Соединетите Држави и додаде дека петтата најголема економија во светот, исто така, ќе се соочи со казни, без да даде детали.
Трамп, кој сè повеќе изразува фрустрација од рускиот претседател Владимир Путин, минатата недела ѝ даде на Русија 10 дена да тргне кон мир или да се соочи со санкции и секундарни тарифи кои веројатно ќе бидат насочени кон Кина и Индија, двата најголеми купувачи на руска нафта.
Со тој рок поставен на 8 август, Трамп рече дека Виткоф ќе отпатува во Москва по неговата сегашна посета на Израел, иако не даде конкретен распоред.
Кремљ денеска не ја потврди посетата, но рече дека Путин би можел да се сретне со Виткоф оваа недела.
„Секогаш сме среќни што го гледаме г-дин Виткоф во Москва... Сметаме дека таков контакт е важен, значаен и корисен“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите.
Еден ден претходно, Трамп предупреди дека „ќе има санкции, но се чини дека се доста добри во избегнувањето на санкциите“.
„Тие се лукави ликови и се доста добри во избегнувањето на санкциите, па ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп.
Киев и Москва разменуваат напади пред рокот на Трамп.
Во последниот напад, три лица беа убиени во југоисточниот украински регион Запорожје, изјави гувернерот Иван Федоров доцна во неделата.
Степногирск, град на неколку километри од линијата на фронтот, беше нападнат, напиша Федоров на Телеграм, додавајќи дека двајца мажи, на возраст од 40 и 50 години, и една жена, на возраст од 58 години, биле убиени. Уништени се и приватни домови, додаде тој.
Русија, исто така, наводно лансирала најмалку една хиперсонична ракета „Кинжал“ преку ноќ, а украинската војска соопшти дека воздушна база во западна Украина веројатно била цел.
Додадено е дека нападот бил одбиен, иако руското Министерство за одбрана соопшти дека „целта на нападот е постигната“.
Поранешниот хрватски премиер Санадер условно ослободен

Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер денеска беше осуден условно, откако отслужи две третини од 18-годишната затворска казна за повеќекратни случаи на корупција и злоупотреба на службената должност.
Адвокатот на Санадер, Драган Црнковиќ, изјави дека се исполнети сите законски услови неговиот клиент да биде ослободен, објави Хрватската радиотелевизија (ХРТ).
Санадер беше осуден на единствена казна од 18 години затвор, откако беше обвинет во три случаи: за проневера на пари од јавни претпријатија во случајот „Фими Медиа“, за барање и примање мито во случајот „Планинска“ и за предавање на управувачките права врз ИНА на унгарската МОЛ во замена за мито.
Црнковиќ рече дека покрај возраста на Санадер, една од причините наведени во барањето за ослободување е неговата здравствена состојба, но дека тоа не се главните причини, туку и фактот дека ги исполнува условите од Кривичниот законик. Тој додаде дека поранешниот премиер отслужил половина од казната на 15 август 2023 година.
Тој рече дека по ослободувањето од затвор, Санадер прво ќе биде должен да се јавува во полициската станица во Загреб, а потоа и во пробациски центар.
Според адвокатот, Санадер ќе биде должен да се јавува во полиција секој месец, нема да му биде дозволено да го менува местото на живеење и привременото живеалиште, а формално ќе го преземе Загребскиот окружен суд, од каде што ќе треба да бара одлука за промена на местото на живеење и привременото живеалиште.
Поранешниот хрватски премиер досега помина речиси девет и пол години зад решетки, во притвор. Предвремено ослободување во хрватскиот затворски систем може да се побара откако ќе се издржи половина од казната, а најчесто се одобрува по две третини од казната.
По неколку притворања и отпуштања, Санадер е во затвор континуирано од април 2019 година, кога Врховниот суд му ја зголеми казната за корупција во случајот „Планинска“ на шест години затвор. Во тој случај, поранешниот сопственик на месната индустрија и пратеник од неговата партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Стјепан Фиолиќ, призна дека му донел на поранешниот премиер десет милиони куни (околу 1,35 милиони евра) и еден милион евра провизија.
Кон средината на октомври 2021 година, највисокиот суд делумно ја потврди пресудата од повторената постапка во случајот „Фими медиа“, според која ХДЗ мора да плати казна од 3,5 милиони куни (околу 470.000 евра) за извлекување пари од државни институции и компании, додека казната на Санадер беше намалена од осум на седум години затвор, заедно со враќање на нелегални бенефиции.
Во октомври 2021 година, Врховниот суд ја потврди првостепената пресуда во која Санадер беше осуден на шест години за примање поткуп од шефот на унгарскиот МОЛ, Золт Хернади, додека недостапниот Хернади беше осуден на две години затвор.
Во низа долготрајни постапки, Санадер беше ослободен на повторно судење во октомври минатата година од обвиненијата за воено профитерство во аферата „Хипо“, за што беше осуден двапати во претходни постапки.
Во Луксембург пронајдени афлатоксини во соино брашно од Србија

Луксембург издаде предупредување поради присуството на афлатоксин во соино брашно со потекло од Србија, беше објавено на онлајн платформата на Европскиот систем за брзо предупредување и известување за храна (RASFF).
Информациите во рамките на овој систем беа објавени на 1 август, а се наведува дека преку внатрешна контрола е откриено дека брашното содржи 2,9 микрограми афлатоксин на килограм, што претставува „сериозен“ ризик за здравјето на луѓето.
Афлатоксините претставуваат група природни токсични метаболички производи на габата Aspergilus Flavus, која создава токсини под поволни услови на влага и топлина, размножувајќи се првенствено во растителни култури, како што се пченица, пченка, соја, ореви, според веб-страницата на Институтот за јавно здравје во Лесковац.
Во поголеми количини, афлатоксините се опасни за здравјето на луѓето, особено за црниот дроб и гастроинтестиналниот тракт.
Минатиот месец, на платформата RASFF, двапати беше објавено предупредување за сериозен ризик кај производите од Србија.
Прво, на почетокот на јули, RASFF предупреди за присуството на бактеријата листерија во рибните производи.
Потоа, на 10 јули, на оваа платформа на Европската Унија беше објавено дека вирусот на хепатитис А (исто така познат како валкани раце) е пронајден во мешани бобинки од Србија.
Во текот на 2025 година, земјите од ЕУ пријавија 19 случаи на небезбедна храна, за која се тврди дека пристигнала од Србија, преку системот RASFF.
Од 2020 година, пријавени се 103 случаи.
Повеќе извештаи оваа година се однесуваат на присуство на афлатоксин главно во производи од соја.
Од 2013 година, Србија можеше, преку системот RASFFF, да добива известувања за спорна храна што била увезена во Србија од ЕУ или извезена од Србија.
„Хамас повеќе не е закана“ - Поранешни израелски функционери бараат од Трамп крај на војната

Група од околу 600 пензионирани израелски безбедносни службеници, вклчително и поранешните шефови на разузнавањето, му пишаа на американскиот претседател Доналд Трамп, барајќи од него да изврши притисок врз Израел веднаш да ја прекине војната во Газа.
„Нашата професионална проценка е дека Хамас повеќе не претставува стратешка закана за Израел“, навеле службениците, според Би-Би-Си.
Израел ја започна разорната војна во Газа по упадот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој околу 1.200 луѓе беа убиени, а 251 лице беше земено како заложници во Газа.
„Вашиот кредибилитет кај огромното мнозинство Израелци ја зголемува вашата способност да го насочите премиерот [Бенџамин] Нетанјаху и неговата влада во вистинската насока: Завршете ја војната, вратете ги заложниците, запрете го страдањето“, напишаа тие.
Апелот на поранешните израелски службеници дојде откако Хамас и милитанти на Исламски џихад објавија видеа од двајца ослабени израелски заложници, што беа осудени од израелските и западните лидери, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави нова воена офанзива.
Главната група што ги поддржува семејствата на заложниците ја осуди идејата за нова воена офанзива, велејќи: „Нетанјаху ги води Израел и заложниците кон пропаст“.
Ставот беше јасно искажан во писмото до Трамп, меѓу другите, од поранешниот шеф на Мосад, Тамир Пардо, поранешниот шеф на Шин Бет, Ами Ајалон, поранешниот премиер Ехуд Барак и поранешниот министер за одбрана, Моше Јалон.
„На почетокот, оваа војна беше праведна војна, одбранбена војна, но кога ги постигнавме сите воени цели, оваа војна престана да биде праведна војна“, рече Ајалон.
Поранешните високи лидери ги предводат групата на Командантите за безбедност на Израел (ЦИС) - група што во минатото ја повикуваше владата да се фокусира на обезбедување враќање на заложниците.
„Стопирајте ја војната во Газа! Во име на ЗНД, најголемата група поранешни генерали на ИДФ во Израел и еквиваленти на Мосад, Шин Бет, полицијата и дипломатскиот кор, ве повикуваме да ја завршите војната во Газа. Вие го направивте тоа во Либан. Време е да го направите тоа во Газа“, му пишаа тие на американскиот претседател.
Можноста за нова ескалација во Газа би можела да ги налути сојузниците на Израел кои инсистираат на итно прекинување на огнот, бидејќи извештаите за Палестинци кои умираат од глад или неухранетост го шокираа светот.
Повеќе од 60.000 Палестинци се убиени како резултат на воената кампања на Израел во Газа од упадот на Хамас во октомври 2023 година, соопшти Министерството за здравство управувано од Хамас.
Територијата се соочува и со масовен глад како резултат на строгите ограничувања наметнати од Израел за тоа што е дозволено во Газа. Министерството соопшти дека 180 луѓе, вклучувајќи 93 деца, починале од неухранетост од почетокот на војната.
Агенциите поддржани од ОН соопштија дека Газа „моментално се соочува со најлошото можно сценарио за глад“.
200 новинари апелираат на „итен и непречен“ пристап за странските медиуми во Газа

Речиси 200 новинари, фотографи и воени дописници, како и водечки организации за слобода на печатот, потпишаа петиција со која се бара „итен и непречен пристап до Газа за странските медиуми и почитување на заштитениот статус на новинарите според меѓународното право за да можат да известуваат од Газа“.
Петицијата е дел од Иницијативата за слобода на печатот, покрената од фотографот Андре Лион и ја поддржуваат новинари како Кристијане Аманпур и Мехди Хасан, како и организации како Репортери без граници и Комитетот за заштита на новинарите.
Апелот се однесува до Израел и Хамас, од кои се бара итно да овозможат влез за странски новинари во Газа, од каде известување е онемозможено од почетокот на конфликтот во 2023 година.
Потписниците ги вклучуваат водечките меѓународни новинарки Кристијан Аманпур, Линдзи Хилсум, Мехди Хасан и воениот фотограф Дон Мекалин, како и Здружението на европски новинари, Комитетот за заштита на новинарите и Репортери без граници, соопшти Здружението на европски новинари.
Во петицијата понатаму се наведува дека доколку „завојуваните страни“ го игнорираат апелот, медиумските професионалци ќе бидат поддржани да влезат во Газа без согласност „со какви било легитимни средства, сами, колективно или во координација со хуманитарни или граѓански актери“.
Во Газа, според проценките на IPC (глобална иницијатива на агенции на ОН), се случува најлошото сценарио на глад. Бројот на домаќинства со екстремен недостиг на храна се удвоил од мај до јули.
Во извештај потпишан од 111 организации, се наведува дека храната, водата и лековите се блокирани, а на хуманитарните организации им е забрането да работат.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете