Достапни линкови

Вести

Зеленски ја поздрави „историската“ поддршка на ЕУ за кандидатурата на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави поддршката на Брисел за кандидатурата на неговата земја во ЕУ како „историско“ достигнување.

Европската комисија препорача Украина и Молдавија да добијат статус на кандидат за членство во Европската унија, потег што го означува почетокот на она што веројатно ќе биде долго патување кон целосна интеграција во ЕУ.

Препораката, објавена од претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен на 17 јуни, ќе биде разгледана од лидерите на блокот од 27 нации за време на самитот следната недела во Брисел. За започнување на пристапните преговори потребно е едногласно одобрение од сите земји-членки.

Овој потег без преседан на европското тело доаѓа додека Киев води исцрпувачка војна со Русија, која започна неиспровоцирана инвазија на својот сосед на 24 февруари, која уби десетици илјади луѓе и предизвика огромно материјално уништување.


Иако процесот за членството во ЕУ може трае со години, Зеленски, во своето ноќно видео обраќање, ја нарече одлуката „историско достигнување“ и рече дека „сигурно ќе ја доближи нашата победа“ против Русија.

„Украинските институции се отпорни дури и во услови на војна. Украинските демократски навики не ја изгубија својата моќ ниту сега“, рече Зеленски доцна синоќа.

Објавувајќи го потегот, Фон дер Лајен ја поздрави приврзаноста на Украинците за европските вредности и нивните жртви во војната против неиспровоцираната инвазија на Русија.

„Сите знаеме дека Украинците се подготвени да умрат за европската перспектива. Сакаме тие да го живеат со нас европскиот сон“, рече Фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел.

Во главно симболичен потег, Зеленски, исто така, објави дека Украина ќе го укине безвизниот влез за Русите од следниот месец.


„Според одлуката што ја планира Кабинетот на министри, Украина ќе воведе визен режим за руските граѓани од 1 јули 2022 година“, рече тој.

Во Кишињев, молдавската претседателка Маја Санду, исто така, ја поздрави најавата на Европската комисија, ветувајќи дека Молдавците „ќе работат напорно“ за да постигнат конечно членство во ЕУ.

„Препораката се заснова на разбирањето дека нашата земја ќе вложи повеќе напори во клучни области како што се реформите во правосудството, борбата против корупцијата, јавната администрација и човековите права“, рече Санду.

„Ова е важен момент за иднината на Република Молдавија и ова е надежта што им е потребна на нашите граѓани“, истакна таа на Телеграм, додавајќи оти знаат „дека процесот ќе биде тежок, но решени сме да го следиме овој пат“.

Комисијата рече дека друга земја аспирант што го поднесе своето членство оваа пролет, Грузија, ќе добие кандидатски статус штом ќе исполни одредени услови.

„Треба да добие кандидатски статус откако ќе се решат голем број приоритети“, се вели во соопштението на Комисијата.

„За да успее, земјата сега мора да се здружи политички, да дизајнира јасен пат кон структурните реформи и Европската унија - пат кој конкретно ги поставува потребните реформи, го вклучува граѓанското општество и има корист од широката политичка поддршка“, фон рече дер Лејен на прес-конференцијата.

Како реакција на соопштението, Кремљ соопшти дека внимателно ги следи напорите на Украина да стане членка на ЕУ.


Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека ова прашање „бара наше зголемено внимание, бидејќи сите сме свесни за интензивирањето на дискусиите во Европа на тема зајакнување на одбранбената компонента на ЕУ“.

„Има различни трансформации кои ги набљудуваме на највнимателен начин“, рече тој во брифинг со новинарите.

Револуционерната одлука на Брисел беше во голема мера очекувана, откако беше препорачана од лидерите на трите најголеми економии во ЕУ за време на посетата на украинскиот главен град на 16 јуни.

Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги по средбата со Зеленски изјавија дека се за тоа Украина „веднаш“ да добие кандидатски статус.

Зеленски претходно ја повика Европската унија да и понуди членство на неговата нација преку скратена процедура што би претставувала „моќен одговор“ на неиспровоцираната инвазија на Русија.

Зеленски ја поднесе кандидатурата на Украина за членство во ЕУ веднаш по почетокот на руската инвазија на 24 февруари, а Молдавија и Грузија го следеа примерот веднаш потоа.

види ги сите денешни вести

Вучиќ и Макрон разговарале телефонски

Aрхивска фотографија на српскиот и францускиот претседател Александар Вучиќ и Емануел Макрон
Aрхивска фотографија на српскиот и францускиот претседател Александар Вучиќ и Емануел Макрон

Стабилноста на Западен Балкан е важна за Франција, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ, еден ден откако Српскиот совет за безбедност оцени дека безбедноста во регионот е сериозно нарушена.

Според официјалните соопштенија, Вучиќ и Макрон разговарале за билатералните односи и регионалните прашања, со фокус на актуелните случувања во Косово и Босна и Херцеговина.

Разговорот се одржа еден ден откако Српскиот совет за безбедност оцени дека пресудата против Милорад Додик, претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС), сериозно ја нарушува безбедноста во регионот.

Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции на 1 август поради непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Вучиќ по разговорот со Макрон изјави на Инстаграм дека Србија „останува посветена на сите процеси насочени кон зачувување на мирот, соработката и просперитетот“, што му го пренесе на Макрон по телефон.

„Ја нагласив нашата посветеност на дијалогот и почитувањето на меѓународното право, како и нашата подготвеност да придонесеме за долгорочната стабилност на регионот“, се додава во објавата од српскиот Кабинет на Вучиќ.

Вучиќ, како што е наведено, му се заблагодари на Макрон за неговиот ангажман во Западен Балкан и поддршката на Франција за членството на Србија во Европската Унија. Тој го покани и Макрон да ја посети Србија.

Од друга страна, Макрон рече дека стабилноста на Западен Балкан е важна за Франција.

„Нагласив колку Франција придава важност на стабилноста, единството и суверенитетот на Босна и Херцеговина, како и на почитувањето на владеењето на правото. Потсетив на важноста на дијалогот меѓу Србија и Косово и нашата осуда на сите еднострани потези што би можеле да го загрозат. Со земјите од Западен Балкан, Европа ќе се реализира себеси и ќе ја прифати својата судбина - во единство, солидарност и одговорност“, рече францускиот претседател.

Полска ги продолжува граничните контроли со Германија до октомври

Полска ќе ги продолжи привремените гранични контроли со Германија до 4 октомври, објави во недела министерот за внатрешни работи Марчин Киервински.

Проверките, кои првично требаше да истечат на 5 август, се очекуваше да продолжат.

Тие беа воведени на 7 јули како одговор на тековните германски контроли насочени кон ограничување на нерегуларната миграција.

Граничните проверки со Литванија, исто така, ќе останат на сила. Киервински рече дека продолжувањето е известено до Европската комисија и доставено до соседните земји од ЕУ.

„Нашите европски партнери целосно ја разбираат одлуката“, беше цитиран тој. Понатамошна проценка на мерките ќе биде направена во септември врз основа на податоците од граничната полиција, војската и полицијата.

Полската влада тврди дека засилените контроли биле ефикасни. Од нивното воведување, Полска објави „98% покриеност“ на своите граници. Германија започна да спроведува случајни проверки на полската граница во октомври 2023 година и ги интензивираше откако конзервативната влада на канцеларот Фридрих Мерц ја презеде функцијата во мај.

Министерот за внатрешни работи Александар Добриндт, исто така, го одобри враќањето на барателите на азил на границата, што предизвика одговор од Варшава.

Полскиот премиер Доналд Туск го поврза укинувањето на граничните проверки на Полска со можни промени во германската политика.

Центристичката влада на Туск, исто така, се најде под притисок од десничарските групи на одмаздници кои патролираат во близина на границата и ја обвинуваат Германија дека ги враќа мигрантите кои никогаш претходно не влегле во Полска.

Според полското Министерство за внатрешни работи, од 7 до 30 јули, властите провериле повеќе од 243.000 луѓе и 110.000 возила на германската граница. Влезот им бил одбиен на 105 лица.

Во истиот период, Полска прифати 72 лица вратени од Германија и одби уште две, а исто така, врати шест мигранти во Германија.

Украинските антикорупционери открија измама со купувањето дронови

Украински војници го проверуваат беспилотно летало „Лелека“ од украинско производство пред неговото лансирање во близина на фронтовската линија, за време на рускиот напад врз Украина, во Харковскиот регион, Украина, 20 јули 2025 година.
Украински војници го проверуваат беспилотно летало „Лелека“ од украинско производство пред неговото лансирање во близина на фронтовската линија, за време на рускиот напад врз Украина, во Харковскиот регион, Украина, 20 јули 2025 година.

Националното биро за борба против корупцијата (NABU) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (SAPO) на 2 август објавија на социјалните мрежи дека откриле голема шема за земање мито и купување оружје по превисоки цени во земјата.

Според нивното соопштение осомничените земале мито во корупциска шема во која државните средства биле користени за купување беспилотни летала и друга воена опрема по значително повисоки, „надуени“ цени.

Прекршителите земале мито од 30 проценти од вредноста на договорот, соопштија NABU и SAPO.

Агенциите не ги идентификуваа осомничените, но рекоа дека меѓу нив има еден пратеник и неколку окружни и градски службеници, и дека досега се уапсени четири лица, објави новинската агенција Асошиетет прес.

Министерството за внатрешни работи на Украина соопшти дека припадниците на Националната гарда, кои исто така биле вклучени во случајот, се отстранети од своите работни места.

Беспилотните летала станаа клучен ресурс во војната меѓу Украина и Русија, а поголемиот дел од руските воени средства уништени од украинската армија биле цел на овие беспилотни летала. Со производство на дронови, Киев го проширува и домашното производство и извозот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во говорот вечерта на 2 август изјави дека откриената корупциска шема е „неморална“ и им се заблагодари на агенциите за нивната работа.

„За жал, овие корупциски шеми вклучуваа набавка на системи за електронско војување и беспилотни летала FPV. Мора да има целосна и фер одговорност за ова“, додаде Зеленски во говорот, кој беше објавен на социјалната платформа X, порано позната како Твитер.

Контроверзната шема беше откриена два дена откако украинскиот парламент со огромно мнозинство гласаше за враќање на независноста на антикорупциските агенции. Овој потег ја поништи претходната одлука на Зеленски да ги ограничи овластувањата на агенциите, што предизвика неколку демонстрации.

Саудиска Арабија погуби осум лица

Илустрација, маж обесен по додесена пресуда
Илустрација, маж обесен по додесена пресуда

Саудиска Арабија егзекутираше осум лица во еден ден, соопштија државните медиуми, во услови на пораст на употребата на смртна казна во монархијата на Персискиот Залив, особено поради пресуди поврзани со дрога.

Станува збор за четворица Сомалијци и тројца Етиопјани кои биле егзекутирани во саботата во јужниот регион Наџран „за шверц на хашиш во кралството“, објави новинската саудска агенција (SPA).

Осмиот егзекутиран е Саудиец кој бил осуден за убиството на својата мајка, соопшти SPA.

Од почетокот на 2025 година, Саудиска Арабија егзекутирала 230 лица, според пресметката на АФП од официјални извештаи. Од нив, 154 се поврзани со обвиненија за дрога.

Темпото на егзекуции го става кралството на пат да го надмине минатогодишниот рекорд од 338 случаи на смртна казна.

Аналитичарите го поврзуваат порастот со „војната против дрогата“ на кралството започната во 2023 година, при што многу од оние што беа првично уапсени дури сега се егзекутирани по нивните законски постапки и пресуди.

Саудиска Арабија ги продолжи егзекуциите за прекршоци поврзани со дрога на крајот од 2022 година, откако ја суспендираше употребата на смртна казна во случаи на наркотици околу три години.

Според пресметката на новинската агенција Франс Прес, егзекутирани се 19 лица во 2022 година, две во 2023 година и 117 во 2024 година за кривични дела поврзани со наркотици.

Активистите велат дека континуираното прифаќање на смртната казна од страна на кралството го поткопува имиџот на поотворено, толерантно општество, што е централно за реформската агенда „Визија 2030“ на престолонаследникот Мохамед бин Салман.

Саудиските власти велат дека смртната казна е неопходна за одржување на јавниот ред и се користи само откако ќе се исцрпат сите можности за жалба.

СДСМ бара оставка од Ристовски по интервјуто за РСЕ

Министерот за спорт Борко Ристовски
Министерот за спорт Борко Ристовски

Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) на 3 август побара министерот за спорт Борко Ристовски да си поднесе оставка од функцијата. Причина за тоа, како што велат од опозицијата, е не само поради скандалот со Младинската олимпијада, туку и поради системското уназадување на македонскиот спорт.

Ваквата реакција на СДСМ следи по интервјуто на Радио Слободна Европа (РСЕ) на министерот Ристовски каде што тој ги во коментар за обвинувањата за лошата организација на Европските младински олимписки фестивал (ЕМОФ) рече дека Министерството со кое раководи не било организатор на настанот, туку само логистичка поддршка, како и тоа што тој лично побарал оваа Олимпијада да не се одржува во земјава или, пак да се редуцира бројот на спортисти-учесници.

„Бевме одбиени, бевме одбиени од причина што веќе било премногу касно за да се откаже Олимпијадата за младинци, што е и до некаде разбирливо, меѓутоа имаше обид и кажавме ние дека дека ние немаме капацитет за да за да организираме вака еден масовен настан“, изјави Ристовски во интевјуто за РСЕ.

Од СДСМ велат дека не се работи само за катастрофалната организација на ЕМОФ, туку и за катастрофалните резултати на македонските спортски федерации, што го одразуваат општото пропаѓање на спортот за време на оваа Влада и на Ристовски како министер.

„Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19. век пред очите на меѓународната спортска јавност. Резилот со Младинската олимпијада е најголемиот дебакл во поновата спортска историја на државата“, е наведено во нивната реакција.

Покрај, тоа СДСМ вели дека е намалена поддршка на спортот на историски најниско ниво. За обвинувањата од СДСМ дека маркетингот на ЕМОФ го водела фирма чиј сопственик е близок до него, Ристовски вели дека опозицијата нема елементарно познавање од тоа како функционира спортот и како Министерството организира или лобира да добие некоја марктинг агенција работа со Олимпискиот комитет, во која тие соработуваат само технички.

За една година ограбени продавниците во Германија во вредност од 3 милјарди евра

Путерот и другите млечни производи на пазарот во Санкт Петербург се изложени во кутии против кражба, за да се спречат крадци или крадци од продавници.
Путерот и другите млечни производи на пазарот во Санкт Петербург се изложени во кутии против кражба, за да се спречат крадци или крадци од продавници.

Кражбите во продавници нагло се зголемуваат во Германија, а гонењето на крадците е премногу слабо, велат од малопродажниот сектор во земјата.

„Загубите од кражби во продавници се зголемија на 3 милијарди евра во 2024 година, што е за 20% повеќе во однос на бројката од 2022 година“, изјави Стефан Гент, раководител на Германското трговско здружение (HDE), за гераманскиот информативен портал t-online.

Гент ја забележа организираната природа на голем дел од кражбите.

„Бандите се движат фокусирано низ централните градови, крадејќи скапа стока, како што се парфеми, чевли, електронски уреди, а потоа ги продаваат на сивиот пазар“, рече тој.

Гент додава дека покрај тоа, крадците што работат сами се сè поагресивни кога ќе бидат фатени. Тој ги критикува германските обвинители за не преземање доволно мерки.

„Продавниците покренуваат обвиненија, а обвинителите потоа ги отфрлаат случаите врз основа на ефикасност. Како резултат на тоа, многу трговци на мало повеќе не пријавуваат кражби во продавници во полицијата“, вели тој.

Претставниците на трговците бараат измени во законот, инвестиции во безбедноста и зголемено финансирање на судството.

„Се плашам од услови како во Соединетите Американски Држави, каде што речиси сè е зад стакло. Тоа е израз на недоверба кон клиентите, додека повеќе од 90% се чесни“, рече тој.

Украински напади предизвикаа пожар во нафтено складиште во Сочи

Архивска фотографија, оштетена станбена зграда по рускиот напад во Одеса на 19 јули 2025 година, за време на руската инвазија на Украина.
Архивска фотографија, оштетена станбена зграда по рускиот напад во Одеса на 19 јули 2025 година, за време на руската инвазија на Украина.

Напад со украински беспилотни летала во текот на ноќта предизвика пожар во складиште за нафта во Сочи, руското одморалиште кое беше домаќин на Зимските олимписки игри во 2014 година, на околу 400 километри од украинската граница, соопштија властите во неделата, јавува новинската агенција Франс Прес.

Украина во изминатиот период често ја напаѓа руската нафтена и гасна инфраструктура како одговор на нападите врз сопствената територија откако Русија ја започна својата офанзива во февруари 2022 година.

„Сочи претрпе напад со беспилотни летала од страна на режимот во Киев синоќа“, изјави гувернерот на рускиот регион Краснодар, Венијамин Кондратиев, на социјалната мрежа Телеграм.

Тој рече дека остатоците од беспилотното летало погодиле „резервоар за нафта, што предизвикало пожар“.

Градоначалникот на Сочи, Андреј Прошунин, рече дека нема жртви и дека „ситуацијата е целосно под контрола“, додавајќи дека пожарникарите продолжуваат да го гаснат пожарот.

Сликите, објавени од руските медиуми, но чија автентичност новинската агенција Франс Прес не можеше да ја потврди, покажаа пламен и густ облак од црн чад што се издигаше од местото.

Воздушниот сообраќај беше накратко прекинат на аеродромот во Сочи, но кратко потоа беше обновен, соопшти рускиот регулатор за воздушен транспорт Росавијација.

Украинските власти не коментираа за пожарот. Воздушните напади врз Сочи се релативно ретки во споредба со некои други руски градови.
Сепак, во нападите со украински беспилотни летала таму загинаа две лица кон крајот на минатиот месец, според локалните власти.

Киев соопшти дека ќе ги интензивира своите воздушни напади врз Русија како одговор на зголемувањето на руските напади на нејзина територија во последните недели, во кои загинаа десетици цивили.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека три украински беспилотни летала биле пресретнати во регионот Ленинград, кој го вклучува и балтичкото пристаниште Санкт Петербург.

Во ноќните напади на Русија во јужниот и северниот дел на Украина, исто така, повредени се неколку лица, соопштија властите.

Три други лица се повредени во североисточниот регион Харков, додаде таа, додека локалните власти, исто така, објавија повреди во регионите Запорожје и Херсон на југ.

„Русите продолжуваат да водат војна не против украинските сили, туку против украинските цивили“, рече Свириденко.

Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп му даде на својот руски колега Владимир Путин десетдневен ултиматум, до следниот петок, за прекин на конфликтот во Украина.

Кина и Русија започнаа поморски вежби во Јапонското Море

илустрација
илустрација

Кина и Русија започнаа заеднички поморски вежби во Јапонското Море на 3 август. Вежбите „Заедничко Море-2025“ започнаа во водите во близина на руското пристаниште Владивосток, соопшти Министерството за одбрана на Кина.

Двете војски ќе спроведуваат операции за спасување на подморници, борба против подморници, воздушна и ракетна одбрана и поморска борба.

Четири кинески бродови, вклучувајќи уништувачи со водени ракети, учествуваат во вежбите заедно со руски бродови, соопшти министерството.

По тридневните вежби, двете земји ќе спроведуваат поморски патроли во „водите на Тихиот Океан“.

Кина и Русија редовно одржуваат заеднички вежби, а маневрите „Заедничко Море“ започнаа во 2012 година, објави новинската агенција Франс Прес.

Велика Британија се заканува со затвор за криумчари кои се рекламираат на социјалните мрежи

Илустрација
Илустрација

Криумчари на луѓе кои ги користат социјалните медиуми за да ги промовираат своите услуги на мигрантите кои сакаат нелегално да влезат во Велика Британија би можеле да се соочат со пет години затвор, најави британската влада.

Лабуристичката влада на премиерот Кир Стармер е под силен политички и јавен притисок да го намали бројот на мигранти кои нелегално пристигнуваат во мали чамци од Франција.

Повеќе од 25.000 луѓе го направиле преминот досега оваа година.

Анализата на Министерството за внатрешни работи покажа дека околу 80% од мигрантите кои пристигнуваат со мали чамци ги користеле социјалните медиуми за време на нивното патување за да пронајдат или да комуницираат со шверцери на луѓе.

Според новите измени на законите луѓето кои објавуваат онлајн за да рекламираат услуги што олеснуваат кршење на законите за имиграција ќе се соочат со парични казни и затворски казни до пет години.

Олеснувањето на нелегалната имиграција во Велика Британија веќе е кривично дело, но владата соопшти дека нејзиниот последен план ќе и даде на полицијата уште една опција за да ги спречат криминалните банди кои профитираат од организирање на премините.

Минатиот месец, владата воведе нов режим на санкции што ѝ овозможува да замрзне средства, да воведе забрани за патување и да го блокира пристапот до финансискиот систем на земјата за поединци и субјекти вклучени во овозможување на нерегуларна миграција.

Земјотрес од 7 степени по Рихтер и ерупција на вулкан во Камчатка

Архивска фотографија, Пламен и чад што се креваат за време на ерупцијата на вулканот Кључевскаја на полуостровот Камчатка во Русија, на 8 март 2021 година
Архивска фотографија, Пламен и чад што се креваат за време на ерупцијата на вулканот Кључевскаја на полуостровот Камчатка во Русија, на 8 март 2021 година

Нов силен земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди крајниот исток на Русија. Руските власти соопштија дека го откажале предупредувањето за цунами за полуостровот Камчатка во неделата, откако земјотрес ги погоди блиските Курилски Острови.

Според извештаите, земјотресот се случил во близина на брегот на крајниот југ од полуостровот Камчатка.

Епицентарот бил на длабочина од околу 40 километри. Ова е најсилниот во серијата земјотреси што следеа на 30 јули, кога регионот беше погоден од еден од најсилните земјотреси во историјата – земјотрес со магнитуда од 8,8 степени.

По тој земјотрес, следеа стотици „афтершокови“, со магнитуда до 6,5 степени.

Преку ноќ, вулканот Крашениников на Камчатка еруптираше за прв пат по 600 години, објавија во недела научници за руската државна новинска агенција РИА.

И двата инциденти би можеле да бидат поврзани со огромниот земјотрес што го потресе рускиот Далечен Исток минатата недела, што предизвика предупредувања за цунами дури до Француска Полинезија и Чиле, а потоа следеше ерупција на Кључевској, најактивниот вулкан на полуостровот Камчатка.

Курилските острови се протегаат од јужниот врв на полуостровот Камчатка. Руските научници предупредија во среда дека се можни силни последователни потреси во регионот во следните неколку недели.

„Ова е првата историски потврдена ерупција на вулканот Крашениников по 600 години“, изјави Олга Гирина, раководител на тимот за одговор на вулкански ерупции на Камчатка.

На Телеграм каналот на Институтот за вулканологија и сеизмологија, Гирина изјави дека последното излевање на лава од Крашениников се случило во рок од 40 години од 1463 година и оттогаш не е позната никаква ерупција.

Одделот на Камчатка при руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека по ерупцијата на вулканот е регистриран облак од пепел што се искачува до 6.000 метри. Самиот вулкан е висок 1.856 метри.

„Облакот од пепел се движеше кон исток, кон Тихиот Океан. Нема населени области по неговиот пат“, соопшти министерството на Телеграм.

На ерупцијата на вулканот ѝ е доделен портокалов код за авијација, што укажува на зголемен ризик за воздухопловството, соопшти министерството.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG