Настаните на денот низ фотографии - 20 март 2023
Од Чаир до Кремљ

1
КИНА / РУСИЈА - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска ја почна посетата на Русија, што е негова прва посета на странска земја откако по трет пат беше избран за претседател на Кина, а исто така прва посета на Русија од почетокот на руско-украинскиот конфликт во февруари 2022 година. Џинпинг ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Кинеската влада не даде детали за тоа што Џинпинг има намера да постигне за време на неговата посета на Москва.

2
САД / МАКЕДОНИЈА - Извештаи за сериозна владина корупција, недостиг на одговорност за родово и семејно насилство, нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во затворите, насилство и закани за насилство врз новинари, злосторства кои вклучуваат насилство и закани за насилство насочени кон припадници на ЛГБТ-и заедницата. Овие се клучните забелешки за состојбите со човековите права во Северна Македонија во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент.

3
ЕУ / ИРАН - Европската унија го воведе шестиот пакет санкции против Иран поради кршење на човековите права, додавајќи осум поединци и една компанија на листата на санкционирани. Имам, свештеник и тројца судии од Иран се опфатени со новите санкции. Тие се обвинети за кршење на човековите права.

4
ТУРЦИЈА / ЕУ - Европската комисија ќе и даде милијарда евра помош на Турција, која беше погодена од земјотреси, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на почетокот на меѓународната донаторска конференција. Таа говореше за земјотресот, кој однесе речиси 50 000 животи во Турција и Сирија, како најголема природна катастрофа што го погоди регионот во последните години.