Вести
„Огнените“ од ДУИ ќе делуваат како фракција

Членовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои се дел од таканаречената „Огнена група“ го напуштија денешниот состанок на Централното претседателство кој се одржа во седиштето на партијата во Мала Речица и најавија дека ќе функционираат како фракција во ДУИ.
Актуелниот организациски секретар во ДУИ Блерим Беџети по четири часа од почетокот на состанокот, изјави дека разликите се големи и од организационен аспект внатре во ДУИ, но и од аспект на дебатата за програмските определби врз основа на кои ја добиле довербата од граѓаните.
„За жал немаме можност од реална дебата и се користат двојни или тројни аршини во однос на одредени исти и слични прашања и затоа од денеска ние ќе имаме наши ставови бидејќи ќе делуваме како фракција во рамки на ДУИ“, изјави Беџети.
Членовите на „Огнената група“ смеаат дека актуелните министри во Владата од ДУИ ја узурпирале партијата со своите одлуки.
„Тоа што е надлежност на партијата преминува во надлежност на членовите Владата и тука да се разбереме не се само кадровските прашања, тоа се релевантни и значајни, зборуваме за проргамските определби на ДУИ, рече Беџети.
На новинарските прашања дали и натаму ќе бидат дел од органите на партијата, Беџети изјави дека се избрани од друг партиски орган и дека не се разрешени.
За поделеноста меѓу двете групи во ДУИ јавно се зборува изминативе неколку месеци. „Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар. Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.
Пред почетокот на денешниот состанок, Османи изјави дека на седницата ќе дебатираат за сите прашања кои останале неразговарани на претходната седница, кои што ќе бидат покренати од членовите на претседателството.
ДУИ како политичка партија беше основана во 2002 година, по укинувањето на таканаречената Ослободителна народна армија (ОНА) во конфликтот во Македонија во 2001 година.
Тогаш стана најголема политичка партија од албанскиот блок и трета најголема во државата, по ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и повеќе од 18 години е дел од власта, а само две години беше во опозиција.
Откако претходно повеќе од осум години беше дел од владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2008 до 2016 година, ДУИ сега е дел од владината коалиција заедно со СДСМ.
види ги сите денешни вести
Жељко Комшиќ е нов претседавач со Претседателството на БиХ

Хрватскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, кој е избран со гласовите на бошњачките избирачи, од денеска (16 јули) ја презема функцијата претседавач со Претседателството на БиХ.
Комшиќ на оваа позиција доаѓа по принципот на ротација, заменувајќи ја српската членка на Претседателството, Жељка Цвијановиќ.
Како што соопштија од Претседателството на БиХ, Комшиќ ќе ја извршува функцијата претседавач во наредните осум месеци.
Изборот на Комшиќ и понатаму е причина за незадоволство кај Хрватите, еден од трите конститутивни народи во БиХ, кои бараат измена на Изборниот закон. Тие сметаат дека бошњачките гласачи го избираат нивниот претставник во Претседателството и затоа инсистираат на реформи.
Сепак, измените досега не се реализирани, бидејќи, според критичарите, на Бошњаците им одговара сегашната состојба во која имаат две фигури во Претседателството што ги застапуваат нивните интереси.
Најмалку 11 повредени во последните руски напади врз Украина

Во руските напади во текот на ноќта во Украина биле ранети најмалку 11 лица, соопштија властите на повеќе погодени региони.
Во Харкив, во североисточниот дел на земјата, во руски напад биле ранети тројца луѓе, соопшти гувернерот Олег Синегубов.
Во Криви Рог, во источната област Дњепропетровск, руските сили извршиле „масовен“ напад, објави преку Телеграм гувернерот на таа област, Серхиј Лисак. Лисак рече дека Русите го гаѓале градот со дронови и оти истрелале една ракета, додавајќи дека е ранет 17-годишник кој е во тешка состојба и е префрлен во болница.
Градоначалникот на Криви Рог, Олександар Вилкул, рече дека врз градот симултано биле испукани балистичка ракета и 28 дронови од типот Шахид, при што е уништен еден индустриски објект.
Првата заменичка на началникот на Виничката обласна администрација, Наталија Заболотна претходно соопшти дека седум лица се повредени во синоќешниот напад на руски дронови врз Винице.
„Веќе имаме седуммина повредени. Петмина од нив имаат изгореници“, напиша Заболотна на Фејсбук, додавајќи дека две лица со изгореници се во тешка состојба.
Заболотна објасни дека руските дронови погодиле објекти од индустриската инфраструктура, предизвикувајќи пожари, од кои еден веќе е локализиран. Дополнително, биле ошетени четири станбени згради, со штети на покривите, прозорците и вратите. Една од куќите била исто така значително оштетена.
Според информациите, за време на синоќешниот напад, 28 руски дронови го погодиле регионот на Винице, при што биле уништени околу 18 цели.
Трамп: Некои ракети за „Патриот“ веќе се на пат кон Украина

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, изјави дека некои ракети за системот „Патриот“ веќе се на пат кон Украина, еден ден откако објави дека членките на НАТО ќе испратат оружје во земјата, што е промена во неговото претходно противење на испраќање американско оружје во разорената од војна Украина.
„Тие доаѓаат од Германија“, им рече тој на новинарите на 15 јули, без да навлегува во детали.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека два системи за воздушна одбрана „Патриот“ се подготвуваат за испорака во Украина.
„Германија ќе ги сноси трошоците за нивната испорака, но техничките, логистичките и финансиските детали сè уште не се разјаснети“, изјави Писториус на 14 јули по состанокот со американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во Пентагон.
Тие детали „изгледаат како да се решливи за двете страни, па затоа брзо преминуваме кон нивна имплементација“, додаде Писториус, нагласувајќи дека на Украина итно ѝ е потребна дополнителна противвоздушна заштита.
Руските беспилотни летала „Шахед“ го нападнаа Харкив вечерта на 15 јули, при што беа повредени две лица, соопштија локалните власти. Регионалниот гувернер Олех Сињехубов изјави дека во градот се регистрирани најмалку 17 експлозии во рок од 20 минути.
Трамп рече дека не разговарал со рускиот претседател Владимир Путин откако на 14 јули објави дека му поставил рок од 50 дена за Русија да прифати договор за прекин на огнот за да избегне санкции врз земјите што тргуваат со Москва.
Тој не кажа дали се планирани преговори за постигнување договор, но го бранеше утврдениот рок.
„Ако не постигнеме договор за 50 дена, тоа ќе биде лошо“, рече Трамп. Сепак, тој додаде дека можеби нема да бидат потребни сите 50 дена за да се постигне договор.
Трамп беше прашан и за извештајот во „Фајненшл тајмс“, во кој се вели дека тој приватно ја охрабрил Украина да ги засили длабинските напади на руска територија.
Според извори запознаени со разговорите, весникот наведува дека Трамп го прашал украинскиот претседател Володимир Зеленски дали украинската армија може да ја нападне Москва доколку САД и испорачаат оружје со долг дострел.
„Не, не треба да ја таргетира Москва“, им рече Трамп на новинарите на 15 јули, кога го прашаа дали Зеленски треба да нареди напад врз руската престолнина.
Американскиот претседател, исто така, ја намали важноста на можноста САД да испратат оружје со долг дострел во Киев.
Европските претставници работат на тоа да обезбедат Украина да го добие оружјето што ѝ е потребно, додека Европската Унија се обидува да постигне договор за нов пакет санкции против Русија, откако Словачка повторно го блокираше неговото усвојување.
„Навистина ми е жал што денес не постигнавме договор. Но, сепак се надевам дека утре ќе донесеме одлука“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, на 15 јули.
Новиот пакет санкции е со недели во застој поради спорот со Словачка околу одделните планови за постепено укинување на увозот на руски гас.
Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека му се потребни дополнителни гаранции од Брисел во врска со плановите за прекин на увозот на руски гас до крајот на 2027 година. Словачка останува зависна од рускиот гас и заработува приходи од транзитни такси за пратки што минуваат низ нејзина територија.
Болсонаро обвинет за уништување на демократскиот поредок

Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро е обвинет дека е главниот актер зад „најсериозните дејствија за уништување на демократскиот уставен поредок“, се наведува во покренатото обвинение против него, јави ДПА.
Во документ од 517 страници од Канцеларијата на државниот обвинител на Бразил, што вчера му бил доставен на Врховниот суд, исто така, се наведува:
„Вршејќи ја највисоката функција во републиката, тој го инструментализираше државниот апарат и намерно спроведе одржлив систем на напади врз јавните институции и процесот на наследување“.
Десничарскиот популист е на судење за наводно планирање обид за државен удар против владата на неговиот наследник, Луиз Инасио Лула да Силва, по неговиот пораз на изборите во 2022 година.
Одлуката дали Болсонаро и неговите сообвинети ќе бидат осудени или ослободени се очекува во септември, потсетува ДПА.
„Сите обвинувања се лажни. Никогаш не сум ја прекршил демократијата или уставот“, напиша Болсонаро на платформа X, дури и пред државниот обвинител да ги презентира конечните обвиненија.
Тој го опиша судењето како „лов на вештерки“, повторувајќи го терминот што го употреби поранешниот американски претседател Доналд Трамп минатата недела кога изрази поддршка за својот јужноамерикански сојузник.
Трамп, исто така, објави дека, почнувајќи од 1 август, ќе воведе царина од 50 отсто за увоз на производи од Бразил, наведувајќи ги постапките на бразилското судство против Болсонаро како една од причините за ваквиот чекор, потсетува германската агенција.
Како одговор, бразилскиот претседател Лула потпиша декрет со кој се повикува на таканаречениот Закон за реципроцитет, што му овозможува право на контрамерки во случај на трговски ограничувања од другите земји.
Сѐ уште гори во Велешко и кај Македонски Брод, пожарот кај Дојран ставен под контрола

До 08:00 часот утрово (16 јули) во земјава се евидентирани 21 пожар, од кои активни се два, еден е под контрола, а 18 се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.
Активен е пожарот кај селата Џидимирци-Крушје-Иванковци во Општина Велес каде што годи мешана шума, како и во Општина Македонски Брод помеѓу селата Црешнево, Локвица, Крапа и Слатина каде што огнот зафатил деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација.
Под контрола е ставен пожарот во селото Николич во Општина Дојран за чие гасење вчера беа ангажирани и два авиона Ер трактор.
За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари.
Во функција се ставени 38 стари армиски и полициски возила кои биле неупотребливи и расходовани, за да се интервенира на тешко пристапни места.
Трамп: Наскоро ќе бидат испратени писма за царините до помалите земји

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека наскоро ќе бидат испратени писма со кои помалите земји ќе се информираат за новите американски царински стапки, додавајќи дека неговата администрација веројатно ќе воведе царини од „малку повеќе од 10 проценти“ на овие земји.
Трамп, разговарајќи со новинарите по пристигнувањето од настан во Питсбург, рече дека е многу задоволен од „едноставните договори“ што веќе се објавени за воспоставување општи царини за повеќе од 20 земји, јавија британските медиуми.
„Наскоро ќе објавиме писмо каде што ќе зборуваме за многу земји што се значително помали. Веројатно ќе ставиме една царина на сите нив... Веројатно малку над 10 проценти“, рече тој.
Неодамна (7 јули), тој потпиша извршна наредба со која се пролонгира стапувањето во сила на така наречените реципрочни американските царини до 1 август.
Новите стапки се пониски од одложените реципрочни царини што Трамп ги објави на почетокот на април - 37 проценти за Србија и 35 проценти за Босна и Херцеговина и сега изнесуваат 35 насто за Србија и 30 проценти за БиХ. Набрзо ги одложи тие царински давачки за 90 дена.
Тој најави царини од 25 проценти за Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Казахстан, 30 проценти за Јужна Африка, 32 проценти за Индонезија, 35 проценти за Бангладеш, 36 проценти за Камбоџа и Тајланд и 40 проценти за Лаос и Мјанмар.
Словачка повторно ги блокира новите санкции на ЕУ против Русија

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, денеска (15 јули) изјави дека сè уште очекува наскоро да се постигне договор за нов пакет санкции против Русија, откако Словачка повторно го блокираше процесот.
Новиот пакет, воведен како одговор на војната во Украина, е во застој со недели поради спор со Словачка околу плановите за постепено укинување на увозот на руски гас.
Калас очекуваше напредок на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ денеска.
Сепак, премиерот на Словачка, Роберт Фицо, познат по својот проруски став, рече дека му се потребни дополнителни гаранции од Брисел во врска со плановите за прекин на увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Словачка останува зависна од рускиот гас и остварува приходи од транзитни такси за испораките што минуваат низ нејзина територија.
„Навистина жалам што денес не постигнавме договор“, рече Калас. „Но, сè уште се надевам дека ќе донесеме одлука утре.“
Официјалните претставници на ЕУ велат дека е во тек договор за намалување на ограничувањето на цената за извоз на руска нафта во трети земји и покрај претходното противење од Малта.
Мерката е дел од иницијативата на Г7 насочена кон ограничување на приходите од извоз на нафта на Русија во светот.
Ценовното ограничување, кое Г7 го постави на 60 долари за барел во 2022 година, им забранува на бродските и осигурителните компании да учествуваат во извозот на руска нафта по повисоки цени.
Според новиот план на ЕУ - кој веројатно ќе биде поддржан од другите членки на Г7, како што се Велика Британија и Канада - се предвидува флексибилна цена под пазарната вредност.
Ова моментално би изнесувало околу 47,6 долари, според внатрешните дискусии на ЕУ што ги виде АФП.
Дипломатите признаваат дека недостатокот на поддршка од САД ќе ја намали ефикасноста на мерката.
Како дел од санкциите, ЕУ планира да воведе мерки и против повеќе бродови од „флотата во сенка“ од стари танкери што Русија ги користи за да ги заобиколи ограничувањата за извоз на нафта.
Новите мерки доаѓаат во време кога Доналд Трамп ја засили својата реторика против Русија, заканувајќи се дека ќе воведе големи „секундарни царини“ ако Москва не се согласи да престане со борбите во рок од 50 дена.
Куќниот, заменет со затворски притвор за осомничениот за нападот врз Арсовска

Мерката куќен притвор за осомничениот С.Љ. инволвиран во нападот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, се заменува со мерка притвор, откако Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство.
Од Кривичниот суд велат дека осомничениот е веќе спроведен во Затворот Скопје, а како што наведуваат, одлуката следува откако судот оценил дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност за повторување на делото.
Инцидентот се случи на 11 јули 2025 година, кога градоначалничката Арсовска, заедно со градски службеници, извршувала увид на нелегален објект во изградба на улицата „Севастополска“ во Чаир.
„Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал. Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопшти Обвинитeлството.
Инаку, Обвинителството покрена постапка против двете лица за кривично дело Насилство по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За првоосомничениот беше побарана мерка притвор, а за вториот осомничен – мерки на претпазливост, вклучувајќи забрана за приближување до оштетените,
забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патна исправа и редовно јавување во суд.
„Градоначалничката Арсовска, како носител на јавна функција, ќе биде под 24-часовна полициска заштита, со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на нејзините обврски“, соопшти Министерството за внатрешни работи на 12 јули.
Арсовска на 31 мај достави документи за незаконски легализации на дивоградби во Обвинителството, а на 27 јуни до до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) достави докази за нови, како што рече, криминални легализации од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Украинскиот премиер поднесе оставка среде големата реконструкција на владата

Украинскиот премиер изјави дека поднел својата оставка, како дел од големата, широко очекувана реконструкција на владата во земјата разурната од војна.
Се очекуваше претседателот Володимир Зеленски да ја прифати оставката на Денис Шмихала, кој беше на функцијата од 2020 година, пред Русија да започне целосна инвазија во февруари 2022 година. Тој објави фотографија од неговото лично напишано писмо за оставка денеска (15 јули).
Неговата позиција ќе ја заземе Јулија Свириденко, која досега беше прва заменичка на премиерот.
Како технократ, Свириденко одигра значајна улога во преговорите со Соединетите Држави за договор што им дава на американските компании пристап до вредни минерали и ретки земни метали во Украина.
При најавата за реконструкција на владата, претседателот Зеленски рече дека Јулија Свириденко ќе се стреми да го прошири домашното производство на оружје во Украина, да ги поедностави деловните прописи и дополнително да го зајакне системот за социјално осигурување на земјата.
По повеќе од 41 месец речиси постојано руско бомбардирање, Украинците се сè повеќе исцрпени, иако во голема мера остануваат поддржувачи на воените напори.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Зеленски продолжува да ужива голема поддршка кај граѓаните, иако заостанува зад некои други истакнати јавни личности, особено Валери Залужни, кој претходно беше врховен командант на украинските сили, а подоцна стана амбасадор во Обединетото Кралство.
Зеленски беше избран во 2019 година, а по руската инвазија, прогласи воена состојба, што оневозможува одржување на нови избори. Сепак, тој се соочува со критики за тоа што не распиша претседателски избори, иако повеќето аналитичари веруваат дека нивното одржување би било невозможно во воени услови.
Рускиот претседател Владимир Путин го искористи ова како аргумент за да тврди дека Зеленски е нелегитимен. Во февруари, американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, го критикуваше Зеленски - нарекувајќи го „диктатор без избори“ - иако подоцна ја ублажи својата реторика, а воедно ги зголеми критиките кон Путин.
Се очекува Зеленски да го разреши и министерот за одбрана Рустем Умеров и да го назначи за амбасадор во Соединетите Држави.
Денис Шмихал, сегашниот премиер, треба да го преземе Министерството за одбрана, според планот на претседателот Зеленски.
Сите назначувања мора да бидат потврдени од парламентот, но не се очекуваат никакви пречки во тој процес.
Тимот на ОН за човековите права на палестинските територии поднесе оставка

Тим од тројца независни експерти кои работат за највисокото тело на ОН за човекови права, со фокус на Израел и палестинските територии, поднесе оставка, наведувајќи лични причини.
Израелската влада постојано го критикуваше тој тим експерти, познат како Комисија за истрага на окупираната палестинска територија и Израел, избегнуваше соработка со тимот и ги одби сите нивни барања да патуваат во регионот, објави АП.
Ниту независните експерти, ниту советот, немаат никаква моќ над земјите, туку имаат за цел да посочат кршење на правата и да соберат информации за осомничени сторители што би можеле да ги користат Меѓународниот кривичен суд или други судови кои се фокусираат на меѓународната правда.
Оставките, објавени од Советот за човекови права поддржан од ОН, кој го формираше тимот, доаѓаат во време кога насилството на палестинските територии продолжува и има малку знаци за смирување на израелската воена кампања против Хамас - која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација- и другите милитанти кои стојат зад нападот од 7 октомври 2023 година.
Нави Пилај, поранешната шефица на ОН за човекови права, која ја водеше комисијата во изминатите четири години, во писмо до претседателот на советот изјави дека поднесува оставка од 3 ноември поради „возраст, здравствени проблеми и тежината на неколку други обврски“.
Министерството за здравство во Појасот Газа, контролирано од Хамас, соопшти дека жените и децата сочинуваат повеќе од половина од повеќе од 58.000 смртни случаи во војната.
Министерството не прави разлика помеѓу цивили и борци. ОН и другите меѓународни организации ги сметаат овие бројки за најсигурна статистика за жртвите во војната, објавува АП.
Војната започна со упад на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога, според израелските бројки, околу 1.200 луѓе беа убиени, а 251 лице беше киднапирано.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете