Достапни линкови

Извештајот на Европскиот парламент усвоен без македонски јазик и идентитет


Гласање во Европскиот парламент, 9 јули 2025
Гласање во Европскиот парламент, 9 јули 2025

Во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година кој денеска беше изгласан во Европскиот Парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ со амандман избришани се македонски јазик и идентитет. Усвоени амандмани за загриженост за улогите на унгарската и српската влада во остварувањето на геополитичките цели на Кина и Русија.

Амандманите со кои се бараше да се отстрани македонскиот јазик и идентитет од европскиот Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година добија широка поддршка на пленарната седница на Европскиот Парламент.

Тие беа дел од петте амандмани кои беа изгласани на денешната пленарана седница на Европскиот парламент на кој беше изгласан Извештајот изготвен од известувачот, австрискиот европратеник Томас Вајц со 421 глас „за“ а 121 „против“.

Дел од заедничките амандмани предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), се однесуваа на бришење на формулацијата „македонски јазик и идентитет“ од документот.

Одбиени беа 17 амандмани меѓу кои и тие на бугарските европратеници како и амандманот на грчкиот пратеник со кој се бараше место придавката „македонски“ да стои „на Северна Македонија“, бидејќи тоа го дозволува Преспанскиот договор.

Вајц: Не е грешка вметнувањето на македонскиот јазик и идентите во драфт верзијата

Во писмена изјава по гласањето Вајц посочи дека земјава е предводник во регионот, покажувајќи вистинска посветеност на вредностите на ЕУ, вклучително и историска промена на името и смели реформи.

„Но, нејзиното пристапување е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови, поттикнувајќи ја јавната фрустрација и разочарување од ЕУ“, вели Вајц во писмената изјавата.

Во однос на прашањето за македонскиот јазик и идентитет, кои беа дел од драфт верзијата на Извештајот, Вајц смета дека нивното вметнување не е грешка.

„Нашиот демократски процес е транспратентен, може да се забележи од кои парламентарни групи дојдоа амандманите и не мислам дека беше грешка вметнувањето во драфт веризијата на македонскиот јазик и идентитет. Денеска беше донесена демократска одлука,а извештајот е добар и во себе содржии критика за недостаток на реформи, но и пофалби за напредокот постигнат во одредени области“, изјави Вајц.

Според него, уставните измени кои се обврза македонската влада да ги донесе со вметнување на бугарското малцинство во Преамбулата се потребни да се донесат наскоро за да може да продолжи пристапниот процес на Северна Македонија.

Според известувачот Вајц, Извештајот дава целосна слика за тоа каде се наоѓа земјата и во него се поздравуваат некои достигнувања, но се бараат и реформи.

Како критика се посочува и потребата од владеење на правото, борба против корупцијата, која не треба да значи само усвојување на закони, туку и за резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните.

Европската Комисија загрижена за влијанието на Кина и Русија

Дополнително, во Извештајот е посочена и загриженост за руско и кинеско влијание врз Северна Македонија.

Во еден од усвоените амандмани е наведено дека ЕК е загрижена за тоа што Северна Македонија и другите земји-пристапнички кон ЕУ во Западен Балкан се особено тешко погодени од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, нетранспарентни финансиски текови и принудни инвестициски практики, кои произлегуваат од Русија и Кина.

„Изразена е загриженост за улогите на унгарската и српската влада во остварувањето на геополитичките цели на Кина и Русија. Во овој контекст се забележува ризикот од зависност од Кина поради асиметричните договори за заем, како и неодамнешниот заем од унгарската банка Ексимбанк, кој се чини дека потекнува од Кина“, се вели во усвоениот амандман од европратеници од Европската народна партија.

Во друг усвоен амандман се забележува дека одредени кинески дипломатски субјекти финансирале платена содржина и статии со мислења во северномакедонските медиумски куќи без јасни етикетирања.

„Анализата од 2023 година открила дека руските државни актери користеле српски медиумски посредници за ширење непријателски настроени дискурси кон НАТО и дека ЕУ врши притисок врз Северна Македонија да „се откаже од својот идентитет“, се вели во усвоениот амандман од европските левичарски пратеници.

Во Извештајот се нагласува дека проширувањето треба да биде процес базиран на заслуги, врз основа на Копенхашките критериуми и во него се повикува Северна Македонија да ги спроведе потребните реформи.

Европратениците ја поздравија амбициозната агенда на Северна Македонија за раст и ја бараат посветеност на реформите, особено во јавната администрација, управувањето, владеењето на правото и антикорупциската политика.

Критики за зголемена корупција

Забележувајќи ги влошувачките трендови во корупцијата на високо ниво и ниската јавна доверба во судството, тие повикуваат на посилна судска независност, поголема одговорност и соодветни ресурси за надзорните тела.

„Корупцијата постои секаде, но прашањето е колку институциите се подготвени за борба против корупцијата,“ изјави Вајц на прес конференцијата по гласањето во Парламентот.

Вајц посочи дека ова е прв извештај по 2022 година и дека тој неуморно работел за добро избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок. Тој ги повика сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало напредокот во ЕУ.

Жестоки напади од бугарски европратеници

Денешното гласање во европарламентот следуваше по синоќешната жестока парламентарна дебата по амандманите поднесени од европратениците.

Според бугарските европратеници, прашањата за идентитет и јазик немаат место во Извештајот за напредокот на земја-кандидат затоа што, како што велат ,„тие создаваат поделби“.

Бугарските европратеници ги обвинија македонските политичари за популизам и ширење на националистичка реторика.

Во македонската јавност, силен одек имаше изјавата на словенечката европратеничка со македонско потекло, Ирена Јовева која на бугарските колеги им со обрати на македонски јазик.

„За да постои, на македонскиот народ не му е потребна ваша дозвола, туку вам ви е потребна чесност, интегритет, храброст да го препознаете тоа, знам“, изјави таа од говорницата во Европскиот Парламент.

За Извештајот првично требаше да се гласа на 4 јуни, но, беше одложен поради интензивни политички притисоци од бугарските европратеници затоа што што на две места во предложениот текст се спомнуваше „македонскиот идентитет и јазик“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG