Вести
Советот на Европа формира систем за пресметка на штетите од руското уништување на Украина

Лидерите низ Европа се фокусирани да ја повикаат Русија на одговорност за нејзината инвазија врз Украина, на самитот на 46-члениот Совет на Европа, кој се смета за чувар на демократијата, човековите права и владеењето на правото на континентот.
Самитот, кој беше отворен на 16 мај во Рејкјавик, Исланд, требаше да одобри систем кој прецизно ќе ги пресмета штетите што Москва ќе треба да ги плати за обнова на нацијата и обесштетување на жртвите.
„Нема да има сигурен мир без правда“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот преку видео обраќање од Киев.
Самитот, прв на Советот на Европа во последните 18 години, собра заедно околу 30 европски шефови на држави и влади.
Русија не е меѓу нив, бидејќи беше исклучена од групата по целосната инвазија на Кремљ врз Украина.
До крајот на дводневниот самит, учесниците сакаат да креираат скица за систем со кој Москва ќе може да се повика на одговорност за компензација на жртвите и ќе ѝ дозволи на Украина да започне процес на економско заздравување.
види ги сите денешни вести
Трамп вели дека Путин е подготвен за договор, Зеленски доби поддршка од Стармер

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да постигне договор за војната во Украина, изјави американскиот претседател Доналд Трамп денеска (14 август), пред самитот меѓу двајцата светски лидери во Алјаска.
Трамп изјави за радио „Фокс њуз“ дека верува оти Путин е „уверен дека ќе постигнат договор“ на самитот, кој ќе се одржи во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во близина на Анкориџ, Алјаска.
„Ќе има договор. Мислам дека ќе има и ние ќе дознаеме за тоа“, рече Трамп.
Во Москва, Путин ги пофали напорите на Трамп да ја заврши војната во кратко видео објавено од Кремљ, додавајќи дека Белата куќа вложува „прилично енергични и искрени напори за запирање на непријателствата“ и „постигнување договори што се во интерес на сите вклучени страни“.
Часови пред изјавата на Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски беше во Лондон за да разговара за безбедноста со британскиот премиер Кир Стармер.
„Во секој случај, Украина ќе ја задржи својата сила“, рече Зеленски по состанокот во резиденцијата на премиерот во центарот на Лондон.
„Детално ги разгледавме безбедносните гаранции што можат да го направат мирот навистина траен“, додаде тој, сугерирајќи дека таква можност би можела да се појави ако САД успеат да „извршат притисок врз Русија да го запре убивањето“.
Посетата на Зеленски на Лондон следеше по неговата посета на Берлин во средата (13 август), каде што присуствуваше на видеоконференција со неколку големи европски лидери кои стравуваа дека ќе бидат тргнати настрана од Трамп и Путин.
Трамп се чини дека се обиде да ги смири тие стравувања, велејќи во интервјуто за Фокс њуз дека „во зависност од тоа што ќе се случи“ за време на неговата средба со Путин, можеби ќе се јави на Зеленски за брзо да закаже втор состанок на кој ќе учествуваат сите тројца лидери.
„Вториот состанок ќе биде многу, многу важен, бидејќи ќе биде состанок каде што ќе постигнат договор. И не сакам да го користам изразот да се „поделат работите“, но знаете, до одреден степен, тоа не е лош термин, во ред“, додаде тој.
Зеленски рече дека го предупредил Трамп за време на повикот во средата дека Путин „блефира“ за неговата желба да ја заврши војната.
Трамп ја предупреди Русија за „многу сериозни последици“ ако не ја запре војната во Украина, но сè уште постојат стравувања дека исклучувањето на Киев и Брисел од разговорите би можело да ја задуши нивната желба да ги заштитат фундаменталните европски и украински безбедносни интереси.
Американскиот претседател не ги објасни последиците со кои би можела да се соочи Москва ако не ја заврши војната во Украина, но рече дека целта на разговорите во Алјаска е „да се заврши војната“.
Регистрирани 10 сериозни инциденти против новинари на српските протести

Медиумските организации од Србија и регионот денеска (14 август) објавија дека за време на демонстрациите претходниот ден, регистрирани се 10 сериозни инциденти против новинари кои известуваат од терен - од физички напади и навреди до уништување на опрема.
Според соопштението, издадено ден по уличните немири и судирите меѓу антивладините демонстранти и поддржувачите на владејачката Српска напредна странка (СНС), нападите врз медиумските работници дошле „и од граѓани и од полицајци, кои не само што не успеале да го спречат насилството, туку во многу случаи и самите го извршиле“.
„Претходната ноќ, дури шест од десет случаи на напади биле извршени од полицајци. Наместо да ги заштитат новинарите и да ја обезбедат нивната работа, властите одговорни за заштита стануваат директни сторители на насилство, игнорирајќи ги своите законски обврски“, се вели во соопштението кое е потпишано од 15 новинарски здруженија.
Потписниците ги повикуваат полицијата и јавното обвинителство итно да ги обработат и решат сите напади и закани врз новинари, без оглед на тоа кој ги извршил нападите.
Тие потсетуваат дека во 2016 година беше потпишан Договор за соработка со Републичкото јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи, чија главна цел беше да се обезбеди повисоко ниво на заштита на новинарите и медиумските работници.
„Сепак, во ситуација кога речиси секој ден сме сведоци на брутални и неоправдани полициски акции против новинари на улиците, станува очигледно дека институциите кои се обврзаа да ги заштитат сега отворено ги игнорираат сопствените ветувања и законите на оваа земја“, се вели во соопштението.
Протести беа одржани во Нови Сад, Белград, Ниш и неколку други градови во Србија на 13 август, пред или во близина на ограноците на владејачката партија. Под слоганот „Србија, разбуди се“, граѓаните се собраа како одговор на насилството извршено од поддржувачите на СНС врз граѓаните на претходните протести, главно во Војводина.
Владини претставници, предводени од српскиот претседател Александар Вучиќ, ги обвинија демонстрантите дека предизвикуваат немири и напади врз просториите на владејачката партија. Од друга страна, учесниците во демонстрациите ги обвинија активистите на СНС дека ги нападнале со пиротехнички средства, а ја обвинија и полицијата дека не реагирала.
Антивладините протести во Србија, предводени од студенти, траат повеќе од девет месеци. Тие од власта бараат одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Пријава за лице од Крива Паланка кое влечело куче со возило

Поднесена е пријава за лице од Крива Паланка кое влечело куче со возило, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.
„Вчера во 14:45 часот во ОВР - Крива Паланка бил извршен службен разговор со З.М., на возраст од 59 години, затоа што на магистралниот пат село Жидилово - Крива Паланка на патничко моторно возило 'фиат панда' врзал куче и го влечел. По целосно документирање на случајот, против З.М. поднесена е соодветна пријава“, појаснуваат од МВР.
Фотографии споделувани на социјалните мрежи предизвикаа реакции во јавноста и беа упатени повици за построги санкции за вакви и слични дела.
Минатиот месец основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди.
Делото беше квалификувано според член 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години за оној што ќе усмрти животно без причина или ќе го изложи на непотребни маки и болки.
Ова беше прва пресуда со затворска казна за овој вид кривично дело.
Заштеда од 800 до 2.000 денари по ученик со „Училишната кошница“, очекува Ристески

Од утре (15 август) стапува на сила мерката позната како „Училишна кошница“, односно одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, која до 15 септември ќе ги опфати трговците на мало и на големо кои продаваат училиштен прибор.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески очекува слични резултати како лани, кога оваа мерка беше спроведена прв пат.
„Минатата година со спроведувањето на оваа мерка според нашите податоци имавме заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари“, рече тој.
Ристески појасни дека со оваа одлука цените на производите кои ги користат учениците се враќаат на нивото од 1 јуни и за нив се дава попуст од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало.
Заменик-министерот ги потсети трговците дека имаат обврска навремено да ги информираат потрошувачите за малопродажните цени на артиклите преку јасно означување со натписи „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, како и јасно да ја означат старата цена која важела на 1 јуни годинава и да ја истакнат на новата цена со попуст.
Контрола на спроведувањето на одлуката на терен ќе прават инспекторите од Државниот пазарен инспекторат.
Над 330 медиуми пријавени за платено политичко рекламирање за локалните избори

Вкупно 333 медиуми доставиле пријава за платено политичко рекламирање за локалните избори кои ќе се одржат на 19 октомври до Државната изборна комисија (ДИК).
Сепак, од Комисија нагласуваат дека списокот не е конечен бидејќи барањата се проверуваат, а вечерва на полноќ истекува и рокот за доставување на ценовниците кои треба да се потврдат и објават на веб страницата на ДИК најдоцна на 24 август.
Според информациите на агенцијата МИА, за платено политичко рекламирање се пријавиле најмногу интернет портали - 257, а надвор од рокот тоа го направиле четири портали. Во рокот се пријавиле и 43 радиостаници, 33 телевизии и осум печатени медиуми.
Инаку, од 17 милиони евра вкупно планирани за двојните избори кои се одржаа во мај минатата година, 60 проценти беа наменети за медиумите за платени политички реклами за време на изборната кампања. Од нив една четвртина или 10,6 милиони евра беа за порталите и печатените медиуми, а поголемиот дел или 75% од за телевизиите и радијата.
Со објавата на регистарот на портали се отвори можност еден портал да добие вкупно најмногу 30 илјади евра за објавување на платена политичка реклама. Односно по максимални 15 илјади евра за претседателските избори и 15 илјади евра за парламентарните избори.
Пред ланските избори вкупно 249 портали беа заинтересирани за платено политичко рекламирање, што тогаш се сметаше за рекорден број.
На локалните избори во 2021 година, пак, се пријавиле вкупно 176 портали, додека на парламентарните во 2020 година имаше вкупно 235 пријавени портали.
До 500 милиони долари од Германија за американско оружје за Украина

Германија најави дека ќе обезбеди до 500 милиони долари за набавка на американска воена опрема за Украина, јави германската новинска агенција ДПА.
Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи во соопштението од 13 август наведоа дека помошта ќе се координира преку НАТО-механизмот „Листа на приоритетни потреби на Украина“.
НАТО го надгледува доставувањето на оружјето за Украина купено во САД, а финансирањето доаѓа од европските партнери и Канада.
„Германија е најголемиот европски донатор на воена помош за Украина, а оваа најава уште еднаш ја потврдува нејзината посветеност за одбрана на слободата и суверенитетот на украинскиот народ“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте синоќа.
Според НАТО, помошта ќе опфати воена опрема која или не може да се произведе во Европа или може да се испорача побрзо од САД отколку од европските сојузници или Канада.
Осум активни пожари, сѐ уште гори во резерватот Јасен

На територија на државава денеска(14 август) до 12 часот регистрирани се вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, а 11 се изгаснати.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), сѐ уште е активен пожарот во повеќенаменското подрачје „Јасен“ во општина Македонски Брод.
Активни пожари има и во Струга, кај местата викани „Октишка Краста“ и „Бегова Шума“, во Прилеп – село Дабница, во општина Македонски Брод, кај селата Девич – Грешница, во општина Чешиново и Облешево – село Теранци, општина Јегуновце – меѓу селата Рогачево и Јажинце и во општина Сопиште – село Св.Петка.
Изгаснати се пожарите во општините Демир Хисар, Струга, Делчево, Куманово, Старо Нагоричане, Сарај, Арачиново, Желино, Тетово и Гостивар.
Северна Македонија и ова лето се справува со зголемен број пожари на отворено.
На територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Влада ја седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.
За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.
Мицкоски: Борбата против криминалот не може да се води со вакво обвинителство и овој републички обвинител

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека борбата против криминалот и корупцијата не може да се води со вакво Обвинителство и републички обвинител.
Институциите вели тој, постојано поднесуваат пријави за сторен криминал, но, како што рече, обвинителството не презема ништо.
„Институциите преземаат мерки, доставуваат пријави, но треба обвинителството да преземе. Тоа е суштината. Не можете вие со ова обвинителство, со овој обвинител да очекувате резултати во борбата против корупцијата и криминалот. Можа да ги набројам можеби 100, 200 пријави од страна на институциите кои се доставени до обвинителството, таму нема никаков резултат така што треба обвинителството да преземе, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Мицкоски, кој присуствуваше на увид на градежни активностои на патот од Климештица до Охрид, вели дека институциите постојано преземаат мерки, но, како што нагласи, тоа со овие обвинители, и со овој обвинител е залудно.
Собранието на 29 јули, годинава со 71 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.
Собранието изгласа и заклучок во кој констатира дека наводите во интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Коцевски се основани, и кој требаше да се достави до Владата и до државниот јавен обвинител.
Собраниската интерпелација има улога како политички притисок и ја одрази недовербата од страна на пратениците. Но, одлуката за понатамошно разрешување или останување на функцијата зависи од самото обвинителство и Владата.
Основната разлика помеѓу механизмот на интерпелација на Коцевски поднесена и изгласана во Собранието и постапката на Владата за негово разрешување се во нивната правна обврзност.
Интерпелацијата нема правно обврзувачко дејство за разрешување на обвинителот и не може сама по себе да иницира правно дејство или да изврши разрешување. Другата постапка која ја потегна Владата за разрешувањена обвинителот Коцевски е законски регулирана процедура со јасни чекори и правни ефекти.
Израел најавува населба на Западниот Брег за да спречи формирање палестинска држава

Израелскиот министер за финансии од крајна десница, Безалел Смотрих, на 14 август објави изградба на контроверзна нова еврејска населба во Западниот Брег, окупиран од Израел, за која Палестинците и групите за човекови права стравуваат дека ќе ги попречи перспективите за идна палестинска држава со делење на Западниот Брег на два одделни дела.
Објавата доаѓа откако многу земји изјавија дека ќе признаат палестинска држава во септември.
„Ова конечно ја закопува идејата за палестинска држава, бидејќи нема што и кој да се признае“, рече Смотрих и додаде дека „секој во светот кој се обидува да признае палестинска држава ќе добие одговор од нас на терен“.
Развојот во Е1, појас на земја источно од Ерусалим, се разгледува повеќе од две децении, но е замрзнат поради притисокот од Соединетите Држави.
Смотрих, сепак, ги пофали претседателот Доналд Трамп и амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби, како „вистински пријатели на Израел какви што никогаш порано не сме имале“.
Планот Е1 сè уште не добил конечно одобрение, кое се очекува следната недела. Планот вклучува околу 3500 станови за проширување на населбата Мале Адумим. Иако остануваат некои бирократски чекори, ако процесот се одвива брзо, инфраструктурните работи би можеле да започнат во следните неколку месеци, а изградбата за околу една година.
Групите за човекови права брзо го осудија планот. Организацијата „Мир Сада“ го нарече „смртоносен за иднината на Израел и за секоја шанса за постигнување мирно решение за две држави“, кое „гарантира уште многу години крвопролевање“.
Објавата доаѓа откако Палестинската самоуправа и арапските земји ја осудија неодамнешната изјава на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е „многу“ посветен на визијата за Голем Израел. Поддржувачите на идејата веруваат дека Израел треба да го контролира не само окупираниот Западен Брег, туку и делови од арапските земји.
Руските регулатори ги ограничуваат апликациите WhatsApp и Telegram

Руските регулатори презедоа мерки за ограничување на користењето на популарните апликации за пораки WhatsApp и Telegram, што е најновиот чекор на руските власти да ги префрлат Русите кон новолансираната „супер апликација“ управувана од владата.
Овој потег на Роскомнадзор, агенцијата задолжена за следење и контрола на рускиот интернет, е дел од поголем, повеќегодишен напор на властите да контролираат како Русите пристапуваат до информации преку интернет.
Во соопштение од 13 август, Роскомнадзор објави дека телефонските повици направени преку Telegram и WhatsApp ќе бидат делумно ограничени, тврдејќи дека тие се „главните гласовни услуги што се користат за измама и изнудување пари и вклучување на руски граѓани во саботажа и терористички активности“.
„Ве информираме дека со цел борба против криминалците, во согласност со материјалите на агенциите за спроведување на законот, се преземаат мерки за делумно ограничување на повиците во овие странски пренесувачи на пораки“, ја цитираа државните новински агенции, Агенцијата.
Овој потег доаѓа неколку недели откако официјалните лица ја лансираа Max, нова апликација развиена од VK, компанијата за социјални медиуми порано позната како VKontakte. Активистите велат дека Max е делумно моделирана според кинеската апликација WeChat.
Со години, властите се мачеа да смислат начини за контрола или следење на Телеграм - апликација создадена во Русија, која сега се управува надвор од Русија - и WhatsApp, кој е во сопственост на матичната компанија на Фејсбук, Мета.
Овие напори се совпаѓаа со пошироките напори за контрола на тоа како Русите го користат интернетот.
Покрај тоа што ги таргетираа западните интернет гиганти како што се Фејсбук, Гугл, Епл и Амазон, властите развија домашни алтернативи како што се Јандекс, ВК и Меил.ру и се обидоа да воспостават надзор или целосна контрола врз нив.
Во соопштение објавено на платформата X, WhatsApp ги потврди ограничувањата и вети дека ќе стори сè што е можно „за да се осигури дека комуникацијата заштитена со енкрипција од крај до крај останува достапна за луѓето ширум светот, вклучително и во Русија“.
VK, чиј извршен директор е син на влијателниот советник во Кремљ, Сергеј Кириенко, се појави како лидер во развојот не само на апликацијата Max, туку и на алтернатива на YouTube, видео платформата во сопственост на Google, која е исто така многу популарна меѓу Русите.
Во јуни, рускиот претседател Владимир Путин објави дека сите владини услуги треба да бидат префрлени на Max.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете