Пратениците во македонското Собрание на пленарна седница денеска (29 јули) со 70 гласа „за“, без ниту еден „против“ и „воздржан“, ја поддржаа интерпелацијата на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски.
Како што можеше да се заклучи и од дебата во Собранието, таа нема правно дејство и понатаму останува на самиот обвинител Коцевски да одлучи дали сам ќе си даде оставка или, пак, на Владата дали ќе продолжи со постапката за разрешување.
Интерпелацијата ја поднесе опозициската Левица, која е на став дека Коцевски треба да замине од функцијата поради нефункционалност и политички влијанија во работата на обвинителството.
Коцевски, кој не присуствуваше на седницата, во пресрет на пратеничката дебата во парламентот, беше дециден дека интерпелацијата е незаконска бидејќи како инструмент не е предвидена со Законот за јавно обвинителство.
Ова е втор пат од почетокот на годинава како републичкиот обвинител се соочува со барање за разрешување. Во февруари, не интерпелација туку предлог за разрешување поднесе Владата, но тој не стигна на дневен ред во Собранието бидејќи власта одлучи да го стави „во мирување“ поради обемната истрага што започна за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во којшто загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.
Што понатаму?
Дел од заклучоците во интерпелацијата поднесена од Левица, кои од собраниската говорница ги посочи и пратеникот Димитар Апасиев, е таа „да се достави до Владата и до нејзиниот актуелен претседател Христијан Мицкоски, заради понатамошно постапување и продолжување на прекинатата постапка за разрешување на актуелниот јавен обвинител Љупчо Коцевски“.
Евентуалната оставка од Коцевски, пак, ја споменаа од СДСМ.
„Интерпелацијата може, но и не мора да има правни последици. Дали ќе има, ќе има зависи од самиот функционер, во овој случај од јавниот обвинител – дали ќе поднесе оставка или не“, рече пратеникот од СДСМ, Јован Митрески.
Во обраќањето тој рече дека интерпелацијата значи барање на политичка одговорност, а нагласи и дека тие како пратеници остануваат на ставот дека Јавното обвинителство мора да биде независно и ослободено од политички влијанија и притисоци.
По неговото обраќање, како што најави и Митрески, социјалдемократите не учествуваа ниту во понатамошната дебата ниту во гласањето.
За време на гласањето во салата не беа присутни и пратениците од опозициската ДУИ чија пратеничка Рина Ајдари рече дека ситуацијата изгледа како да има „политички компромис“. Ајдари посочи дека и тие сметаат оти Коцевски е неуспешен во својата работа, но нагласи, „нема да бидеме во салата во моментот на гласање и ќе ве оставиме сами во вашите игри зад сцената“.
Најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја поддржа интерпелацијата поднесена од опозициската Левица, но ниту еден од нејзините пратеници не се пријави за збор во собраниската дебата. А, за тоа што понатаму, дополнително ќе заземат став.
„Да почекаме да помине првин интерпелацијата, па дополнително ќе имаме став по оваа работа. Секако, ќе биде согласно законите и процедурите кои постојат во државата“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на прес-конференција пред почетокот на седницата.
Коцевски на чело на Јавното обвинителство е од февруари 2024, функција на која беше избран кога мнозинството во парламентот го имаше претходната власт – коалициите на СДСМ и ДУИ. Пред него, кратко околу два месеци в.д. републичка обвинителка беше Соња Симовска која беше поставена за вршителка на должност бидејќи претходниот шеф на обвинителството, Љубомир Јовески замина во пензија.
Зошто се бара разрешување?
Опозициската Левица во писмениот предлог до Собранието за интерпелацијата за Коцевски наведува дека во период од нешто повеќе од една година – колку што тој е на функцијата, Јавното обвинителство „го следеа разно-разни афери“ односно „одолговлекување на постапки, непостапување од страна на јавни обвинители, суспендирање на Виш јавен обвинител, сомнителен избор на Виш јавен обвинител, селективни истраги и предистраги итн., што сериозно ја поткопа довербата на граѓаните во институцијата“.
Предлогот Левица го објаснува во четири клучни точки: Селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани; Политички влијанија врз работата на Јавното обвинителство; Функционален хаос во Вишото јавно обвинителство – Скопје; и Непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје.
За партијата сомнително е и што била запрена постапката за разрешување што самата Влада ја започна претходно што, сметаат, „дополнително ја става во прашање независноста и непристрасноста на Коцевски“.
На ова се осврна и партискиот лидер Димитар Апасиев, со тврдења дека постапката била стопирана во замена да не се гонат полициски началници што би можеле да имаат одговорност за пожарот во Кочани.
„Тврдиме дека постои политички дил со премиерот – ‘јас ќе ти ја стопирам постапката за разрешување, а ти мене нема да ми ги гониш овие што ми работат во источна Македонија’“, рече Апасиев.
Коцевски: Законот не предвидува интерпелација на Јавниот обвинител
На ваквите обвинувања, републичкиот обвинител го искористи правото и достави писмен одговор во пресрет на седницата иако, како што вели поднесувањето на интерпелација „согласно закон е недозволена и претставува само потврда на неоснованоста на нападите со кои се соочува Јавното обвинителство“.
„Постапката за одговорност на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија е уредена со lex specialis, односно со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата. Тоа е така за да се гарантира функцијата на Јавниот обвинител кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето. И покрај тоа, на оваа интерпелација и се дава третман како и на секоја друга ваква постапка за одговорност на политички функционер, што во основа покажува недоволно разбирање на подносителите за самостојноста на третата власт“, наведува Коцевски.
Во својот писмен одговор, обвинителот одговара на секоја од четирите точни засебно тврдејќи дека обвинувањата не се поткрепени со ниту еден аргумент.
„Воопштените и со ништо непоткрепени формулации од типот ’разно-разни афери‘, ’низа скандали‘ и ’хаотична состојба во начинот на функционирање на обвинителството‘, со кои подносителите без никаков аргумент бараат моја одговорност само го потврдуваат фактот дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство“, вели Коцевски.
Што предвидуваат Уставот и Законот?
И Левица и Коцевски се повикуваат на правните акти на Северна Македонија оправдувајќи ги своите ставови „за“ или „против“ интерпелацијата.
Политичката партија својата интерпелација, според она што може да се забележи во документот, ја заснова на членот 72 кој предвидува дека:
„Интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи“.
Од друга страна, пак, Коцевски, смета дека таа е незаконска бидејќи како инструмент „интерпелација“ не се споменува нигде во Законот за јавно обвинителство. Што пишува во него?
Во Законот (член 87), како причини за престанок на функцијата се наведуваат: сопствено барање, губење на државјанство, трајна загуба на способноста за вршење на функцијата, старосна пензија, избор на друга функција, правосилна пресуда со најмалку шест месеци затвор.
Во следниот член 88, се предвидува и дека Влада по претходно мислење од Советот на јавни обвинители „поднесува предлог за разрешување“, како и дека Советот сам може да поведе иницијатива образложувајќи ги причините, околностите и фактите.
Истиот член предвидува дека на републичкиот обвинител може предвреме да му заврши мандатот поради тешка дисциплинска повреда, како и доколку стане член на политичка партија.