Достапни линкови

Вести

ФИФА го суспендираше Рубиалес по бакнежот на Светското во фудбал за жени

Луис Рубиалес и Џени Хермосо
Луис Рубиалес и Џени Хермосо

Меѓународната федерација на фудбалски асоцијации (ФИФА) на 26 август го суспендираше претседателот на шпанската фудбалска федерација Луис Рубиалес од функцијата.

Тој е суспендиран додека дисциплинска комисија на ФИФА го истражува неговото однесување на финалето на Светското првенство за жени, кога тој бакна една од фудбалерките без нејзина согласност.

ФИФА соопшти дека Рубиалес е отстранет од фудбалските должности на 90 дена „во очекување на дисциплинската постапка отворена“ против него на 24 август.

Рубиалес вчера на итниот состанок на генералното собрание на шпанската фудбалска федерација, одби да поднесе оставка од функцијата. Од него се очекуваше да замине под силен притисок од шпанската влада, играчите плус фудбалските клубови и официјални лица.

Дисциплинската комисија на ФИФА може да наметнат санкции за поединци кои се движат од опомени и парични казни до суспензии од спортот.

Потегот на ФИФА дојде откако шпанската федерација дури и се закани со акција против фудбалерката Џени Хермосо, затоа што одби да ја прифати верзијата на Рубиалес за бакнежот што се случи на теренот на доделувањето на медалите и трофејот по победата на Шпанија против Англија, минатата недела во Сиднеј, Австралија.

види ги сите денешни вести

Активистката Грета Тунберг и еден француски државјанин депортирани од Израел

Шведската активистка Грета Тунберг
Шведската активистка Грета Тунберг

Шведската активистка Грета Тунберг е депортирана од Израел, заедно со еден од шесте француски активисти, кои биле патници на хуманитарен брод што пловел кон Појасот Газа сè додека не бил уапсен од израелските власти, објави во вторник (10 јуни) францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

„Еден од нашите сонародници потпиша израелски формулар со кој прифаќа депортација без да чека одлука на судството. Неговото враќање во Франција се очекува денес. Другите петмина одбија, а нивната можна депортација ќе се случи по одлуката на израелски судија во наредните денови“, рече францускиот министер на маргините на конференцијата за заштита на океанот во Ница.

Министерот не го откри идентитетот на францускиот државјанин кој ќе се врати во земјата во вторник.

На едрилицата „Мадлин“, која исплови од Сицилија на 1 јуни, патуваа 12 лица, меѓу кои и шведската активистка за климатски промени Грета Тунберг и француската европратеничка Рима Хасан.

Тунберг и другите активисти беа однесени на аеродромот во Тел Авив пред да бидат депортирани, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.

Бродот бил однесен во израелското пристаниште Ашдод, објави Ројтерс.

„Се очекува дека дел од патниците на „селфи јахтата“ ќе го напуштат Израел во наредните часови. Оние кои ќе одбијат да потпишат документи за депортација и да ја напуштат земјата ќе бидат изведени пред судија, во согласност со израелскиот закон, за да ја одобри нивната депортација“, информира министерството.

Активистите беа посетени на аеродромот од дипломатски претставници на нивните земји, додаде израелското министерство.

Целта на Мадлин беше да им донесе хуманитарна помош на Палестинците и да ја прекине израелската блокада на таа палестинска територија, која, според Обединетите нации, е загрозена од глад.

Тоа беше втор обид на организацијата „Флота на слободата“ да го испрати својот брод во Газа.

На почетокот на мај, бродот „Совест“ го запре своето патување кон енклавата откако беше погоден од два дрона во близина на малтешките територијални води, објави Ројтерс.

Мадлин се обидела да донесе овошни сокови, млеко, ориз, конзервирана храна и протеински плочки во Газа, донации од стотици граѓани на сицилијанскиот град Катанија, изјави претходно новинарката Андреа Легни, една од патниците на бродот.

Руски напади врз Киев и Одеса, погодено е породилиште

Последиците од рускиот напад врз Киев, Украина, 10 јуни 2025 година
Последиците од рускиот напад врз Киев, Украина, 10 јуни 2025 година

Во нападот со руски беспилотни летала врз украинскиот град Одеса, погодени се медицински установи и станбени згради, а еден 59-годишен маж е убиен, додека четири лица се повредени, објави на Телеграм Олег Кипер, гувернер на Одесската област.

„Исто така, цел на нападот беше и породилиштето“, додаде Кипер.

Во главниот град на Украина, службите за итни случаи интервенираа во четири градски области неколку часа по полноќ, објави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм.

Москва изјави дека тоа е одмазда за неодамнешните украински напади врз руска територија.

Нападите се случија откако украинските сили извршија таен напад со беспилотни летала наречен „Операција Пајажина“ на 1 јуни против руски воени бази длабоко во Русија.

По тој напад, американскиот претседател Доналд Трамп го повика рускиот претседател Владимир Путин и му рече дека Путин ветил многу силен одговор на нападите.

За време на руските напади рано наутро во вторник, сирените за воздушен напад беа активирани во поголемиот дел од Украина, вклучувајќи ги и регионите Донецк, Луганск и Харкив.

Шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, изјави дека нападите врз различни населби биле извршени истовремено.

Остатоците од соборените проектили паднале врз неколку згради низ градот, а пожари избувнале и во станбена зграда и магацини, додаде тој.

Во Одеса, според гувернерот Кипер, пациентите и персоналот успеале да ја евакуираат медицинската станица и породилното одделение, додека некои амбулантни возила биле оштетени.

Повредените добиваат медицинска помош, рече Кипер. Починатиот 59-годишен маж сè уште не е јавно идентификуван.

Нападот се случи еден ден по почетокот на размената на воени заробеници, во која ќе бидат вратени тешко ранети и болни затвореници, лица под 25 години, како и телата на 12000 мртви војници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека размената ќе се одвива во неколку фази, опишувајќи го како сложен процес со многу чувствителни детали.

Рускиот претседател Владимир Путин ја започна целосната инвазија на Украина во 2022 година.

Русија и Украина разменија заробеници по најголемиот напад со дронови од почетокот на војната

илустрација
илустрација

Русија и Украина разменија воени заробеници по најмасовниот руски напад со дронови од почетокот на војната, извршен пред два дена.

Според украинските воздухопловни сили, Русија истрелала 479 дронови и 20 ракети од различни типови кон централните и западните делови на Украина. Од нив, 277 дронови и 19 ракети биле пресретнати и уништени, а само 10 погодиле цели, при што едно лице било повредено.

Ескалацијата на воздушните напади доаѓа во време на засилен руски притисок на бојното поле долж 1000-километровата линија на фронтот во источна и североисточна Украина.

Претседателот Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата во некои од овие области е „многу тешка“, без да даде детали.

Украина се соочува со недостиг на војници и потреба од поголема западна воена поддршка, особено за противвоздушна одбрана, но неизвесноста околу политиката на САД предизвикува загриженост за идната помош.

И покрај неуспехот во преговорите за прекин на огнот, двете страни разменија групи воени заробеници, вклучувајќи ранети војници и млади под 25 години. Зеленски и руското Министерство на одбраната потврдија дека размената е дел од етапен процес кој ќе продолжи во наредните денови, без да прецизираат бројки.

„Процесот е сложен, со многу чувствителни детали, а преговорите се водат речиси секој ден“, нагласи Зеленски.

Рускиот преговарач Владимир Медински потврди дека Русија започнала враќање на своите заробени војници во рамките на истанбулските договори.

„Некои се млади, но не се прекршиле и издржале до крај. Русија не ги напушта своите“, напиша тој на Телеграм, ветувајќи продолжување на напорите за ослободување на заробениците.

Украина неодамна изведе значајни контранапади, вклучувајќи го нападот со дронови на 1 јуни врз руски воени бази, меѓу кои и аеродромот Саваслејка во Нижни Новгород, на 650 км од украинската граница.

Украинскиот Генералштаб тврди дека биле погодени два руски борбени авиони, но руските власти не го коментираа нападот, а некои руски воени блогери тврдат дека авионите не биле оштетени. Од друга страна, руското Министерство на одбраната изјави дека нападите, вклучувајќи го оној врз украинската база во Дубно, се одговор на украинските напади врз руски аеродроми каде се наоѓале стратешки бомбардери.

Дурмиши: Нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи

илустрација
илустрација

Нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, рече денеска (9 јуни) министерот за економија Бесар Дурмиши. Тој за ова бил усно информиран од директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, но утре, како што изјави, Владата ќе го добие и официјалниот извештај за спроведените инспекциски контроли во текот на мај.

Според Дурмиши, поскапувања има само кај сезонски производи кои не спаѓаат во делот на основните прехранбени.

„Утре ќе биде доставена до Влада информацијата за вонредните контроли во мај. Ќе не известат точно како се движеле цените по завршување на мерката. Од она што знам засега, нема драстично зголемување на цените, само на производи кои се сезонски, но тие не спаѓаат во делот на прехранбените основни производи. Од она што усно ме информираше директорт на ДПИ, немаме драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи“, истакна министерот.

Дурмиши информира дека утре ќе биде доставен и извештајот за тоа колку трговците ја почитуваат одлуката за транспарентност и објавување на цените на производите на нивните веб страници.

Владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо заврши на 30 април. Одлуката беше донесена во февруари годинава.

Маркетите, аптеките и продавниците за техника и мебел од (18 април) ги објавуваат цените на своите производи на нивните официјални веб-страници, што е нивна обврска согласно измените на Законот за заштита на потрошувачи. Како што е наведено во Правилникот, трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот, а во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките, трговецот треба да ја корегира грешката во рок од 24 часа.

Гроси ги повика Иран и САД да соработуваат за да најдат решение за нуклеарната програма

илустрација
илустрација

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси ги повика Иран и САД да најдат „дипломатско решение“ во разговорите за нуклеарната програма на Техеран, на состанокот на ова надзорно тело.

Се очекува состанокот на одборот на гувернери на МААЕ да слушне и да гласа за резолуција со која ќе се утврди дека Техеран не ги почитува нејзините заштитни мерки, за прв пат по 20 години.

Иран вети дека ќе преземе силни мерки против западните земји кои ја промовираат резолуцијата на собирот во австриската престолнина, а Бехруз Камалванди од иранската агенција за атомска енергија рече дека МААЕ „не треба да очекува Исламската Република Иран да продолжи со својата широка и пријателска соработка“ ако мерката биде одобрена.

Зборувајќи на почетокот на состанокот во Виена на 9 јуни, Рафаел Гроси рече дека е „убеден дека единствениот пат напред е преку дипломатско решение“.

„Во текот на изминатите месеци, тесно и интензивно соработував со Исламската Република Иран и Соединетите Држави, преку активни консултации, во поддршка на нивните билатерални преговори за постигнување на меѓусебно прифатлив договор што ја гарантира мирната природа на нуклеарната програма на Иран“, додаде Гроси.

Во објава од 6 јуни на платформата X, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, ги критикуваше Велика Британија, Франција и Германија - колективно познати како E3 - за „лажно обвинување на Иран“ за кршење на своите обврски и тврдеше дека потегот бил „дизајниран да предизвика криза“.

„Запомнете ги моите зборови додека Европа размислува за уште една голема стратешка грешка: Иран ќе реагира силно против секое кршење на неговите права. Вината лежи единствено и целосно кај неодговорните актери кои не запираат пред ништо за да добијат релевантност“, предупреди Аракчи.

Нацрт-резолуција подготвена од E3 и поддржана од САД беше споделена на 5 јуни со 35-те членови на Одборот на гувернери на МААЕ, кој ќе се состанува до 13 јуни.

Во својот последен квартален извештај, МААЕ соопшти дека Иран нагло го зголемил производството на високо збогатен ураниум, складирајќи 408,6 килограми збогатен на 60 проценти - во споредба со нешто помалку од 275 килограми во февруари.

Агенцијата, исто така, го критикуваше Иран за лоша соработка, особено за неговиот неуспех да објасни нуклеарни траги откриени на непријавени локации.

Иако збогатувањето од 60 проценти е под прагот од 90 проценти потребен за материјал за оружје, тоа далеку го надминува ограничувањето од 3,67 проценти утврдено со меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, од кој американскиот претседател Доналд Трамп излезе во 2018 година за време на неговиот прв мандат. Трамп се врати на претседателската функција во јануари.

Ова доаѓа во време кога Трамп се обидува да склучи договор со Иран за да ги ограничи неговите нуклеарни активности.

Вашингтон и Техеран одржаа пет рунди разговори откако Трамп, кој повторно воведе санкции по повлекувањето од договорот од 2015 година, се врати на функцијата.

Збогатувањето на ураниум е главна пречка. Американската администрација тврди дека Иран мора да ги прекине сите активности за збогатување, а Иран го отфрли тоа барање.

Аракчи, кој го предводи преговарачкиот тим на Техеран, на 31 мај изјави дека добил „елементи“ од американскиот предлог за потенцијален договор по разговорите со посредство на Оман.

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, на 8 јуни изјави дека „планот на САД дури и не споменува укинување на санкциите“.

Тој го обвини Вашингтон дека се обидува да наметне „едностран“ договор што Техеран нема да може да го прифати.

Во меѓувреме, иранскиот министер за разузнавање, Есмаил Хатиб, тврдеше, без да понуди докази, дека Техеран запленил „важна ризница“ од информации во врска со нуклеарната програма на Израел.

Струшкиот градоначалник Мерко доби ослободителна пресуда за набавката на службениот автомобил

Градоначалникот Рамиз Мерко на рочиште во Основниот суд во Струга
Градоначалникот Рамиз Мерко на рочиште во Основниот суд во Струга

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, доби ослободителна пресуда во предметот што се водеше против него за наводна злоупотреба на службената положба при набавката на службен автомобил „ауди“ во вредност од 67 000 евра. Според обвинителниот акт, тој го набавил автомобилот во услови кога општината се наоѓала во долгови и со блокирана сметка, а обврските и се сервисирале преку релоцирање средства од централниот буџет на државата.

Основниот кривичен суд во Скопје денеска (9 јуни) оцени дека нема доволно докази за да се утврди дека Мерко сторил кривично дело.

Судот утврди дека постапката за јавна набавка била спроведена без прекршување на законските процедури, а не постојат докази дека Мерко делувал со намера за лична или за политичка корист.

Адвокатот на Мерко, Игор Петковски, изјави дека пресудата потврдува оти целата набавка била спроведена транспарентно и во рамки на законот. Тој додаде дека вкупната вредност на службените возила изнесувала 114 000 евра, што исто така била предмет на интерес во јавноста.

Македонскиот суд донесе одлука дека во овој конкретен случај на јавна набавка нема основ за кривична одговорност, со што градоначалникот на Струга беше ослободен од сите обвинувања.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од политичката партија ДУИ на 9 јуни 2023 година се најде на „црната листа“ на САД поради корупција и мешање во судски процеси.

Според соопштението од Стејт Департментот тој присвојувал државни средства, се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции.

Мерко е обвинет и за незаконски поставување на директори на училишта и други институции. Тој е исто така обвинет дека како градоначалник на општина Струга, во март лани, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.

Уапсен е струмичкиот бизнисмен Крмзов

илустрација
илустрација

Уапсен е струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, за кого беше отворена истрага за злоупотреби што се проценуваат на околу 15 милиони евра.

Како што информира Министерството за внатрешни работи (МВР), апсењето е извршено по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

„Од страна на полициски службеници, по насоки на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, лицето Р.К. е лишено од слобода“, се вели во соопштението од МВР.

Истрагата за случајот познат како „Крмзов“ е при крај, беше потврдено на брифинг со премиерот Христијан Мицкоски, во ноември минатата година кога и беше посочено дека наскоро ќе бидат објавени информации за злоупотреба на милионски суми поврзани со поврат на ДДВ на компании.

Во септември беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Тогаш беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.

За Крмзов и неговите бизниси, Обвинителството отвори предмет откако претходно беа направени претреси на неколку локации низ државата поради основи на сомневања за даночно затајување, даночна измама и перење пари. Потоа, судија на претходна постапка донесе одлука за одземање на патната исправа на бизнисменот Крмзов, додека другите три приведени лица беа пуштени на слобода без мерки за обезбедување.

Истрагата, според објавите во медиумите, се шири на повеќе струмички компании, кои биле дел од шемата на Крмзов, кој важи за близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев и дека при претресите се пронајдени дијаманти и поголеми суми пари во кеш.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на 13 јануари годинава, зборувајќи за предметот поврзан со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, рече дека по првпат во предистрага Обвинителството побарало одземање пасош.

Уапсен е лидерот на главната опозициска партија во Република Српска

Милан Миличевиќ со членовите на Српската демократска партија
Милан Миличевиќ со членовите на Српската демократска партија

Уапсен е Милан Миличевиќ, претседателот на Српската демократска партија (СДС), потврдуваат од најголемата опозициска партија во Република Српска.

Министерството за внатрешни работи на овој ентитет соопшти дека Управата на криминалистичката полиција спроведува оперативна акција со кодно име „Блок“, во рамките на која се уапсени лица од Теслиќ, иницијали М.М., М.Д. и М.Ј.

„Поради постоење на основи на сомнение дека тие сториле кривични дела на влијание и примање мито“, соопшти Министерството за внатрешни работи на РС на 9 јуни.

Акцијата се спроведува под надзор на Специјалното одделение за сузбивање на корупција, организиран и сериозен економски криминал на Републичкото јавно обвинителство, а по наредба на Специјалното одделение за сузбивање на корупција, организиран и сериозен економски криминал на Окружниот суд во Бања Лука.

Во текот на истрагата, во изминатите шест месеци, конфискувани се околу 45 000 евра, кои потекнуваат од коруптивните дејствија на споменатите лица, а парите биле депонирани во судски депозит, наведуваат од Министерството за внатрешни работи.

Во тек се претреси на локациите што ги користеле осомничените, а се бараат уште околу 125 000 евра што потекнуваат од коруптивни дејствија, а врз основа на кои, преку злоупотреба на влијание, нелегално било сменето парламентарното мнозинство во Општинското собрание Теслиќ.

Управата за криминалистичка полиција до Републичкото јавно обвинителство го достави Извештајот за сторените кривични дела против трите приведени лица.

По завршувањето на кривичната истрага, тие ќе бидат предадени на обвинителството, соопшти Министерството за внатрешни работи на Република Српска.

Русија истрела рекордни 479 дронови кон Украина

илустрација
илустрација

Русија лансираше 479 дронови во Украина во најголемото ноќно бомбардирање со дронови од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, соопштија украинските воздухопловни сили во понеделник (9 јуни).

Покрај беспилотните летала, 20 ракети од различни видови биле испукани кон различни делови од Украина, според воздухопловните сили, кои наведоа дека баражот бил насочен главно кон централните и западните области на Украина, објави АП.

Градоначалникот на западниот град Ривне, Олександр Третјак, го нарече ова „најголемиот напад“ врз регионот од почетокот на војната.

Украинската воздушна одбрана уништи 277 дронови и 19 ракети во лет, според соопштението на украинските воздухопловни сили, во кое се тврди дека само десет дронови или ракети ја погодиле целта.

АП не можеше независно да го потврди оваа тврдење.

Руските воздушни напади обично започнуваат доцна навечер и завршуваат наутро, бидејќи дроновите потешко се забележуваат во темница.

Русија немилосрдно напаѓаше цивилни области во Украина со беспилотни летала „Шахед“ во текот на повеќе од три години војна.

Според Обединетите Нации, во нападите загинале повеќе од 12000 украински цивили.

Русија тврди дека гаѓа само воени цели.

Русија ги засили нападите низ Украина во последните недели, што според Киев покажува дека Москва нема намера да ја запре својата тригодишна инвазија и не е сериозна во врска со мировните преговори.

Во истрагата за трагедијата во Кочани, осомничен и газдата на фирмата за обезбедување

Дикотеката „Пулс“ во Кочани
Дикотеката „Пулс“ во Кочани

Со истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека “Пулс” е опфатено уште едно лице за кое е поведена истрага за - Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.

„Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази согласно кои за сега осомничениот се утврди дека е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје.

Согласно доказите, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани.

„Тие без да имаат склучено договор со корисникот на услугата Кабаре ПУЛС Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот. Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице. Заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесни повреди се здобиле 54 лица“, велат од Обвинителството.

Врз основа на судска наредба вчера (8 јуни) бил извршен претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот, при што била одземена обемна документација поврзана со правното лице и електронски уреди.

Лицето е лишено од слобода и со оглед на сите околности и законски основи, јавниот обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Кочани ќе достави предлог за определување мерка притвор.

Пожарот во Кочани избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 62 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство.

Со последното проширување истрагата опфаќа 70 осомничени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG