Достапни линкови

Вести

Ховениер: Очекуваме Владата на Косово да работи во партнерство со нас

Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.
Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.

Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, во петокот на 22 март, изјави дека очекува Владата на чело со Албин Курти да работи во партнерство со Вашингтон, со цел да се постигне напредок на Косово.

На конференцијата по повод 25-годишнината од воената интервенција на НАТО во тогашната Сојузна Република Југославија, која ја организираше Советот на амбасадори на Косово, тој го повтори ставот на САД дека единствениот пат за Косово кон евроатлантските интеграции е дијалогот за нормализација на односите со Србија.

Тој додаде дека „не може да се преговара“ за обврските што Косово ги презеде во рамките на дијалогот со Србија.

„Очекуваме оваа Влада на Косово, како и претходните влади, да работат во партнерство со нас, додека нашите напори продолжуваат кон градење на просперитетно, мултиетничко и безбедно Косово во регионот на Западен Балкан“, рече Ховениер.

Од 2011 година, Косово и Србија водат дијалог за нормализација на односите, со посредство на Европската унија (ЕУ), постигнати се десетици договори, но многу не се спроведени на терен.

Минатата година партиите на предлог на ЕУ го прифатија Договорот за патот кон нормализација на односите. Сепак, тоа не е спроведено.

САД, кои го поддржуваат бриселскиот дијалог, постојано ги охрабруваат Србија и Косово да ги спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот.

Инаку, односите меѓу Косово и САД во последно време се затегнати поради одлуката на косовските власти да ја забранат употребата на српскиот динар. Американските власти побараа Косово да го одложи спроведувањето на таа одлука, со образложение дека тоа негативно влијае на српската заедница, која добива различни приходи од српскиот буџет.

Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, рече дека со игнорирањето на овие барања, Владата на Косово не го третира Вашингтон како партнер.

На конференцијата, Ховениер потсети и на причината за интервенцијата на НАТО пред четврт век и во тој контекст посочи дека со тоа всушност се стави крај на „етничкото чистење“ на Косово од страна на „машинеријата на тогашниот претседател Слободан Милошевиќ“.

Тој, исто така, рече дека неговата земја се обидува да обезбеди такви настани да не се повторат.

„Остануваме посветени на поддршката на мировната улога на силите на НАТО, КФОР“, рече Ховениер. Тој додаде дека интервенцијата на НАТО е неопходна и легитимна „со оглед на хуманитарната криза на која светот беше сведок“.

НАТО започна со бомбардирање на Сојузна Република Југославија на 24 март 1999 година како одговор на прогонот на Албанците во Косово од страна на српските безбедносни сили.

Бомбардирањето престана по 78 дена, на 10 јуни 1999 година, со усвојувањето на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Оваа Резолуција претставува компромис на петте постојани членки на Советот за безбедност врз основа на кои беше формирана администрацијата на Обединетите нации, УНМИК на Косово. Косово тогаш прогласи независност во 2008 година, која Србија не ја признава.

види ги сите денешни вести

Финските пратеници го одобрија повлекувањето од Договорот за забрана на противпешадиски мини

Противпешадиска мина(илустрација)
Противпешадиска мина(илустрација)

Финските пратеници денеска (19 јуни) гласаа за напуштање на договорот за забрана на противпешадиски мини, од кој четири други земји во регионот исто така планираат да се повлечат, наведувајќи ги за тој потег, безбедносните закани што ги претставува соседна Русија.

Одлуката беше одобрена со големо мнозинство, со 157 гласа „за“ и 18 гласа „против“.

На почетокот на април, Хелсинки објави дека ќе започне со подготовки за повлекување од Конвенцијата од Отава за противпешадиски мини, на која земјата пристапи во 2012 година, наведувајќи го како причина фундаментално изменета безбедносна средина, при што соседна Русија претставува долгорочна закана за Европа.

Нордиската земја дели граница од 1340 километри со Русија.

Министерот за одбрана Анти Хакканен изјави дека брзиот процес за напуштање на договорот „испраќа силен сигнал дека Финска дејствува брзо и кохерентно во прашањата поврзани со одбраната“.

Оваа пролет, Естонија, Литванија и Латвија, како и Полска, исто така објавија планови за напуштање на договорот.

На потписниците им е забрането да користат, складираат, произведуваат и пренесуваат противпешадиски мини, а исто така се должни да ги уништат преостанатите залихи.

Наменети да бидат закопани или скриени на земја, мините често ги осакатуваат жртвите, кои не се веднаш убиени, а групите за помош го критикуваат нивното долгорочно влијание врз цивилите.

Се очекува финскиот претседател да ја одобри одлуката во блиска иднина, која ќе стапи на сила шест месеци откако Финска официјално ќе ги извести Обединетите Нации.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, неодамна изјави дека е „длабоко загрижен од неодамнешните најави и чекори преземени од неколку земји-членки за повлекување од Конвенцијата за забрана на противпешадиски мини“, повикувајќи ги државите „веднаш да ги запрат сите чекори кон нивно повлекување“.

„Овие најави се особено загрижувачки, бидејќи ризикуваат ослабување на цивилната заштита и поткопување на две децении нормативна рамка што спаси безброј животи“, изјави тој.

Гутереш додаде дека планира да започне глобална кампања „за да се почитуваат нормите на хуманитарно разоружување, да се забрза акцијата против мините како овозможувач на човековите права и одржливиот развој и да се поттикне визијата за свет без мини“.

Контролорите на летање се закануваат со штрајк, ако продолжат партиските вработувања во М-НАВ

илустрација
илустрација

Во известување до раководството на М-НАВ, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) бара да се поништи последниот оглас за нови вработувања и да се испочитуваат обврските од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк.

Од Синдикатот повикуваат да се пристапи на итна реализација на неисполнетите точки од Спогодбата најдоцна до крајот на месецов, а во спротивно најавуваат реактивирање на штрајкот на 10 јули.

Во известувањето до УО на М-НАВ се наведува дека состојбата во М-НАВ е влошена, како резултат на сериозно нарушени меѓучовечки односи, блокирани процеси за јавни набавки, неуспешна транзиција на нови технички системи, прекршување на одредби од Колективниот договор, тајни и неосновани измени во систематизацијата, отворање несуштински работни позиции и прераспоредувања без запазување на актите на друштвото до раководството, како и непочитување на точки од Спогодбата помеѓу М-НАВ и ССКЛ од 13.07.2023 која беше основа за ставање на штрајкот во мирување.

Синдикатот во известувањето доставено на 16. месецов реагира и на неодамна објавениот оглас за нови вработувања во М-НАВ, за кои оценува дека „не одговараат на реалните, итни и суштински потреби на компанијата“.

Се бара поништување на огласот, а евентуалното пополнување на работните позиции да се изврши преку прераспоредување на постоечки вработени во М-НАВ преку интерен оглас или со додавање на работни задачи на недоволно ангажирани вработени како и одделенски реорганизации и рационално прераспоредување на постојниот кадар.

Според Синдикатот, во услови кога се бележи рекорден пораст на авионски прелети, застарениот технички систем е во критична состојба и може секој момент да откаже, има недостиг од инженерски кадар и поради тоа, велат, не се реализираат проектите требаше одамна да бидат завршени.

Исто така, се посочува дека има недостиг од контролори на летање кои во корелација со нов систем кој раководството не успеало да го стави во функција би можеле да го подигнат капацитетот на опслужени воздухоплови и до 50 проценти.

Синдикатот реагира и дека не е реализиран ниту еден инфраструктурен проект, сѐ уште не е изработена функционалната аанализа на компанијата со која би се ставила на стабилна основа за понатамошно долгогодишно функционирање и оти повеќе од девет месеци нема ангажирана агенција за обезбедувањево услови кога се бележи рекорден пораст на авионските прелети.

Ракета на СпејсИкс експлодираше за време на рутински тест

Лансирањето на ракетата „SpaceX Starship“ од Старбејс, Тексас, 27 мај 2025 година
Лансирањето на ракетата „SpaceX Starship“ од Старбејс, Тексас, 27 мај 2025 година

Еден од вселенските бродови „СпејсИкс“ (SpaceX) на Илон Маск експлодираше за време на рутински тест доцна во среда (18 јуни) во Тексас, соопштија органите за спроведување на законот.

Вселенскиот брод 36 доживеа „катастрофален дефект и експлодираше“ во лансирната станица „Старбејс“ кратко по 23:00 часот (04:00 часот по Гринич во четврток)“, пишува во објава на Фејсбук од властите на округот Камерон.

Видео споделено со објавата ја прикажува мегаракетата прикачена на лансирната рака, а потоа блесок и огромна, огнена експлозија.

„СпејсИкс“ на Маск соопшти дека ракетата се подготвувала за десеттиот тест лет кога „доживеала голема аномалија додека била на тест платформа во „Старбејс“, без да елаборира за природата на компликацијата.

„Безбедносно чисто подрачје околу локацијата беше одржувано во текот на целата операција и целиот персонал е безбеден и евидентиран. Нема опасности за жителите во околните заедници и ве молиме поединците да не се обидуваат да се приближат до областа додека продолжуваат безбедносните операции“, информираше „СпејсИкс“ на социјалните медиуми.

Според властите на округот Камерон, лансирањето на „Ѕвезден брод“ (Starship)не било закажано за среда навечер кога експлозијата се случила за време на „рутински тест за статичко палење“.

„Ѕвезден брод“ на јужниот брег на Тексас, во близина на границата со Мексико, е седиштето на вселенскиот проект на Маск.

Висока 123 метри, „Ѕвезден брод“ е најголемата и најмоќна ракета во светот и е клучна за долгорочната визија на Маск за колонизација на Марс.

„Ѕвезден брод“ е претставена како повеќекратна ракета со капацитет на носивост до 150 метрички тони. Најновиот неуспех следи по експлозијата на прототип на „Старшип“ над Индискиот Океан кон крајот на мај.

Најголемата и најмоќна некогаш изградена ракета, полета на 27 мај од објектот „Старбас“, но експлодираше наместо да го изврши планираното спуштање во Мексиканскиот Залив.

Претходните две летања исто така завршија лошо, при што горниот дел се распадна над Карибите.

Како што пишува АФП, неуспесите веројатно нема да влијаат многу на амбициите на Маск за вселенско патување.

„СпејсИкс“ уверува дека неговото мото „брзо не успевај, туку брзо учи“, кој му помогна да доминира во комерцијалните вселенски летови, на крајот ќе се исплати.

Путин тврди дека е подготвен за разговори за прекин на огнот во Украина

илустрација
илустрација

Рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека е подготвен „да најде решение“ за неговата војна со Украина и потенцијално да се сретне со украинскиот лидер, дури и кога бројот на жртви од последниот напад на Русија врз Киев се искачи на 28 лица.

„Треба да најдеме решение кое не само што ќе стави крај на сегашниот конфликт, туку и ќе создаде услови што ќе спречат повторување на слични ситуации на долг рок“, рече Путин на брифинг за странските медиуми во Санкт Петербург.

Путин рече дека разговорите би можеле да продолжат во одреден момент по 22 јуни, датумот што претходно го предложи за голема нова размена на затвореници и размена на тела на паднати војници.

Сепак, рускиот лидер додаде дека ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски само во „последната фаза“ од какви било мировни преговори.

„Подготвен сум да се сретнам со сите, вклучително и со Зеленски. Тоа не е проблемот - ако украинската држава му верува на некого конкретно да води преговори, тоа може да биде Зеленски. Дури сум подготвен да се сретнам со него - но само ако тоа е некаков вид последна фаза“, рече Путин.

Западот воведе санкции врз Русија, додека НАТО ги засили своите сили на источното крило откако Путин ја започна целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година. Групите за човекови права тврдат дека руските сили извршиле големи кршења на правата и воени злосторства за време на нивните воени операции.

Западните сојузници, исто така, широко го критикуваа Путин за неговото одбивање да се согласи со условите за прекин на огнот што ги предложи американскиот претседател Доналд Трамп.

Брифингот на Путин дојде додека украинските работници за итни случаи во текот на 18 јуни извлекуваа тела од урнатините на уништените станбени згради во Киев погодени од руските ракетни и беспилотни летала, додека бројот на жртви во украинскиот главен град се искачи на 28 лица, според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

Работници со кучиња-трагачи и тешка градежна опрема пребаруваа низ урнатините барајќи повеќе преживеани од нападот еден ден претходно - еден од најголемите во Киев во последниве години.

Повеќе од 150 луѓе во Киев и на други места беа ранети во баражот ракети на 17 јуни, соопштија службите за итни случаи, кој ја погоди и Одеса, при што загинаа најмалку две лица во пристанишниот град на Црното Море.

Украинските власти прогласија ден на жалост за жртвите на нападот, кој Зеленски го нарече „чист тероризам“ и за што го обвини Путин.

„Целиот свет, САД и Европа конечно мора да одговорат како што цивилизираното општество реагира на терористите. Путин го прави ова само затоа што може да си дозволи да ја продолжи војната“, напиша Зеленски.

Во Киев, цел деветкатен дел од станбена зграда беше срамнет со земја од ракетен напад за време на рускиот напад, кој се случи рано наутро додека многу жители спиеја. Прозорците во соседните згради беа разнесени, а парчиња урнатини беа расфрлани по улицата.

Русија започна уште еден напад со беспилотни летала врз украински цели рано на 18 јуни, иако беше многу помал и помалку смртоносен од нападот од претходниот ден, кој исто така вклучуваше крстосувачки и балистички ракети.

Зеленски отпатува во Канада за да се придружи на состанок на самитот на Групата седум и закажа разговори на маргините со Трамп.

Средбата, сепак, беше засенета од предвременото заминување на Трамп, а лидерите не успеаја да постигнат силен договор за конфликтот во Украина. Трамп го наведе ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран како причина за неговото предвремено заминување.

Русија продолжи со нападите врз Украина и покрај напорите на Соединетите Држави да посредуваат во мировен договор. Немаше видлив напредок од двете рунди преговори во Истанбул во изминатиот месец, освен размена на затвореници, а третата рунда не е закажана.

Русија тврди дека не ги таргетира цивилите и покрај доказите дека го прави тоа, а многу од растечкиот број цивилни жртви се предизвикани од руски напади со ракети со долг дострел и беспилотни летала.

Потврдениот број на цивилни жртви од почетокот на целосната инвазија е над 13 000, според ОН, но официјалните лица велат дека вистинскиот број е веројатно поголем.

Најмалку 32 повредени во ракетните напади на Иран во Израел, погодена е и болница

илустрација
илустрација

Иран лансираше нов пламен од ракети кон Израел во четврток, при што беше објавено дека е погодена болница.

Новинарите на АФП јавуваат за насилни, продолжени експлозии во Ерусалим и Тел Авив, а сирени се огласиле во неколку делови од земјата како предупредување за дојдовни ирански ракети.

Кратко потоа, армијата соопшти дека граѓаните можат да ги напуштат своите засолништа, додека министерот за надворешни работи рече дека болницата Сорока во Бершеба, јужен Израел, претрпела „голема штета“ во нападот.

Израелските спасувачи изјавија дека најмалку 32 лица се повредени во последниот ракетен напад на Иран.

Експлозиите во Ерусалим беа најгласните што ги слушнале новинарите на АФП откако започна конфликтот минатата недела. Баражот дојде по новите израелски напади врз Техеран и на други места, и со растечките шпекулации за тоа дали Вашингтон ќе влезе во конфликтот.

Заменик-министерката за надворешни работи на Израел, Шарен Хаскел, го нарече нападот на Иран врз израелска болница „намерен“ и „криминален“.

„Иран штотуку ја погоди болницата Сорока во Бер Шева со балистичка ракета. Не е воена база. Болница. Ова е главниот медицински центар за целиот регион Негев во Израел. Намерно. Криминално. Цивилна цел. Светот мора да проговори“, напиша Хаскел на платформата X.

Во меѓувреме, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, го отфрли барањето на Трамп за „безусловно предавање“, и покрај тврдењата на американскиот лидер дека „Иран има многу проблеми и сака да преговара“.

Адвокатите на обвинетите за убиството на Вања и Панче бараат ослободителни пресуди

Судско рочиште за убиството на Вања и Панче (фотоархива).
Судско рочиште за убиството на Вања и Панче (фотоархива).

Адвокатите на четворица од вкупно петмина обвинети во случајот со убиствата на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, побараа ослободителни пресуди за своите клиенти, на рочиштето кое се одржа на 18 јуни во Основниот кривичен суд Скопје.

Судскиот процес пред првостепениот суд е пред крај и останува уште завршни зборови да дадат адвокатот на првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо и секој од обвинетите поединечно. Следното рочиште е закажано за 20 јуни, а откако и секој обвинет лично ќе даде заврши зборови, судот ќе треба да закаже рочиште за изрекување на пресудата.

Обвинителството веќе ги даде завршните зборови и побара доживотен затвор за Палевски, како и останатите тројца обвинети Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.

Петтиот обвинет е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека давал информации за движењето на девојчето.

За него обвинителството претходно побара судот да му одреди „соодветна затворска казна“, додека неговиот адвокат Владимир Туфегчиќ денеска (18 јуни) побара ослободување бидејќи според него обвинетието за таткото е „неосновано“ и „опасен судски преседан“.

Туфегчиќ смета дека клучната теза и теорија на случај на обвинителството не е докажана, а тоа е мотивот – да се дадат пари на обвинетите за откуп на детето. Ниту пак, според одбраната, во судскиот процес е изведен доказ за дејствијата на таткото со кои се докажува дека тој комуницирал со Палевски.

Бранителот на обвинетиот Велибор Манев, адвокатот Горан Бошевски, пак, побара ослободителна пресуда за неговиот клиент за кривичното дело убиство, а осудителна за делото грабнување. Според адвокатот, не постоел договор за убиства и оттаму нема умисла за извршување таков вид кривично дело.

Ослободителна пресуда денеска побара и адвокатот Бојан Манев, бранител на обвинетиот Боре Видевски, посочувајќи дека обвинителството не ја докажало вината на неговиот клиент.

И адвокатот на обвинетиот Влатко Кешишев, адвокат Игор Ефремов, побара ослободителна пресуда со образложение дека тој не само што не учествувал, туку ниту знаел, ниту имал намера убиството да се случи. Евентуална вина, како што посочи Ефремов, неговиот клиент може да сноси само за грабнувањето на Вања.

На претходните судски рочишта, преку своите адвокати семејствата на двете жртви, Вања и Панче, се изјаснија дека во целост го прифаќаат барањето на обвинителството за казните, се приклучија кон кривичното гонење и побараа имотно правно побарување.

Малолетната Вања од Скопје и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а на 2 декември истата година, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Ајатолахот Хамнеи го одби повикот на Трамп за предавање на Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп, иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Американскиот претседател Доналд Трамп, иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи го отфрли повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за „безусловно предавање“ на Иран, додека израелските воздушни напади шести ден по ред таргетираат цели на иранска територија.

Зборувајќи јавно по втор пат откако Израел започна напади врз Иран, 86-годишниот Хамнеи рече дека мирот или војната не можат да се наметнат на Исламската република и ги предупреди Соединетите Американски Држави да се држат настрана од конфликтот.

„Иранската нација не е од оние што се предаваат“, рече тој во видеообраќање кон иранската јавност на 18 јуни.

„Ниеден град не е безбеден“, велат Иранци кои ја напуштаат земјата „Ниеден град не е безбеден“, велат Иранци кои ја напуштаат земјата
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:50 0:00

„Американците треба да знаат дека секое воено вклучување на САД несомнено ќе резултира со непоправлива штета за нив“, вели тој во видеото.

Ваквата изјава на Хамнеи, кој според уставот на Иран го има последниот збор за сите стратешки прашања, е одговор на повикот од Трамп кој претходно рече дека иранскиот лидер засега е безбеден, но го повика Техеран „безусловно да се предаде“.

„Тој е лесна цел, но е безбеден таму. Нема да го елиминираме (убиеме!), барем не засега“, напиша Трамп.

„Нашето трпение се намалува“, додаде тој само неколку часа откако претходно повика на „вистински крај“ на смртоносните воздушни напади од двете страни – и од Иран и од Израел.

Трамп денеска (18 јуни) во разговор со новинари во Белата куќа ги отфрли сите прашања за можна вмешаност на САД во нападите врз Иран.

„Не можам да го кажам тоа“, рече тој. „Можеби ќе го направам тоа, можеби и не. Никој не знае што сакам да направам. Но, можам да кажам следново: Иран има многу проблеми и сака да преговара.“

Израел, и многу од неговите западни сојузници, вклучувајќи ги и САД, го обвинуваат Иран дека се обидува да изгради нуклеарно оружје. Техеран жестоко ги отфрла обвинувањата, велејќи дека неговата атомска програма е исклучиво за цивилни цели.

Досегашните напади оставија милиони обични Иранци потресени, а илјадници луѓе ги блокираа автопатиштата што водат од Техеран кон други градови, како и кон странство – кон Турција и Ерменија.

Расте бројот на жртви од руските напади во Киев, сè уште се извлекуваат тела од урнатините

Последици од ракетниот напад на Киев, 17 јуни 2025 година
Последици од ракетниот напад на Киев, 17 јуни 2025 година

Украинските служби за итни случаи сè уште извлекуваат тела од урнатините на уништените станбени згради во Киев, погодени од руските ракетни и беспилотни летала, додека бројот на жртви во украинската престолнина се искачи на 24.

Државната служба за итни случаи информираше дека работници со кучиња трагачи и тешка градежна опрема ги пребаруваат урнатините на 18 јуни за повеќе преживеани од нападот еден ден претходно - еден од најголемите во Киев во последниве години.

Повеќе од 150 луѓе во Киев и на други места беа ранети во серијата напади од 17 јуни што ја погоди и Одеса, при што загинаа најмалку две лица во пристаништето на Црното Море.

Неколкумина загинати од масивниот руски напад врз Киев
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:17 0:00

Украинските власти прогласија ден на жалост за жртвите од нападот, кој украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече „чист тероризам“ и го обвини рускиот лидер Владимир Путин.

„Целиот свет, Соединетите Држави и Европа конечно мора да реагираат како што цивилизираното општество реагира на терористите. Путин го прави ова единствено затоа што може да си дозволи да ја продолжи војната“, изјави Зеленски.

Зеленски отпатува во Канада за да се придружи на самитот на Групата седум, а на маргините закажа разговори со американскиот претседател Доналд Трамп.

Сепак, состанокот беше откажан поради предвременото заминување на Трамп, а лидерите не успеаја да постигнат силен договор за конфликтот во Украина. Неименуван канадски функционер им изјави на новинарите дека за тоа е виновен американскиот отпор.

Трамп ја наведе ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран како причина за неговото предвремено заминување.

Зеленски се сретна со британскиот премиер Кир Стармер, по што британската влада објави дека во наредните недели ќе се одржи уште еден состанок на „Коалицијата на волјата“.

Стармер, кој ја дискутираше идејата за испраќање меѓународни мировници во Украина по постигнувањето прекин на огнот, најави нов пакет санкции за Русија, како и Канада.

Во Киев, цел деветкатен дел од станбена зграда беше срамнет со земја од ракетен напад за време на рускиот напад, кој се случи рано наутро додека многу жители спиеја. Прозорците на соседните згради беа скршени, а купишта отпад беа расфрлани по улицата.

„Тоа е катастрофа“, изјави за „Курент тајм“ еден преживеан во Киев, со лицето и градите покриени со крв.

„Тоа беше првиот удар... Ме фрли во ходник. Отидов да ја викнам мајка ми. Мора да била во шок и се обидела да го затвори прозорецот. Потоа се случил втор удар. Не се сеќавам многу. Се освестив и ја извлеков мајка ми од собата, фала му на Бога, бидејќи имаше толку многу чад што можеше да се задуши“, рече преживеаниот Украинец.

Русија започна уште еден бран оган од беспилотни летала врз украински цели рано утрото на 18 јуни, иако беше многу помал и помалку смртоносен од нападот претходниот ден, кој исто така вклучуваше крстосувачки и балистички ракети.

Ослободени од затворски притвор сите осомничени за падот на настрешницата во Нови Сад

Железничката станица во Нови Сад
Железничката станица во Нови Сад

Апелациониот суд во Нови Сад го укина притворот на уште петмина осомничени во случајот со паѓањето на настрешницата на железничката станица во тој град, кога загинаа 16 лица.

Тие беа осудени на куќен притвор во траење од три месеци.

Со оваа одлука на судот, ниту еден од 13-те уапсени по падот на настрешницата повеќе не е во затворски притвор.

Како што беше најавено на 18 јуни, Апелациониот суд делумно ги прифати жалбите на бранителите и им го прекина притворот на Љиљана Милиќ Марковиќ, Зорица Славковиќ Марјановиќ, Душан Јанковиќ, Милан Шпремиќ и Дејан Тодоровиќ.

Претходно, на 29 мај, совет на Вишиот суд во Нови Сад одлучи да го замени притворот на осомничените Небојша Шурлан, Слободан Наумовиќ, Милан Јелкиќ и Марина Гавриловиќ со куќен притвор.

На 12 јуни, притворот на Зорица Славковиќ Марјановиќ исто така беше укинат и заменет со забрана за напуштање на станот.

Обвинението, кое обвинителството го поднесе на 30 декември, беше вратено кон средината на април од страна на Вишиот суд во Нови Сад „на доработка“ со образложение дека „е потребно подобро разјаснување на предметот за да се испита неговата суштина“.

Со тоа, постапката беше вратена во фаза на истрага.

Меѓу 13-те лица опфатени во обвинението на обвинителството во Нови Сад се поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ, неговата соработничка во министерството Анита Димоски и поранешната директорка на „Српска железничка инфраструктура“ Јелена Танасковиќ.

Тројцата од нив, како и поранешниот директор на „Српска железничка инфраструктура“ Небојша Шурлан, се товарат за тешко кривично дело против јавната безбедност, во врска со кривичното дело предизвикување јавна опасност.

Танасковиќ и Димоски веќе се во домашен притвор, додека Горан Весиќ се брани од слобода.

Меѓу обвинетите, кои беа ослободени од притвор, се проектанти и лица задолжени за контрола и надзор.

Тие се товарат за тешко кривично дело против општата безбедност, во врска со неправилно извршување на градежни работи.

Постапката ја води и Вишото јавно обвинителство во Белград, кое на почетокот на март поднесе обвинение за пропустите што доведоа до паѓање на настрешницата.

Реконструираната зграда на Железничката станица во Нови Сад беше официјално отворена само четири месеци пред падот на настрешницата, со порака дека реновираната зграда ги надминува европските стандарди.

Несреќата доведе до масовни протести во Србија, на кои се бараше одговорност за несреќата од властите. Протестите, кои ги предводеа студенти во последните месеци, станаа симбол на пошироко незадоволство од владеењето на правото во Србија - заедно со прашањето дали небрежноста и корупцијата на системот доведоа до падот на настрешницата и смртта на 16 лица.

Ристески: Ако има потреси во економијата, ќе реагираме со соодветни мерки

илустрација
илустрација

Комплетната анализа на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за зголемување на цените на прехранбените производи ќе биде готова во текот на наредната недела, најави денеска (18 јуни) заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, прашан за тоа дали веќе се работи на мерки за намалување на цените на прехранбените производи во супермаркетите.

„Ние ги следиме цените максимално преку Државниот пазарен инспекторат правиме анализи и доколку заклучиме дека има потреба да се донесе некоја одлука и мерка ќе го направиме во интерес на граѓаните за заштита на животниот стандард. Пред сѐ, на нас како Влада ни се интерес граѓаните и нивниот животен стандард“, изјави Ристески.

Заменик министерот за економија и труд додаде дека врз основа на тековната анализа, која ја изготвува ДПИ има мало зголемување на цените.

„Особено вратени се дел од цените на производите како што беше пред одлуката, којашто беше пред еден месец и повеќе, има мало покачување на одредени цени, има останато некои и на исто ниво. Но, имаме поголемо зголемување на цените на кафето и маслото, кои се берзански производи и зависат од светските берзи. Меѓутоа, сепак за крајна одлука ќе биде известена јавноста, доколку ја има, а тоа ќе ја покаже комплетната анализа, која ќе биде готова во текот на наредната недела“, рече Ристески.

Прашан за кризата на Блискиот исток, која најверојатно ќе се рефлектира и на берзата на енергенси и за тоа дали Владата има план како да се справи со нов енергетски удар, Ристески посочи дека Владата ја следи ситуацијата на светско ниво.

„Ја следиме не само ситуацијата на внатрешната економија, туку ги пратиме и светските случувања, како што иде, така и ќе реагираме како Влада. Мораме да бидеме и претходно подготвени, да имаме информации и да имаме состаноци на повеќе министерства и на ниво на Влада. Се следи ситуацијата доколку ескалира работата, која би предизвикала и одреден потрес и на светската економија, нормално е дека ќе реагира Владата со соодветни мерки“, изјави Ристески.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска деновиве изјави дека Владата не може да влијае на цената на берзанските производи, но дека внимателно се следи ситуацијата.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски пак изјави дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, но дека не очекува влијание на цените на останатите продукти. Тој изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG