Достапни линкови

Вести

Нов протест на грузиската опозиција пред Апелациониот суд

Протест на грузиската опизиција во Тбилиси, Грузија, 4 ноември 2024 година
Протест на грузиската опизиција во Тбилиси, Грузија, 4 ноември 2024 година

Грузиската опозиција најави нови демонстрации на 5 ноември во знак на протест против резултатите од парламентарните избори на 26 октомври на кои победи владејачката партија Грузиски сон. Опозицијата обвинува за широко распространето лажирање на гласови и нерегуларности на избирачките места.

Протестот е најавен за 15 часот по локално време пред Апелацискиот суд во Тбилиси и доаѓа откако илјадници демонстрираа во главниот град втора ноќ по ред на 4 ноември барајќи нови избори.

Апелациониот суд на Грузија треба да ги разгледа одлуките на локалните судови во градовите Тетрицкаро и Гори во врска со неправилностите за време на гласањето на 26 октомври.

Судот во Тетрицкаро ги поништи изборните резултати на 30 избирачки места поради нарушување на тајноста на гласањето, додека судот во Гори нареди пребројување на неважечките ливчиња од 15 избирачки места.

Во Тецикаро, судијата Владимир Кучуа пресуди во корист на жалбата поднесена од граѓанската група наречена Здружение на млади правници, одлучувајќи да го поништи резултатот на 30 избирачки места врз основа на доказите презентирани од групата.

Централната изборна комисија на Грузија ги оспори одлуките на двата суда, прогласувајќи ги за неосновани.

Партијата Грузиски сон, која важи за блиска до Русија, е на власт од 2012 година. Таа, според прелиминарните резултати, победи на изборите со речиси 54 отсто од гласовите.

Опозицијата и проевропската претседателка на земјата, Саломе Зурабишвили, одбија да ја признаат валидноста на резултатите, обвинувајќи за масовна измама и руско мешање.

На митингот на 4 ноември, лидерите на опозицијата повикаа на континуирани протести и граѓански отпор до поништување на изборните резултати и распишување нови избори.

Илјадниците учесници на митингот, во кој беше вклучена и шведската активистка за климата, Грета Тунберг, се собраа во близина на Домот на правдата и маршираа околу 5 километри веејќи грузиски и знамиња на Европската Унија низ главниот град на Грузија, пред да го завршат својот протест на плоштадот Марјанишвили во Тбилиси.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер рече дека Соединетите Држави јасно ставиле до знаење дека го поддржуваат народот на Грузија и нивните надежи за пристапување во Европската Унија.

види ги сите денешни вести

Николоски: Соработката со Унгарија никогаш не била на повисоко ниво

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто и вицепремиерот Александар Николоски, Скопје 13 јуни 2025 година
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто и вицепремиерот Александар Николоски, Скопје 13 јуни 2025 година

Нашите односи со пријателите продолжуваме да ги градиме на уште повисоко ниво. Посветено работиме на реформските процеси, државата ја упатуваме во вистински правец на просперитет, а процесите се силно поддржани од нашите партнери Владата на Унгарија, истакнал вицепремиерот Алекандар Николоски на средбата со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, кој денеска 13 јуни претстојува во официјална посета на Скопје.

Како што соопштија од Министерството за транспорт, министерот Сијарто, во име на Владата на Унгарија денеска ќе го потпише Договорот за стратешка соработка меѓу владите на Македонија и Унгарија.

Поздравувајќи го потпишувањето на овој стратешки документ, вицепремиерот Николоски истакнал дека соработката меѓу двете земји се издигнува на повиско ниво и истиот ќе донесе многу придобивки за Македонија преку реализација на нови инфраструктурни проекти.

„Овој стратешки договор со Унгарија е многу значаен во време на огромни политички и економски предизвици за Македонија. Партнерството носи само бенефит, а соработката со Унгарија никогаш не била на повисоко ниво. Договорот дополнително ќе ни донесе нови проекти во инфраструктурата и верувам дека оваа соработка што ја имаме со Унгарија ќе ја продлабочуваме во периодот што следи“, истакнал по средбата, вицепремиерот Николоски.

Во контекст на Договорот, а во насока на развојните политики на државата, вицепремиерот Николоски го потенцирал планот за економски развој на земјата, посебено истакнувајќи го развојот и модернизацијата на транспортните коридори.

На средбата, како што соопштуваат од министерството за транспорт, двајцата министри го потврдиле партнерството засновано на силни политички односи и развиена економска соработка значајна за двете држави.

МНР апелира до македонските граѓани да не патуваат во земјите од Блискиот Исток

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во врска со информациите за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции.

Израел спроведе, како што ги нарече, „превентивни“ напади врз иранските нуклеарни објекти и воени локации низ целата земја на 13 јуни, со предупредување дека нападите ќе продолжат сè додека е потребно, за да се спречи Техеран да произведува нуклеарно оружје.

МНР упати апел до сите македонски државјани да се воздржат од какви било патувања кон земјите од овој регион, до подобрување на безбедносната состојба.

„Согласно добиените информации од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, во моментов воздушниот простор над Израел и Иран е затворен, како и аеродромите во Тел Авив и Техеран, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај“, нагласува МНРиНТ во соопшението.

Министерството ги потсетува македонските државјани дека при евентуална потреба од помош можаат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив, тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546, Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk и Министерство за надворешни работи и надворешна трговија тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk.

Во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и ќе ја информира јавноста за сите новини навремено.

Индиските власти почнаа истрага за падот на авионот на Ер Индија

Делови од авионот на Ер Индија на местото каде што се урна, 12 јуни 2025 година
Делови од авионот на Ер Индија на местото каде што се урна, 12 јуни 2025 година

Индиските власти започнаа целосна истрага за падот на патничкиот авион на Ер Индија што се урна кратко по полетувањето од Ахмедабад.

„Во падот загинаа 241 од 242 патници и членови на екипажот, потврдија вчера официјални лица. Авионот, кој леташе од Ахмедабад до Лондон, се урна во густо населена станбена област“, предизвикувајќи пожар и голем број цивилни жртви на земја, вклучувајќи неколку студенти кои биле во блискиот студентски дом на медицинскиот колеџ.

Индискиот премиер Нарендра Моди го посети местото на падот и болницата во Ахмедабад каде што се лекуваат повредените, и треба да одржи итен состанок со врвните безбедносни и транспортни службеници подоцна во текот на денот.

Авион на Ер Индија со 242 луѓе во него, се урна по полетувањето
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:04 0:00

Министерот за цивилно воздухопловство Рам Мохан Наиду изјави дека Бирото за истрага на воздушни несреќи отворило формална истрага во согласност со меѓународните стандарди утврдени од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO).

Се очекува да пристигне американски истражен тим, вклучувајќи претставници од Националниот одбор за безбедност на сообраќајот (NTSB), Федералната администрација за воздухопловство (FAA), Боинг и Џенерал Електрик.

Единствениот преживеан патник е идентификуван како Вишваш Кумар Рамеш и моментално е во болница. Според докторот Давал Гамети, Рамеш има повеќекратни повреди, но неговиот живот е надвор од опасност.

Тој рече дека авионот почнал да губи висина кратко по полетувањето, а потоа одеднаш се преполовил пред да експлодира. Во несреќата учествувал 12 години стар Боинг 787 Дримлајнер.

Иако причината за несреќата сè уште е под истрага, експертите велат дека ова е првата фатална несреќа на моделот откако стапил во употреба пред 16 години.

Моментално има околу 1200 вакви авиони во употреба низ целиот свет.

УНХЦР: До крајот на април 122 милиони лица биле насилно раселени

илустрација
илустрација

Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) денеска (12 јуни) објави дека во светот има 122,1 милиони луѓе насилно раселени поради војна или други форми на насилство.

По соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад и враќањето на голем број Сиријци во своите домови, вкупниот број на насилно раселени лица во светот е малку намален во споредба со рекордот во 2024 година, објави ОН. На крајот на 2024 година, рекордни 123,2 милиони луѓе ширум светот биле принудени да ги напуштат своите домови поради војна, насилство или прогон.

Но, до крајот на април, тој број е 122,1 милиони, според годишниот извештај на УНХЦР, со оглед на тоа што речиси два милиони Сиријци успеале да се вратат во своите домови.

И покрај ова, продолжувањето на овој тренд најмногу ќе зависи од исходот на големите конфликти и кризи со кои светот моментално се соочува и кои принудија многу луѓе да ги напуштат своите домови.

„Живееме во време на голема нестабилност во меѓународните односи во кое модерното војување создава кревка и тешка средина карактеризирана со постојано човечко страдање. Мора да ги удвоиме нашите напори за постигнување мир и наоѓање трајни решенија кога станува збор за бегалците и сите други кои се принудени да ги напуштат своите домови“, рече високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.

Главните виновници за присилното раселување сè уште се големите светски конфликти: Судан, Мјанмар, Украина.

По тринаесетгодишната граѓанска војна во Сирија и падот на Башар ал-Асад во декември 2024 година, во првите месеци од оваа година, сè поголем број Сиријци постепено почнаа да се враќаат дома. Се проценува дека, од средината на мај, повеќе од 500 000 од нив се вратиле дома од странство, додека приближно 1,2 милиони внатрешно раселени лица се вратиле во своите домови од крајот на ноември.

Според податоците на агенцијата на ОН, до крајот на 2025 година, еден и пол милион Сиријци би можеле да се вратат дома од странство, а уште два милиони, колку што беа раселени во земјата.

Судан, каде што од средината на април 2023 година беснее граѓанска војна, а хуманитарната криза и кризата со недостиг на храна принудуваат милиони луѓе да ги напуштат своите домови, сега е земјата со најголем број насилно раселени лица - дури 14,3 милиони.

И покрај враќањето на Сиријците, 13,5 милиони жители на таа земја се уште се бегалци во странство или внатрешно раселени, по што следуваат Авганистан (10,3 милиони) и Украина (8,8 милиони). Мирот или барем прекинот на огнот, особено во Демократска Република Конго, Судан и Украина, би можел да направи значителна разлика, се наведува во извештајот.

Но, останува прашањето за финансирањето, кое мора да биде доволно за да се гарантира „безбедно и достоинствено“ враќање на сите, но ОН, како и бројни други хуманитарни организации, се соочува со голема финансиска криза.

САД се убедливо најголемиот донатор, сега често се отсутни од програмата за финансирање, а бројни други земји имаат други приоритети. На крајот од минатата година, секое 67-мо лице во светот беше класифицирано како присилно раселено, што е дури 123,2 милиони луѓе.

Ова вклучува 73,5 милиони внатрешно раселени лица, како и 31 милион бегалци под мандатот на УНХЦР. Во текот на 2024 година, вкупно 9,8 милиони присилно раселени лица се вратија дома. Меѓу нив се 1,6 милиони бегалци, што е најголем број во повеќе од дваесет години.

Мицкоски: Ако има иницијатива за средба Давкова-Жељазков на Самитот на НАТО - тоа треба да се прифати

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема да присустува на престојниот Самит на НАТО во Хаг, туку таму ќе замине претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Во однос на најавите од бугарска страна дека наместо нивниот претседател Румен Радев ќе присустува премиерот Росен Жељазков, тој истакна дека доколку има каква било иницијатива за средба меѓу македонската претседателка и бугарскиот премиер и тоа треба да се прифати, за да се покаже проактивност.

„Ако има каква било иницијатива за средба на ниво претседател-премиер, тоа треба да се прифати без разлика што јас нема да бидам таму, тоа е мојот став и убеден сум дека тоа ќе биде став и на претседателката. Мора да бидеме проактивни и да покажеме дека не е тоа тоа што се зборува, да покажеме дека неколку стотини наши граѓани, кои за себе велат дека бугарскиот им е мајчин јазик, дека тоа не е проблемот, туку има многу поголем проблем, тоа е политика стара децении, тоа е стратегија која се пишувала, говорела, внимателно се создавала и без квинслинзи овде кај нас не можела да се спроведе. За жал такви имаше во минатата влада“, рече премиерот.

Мицкоски напомена дека иницијативата за средбата на маргините на Самитот пристигнала од претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта и македонската страна веднаш ја прифатила.

„Претседателот на Европскиот совет прати предлог, ние веднаш го прифативме, да седнат двајцата претседатели, фасцилитирани од страна на ЕУ, за време на настан, во кој сме рамноправни и едните и другите. На тој состанок имаше идеја да присуствува и генералниот секретар на НАТО, Руте, претставници од американската администрација и да ги вкрстиме аргументите. Е сега таму гледаме една егзибиција, можеби е таков начинот на фунционирање на бугарската политичка сцена. На Самитот во Вашингтон присутен беше премиерот, каде бев јас. Логично е да ротираат претседателот и премиерот, барем таква е праксата, затоа оваа година таму е претседателката Сиљановска и логично беше од страна на Бугарија да биде испратен претседателот и тој беше најавен, во последен момент е испратен премиерот, истакна Мицкоски.

Кон крајот на минатиот месец, Мицкоски истакна дека на средбата во Скопје со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, меѓу другото, разговарале и за евентуалната билатералната средба со бугарската страна, за нејзиниот формат, кој се би можел на неа да присустуствува и каде би можела да се одржи.

Претстојниот Самитот на НАТО во Хаг, како што кажа тогаш е добра можност за средбата, на неа би присустувале претедателката Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, а составот, како што посочи Мицкоски го прошириле и со можноста за присуство на генералниот секретар на НАТО Марк Руте, како и претставници на САД.

Инаку премиерот Мицкоски вчера во изјава за медиумите кажа дека суштината на проблемот е „обидот на еден инженеринг, да се создаде нова македонска нација, која е резултат на одлука на Коминтерната по 1945-та година од минатиот век и дека таа нова македонска нација користи нов македонски јазик, кој станува службен во ОН, како дел од југословенската федерација во '45-та година и дека почива на бугарски корени“.

Тој додаде дека ова го знаел и поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кога го прифатил францускиот предлог.

Екс министерот за надворешни работи, Бујар Османи, остро реагираше на контроверзната изјава на Мицкоски, обвинувајќи го дека, наместо да работи на зајакнување на внатрешната стабилност, свесно ја разгорува омразата и го крши општествениот баланс. Додаде дека македонскиот јазик веќе е заштитен и признат од страна на ЕУ.

Игуменот Георгиј е нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија

Неговото Високопреподобие игуменот Георгиј (Ѓорѓевски), Mитрополит Георгиј
Неговото Високопреподобие игуменот Георгиј (Ѓорѓевски), Mитрополит Георгиј

Игуменот Георгиј (Ѓорѓевски) е избран за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

Тој е избран на денешната седница на Светиот архиерејски синод, без ниту еден глас против.

Назначен е на местото на упокоениот митрополит Тимотеј.

Поранешниот декан на Богословскиот факултет Ѓоко Ѓорѓевски се замонаши на 27 мај, на 28 мај беше произведен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.

Инаку одлуката за избор на митрополит се носи со просто мнозинство. Во црковните редови има 12 владици, кои управуваат со епархии, така што за избор на идниот митрополит ќе бидат доволни седум гласови. Ако соодносот на гласовите е 50-50, пресудува гласот на архиепископот.

Минатата недела беа одржани мирни собири на верниците, во Охрид, Скопје и во Кичево, кои се залагаат за изборот на епископот антаниски Партениј за нов охридски владика.

„Време е Европа да преземе одговорност“, порачаа од отворањето на форумот GLOBSEC во Прага

Петр Павел, претседател на Чешка
Петр Павел, претседател на Чешка

Претставници од речиси седумдесет земји се собраа во чешката престолнина Прага за да учествуваат на 20-тото издание на Форумот GLOBSEC.

Се очекува лидерите да разговараат за најитните геополитички, безбедносни и геоекономски предизвици.

„Започнавме во 2005 година со надеж, продолжуваме во 2025 година со одговорност. Нека овие три дена бидат повеќе од дијалог, нека бидат пресвртница. Да преземеме одговорност, да поведеме и да изградиме иднина што другите сакаат да ја следат“, рече претседателот на GLOBSEC, Роберт Вас, на отворањето на Форумот.

Дваесетгодишнината од форумот нуди единствена платформа за меѓународен дијалог, а оваа година фокусот е на зајакнување на улогата на Европа во градењето постабилна и попросперитетна иднина.

Официјално насловен како „Командување на хаосот: Време е Европа да преземе одговорност“, форумот го отвори чешкиот претседател Петр Павел, под чие покровителство се одржува Форумот.

Иднината на Украина, новата трансатлантска средина и европската безбедност беа во фокусот на неговото обраќање. Тој, исто така, истакна дека улогата на Соединетите Држави во европската безбедност се менува и дека Европа мора да преземе поголема одговорност.

„Мораме да ги забрзаме нашите напори во градењето сигурни европски одбранбени капацитети и зајакнувањето на нашите одбранбени индустрии. Ова не значи дека сакаме раскинување со нашиот американски сојузник. Напротив, водењето и одржувањето дијалог со нашите партнери преку Атлантикот е поважно од кога било“, рече претседателот на Чешката Република.

На самото отворање на Форумот, виртуелно се обрати и украинскиот претседател Володимир Зеленски, барајќи поддршка за зголемување на санкциите против Русија.

„На Русија не ѝ е гајле за милион жртви, но се грижи за санкциите, вклучително и мерките за намалување на придонесите од нафтата“, рече Зеленски.

Овогодинешниот форум GLOBSEC се одржува во време кога европските земји сè повеќе ја преиспитуваат својата улога во променливата глобална средина.

Дводневната програма на форумот ќе се фокусира на клучни прашања како што се зајакнување на европската одбрана и стратешка автономија, обезбедување долгорочна поддршка за Украина, справување со хибридни закани, заштита на критичната инфраструктура, дигитална отпорност, иновации во технологијата и одржливо финансирање на одбранбената индустрија.

Авион на Ер Индија се урнал по полетувањето за Лондон

Авион на „Ер Индија“ со повеќе од 200 патници се урнал во близина на аеродромот во западниот индиски град Ахмедабад, соопштија во четврток (12 јуни) претставници на авиокомпанијата и полицијата, без да прецизираат дали има жртви.

Авионот бил на пат кон аеродромот Гетвик во Лондон, соопшти „Ер Индија“, додека полициски претставници изјавија дека авионот се урнал во цивилна зона во близина на аеродромот, објави „Ројтерс“.

„Моментално собираме детали и ќе споделиме дополнителни информации“, соопшти авиокомпанијата Ер Индија.

Според телевизиските канали, несреќата се случила за време на полетувањето.

Снимките покажуваат запалени остатоци и густ црн чад како се издига кон небото над аеродромот.

Исто така, беа прикажани снимки од луѓе на носилки како се транспортираат со амбулантни возила.

Според извештајот на новинската агенција АНИ, во летот имало вкупно 242 лица, повикувајќи се на полициски контролен центар во државата Гуџарат.

Иран не се откажува од збогатувањето на ураниум

илустрација
илустрација

Иран нема да се откаже од своето право да збогатува ураниум поради зголемените тензии во регионот, соопшти Техеран во четврток (12 јуни).

Висок ирански функционер за Ројтерс изјави дека „пријателска“ земја во регионот го предупредила Техеран за потенцијален воен напад од страна на Израел.

Функционерот рече дека ескалацијата на тензиите имала за цел „да влијае врз Техеран да го промени својот став за своите нуклеарни права“ за време на разговорите со САД во Оман во неделата.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека американскиот персонал се преместува од Блискиот Исток бидејќи тој може да биде „опасно место“, додавајќи дека САД нема да дозволат Иран да има нуклеарно оружје.

Оман во четврток официјално го објави шестиот круг разговори меѓу Иран и САД во Оман во недела. Разговорите имаат за цел да ги ограничат напорите на Техеран да ја развие својата нуклеарна програма.

По пет рунди разговори меѓу иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, и пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, остануваат малку пречки.

Меѓу нив е и отфрлањето од страна на Иран на барањето на САД да се обврзе да се откаже од збогатувањето на ураниум.

Претходните рунди беа одржани во Мускат и во амбасадата на Оман во Рим.

По средбата со Вучиќ, Зеленски ѝ се заблагодари на Србија за поддршката

Српскиот претседател Александар Вучиќ и украинскиот претседател Володомир Зеленски
Српскиот претседател Александар Вучиќ и украинскиот претседател Володомир Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на 11 јуни објави дека разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на маргините на самитот Украина-Југоисточна Европа во Одеса.

Зеленски на платформата Телеграм напиша дека Украина и е благодарна на Србија за нејзината поддршка во зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на таа земја.

„Разговаравме за меѓусебна поддршка на патот кон Европската Унија, билатерална соработка и обнова на Украина. Ви благодарам за иницијативата да помогнете во обновата и да преземете покровителство за обнова на неколку населени места во Украина. Ова е навистина ефикасен формат на соработка и ќе сметаме на добри резултати“, напиша Зеленски.

Украинскиот претседател потсети дека претседателот на Србија ја посетува Украина за прв пат и нагласи дека „важно е да се биде тука и да се види војната со свои очи“.

Претходно на 11 јуни, Вучиќ на Инстаграм напиша дека имал „значаен и отворен разговор со Зеленски за клучните прашања на современите геополитички предизвици со кои се соочува Европа и целиот свет“.

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон го поздрави учеството на Вучиќ на самитот Украина-Југоисточна Европа, наведувајќи дека тоа може да се протолкува како силна поддршка за украинското раководство.

Вучиќ е единствениот учесник на Самитот кој не ја потпиша усвоената декларација, бидејќи, како што изјави за српските медиуми, таа повикува на воведување санкции против Русија поради војната против Украина.

Вучиќ, сепак, рече дека Зеленски „покажал почит кон територијалниот интегритет на Србија“ бидејќи на Самитот немало претставник на Косово и додаде дека тоа е „одличен гест“ кон Србија што „ќе го цени колку што е можно повеќе“.

Декларацијата, која беше потпишана на самитот во Одеса од страна на лидерите на Западен Балкан, вклучувајќи ги Романија, Молдавија, Грција и Хрватска, ја осудува инвазијата, повикува на членство на Украина во НАТО и ги осудува воените злосторства извршени од Русија, објави АФП.

Во документот, меѓу другото, се повикува Русија да ги повлече своите трупи од Украина и се осудува депортацијата на илјадници украински цивили, вклучувајќи и деца, од страна на Русија.

На почетокот на руската инвазија на Украина, Србија го поддржуваше територијалниот интегритет на таа земја, но до денес одбива да воведе санкции против Москва.

Српските власти продолжија да одржуваат врски со Русија, а на 9 мај Вучиќ беше во Москва на Парадата на победата по повод 80-годишнината од победата над фашизмот. Потоа се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.

Претседателот на Србија на својот Инстаграм профил објави дека на 11 јуни во Одеса се залагал за интензивирање на дијалогот и брзо постигнување мир.

Србија одржуваше официјална политика на неутралност за време на тригодишната офанзива на Москва против Украина и негираше вооружување на која било страна.

Сепак, на 28 мај, Службата за надворешна безбедност на Руската Федерација ја обвини Србија дека продолжува да испорачува муниција на Украина, „и покрај нејзината официјално прогласена неутралност“, и дека со тоа „и пука во грб на Русија“.

Реакцијата од Москва доаѓа откако пред години некои медиуми објавија дека српското оружје и муниција преку трети земји завршуваат во рацете на украински војници.

Официјален Белград постојано негира дека Србија директно извезува оружје во Украина или Русија и дека не може да влијае на тоа дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.

По објавата на руската служба, Вучиќ изјави дека договорите за продажба на оружје и муниција, каде што постои сомневање за злоупотреба и испраќање на украинското бојно поле, ќе бидат прекинати.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG