Достапни линкови

Вести

Германската опозиција го обвини Шолц за предизборен маневр со помошта за Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германските опозициски пратеници во четвртокот го обвинија канцеларот Олаф Шолц за валкана предизборна тактика поради неговото барање за дополнително задолжување со цел финансирање на пакет помош за Украина во вредност од 3 милијарди евра.

Коментарите на опозоцијата уследија откако германскиот канцелар Шолц на15 јануари изјави дека пакетот може да се финансира само со суспендирање на должничката кочница, и дека пакетот е прашање на политичка волја и поставување приоритети.

Според опозициската Слободна Демократска партија поддршката за Украина не бара намалување на должничката кочница, посочувајќи на уставните ограничувања за задолжувањето на државата.

Според нив 500 милиони евра веќе се издвоени од Министерството за одбрана, што значи дека се потребни само дополнителни 2,5 милијарди евра, во буџет од вкупно 488 милијарди евра.

За опозицијата, Шолц „врши маневри за изборната кампања на грбот на Украинците“.

види ги сите денешни вести

Авион на Ер Индија се урнал по полетувањето за Лондон

Авион на „Ер Индија“ со повеќе од 200 патници се урнал во близина на аеродромот во западниот индиски град Ахмедабад, соопштија во четврток (12 јуни) претставници на авиокомпанијата и полицијата, без да прецизираат дали има жртви.

Авионот бил на пат кон аеродромот Гетвик во Лондон, соопшти „Ер Индија“, додека полициски претставници изјавија дека авионот се урнал во цивилна зона во близина на аеродромот, објави „Ројтерс“.

„Моментално собираме детали и ќе споделиме дополнителни информации“, соопшти авиокомпанијата Ер Индија.

Според телевизиските канали, несреќата се случила за време на полетувањето.

Снимките покажуваат запалени остатоци и густ црн чад како се издига кон небото над аеродромот.

Исто така, беа прикажани снимки од луѓе на носилки како се транспортираат со амбулантни возила.

Според извештајот на новинската агенција АНИ, во летот имало вкупно 242 лица, повикувајќи се на полициски контролен центар во државата Гуџарат.

Иран не се откажува од збогатувањето на ураниум

илустрација
илустрација

Иран нема да се откаже од своето право да збогатува ураниум поради зголемените тензии во регионот, соопшти Техеран во четврток (12 јуни).

Висок ирански функционер за Ројтерс изјави дека „пријателска“ земја во регионот го предупредила Техеран за потенцијален воен напад од страна на Израел.

Функционерот рече дека ескалацијата на тензиите имала за цел „да влијае врз Техеран да го промени својот став за своите нуклеарни права“ за време на разговорите со САД во Оман во неделата.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека американскиот персонал се преместува од Блискиот Исток бидејќи тој може да биде „опасно место“, додавајќи дека САД нема да дозволат Иран да има нуклеарно оружје.

Оман во четврток официјално го објави шестиот круг разговори меѓу Иран и САД во Оман во недела. Разговорите имаат за цел да ги ограничат напорите на Техеран да ја развие својата нуклеарна програма.

По пет рунди разговори меѓу иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, и пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, остануваат малку пречки.

Меѓу нив е и отфрлањето од страна на Иран на барањето на САД да се обврзе да се откаже од збогатувањето на ураниум.

Претходните рунди беа одржани во Мускат и во амбасадата на Оман во Рим.

По средбата со Вучиќ, Зеленски ѝ се заблагодари на Србија за поддршката

Српскиот претседател Александар Вучиќ и украинскиот претседател Володомир Зеленски
Српскиот претседател Александар Вучиќ и украинскиот претседател Володомир Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на 11 јуни објави дека разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на маргините на самитот Украина-Југоисточна Европа во Одеса.

Зеленски на платформата Телеграм напиша дека Украина и е благодарна на Србија за нејзината поддршка во зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на таа земја.

„Разговаравме за меѓусебна поддршка на патот кон Европската Унија, билатерална соработка и обнова на Украина. Ви благодарам за иницијативата да помогнете во обновата и да преземете покровителство за обнова на неколку населени места во Украина. Ова е навистина ефикасен формат на соработка и ќе сметаме на добри резултати“, напиша Зеленски.

Украинскиот претседател потсети дека претседателот на Србија ја посетува Украина за прв пат и нагласи дека „важно е да се биде тука и да се види војната со свои очи“.

Претходно на 11 јуни, Вучиќ на Инстаграм напиша дека имал „значаен и отворен разговор со Зеленски за клучните прашања на современите геополитички предизвици со кои се соочува Европа и целиот свет“.

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон го поздрави учеството на Вучиќ на самитот Украина-Југоисточна Европа, наведувајќи дека тоа може да се протолкува како силна поддршка за украинското раководство.

Вучиќ е единствениот учесник на Самитот кој не ја потпиша усвоената декларација, бидејќи, како што изјави за српските медиуми, таа повикува на воведување санкции против Русија поради војната против Украина.

Вучиќ, сепак, рече дека Зеленски „покажал почит кон територијалниот интегритет на Србија“ бидејќи на Самитот немало претставник на Косово и додаде дека тоа е „одличен гест“ кон Србија што „ќе го цени колку што е можно повеќе“.

Декларацијата, која беше потпишана на самитот во Одеса од страна на лидерите на Западен Балкан, вклучувајќи ги Романија, Молдавија, Грција и Хрватска, ја осудува инвазијата, повикува на членство на Украина во НАТО и ги осудува воените злосторства извршени од Русија, објави АФП.

Во документот, меѓу другото, се повикува Русија да ги повлече своите трупи од Украина и се осудува депортацијата на илјадници украински цивили, вклучувајќи и деца, од страна на Русија.

На почетокот на руската инвазија на Украина, Србија го поддржуваше територијалниот интегритет на таа земја, но до денес одбива да воведе санкции против Москва.

Српските власти продолжија да одржуваат врски со Русија, а на 9 мај Вучиќ беше во Москва на Парадата на победата по повод 80-годишнината од победата над фашизмот. Потоа се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.

Претседателот на Србија на својот Инстаграм профил објави дека на 11 јуни во Одеса се залагал за интензивирање на дијалогот и брзо постигнување мир.

Србија одржуваше официјална политика на неутралност за време на тригодишната офанзива на Москва против Украина и негираше вооружување на која било страна.

Сепак, на 28 мај, Службата за надворешна безбедност на Руската Федерација ја обвини Србија дека продолжува да испорачува муниција на Украина, „и покрај нејзината официјално прогласена неутралност“, и дека со тоа „и пука во грб на Русија“.

Реакцијата од Москва доаѓа откако пред години некои медиуми објавија дека српското оружје и муниција преку трети земји завршуваат во рацете на украински војници.

Официјален Белград постојано негира дека Србија директно извезува оружје во Украина или Русија и дека не може да влијае на тоа дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.

По објавата на руската служба, Вучиќ изјави дека договорите за продажба на оружје и муниција, каде што постои сомневање за злоупотреба и испраќање на украинското бојно поле, ќе бидат прекинати.

Косово привремено прифаќа 50 државјани од трети земји во рамки на договорот со САД

Депортација на мигранти од Тексас на границата со Мексико (илустрација)
Депортација на мигранти од Тексас на границата со Мексико (илустрација)

Привремената влада на Косово одлучи да обезбеди привремена заштита за 50 лица од трети земји, во рамките на соработката со Соединетите Држави.

„Лицата засегнати од оваа одлука, за време на нивниот престој во Република Косово, ќе постапуваат во согласност со важечкото законодавство и ќе ги уживаат правата утврдени со важечките закони“, објави привремената извршна власт по електронската седница одржана на 11 јуни.

Привремениот премиер на Косово, Албин Курти изјави дека престојот на до 50 лица во земјата, кои подоцна ќе се вратат во своите матични земји, ќе го управува и координира Министерството за внатрешни работи.

Курти на мрежата X напиша дека по донесувањето на оваа одлука косовските власти ќе работат „во тесна соработка со надлежните американски власти во текот на целиот процес“.

Во четврток, портпарол на американскиот Стејт департмент за Радио Слободна Европа изјави дека САД се „благодарни на нашиот партнер, Косово, за прифаќањето на државјани од трети земји кои ќе бидат депортирани од САД“.

„Ја поздравуваме соработката по овој клучен приоритет на администрацијата на Трамп“, рече портпаролот.

Портпаролот не одговори на конкретни прашања за тоа зошто е избрано Косово, кои критериуми се користеле за избор на мигрантите или дали Косово ќе добие поддршка или стимулации во замена за учество во овој договор. Стејт департментот упати дополнителни прашања до Владата на Косово.

Привремената влада на Косово во среда за Радио Слободна Европа потврди дека изразила подготвеност да соработува со Соединетите Држави во врска со прифаќањето и привременото сместување на државјани од трети земји во Косово, „во согласност со утврдените услови“.

„Во период од една година, до 50 лица можат привремено да бидат преместени, со цел да се олесни нивното безбедно враќање во нивната земја на потекло. Владата изрази подготвеност да се ангажира, со можност за избор на лица од предложениот список, под услов да ги исполнуваат одредени критериуми поврзани со владеењето на правото и јавниот ред“, изјави за Радио Слободна Европа, Перпарим Криезиу, портпарол на привремената влада на Косово.

Нереди во Лос Анџелес поради акцијата на службата за имиграција
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Стејт департментот на 6 јуни за РСЕ потврди дека земјите од Балканот се вклучени во контакти како дел од пошироката стратегија на САД за депортирање на странски државјани без регулиран статус.

„Американските партнери и регионалните лидери тесно соработуваат со нас за да се стави крај на кризата со нелегалната и масовна миграција“, нагласи Стејт департментот, додавајќи дека спроведувањето на миграциската политика на администрацијата на претседателот Доналд Трамп е еден од нејзините главни приоритети.

„Депортирањето на странци од САД, за кои постојат конечни одлуки за депортација, како и протерувањето на нелегалните мигранти, ги штити Соединетите Држави од странски терористи и други закани за националната безбедност и јавниот ред“, се наведува во одговорот.

За убиствата на Вања и Панче се бара доживотен затвор за четворица обвинети

Судење за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски
Судење за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Доживотен затвор за четворица обвинети побараа обвинителките од скопското јавно обвинителство во завршните зборови на судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тоа е максимална казна која ја бараат од судот за обвинетите Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски побараа судот да му ја одреди соодветната затворска казна.

Како што посочи обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска, исказите на обвинетите дадени пред Обвинителството не се совпаѓаат со исказите дадени пред судот, ниту пак, како што рече, се совпаѓаат со изведените докази. Според неа, не е нужно да се утврди мотивот за убиството, туку, како што рече, тој е субјективен однос на злосторникот кон делото.

„Отсуството на мотив не е причина некој да не биде осуден. Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. Дополнително ги трауматизираат фамилијата и јавноста со нивните негирања на доказите и со манипулациите. За сите четворица Јавното обвинителство бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира“, посочи обвинителката.

За таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, обвинителката рече:

„Нема потешка казна од загуба на дете и од живот со таква совест како во случајов на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски. Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на ќерка си и бараме соодветна казна за тоа”.

Стојковиќ Димитровска за првообвинетиот Палевски, нагласи дека ја водел целата операција, креирал алиби и уништувал докази. Според Обвинителството снимките и другите докази, ја утврдуваат неговата вина.

„Тврдеше дека снимките од пред куќата во мај е од друг период, мај 2023, но тие го немале возилото „рено кангу“ пред септември 2023. Палевски за себе се обидувал да создаде алиби. За 22 ноември се обиде алиби да му биде Ерол Османи, дека му го поправал котелот, но Османи тврди друго. За 27 ноември нема алиби, тврди дека бил во банка, но тоа е после 11 часот, а детето е убиено пред 9. Тврдеше дека нема податоци од базните станици за неговиот телефон, но тие постојат и не му одат во прилог. За време на злосторот носеле радиостаници. Сите обвинети имаат повици после 11 часот, рече обвинителката.

За Велибор Манев нагласи дека обвинетиот тврдел дека сакале да го грабнат Панче, но не и да го убијат, како и дека Вања била грабната по грешка, но, како што рече, и двете тврдења се неосновани.

Додаде дека исказот во Обвинителството даден од страна на обвинетиот Боре Видевски се совпаѓа со исказот на останатите обвинети. Вели неговата одбрана се состои од негирање пред судот иако претходно ги признал делата што му се ставаат на товар во исказот даден пред Јавното обвинителство.

За обвинетиот Влатко Кешишев рече дека тој се обидел да се прикаже само како послушник на првообвинетиот Љупчо Палевски и дека не бил соизвршител, но, според обвинителката, од доказите произлегува дека е соизвршител, бидејќи копал дупка, вршел обиколка околу куќата на Манев, ги закопувал убиените, носел радиостаница, како и ги возел обвинетите.

Ова е второ рочиште како обвинителството ги дава своите завршни зборови за грабнувањето и убиството на Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. Жежовски беше убиен на 22 ноември 2023 година а Вања 5 дена подоцна.

Мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, преку адвокатот кој ја застапува рече дека се согласува со кривичниот прогон, на обвинетите како и за поранешниот сопруг Александар, таткото на нејзиното убиено дете.

„Кога ќе слушневме за вакви брутални убиства на деца, на моите девојчиња им велев: Ова кај нас не се случува. Но, ми се случи мене. Го убија моето дете. Го испратив на училиште, по една недела ја дочекав во мртовечки сандак. Ова повеќе не смее да се повтори”, прочита адвокатката писмо од Зорица.

Кон кривичниот прогон се придружија и ќерките на Жежовски.

Судењето ќе продолжи со завршни зборови на одбраната, по што судот ќе треба да ја донесе и објави пресудата.

Јаневска: Учебници ќе има за секое дете

илустрација
илустрација

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека наредната учебна година ќе има учебници за секое дете и оти дотогаш ќе се надминат одредени недоразбирања што постојат на релации министерство-општини-училишта.

„Очигледно има некакви недоразбирања меѓу раководствата на училиштата, па и меѓу некои општини и централната власт. Учебници треба да има за секое дете. Министерството ќе обезбеди учебник за секое дете. Постојат нeкои недоразбирања каде што се бара учебници кои реално ги нема и реално нема ни учебници затоа што училиштата не ги побарале од министерството. Оваа година сериозно ќе се потрудиме тој предизвик да го надминеме“, истакна Јаневска на последниот ден од учебната година и по повод завршената реконструкција на ОУ „Андреја Савески - Ќиќиш“ во Тетово.

Проблемот со немање нови учебници се повторува на почетокот на секоја учебна година. Учебниците или не се секаде навреме доставени, или пак дел од тие што се доставени се стари и речиси неупотребливи.

Учебниците се печатат во тираж кој пред почетокот на учебната година, секое училиште го пријавува преку посебна електронска апликација на МОН, зависно од потребите како што е зголемен број на ученици или оштетени учебници.

На прашање до кога ќе се чекаат одредени реконструкции или нови згради за училишта низ државата, Јаневска посочи дека новата влада постојано вложува во инфраструктурата, но оцени дека за една година може да се направат само определени работи.

Министерката информираше дека со 32 000 000 евра се инвестира во повеќе инфраструктурни проекти и дека во моментов се градат седум училишни згради, 20 училишта се реновираат, а во тек е изградба на четири спортски сали и реконструкција на два студентски дома.

Неколкумина убиени во напад во училиште во Грац

илустрација
илустрација

Неколку лица биле убиени во пукотница што се случила денеска (10 јуни) во средно училиште во австрискиот град Грац.

Според таблоидот „Кронен цајтунг“, убиени се десет лица, вклучувајќи 7 ученици. Во извештајот се наведува дека неколку лица се повредени.

Повикувајќи се на полицијата, државната медиумска служба ОРФ објави дека неколку лица се тешко повредени, вклучувајќи ученици и наставници, и дека се верува дека нападот го извршил ученик кој подоцна извршил самоубиство.

ОРФ додава дека евакуацијата на училиштето е во тек.

Полицијата претходно потврди дека е во тек операција на улицата каде што се наоѓа средното училиште, но не даде дополнителни коментари за инцидентот.

Кривична пријава за градоначалникот на Росоман

илустрација
илустрација

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Кавадарци поднела кривична пријава против С.Н. во својство на градоначалник на Општина Росоман.

Како што соопштија од Финансиската полиција, пријавениот С.Н. во својство на градоначалник на Општина Росоман, во текот на 2022 и 2023 година постапил спротивно на Закон за градење чл. 58 став 2, а во врска со член 205 став 1 и чл. 209 од Закон за општа управна постапка, на начин што изготвил 6 лажни јавни исправи, од кои 4 одобренија за градење и 2 одобренија за реконструкција на улици.

„Истите во текот на 2022 и 2023 година ги употребил како вистински во правниот промет, а при тоа иако бил должен не ги водел во јавната евиденција, односно, во информацискиот систем „е-Одобрение за градење“, на кој начин за период од 2022 до 2024 година искористени се парични средства во износ од 14.023.318 денари обезбедени од страна на Центар за развој на Вардарски плански регион - Биро за регионален развој, парични средства во износ од 6.740.517 денари обезбедени од страна на општина Росоман и парични средства во износ од 15.134.066 денари обезбедени од страна на Министерство за транспорт, на кој начин спротивно на законските прописи за период од 2022 до 2024 година со изготвување на 6 лажни јавни исправи, одобренија за градење и реконструкции на штета на буџетот на општина Росоман, Центар за развој на Вардарски плански регион - Биро за регионален развој и Министерство за транспорт противзаконски искористени се парични средства во вкупен износ од 35.897.901 денари со што пријавениот го сторил кривичното дело фалсификување исправа чл. 378 став 1 и 3, а во врска со член 45 од КЗ на РСМ“, се наведува во соопштението од Управата.

Истао така, се додава дека пријавениот свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист во својство на градоначалник на Општина Росоман од 08.11.2021 година, ги надминал предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за репрезентација донесени од страна на Совет на општина Росоман, ги надминал и ненаменски искористил дел од предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за горива и масла (моторни возила) донесени од страна на Совет на општина Росоман, потпишувајќи и овозможувајќи од сметката на општина Росоман да се исплатат парични средства за нафтени деривати за возила кои не се во сопственост на општината.

Тој ги надминал и ненаменски искористил дел од предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за прехранбени производи и пијалаци донесени од страна на Совет на општина Росоман набавувајќи производи кои не се за потребите на општината, односно, купени биле повеќе видови на млечни и сувомеснати производи, поголеми количини на алкохолни пијалаци и друг вид на производи кои по својата природа се наменети за домашна потрошувачка кошничка.

Активистката Грета Тунберг и еден француски државјанин депортирани од Израел

Шведската активистка Грета Тунберг
Шведската активистка Грета Тунберг

Шведската активистка Грета Тунберг е депортирана од Израел, заедно со еден од шесте француски активисти, кои биле патници на хуманитарен брод што пловел кон Појасот Газа сè додека не бил уапсен од израелските власти, објави во вторник (10 јуни) францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

„Еден од нашите сонародници потпиша израелски формулар со кој прифаќа депортација без да чека одлука на судството. Неговото враќање во Франција се очекува денес. Другите петмина одбија, а нивната можна депортација ќе се случи по одлуката на израелски судија во наредните денови“, рече францускиот министер на маргините на конференцијата за заштита на океанот во Ница.

Министерот не го откри идентитетот на францускиот државјанин кој ќе се врати во земјата во вторник.

На едрилицата „Мадлин“, која исплови од Сицилија на 1 јуни, патуваа 12 лица, меѓу кои и шведската активистка за климатски промени Грета Тунберг и француската европратеничка Рима Хасан.

Тунберг и другите активисти беа однесени на аеродромот во Тел Авив пред да бидат депортирани, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.

Бродот бил однесен во израелското пристаниште Ашдод, објави Ројтерс.

„Се очекува дека дел од патниците на „селфи јахтата“ ќе го напуштат Израел во наредните часови. Оние кои ќе одбијат да потпишат документи за депортација и да ја напуштат земјата ќе бидат изведени пред судија, во согласност со израелскиот закон, за да ја одобри нивната депортација“, информира министерството.

Активистите беа посетени на аеродромот од дипломатски претставници на нивните земји, додаде израелското министерство.

Целта на Мадлин беше да им донесе хуманитарна помош на Палестинците и да ја прекине израелската блокада на таа палестинска територија, која, според Обединетите нации, е загрозена од глад.

Тоа беше втор обид на организацијата „Флота на слободата“ да го испрати својот брод во Газа.

На почетокот на мај, бродот „Совест“ го запре своето патување кон енклавата откако беше погоден од два дрона во близина на малтешките територијални води, објави Ројтерс.

Мадлин се обидела да донесе овошни сокови, млеко, ориз, конзервирана храна и протеински плочки во Газа, донации од стотици граѓани на сицилијанскиот град Катанија, изјави претходно новинарката Андреа Легни, една од патниците на бродот.

update

Руски напади врз Киев и Одеса, Зеленски повика на конкретна акција од светот

Последиците од рускиот напад врз Киев, Украина, 10 јуни 2025 година
Последиците од рускиот напад врз Киев, Украина, 10 јуни 2025 година

Во нападот со руски беспилотни летала врз украинскиот град Одеса, погодени се медицински установи и станбени згради, а еден 59-годишен маж е убиен, додека четири лица се повредени, објави на Телеграм Олег Кипер, гувернер на Одесската област.

„Исто така, цел на нападот беше и породилиштето“, додаде Кипер.

Во главниот град на Украина, службите за итни случаи интервенираа во четири градски области неколку часа по полноќ, објави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм.

Москва изјави дека тоа е одмазда за неодамнешните украински напади врз руска територија.

Претседателот Володимир Зеленски повика на акција „а не на молк од светот“ за да се стави крај на повеќе од тригодишната војна.

„Од суштинско значење е одговорот на овој и други слични руски напади да не биде молчење од светот, туку конкретна акција. Акција од Америка, која има моќ да ја принуди Русија на мир. Акција од Европа, која нема друга алтернатива освен да биде силна. Акција од другите ширум светот кои повикаа на дипломатија и крај на војната - и кои Русија ги игнорираше. Мора да има силен притисок заради мирот“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Нападите се случија откако украинските сили извршија таен напад со беспилотни летала наречен „Операција Пајажина“ на 1 јуни против руски воени бази длабоко во Русија.

По тој напад, американскиот претседател Доналд Трамп го повика рускиот претседател Владимир Путин и му рече дека Путин ветил многу силен одговор на нападите.

За време на руските напади рано наутро во вторник, сирените за воздушен напад беа активирани во поголемиот дел од Украина, вклучувајќи ги и регионите Донецк, Луганск и Харкив.

Шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, изјави дека нападите врз различни населби биле извршени истовремено.

Остатоците од соборените проектили паднале врз неколку згради низ градот, а пожари избувнале и во станбена зграда и магацини, додаде тој.

Во Одеса, според гувернерот Кипер, пациентите и персоналот успеале да ја евакуираат медицинската станица и породилното одделение, додека некои амбулантни возила биле оштетени.

Повредените добиваат медицинска помош, рече Кипер. Починатиот 59-годишен маж сè уште не е јавно идентификуван.

Нападот се случи еден ден по почетокот на размената на воени заробеници, во која ќе бидат вратени тешко ранети и болни затвореници, лица под 25 години, како и телата на 12000 мртви војници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека размената ќе се одвива во неколку фази, опишувајќи го како сложен процес со многу чувствителни детали.

Рускиот претседател Владимир Путин ја започна целосната инвазија на Украина во 2022 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG