Вести
Во РС усвоен закон со кој се забранува работењето на Судот и Обвинителството на БиХ

Националното собрание на Република Српска (НСРС) усвои закон со кој се забранува работата на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина, Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) и на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ (ВСТС).
Со гласовите на претставниците на владејачката коалиција, предводена од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), беше усвоен Законот за неизвршување на законите и забрана на акти на вонуставни институции на БиХ, со кој се предвидува законите за Судот на БиХ, за Обвинителството на БиХ, СИПА и ВСТС повеќе нема да се применуваат територијата на РС.
Надлежните институции и тела на РС се должни да ги преземат сите мерки за да се обезбеди спроведување на овој закон, се наведува во неговото образложение, што до Собранието го предложи Владата на РС.
Пратениците на владејачката коалиција, исто така, усвоија закон со кој се основа Висок судски и обвинителски совет на РС (ВСТС), што треба да ги преземе овластувањата на ВСТС на Босна и Херцеговина, односно да ги пропише овластувањата, условите и мандатот за вршење на судските и обвинителските функции, како и за назначување на судиите и јавните обвинители.
Со исто толку гласови беа усвоени измените на Кривичниот законик на РС, според кои ќе одговараат сите функционери на РС кои не ги почитуваат одлуките на ентитетските тела и институциите во органите на БиХ, за што се закануваат затворски казни од шест месеци до пет години, како и забрана за вршење јавна должност.
Собранието на РС вечерва го усвои Законот за посебен регистар и јавност на работата на непрофитните организации кои финансиски или на друг начин им помагаат на странски субјекти, таканаречениот Закон за „странски агенти“.
Цел на законот, како што објаснува Владата на РС како предлагач, е да се објави работата на непрофитните организации, односно да се формира регистар на невладини организации кои се финансираат од странство, како и да се следи нивната политичка активност и политички активности, „кои ги дефинираат како агенти на странско влијание“.
Пратениците од опозициските партии во РС не присуствуваа на гласањето.
Овие закони Владата на РС ги упати во собраниска процедура веднаш по вчерашната пресуда на Судот на БиХ против претседателот на РС Милорад Додик за неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХ.
види ги сите денешни вести
Собранието го констатираше престанокот на функцијата Народен правобранител на Насер Зибери

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на почетокот на денешната седница (17 јули) соопшти дека на 12 јули 2025 година му престанала функцијата Народен правобранител на Насер Зибери, поради исполнување на условите за старосна пензија.
„Ве известувам дека Народниот правобранител Насер Заибери на 12.07.2025 година исполни услови за старосна пензија. Констатирам дека врз основа на член 9 став 1 од точка 3 од Законот за Народниот правобранител на Народниот правобранител Насер Зибери му престанува функцијата Народен правобранител на 12 јули 2025 година поради исполнување на условите за старосна пензија“, рече Гаши.
Претходно, народниот правобранител Зибери обвини дека Собранието го прекршило Законот за народен правобранител, бидејќи не распишало оглас за нов мандатар во предвидениот рок, односно најдоцна три месеци пред истекот на мандатот. Токму поради тоа, оваа институција сега останува без Омбудсман.
Пратениците кои го поднесоа барањето до Собранието за распишување на оглас за избор на нов, на само два дена пред тој да замине во пензија, рекоа дека не биле известени навремено кога се исполнува условот за старосна пензија.
Мандатот на Зибери започна во јануари 2021-ва и завршува по 4 и пол години, иако според законот треба да трае 8 години. На изборите 2020-тата, ДУИ го промовираше како кандидат за премиер -Албанец, а тогашната опозициска партија од албанскиот блок поради тоа го оспоруваше неговиот избор за Омбудсман.
Дополнително на оваа институција и недостигаат уште најмалку петмина заменици, чии мандати истекоа во изминативе три години, а пратениците од последните два пратенички состава не ги разгледаа понудените кандидати за пополнување на нивните позиции.
Инаку Зибери го депонирал потписот на еден од тројцата заменици кои се уште имаат активен мандат, Илбер Руфати од Кичево, затоа што неговата колешка од Битола, Лилјана Илиевска за неколку дена заминува во пензија, а колешката од скопската канцеларија Соња Трифуновска одбила.
Минчев: Администрацијата ќе работи во служба на јавниот интерес, а не под нечиј диктат

Граѓаните можат да бидат сигурни дека јавната администрација ќе биде поодговорна, поискусна и ќе работи во служба на јавниот интерес, а не под ничиј личен или партиски диктат. Ова денеска го изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Во обраќање на сесијата на Националната конвенција за ЕУ на Работната група 6-Антикорупција на тема „Административни капацитети за унапредување на вредноста на потрошени јавни средства: Што можеме да научиме од искуствата на ЕУ? “, Минчев рече дека отчетноста на администрацијата е клучен предуслов за враќање на довербата на граѓаните и оти реформата на јавната администрација претставува важен предуслов во процесот на европската интеграција на државава.
Министерот потсети дека согласно новата Методологија за пристапни преговори, реформата на јавната администрација за првпат конкретно се дефинира како област која е опфатена со процесот и е дел од првиот Кластер-Основи, кој е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина.
„Јавната администрација претставува еден од клучните столбови на евроинтегративниот процес. Без ефикасна, стручна и одговорна администрација, која е во состојба да ги спроведе реформите и да обезбеди усогласеност со европските стандарди, невозможно е успешно да го затвориме ниедно од преговарачките поглавја“, истакна Минчев.
Тој додаде дека предизвик останува континуираното работење на модерна и ефикасна јавна администрација, базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти.
Во рамки на тековната Стратегија за реформа на јавната администрација, посебен фокус е ставен на професионализацијата на администрацијата, рече Минчев.
Во таа насока минатата недела Собранието ги усвои новите законски решенија за административни службеници, за вработените во јавниот сектор, за стручно усовршување и обука на административните службеници и за инспекциски надзор.
Овие реформи се темелат на принципите на стручност, заслуги и интегритет. Тие гарантираат дека секој административен службеник ќе биде избран, унапреден и оценуван според својот професионален капацитет и личен квалитет – а не според политички или други влијанија, потенцира тој.
Појасни дека во законските решенија се воведуваат механизми за континуирано стручно усовршување, модернизација на човечките ресурси и деполитизација на администрацијата.
Наведе и дека реформите предвидуваат заштита од корупција и политички влијанија, преку конкретни мерки, меѓу кои граѓаните добиваат подеднакви шанси за вработување, базирано на компетенции, без потреба од „врски“ или партиски позадини.
Меѓу останатите мерки ги наведе и тоа што унапредувањата и оценувањата сега ќе се засноваат на реален учинок, редовно следени преку индикатори за перформанси и професионално однесување.
Најмалку 60 загинати во пожар во трговски центар во Ирак

Најмалку 60 лица загинале во пожар во хипермаркет во градот ал-Кут во источен Ирак, додека 11 лица се водат како исчезнати, соопштија локалните здравствени власти, пренесе Ројтерс.
„Имаме повеќе тела кои не се пронајдени и се под урнатините на пожарот“, изјави за Ројтерс градскиот службеник Али ал-Мајахи.
Причината за пожарот сè уште не е позната, но гувернерот на покраината изјави дека прелиминарните резултати од истрагата ќе бидат објавени во рок од 48 часа, објави државната новинска агенција ИНА.
„Покренавме тужби против сопственикот на зградата и трговскиот центар“, рече гувернерот, според агенцијата ИНА.
Пожарот во трговскиот центар, кој беше отворен пред само пет дена, избувна во среда навечер и оттогаш е ставен под контрола.
Како што пишува Би-Би-Си, амбулантните возила продолжиле да ги транспортираат жртвите до болницата во градот, кој се наоѓа на околу 160 километри од Багдад, во текот на ноќта.
ЦУК: Активни три пожари, еден е под контола, а 17 се изгаснати

Во текот на изминатото деноноќие имаше вкупно 21 пожар, од кои три се активни, еден е под контрола, а 17 се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.
Активни пожари има кај велешките села Џидимирци, Крушје, Иванковци, помеѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа во Општина Македонски Брод и кај село Нивичино во Општина Василево.
Под контрола е пожарот кај село Николич во Општина Дојран.
За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари.
Во функција се ставени 38 стари армиски и полициски возила кои биле неупотребливи и расходовани, за да се интервенира на тешко пристапни места.
Група инвеститори ја тужат Мета поради кршење на приватноста на податоците

Повеќе инвеститори поднесуваат колективна тужба против директорот на компанијата „Мета“, во чија сопственост е Фејсбук, Марк Закерберг, во износ од осум милијарди долари.
Тие се сомневаат дека социјалната мрежа во 2018 година им дозволувала на трети лица, вклучувајќи ја и фирмата Кембриџ Аналитика, да пристапуваат до личните податоци на корисниците.
Во тужбата, инвеститорите тврдат дека „Мета“ не ги открила целосно ризиците од злоупотреба на личните податоци на корисниците на Фејсбук од страна на компанијата Кембриџ Аналитика, која ја поддржувала републиканската претседателска кампања на Доналд Трамп во 2016 година.
Акционерите наведуваат дека официјалните лица во Фејсбук повеќекратно и континуирано го прекршувале договорот од 2012 година со Сојузната комисија за трговија (ФТЦ), според кој Фејсбук се обврзал да престане да собира и споделува лични податоци на корисниците и нивните пријатели без нивна согласност.
Во тужбата понатаму се наведува дека Фејсбук подоцна продавал кориснички податоци на комерцијални партнери, што е директно кршење на тој договор, како и дека ги отстранил известувањата од поставките за приватност кои биле во рамките на договорот.
Поради овие настани, Фејсбук се согласи да плати казна од 5,1 милијарди долари за решавање на обвиненијата од ФТЦ. Сега, акционерите бараат Закерберг и другите да и ја надоместат на „Мета“ казната од ФТЦ и другите правни трошоци, кои тужителите ги проценуваат на повеќе од осум милијарди долари.
Се очекува судењето да трае до крајот на следната недела и ќе вклучува сведочења и од Закерберг и од поранешната извршна директорка за операции, Шерил Сандберг.
Израел го нападна Дамаск додека беснеат борби во јужна Сирија

Силни воздушни напади денеска го потресоа Дамаск, а беа насочени кон Министерството за одбрана, додека Израел вети дека ќе ги уништи сириските владини сили што ги напаѓаат заедниците Друзи во јужна Сирија и побара нивно повлекување.
Немаше непосреден коментар од Израел за силните напади денеска попладнево, за кои сириските државни медиуми соопштија дека биле извршени од израелските сили.
Израелската армија претходно најави напад врз влезот во комплексот на Министерството за одбрана.
Непосредно пред силните експлозии, министерот за одбрана Израел Кац рече дека „ќе следат болни удари“.
Десетици луѓе беа убиени оваа недела во насилство околу јужниот град Сувајда, каде што борците нд Друзите се судрија со владините безбедносни сили и припадници на бедуинските племиња, поради што Израел постојано интервенираше за да ги заштити Друзите.
Насилството ги истакна главните предизвици со кои се соочува привремениот претседател Ахмед ал-Шара, и покрај подобрувањето на односите со Соединетите Американски Држави, додека тој се обидува да ја обедини Сирија во услови на длабока недоверба меѓу групите што ја отфрлаат исламистичката власт.
Сириските владини трупи беа испратени во регионот Сувајда во понеделник за да ги смират судирите меѓу борците Друзи и вооружените бедуини, но на крајот се судрија со милициите на Друзите.
Друзите се следбеници на религија што е гранка на исламот и живеат во Сирија, Либан и Израел.
Претходно, безбедносни извори од сириското Министерство за одбрана изјавија за Ројтерс дека најмалку две беспилотни летала ја погодиле зградата и дека офицерите се засолниле во подрумот.
Државната телевизија Елехбарија објави дека двајца цивили се ранети во нападот.
Израелската армија објави дека „ја погодила влезната порта на комплексот на воениот штаб на сирискиот режим“ во Дамаск.
Тие, исто така, продолжија да напаѓаат цели на „сирискиот режим“ во јужна Сирија, вклучувајќи тенкови и камиони со митралези што се движеле кон Сувајда.
Сириската мрежа за човекови права објави дека 169 лица се убиени во насилството оваа недела. Безбедносни извори ја проценуваат бројката на 300. Израел, кој редовно ја бомбардираше Сирија под водство на соборениот претседател Башар ал-Асад, бара новата исламистичка влада да ги држи своите сили подалеку од јужна Сирија.
Тие ветија дека ќе ги заштитат Друзите и испратија израелски трупи на сириска територија долж Голанската Висорамнина окупирана од Израел.
Пратеникот на САД за Сирија, Том Барак, кој ја пофали новата сириска влада и во мај рече дека мирот меѓу Сирија и Израел е можен. Тој во вторникот изјави дека Вашингтон е во контакт со сите страни „за да се постигне мир и интеграција
Украинскиот парламент поддржа зголемување на трошоците за одбрана

Украинскиот парламент денеска даде првично одобрение за дополнителни 9,8 милијарди долари буџетски средства за војската и одбраната оваа година, бидејќи војната со Русија трае без јасен крај на повидок.
Парламентот ги одобри измените на буџетот на прво читање, зголемувајќи ги рекордните трошоци за одбрана во буџетот за 2025 година од 2,2 трилиони гривни (53,2 милијарди долари) на дополнителни 412 милијарди гривни (9,8 милијарди долари), соопштија пратениците и Министерството за финансии, објави Ројтерс.
„Потребата за измени на државниот буџет за 2025 година произлегува од потребата да се обезбедат одбранбените сили со дополнително оружје, муниција и воена опрема“, соопшти Министерството за финансии.
Роксолана Пидласа, претседателка на парламентарниот буџетски комитет, изјави дека околу 216 милијарди гривни ќе бидат насочени кон купување и производство на дополнително оружје.
Владата планира да собере дополнителни средства преку домашниот пазар на државни обврзници.
Исто така, очекува повисоки даночни приходи откако Киев одлучи да зголеми разни даноци минатата година, соопшти министерството.
Додека руските сили продолжуваат со бавното, но стабилно напредување во источна Украина, заземајќи село по село во последните месеци, а обидите за мировни преговори не дадоа резултати, Украина и Русија водат и економска битка, велат аналитичарите, објавува Ројтерс.
Економијата на Украина покажа релативна отпорност во текот на речиси три и пол години војна, благодарение на прилагодливоста на домашните фирми и милијарди долари странска помош од западните сојузници.
Украина доби повеќе од 135,4 милијарди долари странска финансиска помош од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, според Министерството за финансии.
Инвазијата го намали БДП на Украина за околу 29 проценти во 2022 година, но економијата забележа скромен раст во 2023 и 2024 година. Оваа година се очекува раст од околу 2,7 проценти, вели владата.
Сепак, економијата на Русија е значително поголема.
Русија ги зголеми државните трошоци за национална одбрана за една четвртина во 2025 година, достигнувајќи 6,3 проценти од БДП, највисоко ниво од Студената војна. Трошоците за одбрана сочинуваат 32 проценти од вкупниот федерален буџет на Русија за 2025 година.
Полицијата влегла во неколку скопски општини поради обезбедување докази за дивоградби

Повеќе оддели во рамки на МВР-организиран криминал, крим полиција, СВР Скопје во текот на вчерашниот ден влегле во повеќе општини во рамки на Град Скопје при што постапуваат по конкретни наредби дадени од јавен обвинител, а поврзани со бесправни градби, информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во насока на обезбедување докази за бесправна градба, Тошковски посочи дека е влезено во општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода.
„Не би можел да споделам во овој момент информации во врска со обезбедна документација, но сакам да напоменам дека ова се тековни активности на МВР. Ова не е сега јавноста има интерес за конкретната тема и МВР постапува, туку ова се тековни активности по коишто постапуваме секојдневно“, изјави Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на меморандум за соработка со Црвениот крст.
Тошковски истакна дека мора да се постапи согласно закон и доколку се утврди дека станува збор за дивоградба и престатвува ризик за безбедноста на граѓаните, истата ќе биде предмет на уривање.
Прашан дали МВР постапува по пријавите од градоначалничката Данела Арсовска, Тошковски рече МВР постапува во сите предмети во кои добива наредба од Јавното обвинителство или каде имаат соодветни информации и самите преземаат одредени дејствија.
„Ова не го говорам заради тоа што е поврзано со темата, која се наметнува во јавноста во последнио период, ова го говорам затоа што е тековна активност на МВР во континуитет. За разлика од претходно предметите не се ставаат во фиоки, туку напротив континуирано и активно се работи и се преземаат дејствија. Факт е дека градоначалничката се што има собрано како доказен материјал го доствува до Јавното обвинителство за организиран криминал и така треба. Јавното обвинителство постапува и дава наредби до МВР, а кое постапува согласно конкретни наредби од јавен обвинител и така треба да функционира едно нормално општество. Секој треба да си ја работи својата работа во рамки на делокругот на работење“, изјави Тошковски.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на 31 мај достави документи за незаконски легализации на дивоградби во Обвинителството, а на 27 јуни до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) достави докази за нови, како што рече, криминални легализации од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Таа неодамна беше физички нападната во Општина Чаир, додека вршела увид на терен, на локација каде што се гради дивоградба спроти Полициската станица Чаир. МВР поднесе кривични пријави против две лица кои физички ја нападнале градоначалничката, а Обвинителството поведе постапка и побара притвор за првоосомничениот и мерки за претпазливост за другото лице.
По овој инцидент, Арсовска доби 24 часовно полициско обезбедување.
Коцевски: Нема политичко влијание на мојата работа

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека врз неговата работа нема политичко влијание, оценувајќи го извештајот на Европската комисија за правосудството како реален и објективен.
Тој посочи на напредок во транспарентноста и борбата против високата корупција, но и на сериозни предизвици како што се недоволниот буџет и недостигот од кадар во Обвинителството.
Одговарајќи на новинарски прашања поврзани со извештајот на Европската комисија околу правосудството, Коцевски посочи дека Комисијата правилно ги проценила работите.
„Европската комисија правилно ги проценила работите. Последниот период навистина се зголеми транспарентноста и потоа она сѐ што јас го ветив на почетокот, а тоа е давање приоритет на предметите за висока корупција и истите се ажурираа и до овој момент навистина имаме успех. Во однос на останатото, точно е тоа дека јавното обвинителство има помалку предвидени средства во однос на она што следува со закон и тоа го воочила Комисијата, така да во тој дел сметам дека се она што е напишано реално во однос на односот на Јавното Обвинителство. Можам да кажам одговорно дека лично на мене нема никакво влијание ниту еден политичар досега во однос на некои предмети“, истакна Коцевски.
Прашан дали се размислува за раздвојување на предметот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Коцевски рече дека најверојатно тоа нема да се направи, дополнувајќи дека ЈО има искуство со поголем број обвинети во еден предмет.
„Јавното обвинителство тргна токму од тие околности, дали може да се раздвои постапката или не може да се раздвои имајќи ги предвид низа околности. Ако се раздвоеше постапката, можеби ќе се комплицираше, а се работи за ист кривично-правен настан, што значи дека доколку таму во една постапка бидат обвинети, во друга постапка може да бидат сведоци и така натаму. Меѓутоа има и од претходното искуство што имаше предмети со над 30 обвинети. Сметам дека не е бројката многу голема и чекаме сега одобрување на обвинителниот акт. Тоа е еден предмет, а другиот предмет, се надевам дека некаде во почетокот на септември ќе заврши истрагата за полициските службеници што е предметот во организиран криминал“, изјави Коцевски.
Меѓудругото, републичкиот обвинител информираше и дека за сите пријави за дивоградби во Општината Чаир како и за територијата на цела држава се постапува со предистраги и истраги, но не посочи бројки.
„Околу дивоградбите имаме неколку предмети. Имаме предмети во истрага, имаме предмети во предистрага. За последните случувања, знаете, вчера судот по жалба на јавното обвинителство определи притвор за потенцијалниот сторител на кривичното дело што значи Јавното обвинителство (ЈО) и понатаму ќе постапува по секоја кривична пријава или евентуално по секој поднесок во врска со дивоградбите и тука, не се сомневам дека јавните обвинители ќе постапуваат правилно. Она што вчера го слушнав дека градоначалничката поднела нова кривична пријава. Истата ќе се процесира во најбрз можен рок. Старите се во тек, што значи дека по собирање на доказите ќе се донесе јавнообвинителска одлука. Затоа, реков истрага има, така што ќе се постапи“, истакна обвинителот Коцевски.
Советот на јавните обвинители денеска (16 јули) ја одржа дваесет и седмата седница на која беа избрани двајца нови обвинители во Основно јавно обвинителство Скопје и во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Летонија ја испорача првата пратка оклопни возила „Патрија“ за Украина

Летонија испорача нова пратка воена помош на Украина, додека оваа земја продолжува да се брани во актуелната војна со Русија, јави ДПА.
За време на посетата на летонската премиерка Евика Силиња на Киев, оваа балтичка земја, членка на ЕУ и НАТО, на украинските вооружени сили има предаде 15 оклопни транспортери „Патрија 6x6“, објави Министерството за одбрана.
„Летонската поддршка за Украина не се само зборови, туку конкретни акции“, беше цитирана Силиња во соопштението, пренесено од германската агенција.
Летонија планира во текот на оваа година во Украина да испорача вкупно 42 оклопни возила. Возилата се произведуваат во Летонија од страна на „Патрија“, финска компанија од одбранбениот сектор.
Покрај оклопните транспортери, Рига се подготвува да обезбеди беспилотни летала и друга воена опрема во вредност од 70 милиони евра.
Летонија, исто така, планира да обучи до 4000 украински војници како дел од својата постојана помош.
Украина повеќе од три години се брани од целосната руска инвазија со поддршка на западните сојузници. Летонија, која граничи и со Русија и со нејзиниот близок сојузник Белорусија, е меѓу најцврстите поддржувачи на Киев, потсетува ДПА.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете