Гласот на обесправените чии граѓански права биле прекршени од институциите ќе нема кој да го слушне. Функционирањето на механизмот за заштита на граѓанските права „Народен правобранител“ е доведено во прашање откако оваа институција остана „обезглавена“ по заминувањето во пензија на досегашниот омбудсман Насер Зибери.
Наместо навремена процедура, Собранието го прекрши Законот за народен правобранител, не распишувајќи оглас за нов мандатар во предвидениот рок – најдоцна три месеци пред истекот на мандатот, обвини Зибери.
Пратениците кои го поднесоа барањето до Собранието за распишување на оглас за избор на нов, на само два дена пред тој да замине во пензија, велат дека не биле известени навремено кога се исполнува условот за старосна пензија.
Мандатот на Зибери започна во јануари 2021-ва и завршува по 4 и пол години, иако според законот треба да трае 8 години. На изборите 2020-тата, ДУИ го промовираше како кандидат за премиер -Албанец, а тогашната опозициска партија од албанскиот блок поради тоа го оспоруваше неговиот избор за Омбудсман.
Претседателката на здружението „Млади правници“ Бојана Божиновска Силјановска вели дека е клучно да не се одолговлекува процесот со избор на Омбудсман.
„ Тука е настанат правен вакуум, но поволност е што законот предвидел заменици кои треба да делуваат во случај на спреченост. Во целата ситуација најдобро е што е можно побрзо да се разреши собраниската дилема со изборот на Народен правобранител, за да не се наруши правниот континуитет, во институцијата која е задолжена да ги брани правата на граѓаните“, вели Божиновска Силјановска.
Дополнително на оваа институција и недостигаат уште најмалку петмина заменици, чии мандати истекоа во изминативе три години, а пратениците од последните два пратенички состава не ги разгледаа понудените кандидати за пополнување на нивните позиции.
Со тоа е нарушен правниот континуитет, и создаден е институционален вакуум во кој Омбудсманот, како последна инстанца за граѓаните кои се чувствуваат обесправено од државните институции, нема да може во целост да делува по нивните претставки.
Последиците врз грбот на најранливите
Оставањето на оваа функција празна, значи намалување на правната сигурност и правната заштита – особено за ранливите категории граѓани, како што се децата, лицата со попреченост, сиромашните и малцинствата.
„Институцијата не може да дејствува во целост затоа што ќе функционира без мандат да носи значајни одлуки или да иницира процеси од суштинско значење за заштита на правата. Тоа значи дека претставките на граѓаните кои се жалат на институционална неправда, злоупотреби, непостапување или лошо постапување на државни институции и фукционери, нема да се разгледуваат навремено, а со тоа државниот апарат ќе биде во една комотна состојба“, објаснува Зибери за Радио Слободна Европа, опишувајќи ја ситуацијата како многу загрижувачка.
Постои опасност да заглават и проектите кои се во тек во институцијата со ОБСЕ, УНДП, Високиот комесар за човекови права, проект со ЕУ за владеење на правото во делот на кластерот за фундаментални права.
„И тие се доведуваат во прашање, веќе имаме и реакција од ОБСЕ, бидејќи тие распишаа огласи за неколку проекти во делот на соработката со Народниот правообранител, парите се потрошени, а сега не може тоа да се финализира и валидизира. Мислам дека проблеми ќе има, да се надеваме со помалку последици да помине“, вели Зибери.
Во последниот извештај за 2023 и 2024 година, изготвен од европратеникот Томас Вајц е наведено дека тој со жалење констатира дека продолжува недостатокот на напредок во зајакнувањето на канцеларијата на Народниот правобранител.
„Ги повикувам властите на Северна Македонија да се воздржат од нетранспарентни, политизирани разрешувања и назначувања на позиции во независни тела и агенции, како и да обезбедат институциите да бидат соодветно финансирани и одлуките и препораките да се спроведуваат доследно“, се вели во Извештајот.
Ситуацијата не е административен превид, затоа што законските обврски на пратениците да изберат заменици народни правобранители во два наврата беа игнорирани. Огласи беа распишувани, па поништувани затоа што недостасуваше собраниска одлука.
Институционалната тишина што следи по пензионирањето на народниот правобранител е резултат на доцнењето во спроведување на изборната постапка.
Дали Бадентерот може да го „заглави“ изборот на нов Омбудсман?
Огласот е распишан на 10 јули, а по неговото објавување во Службен весник тече рокот од 10 дена за пријавување на кандидати кои сакаат да бидат Омбудсман. Тоа значи дека ќе се создаде празнина во работењето од најмалку половина месец. Дополнително првата недела од август се очекува да бидат распишани локалните избори, по што следува традиционалниот пратенички распуст за годишните одмори.
Но, изборот на нов Омбудсман може да биде отежнат поради правилото за избор со „бадентер“ според кое е потребно мнозинство гласови од пратениците од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.
Причината за тоа се условите во кои функционира владејачкото мнозинство откако еден од коалиционите партнери во Влен, Арбен Таравари замина во опозиција со уште тројца пратеници, како и јавниот отпор на опозициската ДУИ со негласање во Собранието.
Во актуелниот состав на македонското Собрание, од вкупно 120 пратеници, 39 се припадници на малцинствата кои гласаат по принципот на Бадентер.
Ова значи, дека за власта да биде „комотна при одлучување“ и се потребни 20 пратеници. Владејачкото мнозинство сега има 11 пратеници кои доаѓаат од коалицијата Влен и уште три-четворица кои се од малцинствата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери.
Според пратеникот Бобан Карапејовски од владејачката ЗНАМ, еден од тројцата пратенци од владејачкото мнозинство кои предложија распишување на оглас за избор на нов Народен правобранител, политичките несогласувања не треба да бидат пречка за избор на најдобриот можен кандидат кој ќе ги исполнува условите.
„Јас не очекувам дека некој ќе прави политички проблем од институција која е во служба на граѓаните, дека некој тоа би го политизирал“, вели Карапејовски за РСЕ.
Но, опозицискиот пратеник Халил Снопче вели дека нема да дадат „бланко“ поддршката, ако предлогот не е независен и квалитетен избор кој ќе ги штити интересите на сите граѓани.
„Од претходното искуство со „мал бадентер“, можно е се избере еднострано без поширок консензус со веќе позната тактика на власта, а тоа е да начекаат шанса кога опозициските пратеници се отсутни во Собранието, па со мало мнозинство од присутните да изберат нов Народен правобранител. Но, ако треба голем бадентер, нема да може да помине без наша поддршка“, објаснува Снопче кој додава дека не биле консултирани за изборот.
Инаку Зибери го депонирал потписот на еден од тројцата заменици кои се уште имаат активен мандат, Илбер Руфати од Кичево, затоа што неговата колешка од Битола, Лилјана Илиевска за неколку дена заминува во пензија, а како што вели, колешката од скопската канцеларија Соња Трифуновска одбила.
„ Јас последните денови направив сериозен обид барем во финансиското работење на институцијата, да нема последици, да може да добиваат плата вработените и да се исплатат основните трошоци, но тоа се лимитирани овластувања кои можев да ги пренесем кон заменикот, другиот дел од функционирањето ќе се блокира целосно“, предупредува тој.
Само во текот на минатата година, речиси три илјади граѓани побарале помош од оваа институција, затоа што им било прекршено одредено право во дел од државните инститиции. Најчесто се жалеле на повреди во правните постапки пред судовите. За прв пат лани започна да расте бројот на граѓани кои си ги бараат своите права на здрава животна средина и заштита од загадувањето.