Вести
Георгеску се бори против забраната да учествува на изборите во Романија

Романскиот екстремно десничарски политичар Калин Георгеску вети дека ќе се бори за да биде вклучен во повторените претседателските избори, откако неговата дисквалификација предизвика судири меѓу стотици негови поддржувачи и полицијата.
Со оглед на тоа што главниот град Букурешт сега е центар на насилствата, Георгеску ги повика своите поддржувачи да останат мирни додека се бори да ја поништи одлуката на Централната избирачка комисија еден ден претходно.
„Одиме заедно до крај за исти вредности, мир, демократија, слобода“, напиша Георгеску на социјалните мрежи.
Сега тој има рок до 19 часот да поднесе жалба на одлуката на ЦИК со која се дисквалификуваше неговата апликација врз основа на одлуката на Уставниот суд со која беа стопирани првичните избори во ноември по неговата победа во првиот круг.
„Не смееме да предизвикаме насилство или други форми од тоа што се случи вчера вечерта“, додаде Георгеску.
Романските власти соопштија дека 13 припадници на безбедносните сили биле повредени во судирите, во кои демонстрантите палеле автомобили, кршеле излози и фрлале камења врз полицијата, која одговорила со солзавец и приведување демонстранти.
„Правото на слободно изразување е основно право на секој граѓанин, но тоа мора да се оствари во границите на законот и со почитување на јавниот ред и безбедност“, изјави за новинарите мајор Ана Бурчи, портпарол на Генералниот инспекторат на романската жандармерија.
Георгеску, кој е критичен кон НАТО и се спротивставува на поддршката на Романија за Украина против руската инвазија, ја поднесе својата кандидатура за повторените избори кои ќе се одржат на 4 мај.
ЦИК имаше 48 часа да ја прифати или одбие апликацијата.
Доцна на 9 март, беше соопштено дека кандидатурата на Георгеску „не ги исполнува условите предвидени со закон, како што ги утврди Уставниот суд во декември 2024 година“, повикувајќи се на пресудата за откажување на претседателските избори.
Георгеску и неговите поддржувачи тврдат дека романските власти се обидуваат да ја блокираат неговата кандидатура. Тој луто реагираше на одбивањето, нарекувајќи го „директен удар во срцето на демократијата“.
„Ми остана уште една порака! Ако падне демократијата во Романија, ќе падне целиот демократски свет! Ова е само почеток. Толку е едноставно! Европа сега е диктатура, Романија е под тиранија“, додаде тој во објавата на социјалните мрежи.
Првиот круг од претседателските избори беше отфрлен од Уставниот суд на 6 декември, откако романските разузнавачки извештаи соопштија дека странски актери манипулирале со платформите на социјалните медиуми, особено ТикТок, во корист на Георгеску.
Георгеску беше малку позната личност во Романија се додека неочекувано не победи во првиот круг од претседателските избори на 24 ноември со околу 22 отсто од гласовите.
Тој требаше да се соочи со проевропската центристичка кандидатка Елена Ласкони во вториот круг, кој се сметаше за референдум за идниот курс на Романија.
Романскиот премиер Марсел Чиолаку, кој ја поддржа одлуката на Уставниот суд за поништување на изборите, рече дека властите имаат право на јавноста да и презентираат исклучително цврсти докази во истрагата.
Романскиот претседател Клаус Јоханис на 10 февруари изјави дека поднесува оставка од функцијата поради напорите на опозицијата да го отповика, откако тој остана на власт по поништувањето на изборите од страна на Уставниот суд.
види ги сите денешни вести
Дурмиши: Нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи

Нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, рече денеска (9 јуни) министерот за економија Бесар Дурмиши. Тој за ова бил усно информиран од директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, но утре, како што изјави, Владата ќе го добие и официјалниот извештај за спроведените инспекциски контроли во текот на мај.
Според Дурмиши, поскапувања има само кај сезонски производи кои не спаѓаат во делот на основните прехранбени.
„Утре ќе биде доставена до Влада информацијата за вонредните контроли во мај. Ќе не известат точно како се движеле цените по завршување на мерката. Од она што знам засега, нема драстично зголемување на цените, само на производи кои се сезонски, но тие не спаѓаат во делот на прехранбените основни производи. Од она што усно ме информираше директорт на ДПИ, немаме драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи“, истакна министерот.
Дурмиши информира дека утре ќе биде доставен и извештајот за тоа колку трговците ја почитуваат одлуката за транспарентност и објавување на цените на производите на нивните веб страници.
Владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо заврши на 30 април. Одлуката беше донесена во февруари годинава.
Маркетите, аптеките и продавниците за техника и мебел од (18 април) ги објавуваат цените на своите производи на нивните официјални веб-страници, што е нивна обврска согласно измените на Законот за заштита на потрошувачи. Како што е наведено во Правилникот, трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот, а во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките, трговецот треба да ја корегира грешката во рок од 24 часа.
Гроси ги повика Иран и САД да соработуваат за да најдат решение за нуклеарната програма

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси ги повика Иран и САД да најдат „дипломатско решение“ во разговорите за нуклеарната програма на Техеран, на состанокот на ова надзорно тело.
Се очекува состанокот на одборот на гувернери на МААЕ да слушне и да гласа за резолуција со која ќе се утврди дека Техеран не ги почитува нејзините заштитни мерки, за прв пат по 20 години.
Иран вети дека ќе преземе силни мерки против западните земји кои ја промовираат резолуцијата на собирот во австриската престолнина, а Бехруз Камалванди од иранската агенција за атомска енергија рече дека МААЕ „не треба да очекува Исламската Република Иран да продолжи со својата широка и пријателска соработка“ ако мерката биде одобрена.
Зборувајќи на почетокот на состанокот во Виена на 9 јуни, Рафаел Гроси рече дека е „убеден дека единствениот пат напред е преку дипломатско решение“.
„Во текот на изминатите месеци, тесно и интензивно соработував со Исламската Република Иран и Соединетите Држави, преку активни консултации, во поддршка на нивните билатерални преговори за постигнување на меѓусебно прифатлив договор што ја гарантира мирната природа на нуклеарната програма на Иран“, додаде Гроси.
Во објава од 6 јуни на платформата X, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, ги критикуваше Велика Британија, Франција и Германија - колективно познати како E3 - за „лажно обвинување на Иран“ за кршење на своите обврски и тврдеше дека потегот бил „дизајниран да предизвика криза“.
„Запомнете ги моите зборови додека Европа размислува за уште една голема стратешка грешка: Иран ќе реагира силно против секое кршење на неговите права. Вината лежи единствено и целосно кај неодговорните актери кои не запираат пред ништо за да добијат релевантност“, предупреди Аракчи.
Нацрт-резолуција подготвена од E3 и поддржана од САД беше споделена на 5 јуни со 35-те членови на Одборот на гувернери на МААЕ, кој ќе се состанува до 13 јуни.
Во својот последен квартален извештај, МААЕ соопшти дека Иран нагло го зголемил производството на високо збогатен ураниум, складирајќи 408,6 килограми збогатен на 60 проценти - во споредба со нешто помалку од 275 килограми во февруари.
Агенцијата, исто така, го критикуваше Иран за лоша соработка, особено за неговиот неуспех да објасни нуклеарни траги откриени на непријавени локации.
Иако збогатувањето од 60 проценти е под прагот од 90 проценти потребен за материјал за оружје, тоа далеку го надминува ограничувањето од 3,67 проценти утврдено со меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, од кој американскиот претседател Доналд Трамп излезе во 2018 година за време на неговиот прв мандат. Трамп се врати на претседателската функција во јануари.
Ова доаѓа во време кога Трамп се обидува да склучи договор со Иран за да ги ограничи неговите нуклеарни активности.
Вашингтон и Техеран одржаа пет рунди разговори откако Трамп, кој повторно воведе санкции по повлекувањето од договорот од 2015 година, се врати на функцијата.
Збогатувањето на ураниум е главна пречка. Американската администрација тврди дека Иран мора да ги прекине сите активности за збогатување, а Иран го отфрли тоа барање.
Аракчи, кој го предводи преговарачкиот тим на Техеран, на 31 мај изјави дека добил „елементи“ од американскиот предлог за потенцијален договор по разговорите со посредство на Оман.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, на 8 јуни изјави дека „планот на САД дури и не споменува укинување на санкциите“.
Тој го обвини Вашингтон дека се обидува да наметне „едностран“ договор што Техеран нема да може да го прифати.
Во меѓувреме, иранскиот министер за разузнавање, Есмаил Хатиб, тврдеше, без да понуди докази, дека Техеран запленил „важна ризница“ од информации во врска со нуклеарната програма на Израел.
Струшкиот градоначалник Мерко доби ослободителна пресуда за набавката на службениот автомобил

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, доби ослободителна пресуда во предметот што се водеше против него за наводна злоупотреба на службената положба при набавката на службен автомобил „ауди“ во вредност од 67 000 евра. Според обвинителниот акт, тој го набавил автомобилот во услови кога општината се наоѓала во долгови и со блокирана сметка, а обврските и се сервисирале преку релоцирање средства од централниот буџет на државата.
Основниот кривичен суд во Скопје денеска (9 јуни) оцени дека нема доволно докази за да се утврди дека Мерко сторил кривично дело.
Судот утврди дека постапката за јавна набавка била спроведена без прекршување на законските процедури, а не постојат докази дека Мерко делувал со намера за лична или за политичка корист.
Адвокатот на Мерко, Игор Петковски, изјави дека пресудата потврдува оти целата набавка била спроведена транспарентно и во рамки на законот. Тој додаде дека вкупната вредност на службените возила изнесувала 114 000 евра, што исто така била предмет на интерес во јавноста.
Македонскиот суд донесе одлука дека во овој конкретен случај на јавна набавка нема основ за кривична одговорност, со што градоначалникот на Струга беше ослободен од сите обвинувања.
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од политичката партија ДУИ на 9 јуни 2023 година се најде на „црната листа“ на САД поради корупција и мешање во судски процеси.
Според соопштението од Стејт Департментот тој присвојувал државни средства, се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции.
Мерко е обвинет и за незаконски поставување на директори на училишта и други институции. Тој е исто така обвинет дека како градоначалник на општина Струга, во март лани, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.
Уапсен е струмичкиот бизнисмен Крмзов

Уапсен е струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, за кого беше отворена истрага за злоупотреби што се проценуваат на околу 15 милиони евра.
Како што информира Министерството за внатрешни работи (МВР), апсењето е извршено по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
„Од страна на полициски службеници, по насоки на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, лицето Р.К. е лишено од слобода“, се вели во соопштението од МВР.
Истрагата за случајот познат како „Крмзов“ е при крај, беше потврдено на брифинг со премиерот Христијан Мицкоски, во ноември минатата година кога и беше посочено дека наскоро ќе бидат објавени информации за злоупотреба на милионски суми поврзани со поврат на ДДВ на компании.
Во септември беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Тогаш беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.
За Крмзов и неговите бизниси, Обвинителството отвори предмет откако претходно беа направени претреси на неколку локации низ државата поради основи на сомневања за даночно затајување, даночна измама и перење пари. Потоа, судија на претходна постапка донесе одлука за одземање на патната исправа на бизнисменот Крмзов, додека другите три приведени лица беа пуштени на слобода без мерки за обезбедување.
Истрагата, според објавите во медиумите, се шири на повеќе струмички компании, кои биле дел од шемата на Крмзов, кој важи за близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев и дека при претресите се пронајдени дијаманти и поголеми суми пари во кеш.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на 13 јануари годинава, зборувајќи за предметот поврзан со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, рече дека по првпат во предистрага Обвинителството побарало одземање пасош.
Уапсен е лидерот на главната опозициска партија во Република Српска

Уапсен е Милан Миличевиќ, претседателот на Српската демократска партија (СДС), потврдуваат од најголемата опозициска партија во Република Српска.
Министерството за внатрешни работи на овој ентитет соопшти дека Управата на криминалистичката полиција спроведува оперативна акција со кодно име „Блок“, во рамките на која се уапсени лица од Теслиќ, иницијали М.М., М.Д. и М.Ј.
„Поради постоење на основи на сомнение дека тие сториле кривични дела на влијание и примање мито“, соопшти Министерството за внатрешни работи на РС на 9 јуни.
Акцијата се спроведува под надзор на Специјалното одделение за сузбивање на корупција, организиран и сериозен економски криминал на Републичкото јавно обвинителство, а по наредба на Специјалното одделение за сузбивање на корупција, организиран и сериозен економски криминал на Окружниот суд во Бања Лука.
Во текот на истрагата, во изминатите шест месеци, конфискувани се околу 45 000 евра, кои потекнуваат од коруптивните дејствија на споменатите лица, а парите биле депонирани во судски депозит, наведуваат од Министерството за внатрешни работи.
Во тек се претреси на локациите што ги користеле осомничените, а се бараат уште околу 125 000 евра што потекнуваат од коруптивни дејствија, а врз основа на кои, преку злоупотреба на влијание, нелегално било сменето парламентарното мнозинство во Општинското собрание Теслиќ.
Управата за криминалистичка полиција до Републичкото јавно обвинителство го достави Извештајот за сторените кривични дела против трите приведени лица.
По завршувањето на кривичната истрага, тие ќе бидат предадени на обвинителството, соопшти Министерството за внатрешни работи на Република Српска.
Русија истрела рекордни 479 дронови кон Украина

Русија лансираше 479 дронови во Украина во најголемото ноќно бомбардирање со дронови од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, соопштија украинските воздухопловни сили во понеделник (9 јуни).
Покрај беспилотните летала, 20 ракети од различни видови биле испукани кон различни делови од Украина, според воздухопловните сили, кои наведоа дека баражот бил насочен главно кон централните и западните области на Украина, објави АП.
Градоначалникот на западниот град Ривне, Олександр Третјак, го нарече ова „најголемиот напад“ врз регионот од почетокот на војната.
Украинската воздушна одбрана уништи 277 дронови и 19 ракети во лет, според соопштението на украинските воздухопловни сили, во кое се тврди дека само десет дронови или ракети ја погодиле целта.
АП не можеше независно да го потврди оваа тврдење.
Руските воздушни напади обично започнуваат доцна навечер и завршуваат наутро, бидејќи дроновите потешко се забележуваат во темница.
Русија немилосрдно напаѓаше цивилни области во Украина со беспилотни летала „Шахед“ во текот на повеќе од три години војна.
Според Обединетите Нации, во нападите загинале повеќе од 12000 украински цивили.
Русија тврди дека гаѓа само воени цели.
Русија ги засили нападите низ Украина во последните недели, што според Киев покажува дека Москва нема намера да ја запре својата тригодишна инвазија и не е сериозна во врска со мировните преговори.
Во истрагата за трагедијата во Кочани, осомничен и газдата на фирмата за обезбедување

Со истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека “Пулс” е опфатено уште едно лице за кое е поведена истрага за - Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
„Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази согласно кои за сега осомничениот се утврди дека е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје.
Согласно доказите, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани.
„Тие без да имаат склучено договор со корисникот на услугата Кабаре ПУЛС Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот. Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице. Заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесни повреди се здобиле 54 лица“, велат од Обвинителството.
Врз основа на судска наредба вчера (8 јуни) бил извршен претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот, при што била одземена обемна документација поврзана со правното лице и електронски уреди.
Лицето е лишено од слобода и со оглед на сите околности и законски основи, јавниот обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Кочани ќе достави предлог за определување мерка притвор.
Пожарот во Кочани избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 62 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство.
Со последното проширување истрагата опфаќа 70 осомничени.
Шест ранети во пукотница во Подгорица, осомничениот е уапсен

Дваесет и тригодишен млад човек ранил шест лица, од кои петмина полесно, а едно потешко, околу полноќ, во кафуле во центарот на Подгорица, соопшти полицијата.
Младиот човек бил уапсен.
Синоќа, околу дваесет минути по полноќ, дежурната служба на Одделот за безбедност на Подгорица добила пријава дека е употребено огнено оружје во градината на ресторанот „Зошто“ во центарот на градот, соопшти Полициската управа.
„Во таа прилика, шест лица се здобија со повреди, од кои пет беа полесни во долните екстремитети, додека едно лице доби прострелна рана во пределот на грбот и не е во животна опасност“, рсоопшти полицијата.
На повредените веднаш им е укажана медицинска помош во Клиничкиот центар на Црна Гора.
Полицијата го идентификуваше Михаил Лакушиќ од Подгорица како осомничен, кој избегал по пукањето.
Откако завршил увидот на местото на настанот, поставени биле блокади, земени изјави од десетици граѓани и видео снимки од неколку објекти, а полицијата го уапсила осомничениот.
„За краток временски период, осомничениот Л.М. беше пронајден и уапсен на улицата Фрушкогорска во населбата Мало Брдо“, информираше полицијата.
Оваа населба се наоѓа на неколку километри од кафулето на улица „Његошева“ каде што се случило пукањето.
Полицијата се сомнева дека на настанот му претходела кавга.
Вишото државно обвинителство во Подгорица е информирано за инцидентот, чиј обвинител спроведе истрага со полицијата. Лакушиќ треба да биде однесен во обвинителството во законскиот рок.
Колумбиски претседателски кандидат застрелан на предизборен митинг

Конзервативниот сенатор Мигел Урибе, кандидат за претседател на Колумбија на изборите следната година, беше ранет во Богота за време на предизборен митинг.
Видео објавено на социјалните мрежи покажува истрели додека 39-годишниот политичар држи говор на предизборен митинг западно од колумбиската престолнина, објави АФП.
Градоначалникот на Богота, Карлос Галан, изјави дека Урибе е во болница и дека „напаѓачот е уапсен“.
Осомничениот напаѓач е малолетник кој отворил оган околу 17:30 часот по локално време.
Урибе бил застрелан двапати во главата и еднаш во коленото, потврдија лекарите.
Тој успешно беше опериран по приемот во болница во критична состојба – соопшти градоначалникот на главниот град, Карлос Фернандо Галан.
– Мигел Урибе ја помина првата хируршка интервенција успешно – изјави Галан, додавајќи дека 39-годишниот сенатор од Партијата на демократскиот центар влегува во „критичните часови“ на закрепнување, кои ќе бидат клучни за неговиот живот.
Уште две лица се повредени во инцидентот.
Трамп ја испрати националната гарда во Лос Анџелес за смирување на немирите

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди 2.000 припадници на Националната гарда на САД да бидат распореди во Лос Анџелес и Калифорнија во саботата, пренесоа светските агенции.
Ова следува по два последователни дена судири меѓу демонстрантите и имиграциските власти, додека луѓето протестираа против кампањата на администрацијата на Трамп за масовни апсења на нелегални имигранти.
За време на протестите, агентите на Службата за имиграција и царина (ICE) притворија десетици имигранти за кои се сомневаше дека се нелегално во САД, што предизвика насилни немири. Демонстрантите фрлаа камења кон полицијата, која возврати со солзавец, бибер спреј и шок бомби.
Во саботата, претседателот Доналд Трамп потпиша меморандум со кој се овозможува распоредување на 2.000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес. Националната гарда на САД е воена структура што може да биде активирана и на ниво на поединечни држави и на федерално ниво, под одредени услови.
Администрацијата на Трамп изјави дека ова е неопходно бидејќи, според нив, „неодговорните демократски лидери во Калифорнија целосно се откажаа од својата одговорност да ги заштитат своите граѓани“.
Но, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ја нарече одлуката за распоредување на Гарда „намерна провокација“ и предупреди дека тоа само ќе ги влоши тензиите.
„Ова е погрешна иницијатива што ќе го поткопа јавното доверба,“ рече Њусом. Градоначалничката Карен Бас исто така се изјасни против постапките на властите.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет предупреди дека Пентагон е подготвен да мобилизира активни војници „доколку насилството продолжи“ во Лос Анџелес, пишува Ројтерс.
Тој рече дека маринците во блискиот камп Пендлтон се „во состојба на висока готовност“.
Во саботата, федералните безбедносни агенти се судрија со демонстрантите во областа Парамаунт во југоисточен Лос Анџелес, каде што некои демонстранти мавтаа со мексикански знамиња.
Втор протест во центарот на Лос Анџелес привлече околу 60 луѓе во саботата навечер, извикувајќи слогани како „ICE надвор од ЛА!“
Трамп потпиша претседателски меморандум за испраќање војници на Националната гарда за „да се справат со анархијата на која ѝ е дозволено да тлее“, се вели во соопштението на Белата куќа, пренесува Ројтерс.
Борбата против нелегалната имиграција беше едно од главните ветувања на Трамп во неговата изборна кампања. По доаѓањето на функција, презеде низа мерки во таа насока, од кои некои беа оспорени.
На пример, на почетокот на јануари, тој започна со присилна депортација на колумбиски имигранти, кои владата ги смета за нелегални. Колумбија првично одби да ги прими авионите со свои државјани, но попушти откако Трамп се закани со санкции и царини.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете