Вести
САД и Иран ќе одржат разговори на 12 април, но се разликуваат околу тоа дали ќе бидат „директни“

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Соединетите Држави одржуваат „директни“ разговори на високо ниво со Иран и дека „голема средба“ ќе се одржи на 12 април.
Иранскиот министер за надворешни работи потврди дека средбата треба да се одржи на 12 април, но разговорите ќе бидат „индиректни“.
„Иран и Соединетите Држави ќе се сретнат во Оман во сабота на индиректни разговори на високо ниво“, рече иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на X на 7 април, веднаш откако Трамп ги коментираше разговорите.
„Тоа е колку можност, колку и тест. Топката е на теренот на Америка“, рече Арагчи.
Иран инсистира на индиректни преговори, велејќи дека нема да води директни разговори се додека е во сила кампањата на Трамп за „максимален притисок“ врз Техеран.
Трамп им рече на новинарите во Белата куќа дека разговорите се одвиваат „на многу високо, речиси највисоко ниво“ и нагласи дека не се вклучени посредници.
„Имаме многу голем состанок и ќе видиме што може да се случи. Мислам дека сите се согласуваат дека би било подобро да се постигне договор“, рече Трамп на импровизирана прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Ако разговорите со Иран не бидат успешни, мислам дека Иран ќе биде во голема опасност“, рече Трамп, инсистирајќи на тоа дека на Исламската Република не смее да и се дозволи да развие нуклеарно оружје.
Нетанјаху накратко се осврна на прашањето, изразувајќи поддршка за договорот во стилот на Либија со Иран - повикувајќи се на договорот од 2003 година во кој африканската нација се согласи да ги укине своите програми за оружје за масовно уништување.
Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е за цивилни цели и претходно ја отфрли можноста за договор во либиски стил.
Трамп претходно овој месец повика на „директни разговори“ со Техеран, велејќи дека тие се „побрзи“ и нудат подобро разбирање отколку користење посредници. Трамп тогаш сугерираше дека новиот договор со Иран може да биде „поинаков и можеби многу посилен“ од нуклеарниот договор од 2015 година.
Тој претходно испрати писмо до врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи во кое повикува на преговори и предупредување за воена акција доколку дипломатијата не успее.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на 5 април рече дека Техеран е подготвен да се вклучи во дијалог на „еднаква основа“. Следниот ден Арагчи во изјава рече дека Техеран е подготвен да одржи индиректни разговори.
Откако го укина нуклеарниот договор во 2018 година за време на неговиот прв претседателски мандат, Трамп повторно ги воведе санкциите кон Иран кои беа укинати според договорот. Иран возврати со забрзување на својата нуклеарна програма и во моментов збогатува ураниум со чистота од 60 проценти, што се опишува како блиску до степен на оружје.
Договорот од 2015 година, формално познат како Заеднички сеопфатен план за акција има механизам за враќање што овозможува враќање на санкциите на ОН за Иран. Но, откако договорот ќе истече во октомври, светските сили ја губат способноста да го активираат механизмот.
Трамп се закани дека ќе го бомбардира Иран доколку нема договор за нуклеарната програма на Техеран. Иран предупреди дека ќе даде „силен“ одговор на секоја агресија и предложи дека ќе развие бомба доколку биде нападнат.
Вашингтон испраќа мешани пораки за тоа дали сака да го ограничи иранското збогатување ураниум или целосно да ја уништи нуклеарната програма на Техеран.
Иран не ги коментираше тврдењата на Трамп дека директните разговори веќе се започнати.
Nour News, веб-страница поврзана со Али Шамхани, висок советник на врховниот лидер на Иран, ги опиша забелешките на Трамп како „пресметан напор за обликување на јавното мислење“ чија цел е да се прикаже Вашингтон како страната што презема дипломатска иницијатива, а Техеран како страна што се спротивставува на дијалогот.
види ги сите денешни вести
СДСМ бара оставка од Ристовски по интервјуто за РСЕ

Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) на 3 август побара министерот за спорт Борко Ристовски да си поднесе оставка од функцијата. Причина за тоа, како што велат од опозицијата, е не само поради скандалот со Младинската олимпијада, туку и поради системското уназадување на македонскиот спорт.
Ваквата реакција на СДСМ следи по интервјуто на Радио Слободна Европа (РСЕ) на министерот Ристовски каде што тој ги во коментар за обвинувањата за лошата организација на Европските младински олимписки фестивал (ЕМОФ) рече дека Министерството со кое раководи не било организатор на настанот, туку само логистичка поддршка, како и тоа што тој лично побарал оваа Олимпијада да не се одржува во земјава или, пак да се редуцира бројот на спортисти-учесници.
„Бевме одбиени, бевме одбиени од причина што веќе било премногу касно за да се откаже Олимпијадата за младинци, што е и до некаде разбирливо, меѓутоа имаше обид и кажавме ние дека дека ние немаме капацитет за да за да организираме вака еден масовен настан“, изјави Ристовски во интевјуто за РСЕ.
Од СДСМ велат дека не се работи само за катастрофалната организација на ЕМОФ, туку и за катастрофалните резултати на македонските спортски федерации, што го одразуваат општото пропаѓање на спортот за време на оваа Влада и на Ристовски како министер.
„Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19. век пред очите на меѓународната спортска јавност. Резилот со Младинската олимпијада е најголемиот дебакл во поновата спортска историја на државата“, е наведено во нивната реакција.
Покрај, тоа СДСМ вели дека е намалена поддршка на спортот на историски најниско ниво. За обвинувањата од СДСМ дека маркетингот на ЕМОФ го водела фирма чиј сопственик е близок до него, Ристовски вели дека опозицијата нема елементарно познавање од тоа како функционира спортот и како Министерството организира или лобира да добие некоја марктинг агенција работа со Олимпискиот комитет, во која тие соработуваат само технички.
За една година ограбени продавниците во Германија во вредност од 3 милјарди евра

Кражбите во продавници нагло се зголемуваат во Германија, а гонењето на крадците е премногу слабо, велат од малопродажниот сектор во земјата.
„Загубите од кражби во продавници се зголемија на 3 милијарди евра во 2024 година, што е за 20% повеќе во однос на бројката од 2022 година“, изјави Стефан Гент, раководител на Германското трговско здружение (HDE), за гераманскиот информативен портал t-online.
Гент ја забележа организираната природа на голем дел од кражбите.
„Бандите се движат фокусирано низ централните градови, крадејќи скапа стока, како што се парфеми, чевли, електронски уреди, а потоа ги продаваат на сивиот пазар“, рече тој.
Гент додава дека покрај тоа, крадците што работат сами се сè поагресивни кога ќе бидат фатени. Тој ги критикува германските обвинители за не преземање доволно мерки.
„Продавниците покренуваат обвиненија, а обвинителите потоа ги отфрлаат случаите врз основа на ефикасност. Како резултат на тоа, многу трговци на мало повеќе не пријавуваат кражби во продавници во полицијата“, вели тој.
Претставниците на трговците бараат измени во законот, инвестиции во безбедноста и зголемено финансирање на судството.
„Се плашам од услови како во Соединетите Американски Држави, каде што речиси сè е зад стакло. Тоа е израз на недоверба кон клиентите, додека повеќе од 90% се чесни“, рече тој.
Украински напади предизвикаа пожар во нафтено складиште во Сочи

Напад со украински беспилотни летала во текот на ноќта предизвика пожар во складиште за нафта во Сочи, руското одморалиште кое беше домаќин на Зимските олимписки игри во 2014 година, на околу 400 километри од украинската граница, соопштија властите во неделата, јавува новинската агенција Франс Прес.
Украина во изминатиот период често ја напаѓа руската нафтена и гасна инфраструктура како одговор на нападите врз сопствената територија откако Русија ја започна својата офанзива во февруари 2022 година.
„Сочи претрпе напад со беспилотни летала од страна на режимот во Киев синоќа“, изјави гувернерот на рускиот регион Краснодар, Венијамин Кондратиев, на социјалната мрежа Телеграм.
Тој рече дека остатоците од беспилотното летало погодиле „резервоар за нафта, што предизвикало пожар“.
Градоначалникот на Сочи, Андреј Прошунин, рече дека нема жртви и дека „ситуацијата е целосно под контрола“, додавајќи дека пожарникарите продолжуваат да го гаснат пожарот.
Сликите, објавени од руските медиуми, но чија автентичност новинската агенција Франс Прес не можеше да ја потврди, покажаа пламен и густ облак од црн чад што се издигаше од местото.
Воздушниот сообраќај беше накратко прекинат на аеродромот во Сочи, но кратко потоа беше обновен, соопшти рускиот регулатор за воздушен транспорт Росавијација.
Украинските власти не коментираа за пожарот. Воздушните напади врз Сочи се релативно ретки во споредба со некои други руски градови.
Сепак, во нападите со украински беспилотни летала таму загинаа две лица кон крајот на минатиот месец, според локалните власти.
Киев соопшти дека ќе ги интензивира своите воздушни напади врз Русија како одговор на зголемувањето на руските напади на нејзина територија во последните недели, во кои загинаа десетици цивили.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека три украински беспилотни летала биле пресретнати во регионот Ленинград, кој го вклучува и балтичкото пристаниште Санкт Петербург.
Во ноќните напади на Русија во јужниот и северниот дел на Украина, исто така, повредени се неколку лица, соопштија властите.
Три други лица се повредени во североисточниот регион Харков, додаде таа, додека локалните власти, исто така, објавија повреди во регионите Запорожје и Херсон на југ.
„Русите продолжуваат да водат војна не против украинските сили, туку против украинските цивили“, рече Свириденко.
Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп му даде на својот руски колега Владимир Путин десетдневен ултиматум, до следниот петок, за прекин на конфликтот во Украина.
Кина и Русија започнаа поморски вежби во Јапонското Море

Кина и Русија започнаа заеднички поморски вежби во Јапонското Море на 3 август. Вежбите „Заедничко Море-2025“ започнаа во водите во близина на руското пристаниште Владивосток, соопшти Министерството за одбрана на Кина.
Двете војски ќе спроведуваат операции за спасување на подморници, борба против подморници, воздушна и ракетна одбрана и поморска борба.
Четири кинески бродови, вклучувајќи уништувачи со водени ракети, учествуваат во вежбите заедно со руски бродови, соопшти министерството.
По тридневните вежби, двете земји ќе спроведуваат поморски патроли во „водите на Тихиот Океан“.
Кина и Русија редовно одржуваат заеднички вежби, а маневрите „Заедничко Море“ започнаа во 2012 година, објави новинската агенција Франс Прес.
Велика Британија се заканува со затвор за криумчари кои се рекламираат на социјалните мрежи

Криумчари на луѓе кои ги користат социјалните медиуми за да ги промовираат своите услуги на мигрантите кои сакаат нелегално да влезат во Велика Британија би можеле да се соочат со пет години затвор, најави британската влада.
Лабуристичката влада на премиерот Кир Стармер е под силен политички и јавен притисок да го намали бројот на мигранти кои нелегално пристигнуваат во мали чамци од Франција.
Повеќе од 25.000 луѓе го направиле преминот досега оваа година.
Анализата на Министерството за внатрешни работи покажа дека околу 80% од мигрантите кои пристигнуваат со мали чамци ги користеле социјалните медиуми за време на нивното патување за да пронајдат или да комуницираат со шверцери на луѓе.
Според новите измени на законите луѓето кои објавуваат онлајн за да рекламираат услуги што олеснуваат кршење на законите за имиграција ќе се соочат со парични казни и затворски казни до пет години.
Олеснувањето на нелегалната имиграција во Велика Британија веќе е кривично дело, но владата соопшти дека нејзиниот последен план ќе и даде на полицијата уште една опција за да ги спречат криминалните банди кои профитираат од организирање на премините.
Минатиот месец, владата воведе нов режим на санкции што ѝ овозможува да замрзне средства, да воведе забрани за патување и да го блокира пристапот до финансискиот систем на земјата за поединци и субјекти вклучени во овозможување на нерегуларна миграција.
Земјотрес од 7 степени по Рихтер и ерупција на вулкан во Камчатка

Нов силен земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди крајниот исток на Русија. Руските власти соопштија дека го откажале предупредувањето за цунами за полуостровот Камчатка во неделата, откако земјотрес ги погоди блиските Курилски Острови.
Според извештаите, земјотресот се случил во близина на брегот на крајниот југ од полуостровот Камчатка.
Епицентарот бил на длабочина од околу 40 километри. Ова е најсилниот во серијата земјотреси што следеа на 30 јули, кога регионот беше погоден од еден од најсилните земјотреси во историјата – земјотрес со магнитуда од 8,8 степени.
По тој земјотрес, следеа стотици „афтершокови“, со магнитуда до 6,5 степени.
Преку ноќ, вулканот Крашениников на Камчатка еруптираше за прв пат по 600 години, објавија во недела научници за руската државна новинска агенција РИА.
И двата инциденти би можеле да бидат поврзани со огромниот земјотрес што го потресе рускиот Далечен Исток минатата недела, што предизвика предупредувања за цунами дури до Француска Полинезија и Чиле, а потоа следеше ерупција на Кључевској, најактивниот вулкан на полуостровот Камчатка.
Курилските острови се протегаат од јужниот врв на полуостровот Камчатка. Руските научници предупредија во среда дека се можни силни последователни потреси во регионот во следните неколку недели.
„Ова е првата историски потврдена ерупција на вулканот Крашениников по 600 години“, изјави Олга Гирина, раководител на тимот за одговор на вулкански ерупции на Камчатка.
На Телеграм каналот на Институтот за вулканологија и сеизмологија, Гирина изјави дека последното излевање на лава од Крашениников се случило во рок од 40 години од 1463 година и оттогаш не е позната никаква ерупција.
Одделот на Камчатка при руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека по ерупцијата на вулканот е регистриран облак од пепел што се искачува до 6.000 метри. Самиот вулкан е висок 1.856 метри.
„Облакот од пепел се движеше кон исток, кон Тихиот Океан. Нема населени области по неговиот пат“, соопшти министерството на Телеграм.
На ерупцијата на вулканот ѝ е доделен портокалов код за авијација, што укажува на зголемен ризик за воздухопловството, соопшти министерството.
Отворена истрага против обвинителот кој ги водеше случаите против Трамп

Американска федерална агенција (ОСЦ) отвори формална истрага за поранешниот специјален советник Џек Смит, кој надгледуваше две кривични истраги против претседателот Доналд Трамп по неговиот прв мандат во Белата куќа.
Истрагата е насочена кон тоа дали Смит прекршил закон што им забранува на федералните службеници да ги користат своите позиции за политички активности. Барањето за истрага е поднесено од американскиот сенатор Том Котон, републиканец од Арканзас.
ОСЦ е независна агенција што го истражува однесување на федералните службеници, но нема овластување да поднесува кривични обвиненија. Таа е различна од канцеларијата на специјалниот обвинител што претходно ја водеше Смит, која беше назначена од Министерството за правда за гонење кривични случаи.
Истрагата на ОСЦ е најновата во низата мерки што Трамп и неговите сојузници ги презедоа против оние што ги сметаат за политички непријатели.
Сенаторот Котон што го поднесе барањето за истага го обвини Смит за агресивно водење истраги против Трамп за да му наштети на неговата претседателска кампања.
Според него, Смит е политички актер кој се преправа дека е јавен службеник.
Смит поднесе две кривични пријави против Трамп, од кои во едната е осомничен за нелегално задржување на доверлив материјал, а другата е поврзана со обидите на Трамп да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година.
Ниту еден од овие случаите не е на суд, откако Врховниот суд на САД им додели имунитет на поранешните претседатели.
Смит ги отфрли двата случаи откако Трамп победи на изборите, повикувајќи се на долгогодишната политика на Министерството за правда против гонење на актуелни претседатели.
Сепак, тој објави извештај во јануари годинава во кој се вели дека доказите што ги собрал би биле доволни за да го осудат Трамп.вата кампања.
Украина ги интензивира нападите врз Русија

Украинските сили продолжија да ја таргетираат воената инфраструктура длабоко во Русија рано наутро на 3 август, продолжувајќи го притисокот врз Кремљ неколку дена пред рокот што американскиот претседател Доналд Трамп ѝ го даде на Москва да прифати мировен договор со Киев.
Руските власти во црноморското одморалиште Сочи соопштија дека украинските беспилотни летала погодиле и запалиле регионално складиште за нафта, а повеќе од 120 пожарникари се борат да ги контролираат пламените јазици во населбата Адлер во градот.
Руските воздухопловни власти соопштија дека летовите на аеродромот во Сочи се запрени поради нападот со беспилотно летало, најновиот во низата неодамнешни мерки, бидејќи украинските напади го нарушуваат цивилното воздухопловство во Русија.
Руските аеродроми честопати се принудени да ги сопрат летовите низ западен дел од земјата. Сочи, град со околу 455.000 жители, е 1.360 километри јужно од Москва и околу 1.000 километри од украинската граница.
Гувернерот на рускиот Воронежски регион, Александар Гусев, изјави дека „како резултат на падот на остатоците од дронот имало пожари во голем број приватни куќи и помошни згради, а неколку возила биле оштетени“.
„Опасноста од напад со беспилотни летала низ целиот регион останува“, напиша тој на социјалната платформа Телеграм.
Киев не коментираше веднаш за извештаите за нападите, кои не можеа веднаш да бидат потврдени.
Но, извештаите доаѓаат во време кога Украина се чини дека ги засилува нападите со беспилотни летала длабоко во Русија во време кога Трамп врши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот и крај на војната, која сега е во четвртата година.
Трамп на 1 август изјави дека распоредува нуклеарни подморници „поблиску до Русија“, иако не прецизираше дали станува збор за подморници со нуклеарен погон или нуклеарно вооружени подморници.
„Само сакам да бидам сигурен дека неговите зборови се само зборови и ништо повеќе од тоа“, изјави Трамп за телевизијата Newsmax.
Тој се осврна на објавата на социјалните мрежи од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев во која го обвини Вашингтон дека игра „игра на ултиматуми“ како одговор на објавата на Трамп дека го скратил рокот од 50 дена за Кремљ да прифати прекин на огнот на 10 дена - сугерирајќи датум на 8 август.
Сончево време со мала веројатност за пороен дожд

Денеска не очекува сончево време со мала до умерена облачност, а попладне ќе има услови за изолирана појава на пороен дожд и грмежи.
Температурата низ државава ќе се движи од 12 до 36 степени Целзиусови. Во Скопје пак, минималната температура се очекува да биде 17, а максималната 36 степени Целзиусови.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, утре на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Локална појава на нестабилност ќе има и во вторник, а од среда се очекува стабилизирање на времето со пораст на дневната температура
Иранскиот претседател во посета на Пакистан за зајакнување на односите

Пакистан го пречека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во саботата на дводневна официјална посета, бидејќи двата соседа имаат за цел да ги зајакнат своите билатерални односи во услови на зголемени тензии во регионот и пошироко, јавува германската новинска агенција ДПА.
Пезешкијан пристигна во источниот град Лахор, а локалните медиуми емитуваа снимки од слетувањето на неговиот авион.
Поранешниот премиер Наваз Шариф и главниот министер на покраината го пречекаа претседателот.
За време на неговата прва посета, иранскиот претседател треба да разговара со претседателот Асиф Али Зардари и премиерот Шехбаз Шариф, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи.
Во петокот, Пакистан соопшти дека ќе продолжи да ја игра својата улога во смирувањето на тензиите меѓу Иран и САД.
„Иран е наш близок пријател и братска соседска земја. Ние остануваме посветени на давање позитивен придонес за намалување на тензиите и промовирање дипломатски решенија за проблемот. Отворени сме да ја играме таа улога и ќе продолжиме да ја играме таа улога“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на неделниот брифинг за медиумите.
Претходно, американскиот државен секретар Марко Рубио изрази „благодарност за континуираната подготвеност на Пакистан да игра конструктивна улога во посредувањето во разговорите со Иран и неговата посветеност на зачувувањето на регионалната стабилност“.
Односите меѓу Пакистан и Иран честопати беа нестабилни, особено поради прекуграничната милитантност, а тензиите ескалираа во јануари минатата година кога двете страни започнаа ракетни напади од типот „очи за око“.
И покрај тензиите, двете земји ја држеа дипломатската врата отворена. Во мај, иранскиот министер за надворешни работи го посети Пакистан во услови на зголемени тензии со Индија.
За време на иранско-израелската војна, Пакистан го поддржа правото на Иран на самоодбрана и ги осуди нападите на САД врз нуклеарните постројки.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете