Во напад на руски дрон врз автобус со работници во украинскиот град Марханец во регионот Дњепропетровск, најмалку девет лица загинале, а десетици биле повредени, објавија локалните власти.
„Бројот на жртви постојано се зголемува. Агресорот удрил автобус со работници со камикази дрон“, изјави рано наутро на 23 април Сергеј Лисак, гувернер на регионот Дњепропетровск.
Бранот руски напади, исто така, ја таргетираше цивилната инфраструктура во други украински региони.
Најмалку пет лица се повредени во украинските градови Полтава и Одеса.
„Станбени згради, деловни објекти, магацини и гаражи беа оштетени“, соопшти украинската служба за вонредни ситуации.
„Големи пожари избувнаа и во вториот по големина украински град, Харкив“, изјави градоначалникот Ихор Терехов.
Службата за итни случаи објави дека нападот бил насочен кон „исклучиво цивилната инфраструктура на градот“.
На 22 април пак, се случи голема експлозија и пожар во складиште за муниција во воена база во областа Киржач во Владимирската област, североисточно од Москва.
Четири лица биле повредени кога експлодирала муницијата, што довело до наредба за евакуација. Муницијата била запалена, а гранатите експлодирале во складиштето.
Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека пожарот бил предизвикан од кршење на безбедносните протоколи и дека резултирал со детонација на муниција складирана во магацинот.
Во округот Киржач, кој се наоѓа околу 130 километри североисточно од руската престолнина, е прогласена вонредна состојба.
Складиштето за муниција е едно од најголемите во руските вооружени сили. Се наоѓа на повеќе од 500 километри од границата со Украина. Нема извештаи за напади со беспилотни летала во Владимирскиот регион пред експлозијата.
База, канал на Телеграм близок до безбедносните служби, соопшти дека имало 10 до 11 експлозии и дека пожарникари од соседните региони биле повикани за да го локализираат пожарот.
Се наведува дека е формирана посебна комисија за да ги испита причините за пожарот.