Достапни линкови

Трпението во Вашингтон се намалува, бидејќи Трамп не го постигна мировниот договор за Украина


Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со својот украински колега Володимир Зеленски во Ватикан на денот на погребот на папата Франциск, 26 април 2025 година
Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со својот украински колега Володимир Зеленски во Ватикан на денот на погребот на папата Франциск, 26 април 2025 година

Во првите 100 дена на функцијата, една клучна цел на надворешната политика на Соединетите Држави не беше остварена од американскиот претседател Доналд Трамп: завршување на војната против Украина.

Трамп се кандидираше за претседател со ветување дека брзо ќе ја заврши војната. Во интервју за Ен-Би-Си Њуз (NBC News) што се емитуваше на 4 мај, тој изрази надеж дека сè уште може да се постигне мировен договор, а истовремено посочи дека неговото трпение и со Украина и со Русија е ограничено.

„Ќе дојде време кога ќе кажам: „Добро, продолжете. Продолжете да бидете глупави и продолжете да се борите“, рече тој.

Трамп, исто така, рече дека САД се „поблиски со едната страна, а можеби и не толку блиски со другата“, иако не кажа за која страна мисли дека е поблиску до договор.

Но, во последниве денови, американскиот претседател изрази особено фрустрирање од Кремљ, повикувајќи го рускиот претседател Владимир Путин да „престане да пука, да седне и да потпише договор“.

Републиканските пратеници се движеа во чекор со американскиот претседател.

Сенаторот од Јужна Каролина, Линдзи Греам, клучен сојузник на Трамп, изјави дека има широка поддршка за нов пакет санкции и царини за Русија доколку Путин не се вклучи сериозно во мировните преговори.

Сенаторот од Луизијана, Џон Кенеди, се пожали на „Фокс њуз“ дека лидерот на Кремљ „се шегува со претседателот Трамп на секој чекор“.

„Тој не го почитуваше нашиот претседател. Не мислам дека ќе биде подобро додека не му ставиме до знаење на г-дин Путин дека сме подготвени да го претвориме него и неговата земја во 'храна за риби'“, рече Кенеди.

Кенеди брзо разјасни дека се осврнува на мерки за спречување на продажбата на нафта во Русија, а не на нуклеарна војна. Но, коментарите ja повторија неодамнешнaта нетрпеливост на Трамп кон Кремљ.

Сепак, наспроти таа реторичка позадина, дипломатските напори продолжија.

Стив Виткоф, специјалниот претставник на Трамп, отпатува во Москва за да се сретне со Путин.

Висок помошник на Кремљ ги опиша разговорите како „продуктивни“, а некои коментатори го сметаа доаѓањето на Виткоф без вообичаената придружба како индикација дека американскиот емисар можеби е надвор од својата „дипломатска длабочина“.

Стивен Пајфер, пензиониран кариерен дипломат и поранешен амбасадор на САД во Украина, ја доведе во прашање мудроста на Виткоф да се појави сам на состанокот, велејќи дека американскиот емисар, кој е богат инвеститор во недвижности и доверлив човек на Трамп, се соочува со „75 плус години“ дипломатско искуство.

„Не е ни чудо што Русија доби 10 недели концесии и подароци од САД, а не даде ништо за возврат“, напиша Пајфер на X.

Без оглед на распоредот на седиштата во Кремљ, состанокот на Виткоф беше во спротивност со потпишувањето договор во Вашингтон за создавање на Инвестициски фонд за реконструкција на САД и Украина, договор што ќе им даде на САД пристап до вредните ретки минерали на Украина во замена за она што Киев се надева дека ќе биде трајна поддршка од САД.

Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, употреби остар јазик за да го опише договорот, велејќи дека тој „јасно ѝ сигнализира на Русија дека администрацијата на Трамп е посветена на мировен процес фокусиран на слободна, суверена и просперитетна Украина на долг рок“.

Значи, дали плимата и осеката суптилно се променија во корист на Украина кога станува збор за справување со администрацијата на Трамп?

Како и секогаш, можеби е прерано да се каже.

На крајот на краиштата, потпишувањето доаѓа само околу два месеци по озлогласената средба во Овалната соба меѓу Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.

Таа средба беше можеби еден од покинематографските моменти откако Трамп ја презеде функцијата во јануари.

Но, почетниот мировен процес не го достигна моментот што ќе му овозможи на Трамп да дојде до уште едно големо постигнување.

А во меѓувреме, Трамп е доследен во својот наратив: Војната против Украина е „војната на Бајден“ и никогаш немаше да се случи ако тој беше на функција.

Кажано поинаку, ако разговорите не успеат, вината за неуспехот на надворешната политика може да се префрли од администрацијата на Трамп на друго место.

XS
SM
MD
LG