Фридрих Мерц од втор обид е избран во парламентот за нов германски канцелар откако при првото гласање претпладнето не ги доби потребните гласови.
Во првиот обид му недостигаа шест гласа за апсолутно мнозинство, по што партиите и претседателот на Бундестагот договорија да има второ гласање, каде што Мерц доби 325 гласови, доволно за да биде потврден за канцелар.
Неговата коалиција има мнозинствово парламентот, но во првото гласање тој не доби поддршка од 18 пратеници од кои тоа се очекуваше. Ваквиот неуспех на Мерц е незабележан во модерната германска историја. Бидејќи гласањето е тајно, нема назнаки кој одбил да го поддржи.
Што се случи претпладнето?
Конзервативниот лидер доби 310 гласови во Бундестагот во кој има 630 места, односно шест помалку од потребното мнозинство.
Ова беше катастрофален резултат за Мерц, чија нова коалиција - составена од Христијанските демократи (ЦДУ), Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и централно-левичарските социјалдемократи (СДП) - има 328 места во Бундестагот со 630 места, долниот дом на германскиот парламент.
Претседателката на Бундестагот, Јулија Клокнер, ја прекина седницата за да можат парламентарните групи да одржат консултации за понатамошните чекори.
Многу германски медиуми, вклучувајќи ги „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и „Билд“, објавувија дека вториот круг од гласањето за канцеларот веројатно нема да се одржи на 6 мај, бидејќи тимот на Мерц стравува дека уште еден пораз на истиот ден би бил уште поразорен за неговиот политички авторитет.
Според Основниот закон, или де факто уставот на Германија, пратениците имаат 14 дена да изберат канцелар со апсолутно мнозинство.
После тоа, за избор на канцелар ќе биде потребно само просто мнозинство.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер потоа ќе има седум дена формално да го назначи избраниот кандидат за канцелар или наместо тоа да одлучи да го распушти Бундестагот и да одржи нови избори.
Мерц на 5 мај изјави дека очекува да биде именуван за канцелар без тешкотии во првиот круг. Откако Мерц не беше избран за канцелар, германскиот берзански индекс(DAX)забележа голем пад.
Во понеделник, лидерите на Социјалдемократската партија на Германија (СДП) и конзервативниот блок на Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ) потпишаа договор за коалиција. Договорот се постигна десет недели по предвремените избори за Бундестагот, со што се отвори патот за избор на Мерц за канцелар.
Ова следува откако во ноември минатата година пропадна трипартитната коалиција на канцеларот во заминување, Олаф Шолц.
Германскиот коалициски договор предвидува планови за заживување на економијата, како што се намалување на даноците на корпорациите и намалување на цените на енергијата. Исто така, коалицијата ветува силна поддршка за Украина и поголеми средства за војската.