Достапни линкови

Средба на министрите за надворешни работи на ЕУ во украинскиот град Лвив


Министрите за надворешни работи на европските земји и високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, во посета на Украина на Денот на Европа, 9 мај 2025
Министрите за надворешни работи на европските земји и високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, во посета на Украина на Денот на Европа, 9 мај 2025

Министрите за надворешни работи на ЕУ се собраа во украинскиот град Лвив во петок(9 мај), каде што се очекува да го поддржат создавањето на специјален трибунал кој ќе истражува и ќе ја повикува Русија на одговорност за злосторствата на агресија извршени во Украина.

Собирот е симболичен знак на поддршка во истиот ден кога Русија со голема воена парада во Москва, го одбележува крајот на Втората светска војна и победата на Советскиот сојуз над нацистичка Германија.

„Важно е и симболично европските партнери да стојат рамо до рамо со Украина на Денот на Европа“, рече украинскиот премиер Денис Шмигал во објава на социјалните мрежи.

Тој ги поздрави делегациите од 35 земји и Советот на Европа, вклучувајќи ја и највисоката дипломатка на Европската Унија, Каја Калас.

„Нема да има неказнивост, ќе има одговорност за извршените злосторства“, рече Калас во четвртокот по состанокот на министрите на ЕУ во Варшава.

Специјалниот трибунал за злосторство агресија против Украина, како што се нарекува, треба да биде формализиран во Луксембург на 14 мај кога ќе се состане Комитетот на министри на Советот на Европа.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг веќе издаде налози за апсење на Путин поради киднапирање на украински деца, како и на четворица од неговите врвни команданти за таргетирање цивили.

Но, МКС нема надлежност да ја гони Русија за пофундаменталната одлука за започнување на инвазијата.

Се очекува новиот трибунал да не може да го суди Путин додека е на функција поради принципот на меѓународното право што им дава имунитет на претседателите, премиерите и министрите за надворешни работи.

Предлозите за формирање на трибуналот беа изнесени пред повеќе од две години, но расправиите околу неговата правна основа и како би функционирал го забавија напредокот.

Враќањето на американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа се чини дека ги забрза напорите, бидејќи европските претставници стравуваат дека неговите планови за мировен договор би можеле да доведат до тоа Москва засекогаш да избега од правдата.

XS
SM
MD
LG