Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, се сретна со новиот привремен претседател на Сирија, Ахмад ал-Шара, поранешен бунтовнички лидер кој помина години во затвор на американските сили откако беше заробен во Ирак.
Средбата се одржа пред Трамп да го заврши престојот во Саудиска Арабија и да отпатува за Катар, како дел од турнејата на Блискиот Исток, која ќе вклучува и посета на Обединетите Арапски Емирати.
Трамп и ал-Шара се сретнаа зад затворени врати, додека на новинарите не им беше дозволено да присуствуваат, објави Асошиејтед Прес.
Ал-Шара беше прогласен за претседател на Сирија во јануари, еден месец по ненадејната офанзива на бунтовничките групи предводени од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), која тој ја водеше. Оваа организација е прогласена за терористичка организација од страна на САД. Тие сили го освоија Дамаск и го завршија 54-годишното владеење на семејството Асад.
Трамп, пред состанокот, изјави дека донел одлука да се сретне со ал-Шара по охрабрувањето од саудискиот принц Мохамед бин Салман и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој, исто така, вети дека ќе ги укине долгогодишните санкции против Сирија.
„Во Сирија има нова влада која се надеваме дека ќе може да ја стабилизира земјата и да го одржи мирот“, рече Трамп во говор посветен на надворешна политика, каде што објави укинување на санкциите што беа во сила од 2011 година.
„Тоа е она што сакаме да го видиме во Сирија“, додаде Трамп.
Порано познат под псевдонимот Абу Мохамед ал-Голани, ал-Шара беше со Ал Каеда против американските сили во Ирак по инвазијата предводена од САД.
Тој сè уште се соочува со потерница за обвиненија за тероризам во Ирак. САД еднаш понудија награда од 10 милиони долари за информации за неговата локација, поради неговите врски со Ал Каеда.
Ал-Шара се врати во Сирија по избувнувањето на конфликтот во 2011 година и го презеде водството на огранокот на Ал Каеда познат како Фронт Нусра. Подоцна тој ја преименуваше групата во Хајат Тахрир ал-Шам и формално ги прекина врските со Ал Каеда.
Санкциите против Сирија датираат од времето на Башар ал-Асад, кој беше соборен од власт во декември. Тие имааа намера сериозно да ја оштетат економијата на неговиот режим.
Двете американски администрации - претходната администрација на претседателот Џо Бајден и сегашната администрација на претседателот Трамп - ги задржаа овие санкции дури и по соборувањето на Асад, додека ја оценуваа позицијата на Ал-Шара, која негираше понатамошни врски со Ал Каеда.