Шведската активистка Грета Тунберг е депортирана од Израел, заедно со еден од шесте француски активисти, кои биле патници на хуманитарен брод што пловел кон Појасот Газа сè додека не бил уапсен од израелските власти, објави во вторник (10 јуни) францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
„Еден од нашите сонародници потпиша израелски формулар со кој прифаќа депортација без да чека одлука на судството. Неговото враќање во Франција се очекува денес. Другите петмина одбија, а нивната можна депортација ќе се случи по одлуката на израелски судија во наредните денови“, рече францускиот министер на маргините на конференцијата за заштита на океанот во Ница.
Министерот не го откри идентитетот на францускиот државјанин кој ќе се врати во земјата во вторник.
На едрилицата „Мадлин“, која исплови од Сицилија на 1 јуни, патуваа 12 лица, меѓу кои и шведската активистка за климатски промени Грета Тунберг и француската европратеничка Рима Хасан.
Тунберг и другите активисти беа однесени на аеродромот во Тел Авив пред да бидат депортирани, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Бродот бил однесен во израелското пристаниште Ашдод, објави Ројтерс.
„Се очекува дека дел од патниците на „селфи јахтата“ ќе го напуштат Израел во наредните часови. Оние кои ќе одбијат да потпишат документи за депортација и да ја напуштат земјата ќе бидат изведени пред судија, во согласност со израелскиот закон, за да ја одобри нивната депортација“, информира министерството.
Активистите беа посетени на аеродромот од дипломатски претставници на нивните земји, додаде израелското министерство.
Целта на Мадлин беше да им донесе хуманитарна помош на Палестинците и да ја прекине израелската блокада на таа палестинска територија, која, според Обединетите нации, е загрозена од глад.
Тоа беше втор обид на организацијата „Флота на слободата“ да го испрати својот брод во Газа.
На почетокот на мај, бродот „Совест“ го запре своето патување кон енклавата откако беше погоден од два дрона во близина на малтешките територијални води, објави Ројтерс.
Мадлин се обидела да донесе овошни сокови, млеко, ориз, конзервирана храна и протеински плочки во Газа, донации од стотици граѓани на сицилијанскиот град Катанија, изјави претходно новинарката Андреа Легни, една од патниците на бродот.